НА ЛОКАЛИТЕТИТЕ „КРКЛАРИ“ И „ГНИЛИШТЕ“ СЕ НАОЃА НАЈГОЛЕМАТА НЕКРОПОЛА НА СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП, КОЈА БИЛА АКТИВНА НАЈМАЛКУ ДВА МИЛЕНИУМА

Стариот град Прилеп, односно градот кој се наоѓал на просторот на Маркови Кули, Варош и Заград од набљудуван од повеќе аспекти, до денес, останал културна мистерија. Неговата културна „одисеја“ започнала уште во длабоката праисторија и, со набљудување на остатоците од културата која била создавана на тој простор, на своевиден начин може да се следи континуирано низ сите културни периоди, сѐ до турското освојување на Балканот, па и извесно време по него. Сепак, вистинското расветлување на неговиот живот и долговековната историја треба да се очекува во некое идно време. За жал, во меѓувреме, многу културни содржини поврзани со животот на стариот град Прилеп се во незавидна положба, сосема незаштитени и изложени на постојано распаѓање.

Од некрополата 14

          Дека стариот град Прилеп, односно, просторот на кој бил расположен, крие културни остатоци од особено значење е несомнено, особено ако се знае дека денес низ Варош се среќаваат десетици, па и стотици споменици од мермер, кои биле дел од престижни и јавни градби во античкиот период, како и тоа дека во извесен период во овој град свои дворци имале и некои од царевите и кралевите. За време на двајцата кралеви Димитрија Волкашин и неговиот син Марко Прилеп е седиште на кралство. На старата локација градот останал сѐ до турскиот период, односно до неговото освојување од страна на Турците османлии по Маричката битка од 1371 година, особено по битката на местото Ровине во Романија во која загинал и прилепскиот крал Марко. Во следниот период, градот сепак продолжил со својата егзистенција, а според определени историски информации, тој педесетина години по смртта на кралот Марко доживеал и своевиден развој. Тоа веројатно се должело на неговото претходно значење како град – престолнина. Продолжил развојот на  трговијата, на прилепскиот пазар, на занаетите, земјоделството, особено на лозјарството, како и на другите економски и општествени дејности, но за тоа многу малку знаеме од историските извори. Освен административната управа од Отоманското царство, во него немало некое значајно доселување на муслимани, па градот, речиси, го зачувал стариот лик и културата од претходниот период. Така, во 1440 година во Прилеп живееле 11 муслимански семејства и една вдовица наспроти 350 куќи, 44 вдовици и 49 ергени христијани.1 Во тоа време во Прилеп се споменува извесен прилепски бег Азиз Михалуглу, кој починал 1445/46 година, кој се поврзува со семејството Михајловци, моќно семејство уште од времето на кралот Марко.2 Во тоа време во рамките на старата локација на градот Прилеп, односно во Прилепската тврдина и на просторот на Варош живееле 1500 – 1600 жители.3 Прилеп со околината имал и определени привилегии и своевидна автономија, односно бил ослободен од определени давачки, што било резултат на претходниот статус на градот со воспоставувањето на вазалниот однос на кралот Марко спрема Отоманското царство. Всушност, продолжил да биде значаен град на овој дел од Балканот, со развиен пазар и трговија за што говорат податоците за платени даноци од пазарите.4

Повеќе гробни јами од повисокиот дел

          Привилегијата која ја користел Прилеп со неговата околина педесетина години по освојувањето од Османлиите била резултат на вазалскиот сојуз што со нив го направил кралот Марко. До почетокот на втората половина на XV век односите меѓу населението од градот и околината биле уредувани според црковните канони и домашното обичајно право. Шеријатот, односно правото на Турската империја било применето дури во времето на султанот Мехмед II (1451 – 1481). Особено интересно е тоа што до Мехмед II шителите на Прилеп и околината биле ослободени од голем број даноци, а на христијаните им било признато и правото на сопственост на имот, односно да бидат сопственици на тимари – имот во вредност од 19 999 акчиња. Исто така, тие имале право да го пренесуваат правото на имот на своите наследници.5 Веројатно е дека токму на ова право се должи и останувањето во добра положба на поранешните жители од повисоките слоеви на Прилепското кралство, односно, граѓаните од блискиот круг на кралот Марко. Во тој контекст споменато е семејството Михајловци. Овој момент заслужува многу поголемо внимание и истражување за расветлување на континуитетот на движење на жителите и семејставата од градот Прилеп, пред и по турскиот период.

