БОЖИЦАТА АРТЕМИДА ОД СЕЛОТО ШТАВИЦА, ПРИЛЕПСКО
Од селото Штавица потекнува една мермерна култна икона со ликот на античката божица на ловот и заштиничка на девиците и родилките, Артемида, која кај Римјаните е позната како Дијана. Според, нам достапните пишани извори, не е познато од кој локалитет потекнува овој мермерен споменик. Тој претставува плоча со димензии 0,50 х 0,30 – 0,37 m, со дебелина од 0,06 m.1 На предната страна на плочата во релјеф е изработен ликот на божицата Артемида, во фустан, кој допира до колената. Божицата на половината има појас и е во став за стрелање со лакот, односно со десната рака вади стрела од торбата за стрели која ја носи на грбот, а во десната рака го држи лакот. Пред неа се наоѓа срна, а зад неа куче. Денес оваа мермерна претстава на Артемида се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје.

Наодот на споменик посветен на Артемида во Штавица го потврдува култот на оваа божица на поширокиот простор на Пелагонија, Мариово и цела Македонија. Наодите со нејзина претстава, или споменувањата во античките натписи се посебно нагласени, а често, заедно со неа се споменува и нејзиниот брат, богот на светлината, пророштвото, музиката, знаењето и љубовта, Аполон. Од поблискиот простор на Штавица, познати се наодите на споменици со натпис на кои се споменува името на овие антички богови. Кај манастирот Трескавец кај Прилеп се споменува дури на три натписи, а Артемида се споменува и на натпис од селото Кокре во Мариово, како и на натписи на камени споменици пронајдени на голем број други места низ Пелагонија и другите области во Македонија. Една претстава на брош од бронза со потекло од селото Бучин, Прилепско се споменува како предмет со особен квалитет. Жив опис на култните процесии посветени на Аполон и Артемида дава таткото на историјата, Херодот. Според него во светилиштето на Аполон и Артемида, на островот Делос, стигнувале заветни дарови од Хиперборејците, кои живееле на далечниот север. Даровите биле врзувани со слама од пченица. Тие дарови најпрво биле донесувани кај Скитите, а потоа се предавале од „сосед на сосед” и поминувајќи многу народи и царства стигнувале на островот Делос.2 Во најстарите времиња даровите ги носеле лично Хиперборејците, преку две нивни девојки со придружба, но кога еднаш тие не се вратиле назад, почнале даровите да ги испраќаат преку своите соседи. Меѓу другото, за култот на Артемида Херодот пишува: „И Трачанките и Пајонките, кога и жртвуваат на кралицата Артемида, жртвувајќи ги светите дарови, тоа не го прават без слама од пченица. Барем за нив знам дека тоа така го прават.“3
Карпа со форма на Фока над селото Штавица Дел од селото Штавица Мермерен столб пред црквата во Штавица Црквата со карпата Црвеница „Палатица“ – локалитет со праисторија и антика Оде праисторијата на „Палатица“ – устинка од керамички сад
1 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, 191.
2 Херодот, Историја, книга IV, 264, 265, 266.
3 Исто, 265.