ВО ЦЕНТАРОТ НА ПЕЛАГОНСКОТО КРАЛСТВО
ГРАДОТ СО ТВРДИНА НА ВРВОТ ВИСОКА, МЕЃУ ПЕЛАГОНИЈА И МАРИОВО – СЕДИШТЕ НА СТАРОТО ПЕЛАГОНСКО КРАЛСТВО


– На надморска височина од 1472 m на врвот Висока, познат уште и како ќаве и Цуцул, на Селечка Планина се наоѓаат јасно видливи остатоци од голем број градби, обработени форми по карпите, како и една исклучителна градба од големи камени блокови, обиколени со широк ѕид кој ја утврдувал населбата во доцната антика. Населбата опстојувала во раната и доцната антика, а археолошките наоди укажуваат дека таа имала своја намена и во средните векови.
Врвот Висока со своите 1472 метри надморска височина, претставува највисока точка меѓу Пелагонија и Мариово и со својата пирамидална форма, како и со заострениот највисок дел, го привлекува погледот од било која точка во двете области. Тој е дел од Селечка Планина и зазема централно место во територијата што ја зафаќаат двете области и се наоѓа неколку километри јужно од превојот преку кој минува патот Прилеп – Витолиште, познат како „Скала“. Поради ваквите карактеристики и местоположбата, тој претставува природна набљудувачница, речиси, за целокупниот простор кој го зафаќаат споменатите македонски области. Токму поради тоа, древните жители на Пелагонија на неговиот највисок дел формирале населба со впечатливи димензии. На околу 2–3 ha на врвот, биле изградени голем број градби од камен, чии остатоци денес јасно се забележуваат. Остатоците од градбите во форма на разрушени ѕидови и грамади од камен се датирани во македонско–хеленистичкото и римското време.1 Тоа значи дека во периодот на развиеното македонско кралство на врвот имало населба од посебно значење за овој простор. На тоа посебно укажува централната градба од највисоката позиција на врвот, која зачудува со својата импозантност и киклопската архитектура. Некои археолошки наоди, особено од керамички материјал, даваат индиции и за постари корени на населбата, најмалку архајскиот период, VI–V век п.н.е. и ја поткрепуваат претпоставката, дека Пелагонците изградиле населба на врвот, во времето кога опстојувале во самостојно кралство. Тоа е кралството на епонимниот предок Пелагон, кој се споменува во Хомеровиот еп Илијада. 2

Од страната на Мариово, под планината Висока е расположено селото Крушевица, додека од страната на Пелагонија, меѓу краците кои се спуштаат од неа се расположени селата, Бонче и Лопатица, а малку подалеку, во рамниот дел се наоѓа и селото Подмол чиј атар е, исто така, во блиска комуникација со овој шилест планински врв. Речиси е сигурно дека во времето на активното користење на тврдината и населбата на Висока, жителите на населените места од атарите на гореспоменатите села биле во близок однос со населбата од локалитетот „Висока“. Особено како место на кое наоѓале заштита при нападите на непријателите на древното Пелагониско кралство, но и како место со посебно значење за пелагонската заедница.
Кај жителите на околните села, посебно на селото Крушевица, и денес е живо преданието дека Мариово во старите времиња било море и поради тоа старото село Крушевица се наоѓало на врвот ќаве на Висока. Таму „и денес можат да се видат железните алки3 на кои биле врзувани кајчињата на древните жители на селото“.