Од некрополата 19

          За жал, до денес многу моменти од историјата на Прилеп, особено од неговата историја за време на неговиот живот на старата локација, се недоволно разјаснети, без соодветна, барем, приближна реконструкција на настаните кои се случувале по турското освојување и животот во градот потоа. Проблемот на слабиот развој на археолошката наука и непримената на определени археолошки дисциплини, какви што се историската археологија, биоархеологијата и други, не дава можност за соодветно осознавање на значајни делови од историјата на овој град, но фактот дека на просторот на кој бил расположен градот и денес се среќаваат бројни културни остатоци со специфичности, кои се својствени за него и ретко можат да се сретнат на други локалитети. За турскиот период, особено се значајни пописните дефтери, во кои има голем број податоци за градот и околината, но тие допрва треба да бидат искористени.

Гробна јама, половично сочувана на карпа од долната периферија

          Ваквата состојба не се однесува само на средновековниот и турскиот период на градот Прилеп, туку и на постарите периоди од постоењето на Прилеп, за кои тие се најчесто конфузни, па дури и хаотични. Може да се каже дека сè што се знае за него од археолошките истражувања е стекнато повеќе случајно, при случајно пријавување на определени археолошки наоди од страна изведувачи на градежни зафати, како и на жители на Варош, кои при градежните активности на своите имоти доаѓале до нив. Определени систематски истражува­ња на населбата се правени во периодот од шеесеттите до деведесеттите години на претходниот век но, главно, со насока за расветлување на средно­вековниот период и со недоволно издржан однос кон наодите од постарите периоди.

          Независно од ваквата состојба на научното истражување на културата на градот, голем број културни остатоци на локалитетот на кој бил расположен, често фрапираат со својата форма и содржина, како и со културните белези, кои упатуваат на долга традиција и континуитет на живеење.

КУЛТУРА СО КОНТИНУИТЕТ ОД ПОВЕЌЕ МИЛЕНИУМИ

          Почнувајќи од подлабоката праисторија, односно, неолитот и, особено, енеолитот и бронзеното време, на просторот на стариот град се среќаваат завиден број културни содржини од повеќето следователни периоди. По завршувањето на Македонското кралство со римското освојување градот продолжил да се развива, според некои податоци, дури и позасилено. Иако не е потврдено дека градот во античко време се викал Керамиа, според некои антички пишани извори за него има извесно сознание дека дека од Римајните бил освоен во 170 г. п.н.е. Керамиа, односно, древниот Прилеп останал во Источното Римско Царство заедно со поширокиот простор на Балканскиот Полуостров. Традицијата на жителите на градот, исто така, продолжила без битно нарушување на континуитетот на културното живеење. Она што како материјална култура се создавала во тоа време само се надоврзувала и натрупувала над старата. Се разбира, некои елементи од неа добиваат и римски белег, посебно во архитектурата која била во подем токму во тоа време.

Поглед на делото од некрополата со гробниците од македонски тип

Долгиот континуитет на материјална и духовна култура чии остатоци во разни форми се присутни до денес, носи вистинска возбуда кај сериозниот набљудувач. Мистиката преку духот на древноста и силниот набој на енергија пронижена со длабоки чувства за просторот на кој опстојуваме се вистински ореол над ридот со древни остатоци од културата на стариот Прилеп, заедно со неговата околина која, исто така, е исполнета со мистерии од изминатите времиња кои, помалку или повеќе, биле пронижени со длабоки доживувања, често со трауматични настани. Духот на древноста зрачи од карпите на кои, и околу кои, се испреплетувале животот и смртта изразени преку трагите од некогашните живеалишта и големиот број гробови кои некогашните жители на овој град ги правеле за своите починати, веројатно, поттикнати од желбата да им направат што поубаво и трајно почивалиште во вечноста. Тоа е просторот кој ние денес имаме привилегија да го користиме, повеќе како подлога за духовно исполнување и осознавање и како длабоко културно доживување на претците, кои оставиле безброј пораки во разни форми, посебно на карпестите површини кои се и најпогодни за тоа со својата монолитност и долговечност. Иако не е најсоодветно да се каже, жителите на древната населба на Маркови Кули оставиле вистинска уметност од гробни комплекси по помалите и поголемите површини на карпите.

