120 ГОДИНИ ОД ХЕРОЈСКАТА СМРТ НА ЈОРДАН ГАВАЗОВ ОД ПРИЛЕП И ХРИСТО ЧЕМКОВ ОД ШТИП (1899 – 2019)

Во плејадата на загинати борци за слободата на Македонија од периодот на турското ропство, особено се истакнало прилепското семејство Гавазовци од Прилеп. Семејството Гавазовци е познато како истакнато револуционерно семејство од втората половина на 19 век. Особено се познати Христо (Ицо или Ицко) Гавазов и неговиот син Јордан Гавазов. Христо по занает бил железар, а со истиот занает се занимавал и неговиот син Јордан. Како вистински мајстор на својот занает, Христо Гавазов е прилепчанецот кој го заменил дрвеното рало со железен плуг и го вовел во пракса. Всушност, од увезените железни плугови од странство, тој прилагодил плуг за потребите на домашното земјоделство.

Христо (Ицо) Гавазов
Христо (Ицо) Гавазов

Бев дете на 12 години кога за првпат, пред 45 години, прилепските чифликчии: Мојсо х. Илиев и Диме Коров донесоа железен плуг, американски систем. Ние, тогашната дечурлија, трчавме како по мечка за да ги видиме обидите и демонстрацијата на тоа модерно орудие, правени надвор од градот. Бидејќи се покажа дека американскиот плуг не одговара за домаш ната почва, за негова преработка се зазеде простиот железар ковач Ицо Гавазов, (татко на револуционерот Јордан Гавазов) и, откако го прилагоди, создаде тип на железен плуг Македонски систем. Оттогаш десетици железари почнаа да фабрикуваат плугови, кои ги исполнија прилепските чифлици, прескокнаа во битолско и подалеку и денес и последното колибарско селиште во крајот ја ора земјата со плуг.“ 1

Двајцата Гавазовци, таткото Ицко и синот Јордан биле во постојан контакт со личностите кои организирале отпор против турската власт и злосторниците, кои често го малтретирале мирното христијанско население. Затоа тие често се наоѓале во групите приведувани по некоја акција во Прилеп и Прилепско. Јордан Гавазов е еден од првите членови на прилепскиот комитет на Македонската револуционерна организација, кој е формиран од Даме Груев 1894 година. Тој е млад, физички силен и бескомпромисен борец против турската власт.

Јордан Гавазов (или Гавазот)
Јордан Гавазов (или Гавазот)

Јордан Гавазов е познат прилепчанец, кој е постојано во жижата на револуционерните настани, поткрепувач на сите „отпадници“ за Македонија. Речиси, нема активност против турската власт во Прилеп во која, на разни начини, не е вмешан и Јордан Гавазов. Всушност, тој потекнува од револуционерно семејство, кое многу порано е вплеткано со комитските чети, кои дејствувале во Прилепско. Со нив е во контакт и ги помага и таткото на Јордан Гавазов, Ицко (Христо) Гавазов. Кога во 1894 година во месеците јули и август Даме Груев правел обиколка низ Македонија за формирање на структурата на организацијата ВМОРО и дошол во Прилеп, како еден од членовите на првиот Месен комитет го среќаваме и Јордан Гавазов, млад прилепчанец, ковач и ловџија со исклучително силна физичка конституција и со буен темперамент. Еве што вели Даме Груев во своите спомени за овој настан: Од Кавадарци (во месец јули, з.м.) отидов во Прилеп. Тука го затекнав Алексо Панов (Александар Панов, з.м.),2 со него и со Јордан Поп Костадинов (учител, тамошен), и со Јордан Гавазов (железар) и неколцина други формиравме ’комитет‘ (месен комитет).“3 Во тоа време тој имал само 19 години. Веќе на 20 години тој ги искусил малтретирањата на турската власт во битолскиот затвор. Имено, по случувањето на познатата Дреновска афера од 1895 година која е поврзана со војводата Димо Дедото и организирање на убиството на турчинот Расим од селото Дреновци, меѓу првите кои се уапсени се наоѓал татко му на Јордан Гавазов, Ицко Гавазов кој тогаш бил на 60 години.4 Набрзо бил уапсен и Јордан Гавазов, а во групата уапсени се наоѓал и Стојан Лазов,5 исто така, од Прилеп, активен во Револуционерната организација. Историчарот Димитар Димески во својата книга „Аферите во битолскиот вилает“ истакнува дека Јордан Гавазов бил испитуван на првиот ден на Велигден кога, како лажен сведок против него бил донесен некој циган кого Гавазов јавно го исмеал за време на испитувањето.6