КИКЛОПСКА ГРАДБА НА ВРВОТ – КРАЛСКА ПАЛАТА ИЛИ ГОЛЕМО СВЕТИЛИШТЕ
Пристапот до врвот Висока е тежок поради височината на планината која е мошне стрмна. Самиот врв нема пристап од страната на Пелагонија, бидејќи претставува остра карпа која од таа страна се спушта сосема вертикално надолу, додека од страната на Мариово се спушта со поблага косина која е проодна. Всушност, многу е веројатно дека од страната на Мариово, откај селото Крушевица, водел поширок пат сè до врвот Висока. Некои остатоци од стари патишта градени со големи камени плочи укажуваат на тоа. Од друга страна, пристапен пат, веројатно, имало и од северозападната страна, по сртот на планината. Таков крак се делел од главниот пат кој водел од Пелагонија во областа на Мариово и понатаму кон јужниот дел на Македонија и по сртот водел до највисокиот дел на Висока каде се наоѓал важен центар за областа. Токму од пристапните страни населбата била утврдена со широк ѕид од камен кој го обиколува врвот заградувајќи неколку хектари површина во која биле распоредени голем број градби, исто така, од камен. Темелите на поголемиот број од градбите и денес се зачувани, распоредени многу блиску една до друга низ шумата, која го покрива овој простор. Некои од градбите биле прилепувани до карпите кои се распоредени околу врвот, а самите карпи биле обработувани во форма на вертикални ѕидови на кои се вдлабувани места за греди, камари и сл. На некои карпи се наоѓаат и големи, рамно обработени камени површини, а камени блокови во различни форми се вадени и од највисоките карпи на локалитетот. Речиси нема карпа на која не е извршена некаква интервенција. Карпите кои се наоѓаат од западната и јужната страна на врвот се длабени и прилагодувани во форма на одбранбен ѕид и од внатрешната страна има цели рамнети платóа и патеки по кои се движеле некогашните жители или членовите на военото обезбедување на тврдината.

На највисокиот дел од врвот, од неговата источна страна се наоѓаат остатоци од монументалната градба, која ја споменавме погоре, правена од големи камени блокови, кои биле ѕидани без малтер, односно биле монтирани еден над друг.4 Дел од основата на градбата може да се забележи и денес преку правилниот распоред на неколку убаво обработени камени монолити. Според она што може да се види на површината градбата зафаќала површина од стотина и повеќе m2. Земајќи ја предвид нејзината монументалност, како и квалитетната обработка на големите камени блокови, може да се претпостави дека градбата била од престижен карактер, можеби палата на некој пелагонски крал или претставувала големо светилиште на највисокиот дел на населбата. Со скромните археолошки истражувања вршени во текот на 2005, 2006 и 2007 година беа откриени влезната порта со скали и ходник, како и партија од киклопскиот ѕид.5 При археолошкото истражување беа пронајдени и големи количества керамика, како фрагменти од садови, така и градежна керамика, но и неколку монети од македонските кралеви и од подоцнежните императори од Константинопол, други предмети од метал и сл. Меѓу фрагментите од керамички садови се среќаваат големи количества на квалитетно обработена керамика, што укажува на значењето на споменатата градба, како и на целата населба на врвот Висока, која археолозите веќе ја карактеризираат како антички град со претпоставка дека тоа е сè уште непронајдениот град Пелагонија.6
Интересно е дека по архитектурата – монолитноста и стилот – градбата од локалитетот „Висока“ покажува сличност со кралската гробница на локалитетот „Павла Чука“ меѓу селата Бонче и Подмол, која се наоѓа од страната на Пелагонија, во самото подножје на врвот Висока. Сосема е извесно дека и двете градби биле во активна употреба во ист период, односно раната антика, IV век п.н.е. На просторот на локалитетот „Висока“ („ќаве“) се растурени голем број големи камени блокови кои биле дел од споменатата градба, но и од други градби, распоредени на неколку хектари површина на зарамнетите тераси на врвот.7

НАСЕЛБА ОД ВРЕМЕТО НА ПЕЛАГОНСКОТО КРАЛСТВО
Според датирањето на населбата од врвот Висока може да се констатира дека таа е една од населбите која настанала или се развила во времето на постоењето на Пелагонското кралство, односно архајскиот период и раната антика,8 но имајќи го предвид фактот што Пелагонија и Пелагонците постоеле и во митолошкото време, не треба да се исклучува ниту можноста за многу подлабоки корени на оваа населба. Познато е дека во раната антика на дел од просторот на денешна Пелагонија и дел од Мариово, кое во тоа време влегувало во оваа територија, егзистирало Пелагонско кралство што е потврдено со пронајдените епиграфски споменици на кои се споменуваат пелагонски крал и пелагонски големец.9 На територијата на ова кралство живееле Пелагонци, кои според Илијадата на Хомер биле во блиски роднински врски со Пеонците, силно племе со свои кралеви од долниот тек на Вардар, а населувале и простори на полуостровот Халкидик и на исток од него, во пределите крај морето, како и по долината на реката Стримон (денешна Струма).10
Постоењето на споменатата монументална градба, која очигледно имала престижен карактер за пошироката област, укажува на извесно централно место, за околната територија и заедницата која ја населувала. Дека се работи за македонското племе Пелагонци, пак, не треба да се сомневаме.