Една од сочуваните гробници од македонски тип

Големите површини на некои карпи кои и по самата форма посебно го привлеку­ваат вниманието, се чини, сосема смислено некогашните претци на овој простор ги исполнувале со мајсторски издлабени гробови подготвувајќи привлечен простор за вечно почивалиште на своите мртви. Таквите камени гробови ги има на целиот простор на Маркови Кули и често остануваат незабележани, но и немарно уништувани со кршење на карпите за градежен материјал и слични деструктивни активности. Имајќи предвид дека гробовите во камен се присутни сѐ до самите врвови на ридот, се чини дека животот и смртта на древ­ните жители постојано биле во испреплетување како елементи на единствено опстојување. Освен ваквото преплетување на двете најреспек­тивни спротивности од вселенското постоење, неизвесно е и времето на по­тек­лото на различните гробови од овој тип. Според досегашните архео­лош­ки сознанија кои не се посебно големи, ваквиот вид гробови се повр­зу­ваат со поголем период на време од антиката до средниот век.

Неколку гробни јами од повисокиот дел на некрополата

          Некрополите изработени на карпа се посебно забележливи од јужната страна на Маркови Кули, во пониските делови на ридот, како и на неговата средна висина. Тука се изработени цели комплекси од гробови во камен меѓу некои фасцинантни форми на карпи, како и на нив. Некои од карпите во посебни времиња, веројатно, претставувале своевидни култни објекти како што не е исклучено дека продолжиле да бидат исто третирани и со изработените и искористени гробови на нивната површина.

Неколку поголеми гробни јами

          Може да се каже дека целиот рид Маркови Кули, покрај тоа што бил простор исполнет со градби за живеење и други објекти поврзани со животот низ вековите и милениумите, претставува и простор на покојниците, целиот исполнет со гробни јами издлабени по површините на карпите,6 често скриени од окото на минувачите, на нивните највисоки делови поради обезбедувањето непречена врска на покојниците со небото. Сепак, на површината на ридот може да се констатираат голем број групи на гробови, помали и поголеми некрополи со разновидни особености.

НАЈЗАПОСТАВЕНАТА И НАЈГОЛЕМА НЕКРОПОЛА ОД СТАРИОТ ПРИЛЕП

          Можеби најнезабележаната, но убедливо најголемата некропола на локалитетот Маркови Кули е некрополата од источната страна на ридот, која е расположена на помалиот долг рид кој се протега во правецот југоисток – северозапад, покрај долот кој се спушта од превојот Зеленик, кој започнува од последните куќи на северозападната периферија на Прилеп и завршува на самиот превој. На превојот преку кој поминува патот кој води кон врвот на ридот и кој е засечен во голема карпа, се наоѓаат голем број гробови од двете страни на патот, а сосема е веројатно дека, токму на него егзистирала и црковна градба од која денес се забележуваат остатоци од градежен камен, малтер, тегули, фрагменти од живопис и слични наоди, кои можат да бидат само делови од таков објект.

