„СУДИРОТ“ НА ДВЕ ЗОГРАФСКИ ШКОЛИ ВО ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЕ“ ВО СЕЛОТО РИЛЕВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
Во заедничката просторија, на црквата „Св. Атанасие“, градена и сликана во два различни периоди, на своевиден начин, „се судираат“ двајца мајстори зографи, од два различни периоди и од две различни школи и места во Македонија. Во заедничката божја куќа, со своето мајсторство и уметност „се натпреваруваат“ Јон од 17 век од зографската школа од селото Линотопи, Костурско и Стојан (Станко) Рензов од Крушево, следбеник на позната тајфа зографи од селото Тресонче. Двата дела од живописот во оваа црква имаат потреба од итна стручна интервеција за заштита.
Човек ќе се изненади доколку се соочи со неколку моменти поврзани со македонската историја и култура во вековите под турско ропство. Во тоа време, кога Македонците во голем број биле само закрепостени селани и аргати на големите имоти на агите и беговите, без многу можности за лична надградба и образование, сепак покажувале вистински однос кон културните вредности, особено оние поврзани со христијанството. Уште повеќе, кај нив се забележува препознавање на вистинските уметнички вредности и почитување на вистинските мајстори и творци, кои имале изграден критериум, знаење и вештина во изработката на своите дела. Така, и во помалите села, каде можностите за следење на достигнатите новоа на вредностите се помали, сепак имало личности кои добро знаеле кому треба да се обратат и, скоро редовно, повикувале мајстори и уметници со достојно ниво за изработка на објектите, односно, христијанските цркви и нивното внатрешно и надворешно украсување со потребните христијански форми и мотиви. Всушност, низ целиот период на живеење под турско ропство, во Македонија постоеле вистински зографски и копаничарски школи, чии дела денес се непроценливо културно наследство, а кои ги среќаваме по големиот број цркви низ Македонија и поширокиот простор на Балакнот. Соочувајќи се со квалитетот и уметничките вредности во нивните дела, просто ќе се запрашаме, дали денес, во поинакви услови, далеку од турското ропство, можеме да се мериме со нивните уметнички дострели и критериуми во создавањето на препознатливата уметност. Па и тоа, дали можеме да се мериме со нивниот изграден критериум и однос од високо ниво кон таквото творештво и таквата уметност. Секако, префинетото чувство, кое се забележува преку силните ликовни изрази, ускладените бои и општата мистичност и свежина, како и емотивноста, која импресионира при средбата со нив, уште повеќе нè тера на подлабока размисла за нивото на вредностите кое важело за тие периоди. И тоа, без обзир што во пооделни векови таквото уметничко и културно ниво не било секогаш исто, сепак, секогаш било завидно. Овој подолг вовед ни го предизвика посетата на малата еднокорабна црква „Св. Атанасие“ во селото Рилево, сега во општина Долнени, на триесетине километри западно од Прилеп. Заградена со голема кружна ограда од камен, скриена во високи дабови, багремови и борови дрвја, заедно со гробиштата на селото, оваа мала црквичка, најпрво возбудува со црвенушкавиот камен прошаран со белото фугирање со малтер, со малата кружна апсида и украсувањето од неколку светци над апсидата. Потоа, соочувајќи се со денешната слика на состојбата во која се наоѓа таа, како и состојбата на селото Рилево и малиот број жители во него, нитка на тага се испреплетува со чувството на возбуда, па дури и извесна доза на револт од неспособноста за вистински однос и капацитет за да се зачуваат ваквите вредности, не само за нас, Македонците, не само за нас христијаните, туку, воопшто, како општочовечки вредности, создадени со иастанечено чувство, енергија, знаење и надградба. Токму такви црковни, културни и уметнички вредности среќаваме при посетата на црквата „Св. Атанасие“ во селото Рилево, за која жителите на селото пренесуваат верување дека е постара од времето на познатата битка на Косово од 1389 година.
Дека христијанството има длабоки корени и било развиено во вистинска смисла во селото Рилево потврдуваат и други достапни податоци. Според истражувачите на средновековната книжевност во Република Македонија, селото Рилево било еден од помалите црковни книжевни центри во Република Македонија што потврдуваат два стари црковни книжевни споменика кои потекнуваат од ова село.1 Во ова село е пронајден еден Минеј за јануари, кој потекнува од четвртата четвртина на XVI век, а во кои биле вметнати листови од првата половина на XV век. Минејот содржи 281 листа, а на листрот бр. 188v има понов запис: Да се знаит кога беше учителъ Стоянъ Крьстевъ оть Тиквешь въ Рилево во 1863 лето октомвриа 26 денъ.2 Ракописот се чува во Народната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охр5идски“ во Скопје, во збирката на Македонската архиепископија. Во истата институција се чува и еден Октоих од XV век, составен од 264 листа, исто така, пронајден во Рилево.3
Според натписот од јужниот ѕид црквата, најпрво, била мала еднокорабна градба, изградена во 17 век (1627 година) од мајсторот Иван од Кичево и, во тоа време, комплетно живописана од Јон, зограф од познато зографско семејство и член на позната зографска школа од селото Линотопи во Костурско. Податоците за градењето и живописувањето на стариот дел од градбата запишани на натписот упатуваат и на патувањето до Цариград за добивањето дозвола, како и за трошоците потребни за нејзината изградба.
