ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ЕНЕОЛИТОТ И БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА, ПРИЛЕПСКО, РАСКОПАНА СО ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА ГРАНИТ
– На локалитетот „Големи Камен“ на околу 500 метри северно од селото Лопатица, во подножјето на Селечка Планина со рудник за гранит е нападната голема населба од камено време. Со експлоатацијата на каменот се растурени културни слоеви и по неколку метри длабочина и со тоа се извадени фрагменти од праисториски керамички садови, камени орудија и печен лепеж од праисториски куќи. Локалитетот е посетуван и од екипи на Заводот и музеј од Прилеп уште пред неколку години. Источно од овој локалитет во голема карпа на локалитетот „Црвеница“ се наоѓаат пештери во кои се среќаваат цртежи во карпа со непозната старост. Огромната карпа во која се наоѓа една од пештерите е, исто така, нападната од рударски машини за експлоатација на камен.

Работ на Пелагонија е преполн со наоди од населби, некрополи, култни објекти и други археолошки остатоци од различните периоди од развојот на цивилизацијата. Најголемиот дел од нив не се археолошки истражувани, а има археолошки локалитети кои не се ниту регистрирани како такви, иако со своите содржини укажуваат на исклучително значење за археолошката наука и откривањето на идентитетот на етничките носители на населбите во овој простор. Се разбира, овие остатоци имаат и свое значење како дел од културното наследство на Македонија и воопшто, како дел од културата на човекот. Голем број од археолошките локалитети во овој реон се лоцирани околу специфични форми на карпи или комплекси од карпи, кои сами за себе претставуваат и своевидни природни реткости од исклучително значење. За жал, голем број од нив се нападнати со отворање на рудници за гранитен камен, со што се уништуваат и културни слоеви со богати археолошки наоди.

Селото Лопатица се наоѓа на самиот раб на Пелагонија покрај Лопатичка Река која се спушта од Селечка Планина. Во неговиот атар се наоѓаат неколку значајни археолошки локалитети кои, за жал, до денес се надвор од вниманието на институциите1 кои се занимаваат со оваа област на науката и културата.

ПРАИСТОРИСКИ КУЌИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГОЛЕМИ КАМЕН“ НАПАДНАТИ ОД РУДНИК ЗА ГРАНИТ
Изобилство од печен куќен лепеж (делови од ѕидови на праисториски куќи) со силна црвена боја лежи растурен во куповите земја, направени при рударската активност на локалитетот „Големи Камен“, на околу 500 m северно од селото Лопатица, на падините на Селечка Планина околу една голема каменеста тумба, со фасцинантен релјеф од карпи во чиј центар се наоѓа огромна карпа со форма на купола и впечатливи бои. Во ваков амбиент, меѓу грамадните карпи и на земните платóа на горните површини на каменестата тумба, во енеолитот, односно металното време (пред повеќе од 4000 години), се формирала поголема населба.

Денес, во куповите земја и профилите на раскопаните јами се среќава изобилство од археолошки материјал, како различни фрагменти од керамички садови, антропоморфни и зооморфни фигури, фрагменти од камени орудија, прешлени, жртвеници и сл. Меѓу керамиката има и фрагменти со различна орнаментика правена со дупчење и со каналчиња, но и фрагменти премачкани со боја. Според археолозите од Завод и музеј од Прилеп, кои во 2002 година извршија увид на овој локалитет се работи за керамика од т.н. јадрански тип, а наодите потекнуваат од каменото и бронзеното време. Значи, се работи за локалитет со богати наоди од праисторијата, а кој е на удар на рударска активност со што значаен дел од праисториската населба е уништен со коповите и цепењето на каменот.

„Големи Камен“, пред неколку години, по добиените информации дека има археолошки наоди, го посети екипа на Завод и Музеј од Прилеп и притоа се констатирани остатоци од праисториска населба од енеолитот и бронзеното време.2 И покрај тоа, локалитетот е нападнат од рударите. Овде по којзнае кој пат се среќаваме со немоќта на надлежните институции да го заштитат културното наследство на Македонија. Колку значајни културни остатоци и споменици заминуваат во неповрат на овој начин, е друга приказна. При посетата на споменатата екипа на локалитетот „Големи Камен“ на површината на теренот, која опфаќа неколку ха, се пронајдени голем број фрагменти од керамички садови од праисторијата, фрагменти од жртвеници, како и една нога од статуа изработена од керамика.3

Освен богатите наоди од праисториската населба на „Големи Камен“, која по сè изгледа била со значителни димензии, самиот локалитет со комплексот од фасцинантни карпи претставува ретко природно богатство.4 Ова е уште еден пример дека праисториските жители на овој простор биле силно привлекувани од грамадните карпи со фасцинантни, дури мистични форми и тука ги формирале своите населби. Притоа, своите живеалишта ги вклопувале во самите карпи и денес по нивните површини има траги од таквите интервенции. По површините на карпите денес се среќаваат голем број длабени форми кои служеле за поставување на столбови и греди, а се среќаваат и камари кои, веројатно, служеле во просториите на живеалиштата. Некои од карпите со своите форми и денес предизвикуваат силна фасцинација и, според големиот број наоди на керамички материјал, може да се претпостави дека служеле како култни објекти или светилишта. Меѓу самите карпи често се наидува и на пештерски простории кои, исто така, биле ставани во функција на праисториската населба. Времето во кое егзистирала оваа населба се поклопува со времето на потврденото присуство на старата етничка група Бриги, чија територија на населување во каменото и бронзеното време била токму етничка Македонија од каде во подоцнежните периоди се раселиле во Мала Азија, но и на северното крајбрежје на Јадранското Море.5 Познато е, исто така, дека со оваа етничка група сличности во јазикот и културата имале и Пеонците кои, всушност, се сметаат за бригиско племе,6 како и Македонците кои на истата територија на Балканот се појавуваат подоцна, во железното време.7
Карпа во форма на исправен јазик при вровот на локалитетот Мистичната карпа „Куклајца“ Дел од деструккцијата направена со машинеријата при експлоатација на гранит Објект во простор заграден со големи карпи на локалитетот Простор меѓу грамадни карпи на локалитетот Влез во простор заграден со карпи Детали од локалитетот „Големи Камен“ Група обработени објекти во карпи на локалитетот „Гермаски Кладенец“ – меѓу селото и л. „Големи Камен“
АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „ГОЛЕМИ КАМЕН“
Фрагмент од кремен од локалитетот Предмет од керамика од локалитетот – тег Антропоморфна фигура од керамика од локалитетот
1 Со Археолошката карта на Република Македонија во атарот на с. Лопатица е регистриран само еден локалитет „Неделска Вода“ од раното христијанство. Археолошка карта на Република Македонија, 302.
2 Александар Миткоски, Извештај од извршен увид на локалитетите “Големи Камен” и “Ѓупска Пештера” кај с. Лопатица, Завод и Музеј Прилеп, 1.
3 Исто.
4 Овде мораме да го истакнеме високосвесниот коментар на еден жител од селото, Ѓорѓи Шијакоски, кој својот коментар за уништувањето на реткиот природен амбиент од гранитни карпи го формулира вака: – “Му велам на газдата на рудникот, а, бре, Славе, јас овде израснав со овие карпи, со нив сум навикнат и не знам колку се стари. Гледам ти сега ги уништуваш без око да ти трепне, а, бре не е дрво да го посадиш да порасне. Карпите не се обновуваат” – со жалење искоментира шијакоски.
5 Елеонора Петрова, Бриги. Наде Проева, Студии за античките Македонци.
6 Исто.
7 Исто.