Дел од некрополата со карпа со култни белези

          Некрополата започнува со гробниците кои им припаѓале на побогатите слоеви во градот, кои се наоѓаат веднаш над последните куќи и биле засечени во карпите, кои денес се во полураспадната состојба,7 па од неколку гробници од македонски (пелагонски) тип целосно се зачувани само 2-3, од окои една комплетно ја зачувала својата форма, додека другите, помалку или повеќе, се оштетени а, со оглед на трошноста на составот на карпите на тој дел, како и постојаната изложеност на разновидни оштетувања и понатаму се распаѓаат. На просторот на кој биле расположени овие гробници, составени од дромос (ходник) и две простории во карпа, се среќаваат и други обработени форми по карпите кои, веројатно, се остатоци од придружни објекти на некрополата. Веднаш над делот со аристократските гробници, се забележуваат и гробови во форма на корита засечени по површините на карпите кои се протегаат по ридот. Нивниот број е тешко да се идентификува бидејќи голем број од нив се делумно или целосно уништени со ерозија и други видови напади или се наоѓаат затрупани со земја, но сосема е сигурно дека се работи за стотици гробни јами и дека се работи за најголемата некропола на стариот град Прилеп. Уште повеќе, постарите автори запишале дека ова место со гробови се нарекувало „Гнилиште“8 и дека тоа се и последните гробишта кои му служеле на стариот град, се до турското завладување на градот, односно до неговото поместување на денешната положба.9 Всушност, ваквите информации наведуваат на тоа дека оваа некропола била активна до пред неколку векови, зашто христијаните продолжиле да живеат во стариот град и долго по турското освојување. Имено, на христијаните им било дозволено да се населуваат на денешната локација на градот, дури во XVII век, што значи дека до тоа време, стариот град бил многу понаселен, со поголемо христијанско жителство и некрополата им служела за нивните покојници.

Култната карпа со гробови

          Според преданието пренесувано од старите жители на Варош, стариот град во периодот пред доаѓањето на Турците на Балканот имал дури 12 000 семејства,1 што упатува на бројното жителство во стариот Прилеп. На значително жителство во овој град упатуваат и фактографски податоци, како фактот што во градот опстојувале и кралски и царски дворци, бил престолнина на кралство, располагал со голем број цркви, зафаќал голема површина на самиот рид и по неговите падини и околните површини, располагал со разновидни градби чии остатоци денес ги среќаваме во разни археолошки форми, особено големиот број елементи од мермер со богато украсување, со натписи и сл. По турското освојување, веројатно е дека дел од старото жителство се отселило и заминало на други места, но факт е дека градот продолжил со активно живеење на старата локација, па дури има податоци дека голем број дејности доживеале и засилен развој.

Рачка од керамички сад од просторот на некрополата

          Во отсуство на друга локација со поголема некропола, постарите автори упатуваат на тоа дека старите прилепчани, односно жителите на стариот град, своите покојници ги погребувале на гробиштата во „Гнилиште“. Фактот што во рамките на овие гробишта среќаваме аристократски гробници од македонски тип, кои потекнуваат од последните векови пред новиот милениум упатува на долг континуитет на користење на ова место за погребување кое, продолжило дури и до XIX век.10 Доколку е така, традицијата на погребување на гробиштата во „Гнилиште“ траела околу два милениуми. Во христијанскиот период на највисокиот дел на гробишатата, на превојот Зеленик била изградена црква, а уште една, според нашите откритија, се наоѓала во нивна близина, од јужната страна.11

 

1 Феридин Емеџен, Првите османлиски пописи на Марковиот град Прилеп, Кралот Марко во историјата и традицијата – прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на Кралот Марко, Прилеп 23 – 25 јуни 1995 година, Институт за старословенска култура, Прилеп 1997, 58.

2 Исто, 58, 59.

3 Исто, 59.

4 Исто.

5 Музафер Туфаи, Кралот Марко во некои турски извори, Кралот Марко во историјата и традицијата – …, 71, 72.

6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 55 – 60.

7 Исто, 51 – 55.

8 Георги Трајчев, Град Прилеп, Софија 1925, 21. Истиот автор, Миналото на град Прилеп, Софија 1925, 8.

9 Според Георги Трајчев, кој се повикува и на автори и патеписци кои поминале низ Прилеп пред неговото време, напоменува дека во услови на непостоење црква во градот на неговата локација христијаните се користеле со црквите во Варош, а дека првите христијански гробишта од градот се забележани во „Гнилиште“, каде христијаните од периферните маала од Прилеп ги погребувале своите покојници дури и во средината на 19 век. (Георги Трајчев, Град Прилеп, 20, 21.)

10 Георги Трајчев, Град Прилеп, 20, 21.

11 Тренчо Димитриоски, Остатоци од непозната црква во подножјето на Маркови Кули кај Прилеп на локалитетот „Жабата“ http://www.pelagon.mk/2019/05/09/%d0%be /