ХЕРОЈСКАТА СМРТ НА КОМИТИТЕ СИМОН И КОЦЕ ВО СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Битката се случила зимата 1904 година меѓу четворица комити на чело со војводата Петар Ацев и далеку побројниот турски аскер. Двајцата комити Симон и Коце, на кои им се познати само имињата, влегле во една плевна. Турците ја запалиле плевната и храбрите комити се убиле за да не им се предадат на поробителите живи. По настанот во селото дошол Пере Тошев и им оддал почит на хероите заедно со насобраните селани во Крушевица.

Некои од комитите кои се бореле за слободата на својата татковина Македонија и на својот македонски народ останале непознати без да бидат забележани нивните имиња и да бидат ставени во редот на македонските борци за слобода. Тие, сепак, го положиле својот живот на олтарот на македонската слобода и зад нив остануваат нивните заслуги и херојските дела кои ги извршиле. Една малку позната битка која се случила зимата 1904 година во селото Крушевица во Мариово говори токму за двајца македонски херои кои го изгубиле својот живот во нерамна битка со турскиот аскер. За жал, познати се само нивните имиња, Симон и Коце,1 а за нивните презимиња и потеклото не знаеме ништо. Имињата се споменуваат кај Ангел Динев, а познато е дека во битката влегле под раководство на прилепскиот војвода Петар Ацев, кој со уште еден комита се извлекол од селото и се спасил.2

Селото Крушевица
Селото Крушевица

Споменот за битката, за која овде станува збор, с# уште се чува во селото Крушевица. Освен тоа што жителите на ова село раскажуваат за загинувањето на двајцата комити, го покажуваат и местото на кое загинале.

ПРЕДАВСТВОТО НА ЕДЕН АНДАРТСКИ ШПИОН

Грчката пропаганда во Мариово на почетокот на минатиот век постојано се ширела и се обидувала да го наметне своето влијание на што повеќе села во овој крај. Во некои села, како што се Градешница, Старавина, Зовиќ и др., таа имала силни упоришта привлекувајќи некои од нивните жители со давање различни привилегии, а посебно со стипендии за школување. Пропагандата била силно поддржувана од нејзините чети формирани од т.н. андарти. Освен воените дејства и заплашување на населението во Мариово и другите области на Македонија андартите правеле и невидени злосторства со голем број убиства на невино население по селата кои не сакале да се погрчат и ги поддржувале македонските комити кои се движеле со револуционерните чети. Поради ваквите злосторства на андартските чети, македонските револуционерни чети често воделе крвави битки со нив. Една од успешните битки кои ги воделе македонските чети против андартите е битката која се случила кај селата Чегел и Гнилеш, Битолско на завојот на Црна Река во август 1905 година меѓу четата на прилепскиот војвода со потекло од Ореовец, Ѓорѓи Ацев и една андартска чета од околу 70 души под водството на грчкиот војвода и агент Панајотис. Според пишаните извори четата на Ѓорѓи Ацев, која броела 19 души, извојувала голема победа над андартите при што се убиени 13 андарти и војводата Панајотис, а двајца од нив се заробени. Некои од андартите при бегањето се издавиле во Црна Река. Од четата на Ѓорѓи Ацев е ранет само еден четник.3 Ова се смета за голем успех на војводата Ѓорѓи Ацев и неговата чета против грчките андарти и грчката пропаганда која постојано ги притискала селата во Мариово за погрчување.

Остатоци од куќата на легендарниот војвода од Крушевица, Толе Паша
Остатоци од куќата на легендарниот војвода од Крушевица, Толе Паша

Од големиот број злосторства кои ги извршиле андартите во Мариово вистински ужас се злосторствата во селата Живово, Кален, Брник, Рапеш, Путурус и др. Грчката пропаганда и злосторствата на андартите посебно се засилиле по загинувањето на мариовскиот легендарен војвода Толе Паша и целата негова чета во 1904 година кај селото Гудјаково, исто така, во Мариово. Можеби затоа сите грчки злосторства во овој крај се случиле во 1905 година и годините кои следат потоа. Така, на 22 јуни 1905 година се случува големо злосторство кое го направила грчката чета во селото Брник. Тогаш во ова село се фатени шестмина селани и убиени пред очите на сите жители на селото во црковниот двор. Освен тоа, грчката чета која броела околу 60 души ранила уште тројца селани и запалила шест куќи. Убиените се, главно, членови на семејството на Трајко Кралот,4 познат комита и војвода од ова село, бескомпромисен борец против турските зулумџии и грчките андарти. Во селото Кален грчките чети убиле 16 души кои биле заклани на прагот на црквата „Св. Спас“, како што биле заклани и 21 жители на селото Живово во август 1906 година.5 Особено биле опасни шпионските мрежи на грчката пропаганда кои работеле на откривање на македонските чети и нивно предавање на турскиот аскер. Во тоа време во Прилепско била развиена силна шпионска мрежа на грчката пропаганда.6 На предавство се должи и судирот кој се случил зимата 1904 година во селото Крушевица меѓу четворица комити на чело со војводата Петар Ацев и турскиот аскер. За доаѓањето на малата чета во Крушевица аскерот го известил извесен шпион Мице од селото Зовиќ,7 кој бил платен од грчката пропаганда. Турскиот аскер дошол во селото и ја нападнал четата која била сместена во некоја од куќите на комитските јатаци.