Дончо Штипјанчето
Дончо Штипјанчето

Во времето додека Јордан Гавазов се наоѓал во затворот во Битола се случила и познатата афера со Доне Штипјанчето и бомбите кои тој ги пренесувал за Организацијата.7 За ова ни соопштува Ѓорче Петров во своите спомени изнесувајќи дека Организацијата преземала мерки да го подготви Доне да не издава ништо или да го ликвидира. Најдувајќи се во затворот, Гавазов презел мерки без да биде ангажиран специјално за тоа. Додека ние ги земавме овие мерки, во самиот затвор покојни Гавазов (затворен од Прилеп) зел сам од себе мерки. Кирајџијата (Доне Штипјанчето, з.м.) беше ставен во долап влажна темна дупка, да не можи да легне. Гавазов откорнал даски од таванот над него и за да го подбиди, го потканил да искажи, кои се комитите, што му дале бомби. По одговорите негови Гавазов се убедил, оти нема немерение да искажува. После дватри разговора, Гавазов му се открива и влегува во однос со него, а преку него и со нас. Во долапот Доне почна да јади печени кокошки и пити.“ 8

ЈОРДАН ГАВАЗОВ И ХРИСТО ЧЕМКОВ

По затворањето на Јордан Гавазов и заминувањето на Александар Панов на студии во Париз бил изменет и составот на раволуционерниот комитет во Прилеп. За претседател дошол Петар поп Арсов, кој во 1895 година бил поставен директор на училиштата во Прилеп.9 По одлежувањето на казната во битолскиот затвор, Јордан Гавазов, постојано следен од турската власт, заминал во градот Софија, Бугарија. Таму се сретнал со Христо Чемков, штипјанец, кој исто така, е под постојана присмотра на турската власт, која го ставила во својот „црн тефтер“ уште од 1897 година кога бил учител во Прилеп од каде дошол во главниот град на Бугарија.10

Во затворот во Битола Јордан Гавазов се нашол меѓу најпрочуените убијци – Турци и Албанци. Го третирале како роб. Наоѓајќи се сам меѓу опасни затвореници еден ден Јордан Гавазов се степал, потиснал еден од противниците, му ја зел камата и успеал да завладее со ситуацијата. Оттогаш во затворот сите имале голем респект кон него.11 Всушност, Гавазов бил со исклучителна физичка сила и успеал сам да совлада повеќемина противници. Јордан Гавазов беше човечиште. Кога фрлил под себе еден андарт, потоа Мицко (Мицко Латовчето од с. Латово, подоцна српски војвода) и еден другар на Мицко не ги пуштил додека тие не му ја предале на бога душата. Мицко куртули зашто паднал во бесознание, па Гавазов помислил дека е умрен.“ 12

Кога во учебната 1897/98 година за учител во Варош дошол Ѓорѓи Поп Христов, во Прилеп постоела терористичка група во која, заедно со Стојан Лазов, Никола Мрсев и други, бил член и Јордан Гавазов. Групата имала за цел да ги ликвидира турските престапници и шпиуните, кои биле закана за Организацијата.13

Според одредени пишувања (кај Георги Трајчев, Албум-алманах Македонија“ и на други места) Јордан Гавазов избегал од битолските зандани и ја префрлил бугарската граница.14

Револуционерната организација постојано се обидувала да формира илегални чети во Македонија кои ќе се борат против турските насилници и ќе работат на организирање отпор против турската власт, воопшто. Една таква група која од Софија треба да дојде во Прилеп и да формира комитска чета е составена токму од Јордан Гавазов, Христо Чемков, како и Рампо Ѓуров и Стојан Димитров Акчијата (касапот), кои биле наговорени со нив да дојдат во Прилеп. Целта на четата била да собере пари за комитетот со киднапирање и сл.15

