ЛОКАЛИТЕТ КАРАТАШ КАЈ ПРИЛЕП СО ОСТАТОЦИ ОД КУЛТУРА ОД МАКЕДОНСКО-РИМСКИОТ ПЕРИОД И ПРИСУСТВО НА БОГОТ НА МЕДИЦИНАТА АСКЛЕПИЈАД

Караташ е локалитет северозападно од Прилеп, сега на работ од тамошната ромска населба. Локалитетот во голема мерка е нападнат со дивата населба. При копањето на темелите за куќите, обработката на земјата и слични активности редовно излегуваат археолошки траги од населба од македонскиот и римскиот период. На еден дел од локалитетот во кој се појавуваат мноштво фрагменти од керамички садови, тегули, керамички тегови и слични археолошки предмети, има раскопано поголема површина, веројатно во потрага по археолошки предмети. Освен фрагменти од керамички садови, тегули, стаклени предмети, метал, од земјата излегуваат и предмети од мермер, како дибеци, елементи од градби и сл. На просторот на локалитетот има и голем број диво раскопани делови во потрага по археолошки предмети. По таквото копање низ раскопаниот материјал можат да се сретнат големи количества керамика и други видови остатоци на материјална култура. На работ на локалитетот од неговата југоисточна страна се наоѓа и една гробница од македонски тип засечена во карпа, која денес се наоѓа на работ од една нива, во нејзината висока меѓа, обрасната во капини со отвор значително уништен од ерозија. На источниот раб на локалитетот, во неговиот понизок дел, во една слободна површина меѓу куќите, се среќаваат дури три винарници изработени во една ниска карпа. Тоа е можеби единствен пример со дури три винарници на една површина. Фрагменти од керамика можат да се сретнат во пошироката околина на локалитетот, особено во потегот кон Маркови Кули. Траги од некогашните објекти на Караташ се среќаваат и по површината на карпите од подножјето високиот рид од западната страна на локалитетот. Тоа се разни правоаголни и кружни јами по површините на карпите, како и своевидни ниши на нивните вертикални делови.

Поголем дел од локалитетот под ридот Зеленик
Поголем дел од локалитетот под ридот Зеленик

                Од овој локалитет потекнуваат и поголем број предмети пронајдени при обработката на нивите, особено преку откопувањето на гробови и слични објекти. На едно дно од керамички сад пронајдено во локалитетот од страна на учителот Ѓорѓи Мирчески, се среќава натпис на кој се споменува името Зопир, веројатно на сопственикот на садот, а на фрагментиран керамички сад, при устинката, исто така, се среќава натпис со име.1

                Од Караташ потекнуваат и неколку споменици од мермер, со натпис или без натпис.

                Споменик бр. 1

Споменик бр. 1
Споменик бр. 1

                Плоча од мермер, со височина 1,24 м, широчина 0,52 м и дебелина 0,11 м, која претставува надгробен споменик датиран во вториот век на нашата ера, денес се чува во музејот во Скопје.2 На горниот дел, во калканот има претстава на небесен симбол, кружна форма со неколку полукружни форми во продолжение на двете страни на калканот, која го претставува небото, односно вселената, каде се упатуваат душите на покојниците. Во средината на плочата е изработено профилирано поле во кое има претстава на жена во релјеф, а подолу натпис. Во натписот се среќаваат имињата Амиа и Асклепијад. Асклепијад е божествено име, кое потекнува од името на богот на медицината и здравејто Асклепиј. Ова име е многу распространето на слични надгробни споменици во околината на Прилеп, како и пошироко во Македонија. Особено е нгаласено присуството на вакви имиња во атарот на селото Дабница, каде припаѓа и дел од локалитетот Караташ.

                Споменик бр. 2

Споменик бр. 2
Споменик бр. 2

                Плоча од бел мермер, оштетена, со височина 0,26 м, широчина, 0,22 м и дебелина 0,05 м со претстава на девојка, која во десната рака, свиткана во лактот, држи птица, а во левата, спуштена надолу држи венец.3 На главата на девојката се забележува кружна пантлика или венец. Облечена е во долг фустан на кој по средината вертикално се спушта пантлика. Веројатно е дека релјефот претставува извесна божица, можеби Афродита. Овој споменик се наоѓа во музејот во Битола, како подарок од д-р Цветко Ѓорѓевиќ.4

                Споменик бр. 3

                Надгробен споменик од мермер, со откршен горен дел, со релјефна претстава и натпис. Овој споменик е датиран во вториот век на нашата ера. Во горниот дел, во вдлабнат дел се изработени, лево маж во тога, средина дете и десно жена.5 Во долниот дел во профилирана рамка има натпис на кој пвоторно се соочуваме со богот на медицината Асклепиј. Во овој натпис се среќаваат две имиња изведени од името на богот. Првото е Асклепијадорон, а второто Асклепијадис и се работи за поставување плоча на синот од страна на таткото.   

Корито со неправилна форма о отвор од долната страна
Корито со неправилна форма о отвор од долната страна

                Караташ се наоѓа на линијата меѓу двата значајни археолошки локалитети, Маркови Кули и Баба – Кукул. Аристократската гробница од македонски тип на Караташ е една од главните карактеристики кој го поврзува со претходноспоменатите на кои, исто така, се среќаваат такви објекти за погребување со потекло од времето на македонското кралство. Имајќи предвид дека Караташ се наоѓа на релативно мало растојание од Маркови Кули и малку поголемо од Баба-Кукул, треба да се биде внимателен при карактеризирањето на археолошките остатоци на овој локалитет.  

1 Никола Вулиќ, Споменик, 176.

2 Никола Вулиќ, Споменик, Српска Краљевска академија, Београд, 175. Маријана Рицл, Inskriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Scithiae, Gualterus de Gruyter – Berolini . Novi Eboraci, MIM, 122 – Tabula XXXVI.

3 Никола Вулиќ, Споменик, 176.

4 Никола Вулиќ, Споменик, 176.

5 Никола Вулиќ, Споменик, 166. Маријана Рицл, Inskriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae,…, 123 – Tabula XXXVI.