КОМИТИТЕ СИМОН И КОЦЕ ОПКОЛЕНИ ВО ЕДНА ПЛЕВНА ВО СЕЛОТО СЕ САМОУБИЛЕ

При нападот малата чета успеала да излезе од селото, но при бегањето пред многубројниот аскер таа се поделила на две половини. Додека едниот дел со војводата Петар Ацев успеал да се повлече од селото и преку врвот Висока да премине во селото Бонче, другиот дел од тројца комити останал во селото. Во нив бил и подоцнешниот војвода Ѓоре Спирков од селото Леништа. Ѓоре се преслекол во селска облека и успеал да замине од селото, но комитите  Симон и Коце, за кои не се знае од каде потекнуваат и какви презимиња носеле, не сакале да го направат истото и останале во селото Крушевица. Некои од жителите во селото ги замолиле да им го предадат оружјето и да облечат селска облека, та така да се скријат од аскерот, но комитите Симон и Коце не сакале да го направат тоа. Освен тоа, тие побарале да се скријат во една плевна, велејќи дека ако загинат вината ќе остане на нив. Предлогот на селаните го одбиле зашто сметале дека ако останат без оружје лесно ќе бидат фатени од Турците.8

Местото на битката според кажувањето на жителите
Местото на битката според кажувањето на жителите

Дента една единица од турската војска на чело со еден чауш се вратила и почнала да прави претрес по куќите и другите објекти во селото. Притоа чаушот наишол на плевната во горниот дел од селото крај селската река и ги забележал скриените комити Симон и Коце. Тие припукале од плевната и веднаш го убиле чаушот, а раниле и неколку турски војници кои го придружувале. Започнала жестока битка. Комитите решиле да се борат до смрт. Турците не можеле да ги извлечат од плевната, ниту да се доближат до неа зашто двајцата комити жестоко се бранеле стрелајќи од плевната. Поради тоа Турците решиле да го запалат со ’ржаница покриениот објект и тие тоа го направиле. Симон и Коце не излегле ниту од запалената плевна. По завршувањето на силниот пожар во изгорениот објект биле пронајдени труповите на храбрите комити сосема јагленосани.9 Еве што пишува за настанот војводата Петре Ацев:

„Неизвесна беше, како што кажавме, судбината на нашите два другари кои, заблудени за време на престрелката, место да го следат својот началник на одделението, Ѓоре (Леништанецот), са заблуделе по својот исплашен другар и се вратиле во селото. Кога се разденило се скриле во една кошара. Селаните ги молеле да ги остават облеката и оружјето и да се облечат во селска облека и да поминат како селани, но гордите Симон и Коце не се согласиле за да не бидат фатени и „врзани како жени“. Ја зеле мартинката на својот другар кој ги заблудил и гу убедил да се вратат во селото – тој беше едноок. ЗАа да нен напакостат на кое  и да е семејство од селото, тие се скриле во една кошара – надстрешница од слама и суви гранки за добитокот, во задниот двор на една од селските куќи. Дошле да ја пребаруваат кошарата (Турците) и убиле еден чауш. По вообичаената покана да се предадат за да им прости ‘Царот’, ја запалиле кошарата. Кога двајцата јунаци почнале да се задушуваат, ја заглавиле малихерата на Симона крај ѕидот и, со берданката и мартинката, се самоубиле.Турците го кренале својот чауш со изгорени екстремитети и ги извадиле зариените во пепел трупови на двајцата другари со две изгорени пушки. Подоцна селаните ја извадиле манлихеровата пушка заедно со фишеклиите и фишеците, намерно скриени од Симона. Поради снежната бура бевме известени неколку дена подоцна.“10

Петре Ацев
Петре Ацев

Комитите Симон и Коце, чие потекло не е познато за историската наука, го завршиле својот борбен пат не предавајќи се живи во рацете на поробувачите. Настанот силно ги возбудил жителите на селото Крушевица и засекогаш се отпечатил во нивното сеќавање. Токму поради тоа, речиси, и по сто години од него тие раскажуваат за загинувањето на двајцата храбри комити.