Христо Чемков
Христо Чемков

Од Софија четиричлената дружина решила да замине за Прилеп по различни патишта. Јордан Гавазов и Христо Чемков заминале во Македонија илегално по каналите на Организацијата, бидејќи биле компромитирани пред власта, а другите двајца по легален пат. Месноста Топташ“во близина на Прилеп била одредена како место за средба. На 20 мај 1899 година (стар стил)16 Гавазов и Чемков пристигнале први во месноста „Мечка“, кај селото Селце, Прилепско. Чемков се разболел и тие морале да слезат во градот без да ги дочекаат легалните другари на зборното место Топташ“.17 Рампо Ѓуров и Стојан Димитров во неделата, на 22 мај (стар стил), односно, на 4-ти јуни н. стил, 1899 година пристигнале во Топташ“, но не ги нашле своите другари. Рампо Ѓуров предложил тој да слезе во градот, а Стојан Димитров да остане на договореното место Топташза да ги чека Гавазов и Чемков.18 Околу ваквиот предлог, Ѓуров и Димитров се скарале бидејќи првиот како прилепчанец сакал да ги посети домашните во градот, а вториот, кој бил битолчанец, не му го дозволувал тоа поради тајноста на договорот за формирање чета.19 Таа ноќ Рампо Ѓуров бил тешко ранет под непознати околности и подлегнал на раната.

Прилеп пред околу еден век
Прилеп пред околу еден век

На 22 мај вечерта (недела)20 во недела, Рампо паднал полумртов кај турските гробишта, со изубиена глава од камење или нешто слично, а Стојан ранет во рамото се скрил во куќата на Гавазовци.21 До трупот на Рампо Ѓуров бил најден револвер. Настанот бил вистинска мистерија. Не се знаело што се случило меѓу овие двајца членови на споменатата дружина на Гавазов и Чемков. Се ширеле гласови дека се скарале и се испотепале меѓу себе, дека ги раниле полјаците22 и сл. Во понеделникот утрото трупот на Рампо Ѓуров го нашле аргатите, дошле луѓе од власта и неговите роднини и го однесле во неговата куќа. Кај него се најдени белешки со имињата на Јордан Гавазов и Христо Чемков.23

ХЕРОЈСКАТА СМРТ НА ДВАЈЦАТА ЈУНАЦИ

Ангел Динев во својата книга Илинденска епопеја“ истакнува дека двајцата прилепски јунаци се компромитирани пред власта и предадени кај неа од предавник.24 Тие за време на настанот со смртта на Рампо Ѓуров се наоѓале во близина на куќата на Ѓуровци, во куќата на Белазелковци, односно, на Темјана Белазелкова во центарот на градот, на главната улица.25 По откривањето на белешката со имињата на Јордан Гавазов и Христо Чемков турската полиција веднаш го блокирала маалото во кое се наоѓале куќите на Ѓуровци и Белазелковци (на главната улица во Прилеп). Според Георги Трајчев власта ги открила двајцата револуционери и се обидела да влезе и да направи претрес во куќата на Темјана Белазелкова (Кај Д. Димески: Рампо Белазелка). Темјана Белазелкова застанала со чорап во рацете на вратата на куќата и не сакала да ги пушти внатре турските полицајци. Тие влегле со сила и качувајќи се на горниот кат Гавазов и Чемков стрелале во нив од што, смртно погоден, паднал водачот на полицајците Емин ефенди.26 Двајцата прилепски јунаци успеале да ранат и убијат уште неколку лица од потерата, но полицајците биле голем број и било невозможно да се пробијат низ обрачот. Не сакајќи да паднат во нивните раце, двајцата јунаци решиле херојски да го завршат својот живот. Пред да допрат Турците до нив тие се самоубиле.27 Кај Ангел Динев се среќава и извесно опишување на самиот настан на самоубиството за кој се говорело во Прилеп. Имено, во градот се говорело дека „… Гавазов, насочувајќи ја цевката од револверот во челото на својот другар, му извикал: ’Држ се Чемко‘, и го убива, по што и самиот се убива.“28 На тој начин завршуваат со своите животи двајцата големи јунаци, Јордан Гавазов и Христо Чемков.

