ГРАДОТ ДОСТОНЕЈ КАЈ СЕЛОТО ПЕШТАНИ, ПРИЛЕПСКО – ЦЕНТАР НА ОБЛАСТА МАРИОВО ВО АНТИЧКОТО ВРЕМЕ
Во Мариово се ретки местата за кои се знае кое име го носеле старите населби. Од историјата е познато дека градот со тврдина на брегот на Црна Река кај селото Зовиќ прво се викал Чебрен, а подоцна Чемрен1, а во селото Пештани дознаваме дека постоела населба со градски карактеристики со име Достонеј од еден натпис на мермерен блок (сл. 179) вграден во ѕидот на црквата “Св. Ѓорѓија“, на кој се споменува името на општината Достонеј, заедно со името на извесен примипил (службена функција од римско време) Марко Јулие Север2. Исто така, на уште еден епиграфски споменик кој е пронајден во селото Дуње, се споменува името на Север Достонеецот, потоа на Нике Аполонион, неговата мајка, кои заедно му направиле посвета на Диоскурите во 232 година од н.е.3, кои во митологијата се познати како браќа кои биле своевидни култови во античкиот период. Овде името на Достонеј, населбата која се наоѓала кај Пештани, се споменува како етникон со формата Достонеос. Научниците од овој натпис извлекуваат заклучоци дека се работи за античкото име на жителите на Мариово (Достонеја) и за етникон кој произлегува од ова име Достонејци4. Интересно е дека презимето Север се споменува на неколку натписи од селото Пештани, што значи дека се работи за познато семејство на старешини на населбата. Еден натпис повторно говори за Марко Јулиј Север, а на истиот се споменува и името Јулиа Севера.

Дали Мариово во антиката се викало Достонеја не е сосема потврдено, но дека постоела населба со такво име, која била центар на областа, односно, на поголем број помали населби од околината, може да се земе како факт. Постоењето град во овој дел од Мариово го потврдува и натписот од селото Кокре на кој се споменува град (полис) без да се спомене неговото име. Тоа значи дека натписот потекнува од самиот град и за време на неговото пишување се сметало дека нема потреба од негово именување5. Дали на некој начин и Кокре било дел од истата населба? Фактот дека цел рид го дели Кокре од Пештани каде што се пронајдени натписите со името на населбата, не треба да нѐ вознемирува. Меѓу двете села се наоѓа веќе опишаниот локалитет „Градиште“ на највисокиот дел од ридот околу каменеста тумба. Иако овој локалитет е датиран во доцната антика не треба да се ислучува дека тој има постар датум на тврдина која служела за заштита на жителите на античкиот град од бројните напади на племиња од северот на Македонија. Фактот дека еден од натписите, односно оној на кој се споменува името Север Северос Достонеецот и неговата мајка Нике Аполонија, е пронајден токму на овој локалитет („Градиште“)6 нѐ упатува на таква претпоставка. Уште повеќе, имајќи предвид дека мермерни споменици кои се употребувале во градењето храмови и други богати градби, во голем број се присутни и на просторот на селото Кокре. Овде нѝ се наметнува прашањето дали на овој простор, односно на двете страни од „Градиште“ не егзистирала поголема населба со градби за живеење и храмови кои им биле посветени на античките божества и херои. Имено, веќе пишувавме дека на просторот на селото Кокре е пронајден натпис на мермерен споменик со посвета на божицата Артемида, што упатува на храм посветен на оваа божица, а овде се среќаваме со индиции дека таков храм или светилиште имале и Диоскурите, односно двајцата браќа Кастор и Полидевк, кои му биле синови на врховниот бог Ѕевс7, и тоа на самиот врв „Градиште“, каде што се наоѓала тврдината која служела за одбрана на населението од нападите. Такво светилиште токму на ова место не би требало да зачудува, зашто при одбраната токму на хероите им се принесувале жртви како поттик за бранителите на тврдината. Кастор бил познат војник и скротувач на коњи, а Полидевк најголем боксер на своето време8. Тие биле многу раширен култ во антиката, на што нѐ упатува и нивното често споменување во делата на античките автори. Значи, може да се претпостави дека во антиката, посебно во периодот на Римското Царство, на просторот на селата Кокре и Пештани се наоѓала поголема населба од двете страни на ридот кој денес ги дели овие села, а двата дела на поголемата населба биле поврзани со соодветен пат кој водел преку планината. Траги од такви поврзувања постојат на две места, едниот пат одел преку планината, а другиот ја заобиколувал од јужната страна и повторно ги поврзувал двата простора. Фактот дека на просторот на селото Прилепец, кое од селото Кокре е разделено со високата Селечка Планина, се наоѓаат траги од голема античка населба со градски карактеристики9, исто така не треба да се занемарува. Во тој контекст, интересно е дека, токму на овој висок дел од планината се среќаваат траги од стар пат кој водел за селото Кокре, а продолжувал за селото Пештани. Градењето патишта во тоа време преку високи места, веројатно било потребно заради соодветните населувања кои постоеле во сите три простори во античкото време. Се разбира, изнесеното наведува на фактот дека се потребни опстојни и сеопфатни археолшки истражувања кои ќе фрлат поголема светлина на населувањето на овој простор во минатото.


