ПРЕДАВАЊА 2018

ПРОГРАМА 2018

Културниот истражувачко-документациски центар за Мариово „КАЛЕШ АНЃА“ веќе неколку години работи на проектот „Запознавање со културата и исто­ри­јата на Пелагонија и Мариово“ преку растурање на соодветна литература, орга­ни­зирање предавања со видео-презентации, изложби и слични манифестации.

Во програмата за 2018 година се планирани пет предавања со видео-пре­зен­та­ции за потеклото, културата и историјата на десетина села, заедно со нивниот атар, од областите Пелагонија, Мариово и Прекурид. Предавањата се дел од големиот проект “Древна цивилизација“, на кој работиме околу 15 години, под раководство на новинарот и публицист Тренчо Димитриоски. Едно од предавањата, на тема „Селата Кален и Кокре, Прилепско – од праисторијата до денес“ е реализирано во месец март, а следното предавање, на тема „Селото Новоселани, општина Долнени – од праисторијата до денес“ ќе биде реализирано на 31.о5.2018 година во 19 ч. во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп. До крајот на 2018 година ќе следат уште три предавања на темите: „Селото Браилово, општина Долнени – од праисторијата до денес“, „Селото Небрегово, општина Долнени – од праисторијата до денес“ и „Прилеп – град престолнина“.

Целта на ваквите предавања е, преку презентација, афирмација, популаризација и едукација, создавање основа за развој на културен, селски и природен туризам.

Предавањата ќе содржат:

  • Археологија – остатоци од населби, култно-религиски и други објекти
  • Историја – настани и личности поврзани со конкретните населби, пишани изво­ри и податоци
  • Современи истражувања и пишани документи, истражувања и трудови

Предавач: Трен­чо Димитриоски, новинар, писател и истражувач од Прилеп.

Освен предавањата, Културниот истражувачко-документациски центар за Мариово „КАЛЕШ АНЃА“ ќе реализира и три манифестации – Чествувања, и тоа: 114 години од загинувањето на легендарниот војвода Толе Паша во селото Крушевица, Прилепско, 114 години од загинувањето на војводата Петре Георгиев Железарот во селото Дрен, Прилепско, кои се веќе реализирани, и 115 години од битката на врвот Маргара кај селото Чаниште, Прилепско, кое ќе биде реализирано на 30.09.2018  година.