Јон бил еден од зографите од познатата зографска школа со потекло од селото Линотопи, кое важи за влашко село, a кое во 1769 година било уништено од албански банди. Првиот познат зограф од оваа школа бил Никола (Николаи, Николаос), чие дело е фрескоживописот со ликот на св. Димитрија од црквата „Св. Димитрија“ во Палатица од 1570 година. Потоа се среќаваат зографите Михаил, неговиот син Константин (Коста) и Никола, кои работеле во Етолија и на други места. Од оваа школа се и зографите Михаил, Георги, Димитрија и други. Мајстори зографи, златари, резбари, гравери од Линотопи, како и нивни дела, среќаваме на разни места на Балканот, меѓу другото и во манастирите на Метеори, Света Гора (Атос – во манастирот Хиландар) и на голем број други места.
Многумина од мајсторите од Линотопи работеле и во Прилепско, во повеќе цркви и манастири, а неколку имиња од оваа зографска тајфа се среќаваат во манастирот „Св. Никола“ во селото Слепче, Прилепско.
Ете, токму од оваа голема и позната зографска школа потекнува и зографот Јон, кој го изработил живописот во црквата „Св. Атанасие“ во селото Рилево. Него, во тоа време, го повикале жителите на селото Рилево, за да ја наслика и украси, однсно да и даде божествен лик на нивната мала црква. Иако неговите остварувања во оваа црква, историчарите на уметност ги оценуваат како дела со послаб квалитет, тие сепак оставаат силен впечаток при посетата на црквата. Всушност, негово дело е само живописот во првата половина од градбата, од источната страна, односно делот со апсидата, која била првичната и постара црковна градба. Забележливо е дека голем дел од живописот претрпел разновидни деформации и оштетувања, како со извесни интервенции во подоцнежниот период, така и со распукување на подлогата од малтерот, со што се оштетени или доведени во опасност од уништување цели партии од живописот. Особено паѓа во очи еден дел од јужниот ѕид, кој е распукан во должина од неколку метри и е пред целосно отпаѓање.
Како особено зачувани делови од живописот ќе ги споменеме ликовите на св. Никола, св. Меркурие, св. Атанасие и св. Спиридон, св. Петар Александриски, св. Јован Златоуст и св. Кирил, св. Теодор Тирон и св. Теодор Стратилат, како и Водење на распетие. Со обичното набљудување на живописот во постариот дел од градбата, се добива впечаток на нерамномерен ликовен и уметнички квалитет на различните содржини од живописот. Некои од ликовите се особено впечатливи, со релативно ускладени бои и нагласени елементи и украсувања, а други се избледени, премачкани со извесни неадекватни бои или недоволни изразени ликови. За какви интервенции и оштетувања станува збор, поконкретно, не можеме да коментираме. Сепак, наш општ впечаток е дека самата црква со сите христијански елементи и украсување заслужува особено внимание и итна заштита, особено на деловите од живописот, кои се пред распаѓање. Особено што се работи за црковна уметност од постар датум и од мајстор со потекло од позната и бројна зографска тајфа.
Во рамките на постариот дел од живописот се среќаваат, најмалку уште три кратки натписи, кои го привлекуваат вниманието. Два од нив се наоѓаат на делот од украсувањето на иконостасот. Првиот се наоѓа над вратата за влез во олтарот, од левата страна и го споменува името на питропот: „Аризанко питроп од барбарас“, а вториот се наоѓа на средната врата од олтарот и го споменува името на црковниот старешина: „Беше божји кожабашиа Секо“. Третиот натпис посветен на извесен поклон на црквата „Св. Атанасие“ од Јове од Ропотово запишан на делот од живописот на јужниот ѕид, на кој е претставен св. Меркурие. При сликањето на внатрешноста на црквата, биле украсени комплетните површини на ѕидовите, како и површините од гредите, површините од деловите на прозорците и сл.
Интересно е дека во делот каде завршувала градбата, на јужниот ѕид, од надворешната страна била направена мала ниша со живопис посветен, вертојатно, на патронот на црквата, св, Атанасие. Денес оваа ниша, дополнета со метална конструкција на свеќник пред неа, се користи како своевиден олтар пред кој се палат свеќи, со што ликот на светецот е значително потемент и тешко препознатлив. Вториот, поновиот дел од градбата, односно втората пловина од западната страна била изградена во деветнаесеттиот век, односно, како што се забележува од натписот во внатрешниот дел над западната врата, во јули 1871 година. На овој натпис, кој е делумно читлив, можат да се прочитаат неколку имиња на жители од селото, кои учествувале во приградувањето на црквата, како и на зографот Стојан (според некои Станко) од Крушево, кој го изработил живописот во новиот дел од градбата. Според достапните информации, се работи за Стојан или Станко Цветков, роден 1810 година во Крушево, чие постаро потекло е од селото Тресонче во западниот дел на Македонија. Стојан (Станко) Цветков потекнува од позната зографска тајфа од Тресонче, позната како Рензови. Во Крушево дошол татко му на Стојан Цветко Јанкулов. Дела на Станко Цветков се среќаваат во црквите во село Секирци, манастирот во селото Слепче, во Крушево и на повеќе други места. На некои од нив тој е потпишан како Стојан Станко Рензо Зограф.
На тој начин, во заедничката просторија, градена и сликана во два различни периоди, на своевиден начин, „се судираат“ двајца мајстори зографи, два различни периоди и од две различни школи и места во Македонија. Во заедничката божја куќа, со своето мајсторство и уметност се натпреваруваат Јон од 17 век од зографската школа од селото Линотопи, Костурско и Стојан (Станко) Рензов од Крушево, следбеник на позната тајфа зографи од селото Тресонче.
Првиот впечаток е дека поновиот живопис е со потемни и помалку живописни бои, како и со ликови со послаб израз и помалку впечатливи форми и укарасувања. Од друга страна, може да се забележи дека и самите бои на поновиот живопис се со полош квалитет, па иако живописот е „помлад“ цели два века, сепак е значително избледен и потемнет.