ПЕРЕ ТОШЕВ ГО ИСТРАЖУВАЛ СЛУЧАЈОТ ВО КРУШЕВИЦА

По херојската смрт на комитите Симон и Коце во селото Крушевица, во Мариово за настанот се заинтересирал Пере Тошев кој во тоа време се наоѓал во Битола. Тој го побарал Петар Ацев кој се спасил од битката во Крушевица и го испитал за нејзиниот тек. Според Ангел Динев, Пере Тошев дошол и во селото Крушевица каде ги свикал селаните со кои, исто така, разговарал за битката и за загинувањето на комитите Симон и Коце, се напиле за душа на загинатите и сите заедно со едноминутно молчење им оддале почит на хероите.11 Според Петар Ацев, извесно време по битката, четата се нашла во селото Брник, во куќата на Николе Дишков, кој бил кмет на селото. Таму дошол и Пере Тошев и при средбата, тој прв проговорил со следните зборови:

Пере Тошев
Пере Тошев

„Да кажам Бога да ги прости Симона и Коцето“. Пере Тошев лично ги познавал двајцата комити и со внимание го ислушал раскажувањето за битката во селото Крушевица и за загинувањето на двајцата комити. На крајот, тој рекол: „Славни момчиња, нека им е вечна памет, голема загуба“.12

Од амбиентот во селото Крушевица
Од амбиентот во селото Крушевица

Според тврдењето на некои постари жители во селото Крушевица загинатите комити биле погребани во гробиштата пред старата црква на почетокот на селото од северната страна која е разурната во турско време и е позната како „Горна Црква“. Дека тие се погребани во селото е сосема веројатно, но денес нема траги од нивните гробови. Не е исклучено дека нивните посмртни останки си ги зеле нивните семејства и си ги погребале во своите семејни гробишта, но за таква постапка нема потврда во пишаните извори.

Куќа во селото Крушевица, турска кула
Куќа во селото Крушевица, турска кула

Затоа останува непознато местото на кое лежат посмртните останки на хероите Симон и Коце, како што останува непознато и нивното потекло. Овде можеме само да додадеме дека со нивното дело тие се приклучиле кон големиот број херојски загинати македонски борци во борбата против турскиот поробувач.

Во потрага по било какви информации за загинатите комити Симон и Коце разговаравме и со некои од жителите во селото Крушевица со што потврдивме дека споменот за нив во ова село се уште е жив. За овој трагичен настан од својот татко бил запознат и Зоре Трајкоски чија куќа се наоѓа на триесетина метри од местото на битката, односно од местото на кое се наоѓала плевната во која се скриле и тука загинале овие двајца комити. Во овој дел од селото се зачувани неколку градби кои потекнуваат уште од турско време, односно во времето на битката веќе биле изградени. Како што раскажува Зоре Трајкоски, во нивната стара куќа која и денес е зачувана во, речиси, првобитна форма често доаѓале комити на конакување и биле хранети и засолнувани. Всушност, неговиот татко соработувал со комитите и ги помагал.

Крушевица со трло во преден план
Крушевица со трло во преден план

Во близина на местото на битката во која загинале Симон и Коце се наоѓа и куќата во која се родил легендарниот мариовски војвода Стојан Кулески, познат како Толе Паша. Старата градба во која се скриле комитите и која била запалена од Турците (плевната) денес не постои, но според Зоре Трајкоски, до пред извесно време, таа била на своето место во еден зарамнет дела крај реката во кој денес има градина заградена со камени столбови, а во неа стои едно големо дрво на орев како споменик во чест на загинатите херои.

Од амбиентот во непосредна близина на местото на битката
Од амбиентот во непосредна близина на местото на битката

[1] Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија по битката во с. Крушевица, Илустрација Илинден, Книга 4 (94), година X, Софија, април 1938 г  Ангел Динев, Илинденска епопеја, книга I, Мисла, Скопје 1997, 69. (Кај Ангел Динев се наведени имињата Симон и Кице).

2 Георги Трајчев, Град Прилеп, историско‡географски и стопански преглед, Софиа 1925, 267.

3 Исто, 324. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 174.

4 Г. Трајчев, Град Прилеп, 324. Ѓорѓи Котевски, Трите битолски војводи, „Мисирков“, Битола, 1991, 101.

5 Г. Трајчев, Град Прилеп, 324.

6 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 69.

7 Исто.

8 Исто, 69, 70.

9 Исто, 70.

10 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија по битката во с. Крушевица, Илустрација Илинден, Книга 4 (94), година X, Софија, април 1938 г., 8.

11 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 69.. За овој настан, како и за битката во Крушевица известува и Петар Ацев во своите спомени.

12 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија по битката во с. Крушевица, Илустрација Илинден, Книга 4 (94), година X, Софија, април 1938 г., 9.