Дали до денес нелоцираниот град Пелагонија, кој бил центар на областа Пелагонија, опстојувал токму на ваков простор? Фактот дека научниците до денес не го лоцирале и спорат околу неговата локација, повикувајќи се главно на историски извори, како и податоците земени од античките историчари дека тој се наоѓал на левиот брег на Црна Река, одат во прилог на ваква претпоставка. Во овој контекст ќе го споменеме постоењето голем ѕид и наоди од керамика на самиот врв „Коњарник“, кој се наоѓа меѓу селата Кокре и Прилепец. Во секој случај наодите на археолошки материјал покажуваат дека во сите три, овде споменати, простори постоеле значајни архитектонски градби, кои не се својствени за мали и безначајни населби. Овде се наметнува и прашањето дали на натписите од Пештани се споменуваат само лица со потекло од областа Достонеја, а споменувањето на град без неговото именување во селото Кокре значи постоење на овој простор град со друго име?
Од Достонеја потекнува и Ајлио Менелај, поради фактот што ова име е пронајдено, исто така на мермерна плоча од Пештани, која најпрво е пренесена во селото Дуње, а оттаму во Заводот и Музеј во Прилеп. Ако името на ова лице има римско потекло, неговото презиме е име кое често се употребувало во Пелагонија, така што и еден крал на Пелагониското кралство познат од еден споменик со натпис се вика Менелај, а носи презиме Пелагон10. Од друг натпис пронајден во Пештани се дознава дури и за еден војник со име Ајлио Дионосиј, кој потекнувал од населбата кај Пештани (Достонеј?) и кој бил војник во Legio I Italika чиј оддел се наоѓал во селото Витолиште11. Овде повторно имаме име и презиме со различно потекло. Презимето Дионисиј е со божјо потекло, според богот Дионис, кој на просторот на Македонија бил посебно почитуван, та дури и големиот трагичар Еврипид го сменил своето мислење за религијата по доаѓањето на дворот на македонските кралеви во градот Пела, каде го напишал и своето дело, трагедијата „Бакхи“ во кое опишува настани и обичаи поврзани со славењето на богот Дионис. Давањето имиња со божествено потекло кај Македонците го потврдуваат истотичарите и археолозите.


Од градската населба кај селото Пештани, која егзистирала во антиката, потекнуват и голем број други споменици, меѓу кои и со натписи. На еден од нив се споменува името Дионосиј Зопир, како и Александар12, и двете многу користени имиња на овој простор, а на друг споменик ги среќаваме имињата Јулио Александрос и извесна Јулија13. Посебно е интересен еден натпис на мермерна плоча на кој се споменуваат имињата Зоил и Дулес (Дулос)14. Првото име го среќаваме и на натписот од селото Кокре, а второто се среќава на натпис во селото Дуње, како и на многу други натписи во Македонија и според научниците, води потекло од Бригите15. Ова племе кое ја населувало територијата на Македонија до крајот на бронзеното време и почетокот на железното време, некои стари писатели го нарекуваат и македонско, а со него блиско племе се смета и племето на Пајонците низ чија територија според податок од Тит Ливиј, течела и реката Еригон (Црна Река). Според Страбон, Пајонците се нарекувале Пелагонци, што повторно нѐ потсетува на стиховите од Хомер кај кого пајонскиот јунак Астеропај тврди дека е син на Пелагон/Пелегон, епонимниот водач на Пелагонците16. Сето тоа потврдува дека и Мариово било населено од споменатите племиња, кои веројатно имале ист корен, ако не биле и едно исто племе. Фактот дека истите ги среќаваме и кај Хомер, сите на страната на градот Троја, исто така, оди во прилог на ваквата констатација. Од локалитетот „Пештера“, кој се наоѓа јужно од селото Пештани, потекнува и една плоча со претстава на античкиот јунак Херакле,17 кого Македонците го славеле како бог, за разлика од Грците кои Херакле го славеле како херој. Херакле за свој предок го сметале и македонските цареви кои потекнувале од лозата на Темен, еден од митолошките цареви на Македонците, кој бил потомок на Херакле од неговиот син Хил.
СПОМЕНИЦИ ОД ГРАДОТ ДОСТОНЕЈ КАЈ ЦРКВАТА „СВ. ЃОРЃИ“
ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „ПЕШТЕРА“