Местото на битката денес
Местото на битката денес

Настанот во кој херојски си го одзеле животот двајцата прилепски херои ги потресол прилепчани. По примерот на Гавазов и Чемков подоцна постапиле и други македонски револуционери и борци, како Методија Патчев, Христо Узунов и др. Биле вознемирени и турските власти во Битолскиот вилает. По добивањето на веста за настанот, уште вечерта во Прилеп дошол лично валијата Абдул Керим паша, заедно со командантот на жандармеријата, истражниот судија, неколку полициски чиновници и 60 суварии. Била преземена истрага и уапсени 20 повидни граѓани на Прилеп.29

Во Прилеп долго време по настанот со загинувањето на Јордан Гавазов и Христо Чемков се пеела песната:

Нека се знае во век и веков:

Јордан Гавазов и Христо Чемков

две тела беа со една душа

и се бореа за слободата;

во бој ужасен со врагот коварен

паднаа тие, но непобедени;

докажаа тие дека родната ни земја

родила, раѓа јунаци бестрашни.

За нив да пееме, а не да жалиме:

тие си го исполнија долгот свет!

Додека, мајко, раѓаш чеда такви,

кои знаат како да умираат

за чест и правда и за слобода,

твоите тирани ќе треперат!30

[1] Георги Трајчев, Духовните качества на македонските бÍлгари, Македонска библиотека, Софија 1928.

2 Александар Панов бил истакнат борец на Македонската револуционерна организација, зачленет во неа од Даме Груев уште првата година на нејзиното формирање заедно со Јордан Гавазов, Јордан поп Костадинов и други ученици што ја завршиле гимназијата во Солун. Тој студирал во Париз, а потоа се вратил во Солун, каде починал од болест. (Георги Трајчев, Град Прилеп (историски, географски и стопански преглед), Македонска библиотека, Софија 1925. Даме Груев, Спомени, И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995. ).

3 Д. Груев, Спомени, И. Х. Николов, Д. Груев…, 100.

4 Ѓорче Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950, 28.

Димитар Димески, Аферите во Битолскиот вилает (1895 – 1903), Матица Македонска, Скопје 1993, 12. Прилеп и Прилепско низ историјата, кн. прва: Од праисторијата до крајот на Првата светска војна, Прилеп 1971, 251.

Не знам по кој случај направија апсења во Прилеп. Околу 40 души затвореници, во синџири на чело со таткото и синот Гавазови, демонстративно бидуваат испратени од Прилеп во битолскиот затвор за судење како комити. Сосем неочекувано за турците, целиот град Прилеп при затворена чаршија демонстративно искажа сочувство кон затворенициве и ги испрати далеку од градот. Самите затвореници со бунтовнички песни марширувале низ град Прилеп и песните се превземале од народот со јавни псувачки против власта.“ Ѓ. П.

5 Димитар Димески, Аферите…, 12.

6 Исто.

7 Дончо Штипјанчето два пати успешно донесол бомби и револуционерна литература во Битола. Но третиот пат коларите барајќи тутун, распретале во вреќите со ориз и ги нашле бомбите и книгите. Затворен, тепан до смрт, измачуван на најинквизиторски начин, тој ништо не кажа.“ (Види: Анастас Лозанчев, Илинденското востание, Култура. Скопје 2003, 21)

– Лозанчев пишува во своите спомени дека Дончо два пати спиел кај него дома и ги знаел и мајка му и брат му.

8 Ѓ. Петров, Спомени, 27, 28. (Претходно Гавазов му се заканил на Доне Штипјанчето дека ќе биде убиен ако почне да предава: Спомени на Глигор Стефанов Попев…, 501; Ѓорѓи Поп Христов, Спомени, Зборник „Револуционата борба во Битолскиот округ“, Софија 1953. Димитар Димески, Македонското национално ослободително движење во Битолскиот вилает (1893 – 1903), НИО „Студентски збор“, Скопје 1982, белешка 174, стр. 234.)

9 Г. Трајчев, Град Прилеп, 15. Прилеп и прилепско низ

историјата, 251.

10 Г. Трајчев, Град Прилеп, 291.

11 Албум-алманах Македониј®, објаснителен текст, оддел IX, 63.

