ПОВРШНОСТА ГИ ГОЛТА ВРЕДНОСТИТЕ!!!

Кога ја гледаме површината на водата во океанот, гледаме само големо водено пространство. Она што се крие во огроманата водена маса не е достапно за нашите очи. Доколку извлекуваме заклучок врз основа на она што го гледаме, ќе заклучиме дека океанот содржи само еден елемент – вода. Така ли е? Се разбира дека не е! Знаеме дека во воденото пространство се кријат невиден број разновидни содржини од органско и неорганско потекло, огромен животински и растителен свет, геолошки вредности, потонати бродови, потонати тела на настрадани суштества и голем број тајни вредности кои сѐ уште не сме ги осознале.

            Значи, за да не извлечеме погрешен заклучок, мораме да го вклучиме нашиот ум, односно, она што не го гледаат нашите очи да се обидеме да го видиме со умот, со нашето знаење, со имагинацијата, со способноста за предвидување на можните невидливи содржини. Само така ќе се доближиме до суштината на она што е пред нас, односно, поцелосно ќе ги согледаме појавите за да можеме да заземеме посоодветен став и да примениме поадекватен третман.

            Замислете што се случува на овој план во областите, кои се надвор од материјалното, до кои очите и сетилата не можат да допрат и потребни се други способности за согледување и осознавање. Во зависност од таквите способности, подобро или полошо ги согледуваме вредностите со кои се занимаваме, подобро или полошо ги третираме, подобро или полошо ги развиваме. Замислете, кога гледајќи ја само водата на површината на океанот и заклучувајќи дека тој содржи само вода, би ја користеле само неа, би правеле сѐ со неа, без да имаме предвид дека во неа има уште безброј други вредности. Тоа значи дека тие вредности нема да ги користиме, нема да им посветуваме внимание и, најлошото, би ги уништувале со несоодветните постапки како да не постојат. За жал, тоа во голема мерка и се случува!!! Кога, само, ќе помислиме на катастрофалните последици од неразумното експлоатирање на природните ресурси и уште понеразумното однесување при нивното искористување. Тоа е резултат на површноста и себичноста, користољубивоста и лакомоста.

            Во општеството се случуваат токму такви катастрофи, трауми и трагедии поради површноста, која му се наметнува на различни начини и од различни мотиви. Особено е опасно и, трагично, кога површноста ќе се закорени во системите, кои владеат со сѐ во општеството, ги контролираат сите вредности врз основа на востановените закони. Кога суштината се занемарува, се гледа само „водата“ на површината на океанот, а сѐ друго е надвор од перцепцијата на површноста, односно нејзина жртва. Површноста ги нагризува, ги јаде вредностите, ги голта во својата неограничена празнина.

            Токму поради тоа кадровската оспособеност на системите е од особено значење, односно, изборот и поставувањето на соодветни кадри и создавањето на квалитетна кадровска структура. Поставувањето „површни“ кадри може да биде поразно за системот и општеството, особено за единките кои се надвор од системот и системските гарнитури. Зашто површноста „нема очи“, односно, е „слепа“ за вредностите, кои не ги препознава.             Во контекст на гореизнесеното, особено влијание има политиката, која ги „токми“ системите и кадровски ги опремува. Значи, површната политика носи површни кадри и гради површни системи. Површните системи ги „јадат“ вредностите, а со тоа ги уништуваат и способните индивидуи, кои не се дел од системот и системските гарнитури. Колкава е штетата од ваквата состојба може само да се претпоставува. Во секој случај поразна, трауматична и со трагична аспектираност.