НАСЕЛБАТА НА „ВИСОКА“ БИЛА АКТИВНА И ВО ДОЦНАТА АНТИКА
На локалитетот „Висока“, познат и како „ќаве“, според наодите, опстојувала населба и во доцната антика. Имено, на неговата површина е присутна и керамика од овој период, како и монети познати како нуми со датирање од VI век од нашата ера. Ако се има предвид дека од двете страни на „Висока“ имало населби од различни периоди, населбата на ова високо место имала своевидно значење. Пред сè, за заштита на населението од околните населени места во ниските делови кои биле изложени на нападите на голем број племиња што продирале од север, посебно на Дарданците и Илирите.
Дека во населбата и активно се живеело, освен големиот број градби распоредени на површина од неколку хектари од источната страна на врвот, како и на терасестите површини од јужната и северната страна, потврдува и некрополата која се наоѓа на неколку стотини метри југоисточно од врвот. Од неа денес можат да се видат дваесетина убаво обликувани гробови длабени на една поголема карпа кои се целосно испразнети од содржината. Интересно е дека источната страна на планината Висока располага со убави, зелени и плодни падини, со рамни и плодни површини во пониските делови на кои, исто така, се среќаваат фрагменти од керамички садови и сл. Посебни услови за опстојувањето на некогашната населба давале и неколкуте извори вода на падините на планината, посебно од источната и североисточната страна.
Доцноантичкиот ѕид на тврдината на некои места и денес добро се забележува од источната страна на Висока, а може да се проследи по целата негова должина. Јасно се забележува и една од неговите порти од кои се влегувало во тврдината. Ѕидот бил граден од камен, со мали слоеви малтер.
1 Археолошка карта на Република Македонија, 302.
2 Хомер, Илијада, превод Михаил Петрушевски, Македонска книга, Скопје 1982, Рапсодија П, “Патроклово одликување” песна XXI, стих: 153–160, 358.
3 Две железни алки навистина се среќаваат на највисоката карпа со која завршува врвот на Висока, кои можеби предизвикале создавање на преданието за кое станува збор.
4 Оваа монументална градба, со т.н. киклопски ѕид, од локалитетот „Висока“ ја откри авторот на оваа книга во 2002 година, кога забележа неколку големи камени блокови растурени под врвот, еден голем камен блок од камената порта на градбата, како и партија од ѕидот, јужно од портата. Истата година излезе од печат и неговата книга Древна цивилизација II – Мариово во која беше направен опширен опис на локалитетот Висока и беше карактеризиран како можен центар на Пелагонското кралство (Види: Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, “РАСТЕР КОМ”, Прилеп 2002, 140 – 143.)
5 Виктор Лилчиќ, Дејан Кебакоски, Историјата на истражувањето и убицирањето на античкиот град Пелагонија, Македонско наследство, број 27, Македонска цивилизација, Скопје 2006, 28. Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, Македонско наследство, Македонска цивилизација, Скопје 2006, 66.
6 Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, 66.
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 140 – 143.
8 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, књига I, Скопје 1957, 199.
9 Исто. Спомениците потекнуваат од IV век пред н.е.
10 Херодотова Историја, втор дел, книга пета (Терпсихора), Матица српска, превел од старогрчки Милан Арсениќ, 7. Гаврилъ И. Кацаровъ, Пеония – приносъ къмъ старата етнография и история на Македонијя, Блгарското географско дружество, Софијя, 1921, 3–8.