12 Анастас Лозанчев, Илинденското востание, 24.

13 Ѓорѓи Поп Христов, Спомени …,

14 Г. Трајчев, Град Прилеп, 294.

15 Г. Трајчев, Град Прилеп, 291, 292. Д. Димески,

Македонското…, 307.

16 Според Ѓорѓи Поп Христов, настанот се случил на 18 мај 1899 година. Види: Ѓ.П. Христов, Спомени…,

17 Исто, Трајчев, 292, Д. Димески, 308.

Годината на формирањето на споменатата чета различно е запишана кај Трајчев и Димески. Додека Трајчев ја наведува 1898, кај Димески е 1899. 1898, како година на случување на овој настан, е запишана и во книгата Илинденска епопеја“, книга I на Ангел Динев, Мисла, Скопје 1987, стр. 183. Овој настан се случил во текот 1898 година и според информациите наведени во објаснителниот текст на Албум-алманахот „Македонија“ на страна 63 од одделот IX.

Според Коста Црнушанов настанот со херојската смрт на Јордан Гавазов и Христо Чемков се случил на 23 мај 1898 година. (Коста Црнушанов, Димитар Талев во моите спомени, Македонија, Софија 1922, 22).

18 Исто.

19 Д. Димески, Македонското…, 308. Ѓ. П. Христов, Спомени,.

20 Кај Трајчев е забележан датумот 22 и денот недела, но како што објаснува Димитар Димески во книгата Македонското…“, стр. 308, белешка 567, недела е на 23 мај 1899 година.

21 Г. Трајчев, Град Прилеп, 293.

22 Стојан Димитров тврдел дека биле откриени и претепани од полјаците. (Види: Светозар Тошев, По к’рвав п’т, Софи® 1969, 75.)

23 Исто.

24 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 183.

25 Денес, улица „Пере Темелкоски“. Куќите на Белазелковци и Ѓуровци се наоѓале десетина куќи од почетокот на улицата, на нејзината лева страна.

26 Г. Трајчев, Град Прилеп, 293, 294. Д. Димески, Македонското…, 308, 309. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 183, 184. Кажување на Алекса Андон Тошески, учител од Прилеп, современик на настанот. Според Алекса Тошески, двајцата (Христо Чемков и Јордан Гавазов, з.м.) како илегалци се криеле во куќата на Рампо и Ѓорѓија Белазелковци. Кога за тоа разбрале Турците веднаш испратиле еден заптија, кој им предложил да се предадат. Бидејќи не сакале, тие го убиле заптијата. Потоа турската власт „испрати аскер кој ја блокира куќата“. (Види: Стојан Силајноски, Народни кажувања, Стремеж, Прилеп 1980, 62).

27Исто.

Според извештајот на М. Веселиновиќ и пишувањето на Ил. Иванов, Гавазов прво го застрелал својот другар Чемков, а потоа се застрелал и самиот. Д. Димески, белешка: 571, стр. 309.

Според пишувањето на Коста Црнушанов, двајцата јунаци имале само еден револвер, што значи дека тврдењето дека Гавазов најпрво го застрелал својот другар, а потоа се застрелал и самиот може да е вистина. (К. Црнушанов, Димитар Талев во моите споемни, 22.)

28 Ангел Динев, Илинденска епопеја, 184.

Изгорените тела на двајцата јунаци ги носеле амали. Турците наредиле тие да бидат ставен на мостот „кај Аџи Спирковци. И дупеле со ножеј јагленосаните трупој. Заптиите и аскерите викале: Сиким анани!“ Според Ице Симиџиоски, од „нервна траума Темјана Белазелкоска онемела, јазикот и се фатил и три години не можела да зборува“.(Види: Стојан Силјаноски, Народни кажувања, кажување на Ице Симиџиоски, 93).

29 Д. Димески, Македонското …., 309.

Веднаш по настанот биле затворени и осудени на повеќе години затвор Ѓорѓија Белазелкоски и неговата мајка Темјана (Види: Стојан Силјаноски, Народни кажувања, раскажување на Алекса Андон Тошески, учител од Прилеп, 62).

30 К. Црнушанов, Димитар Талев во моите спомени, 21, 22.