КУЛТОТ КОН СОНЦЕТО И „КУЛТОТ“ КОН БРУСАЛКАТА

До каде стигна човечкиот ум денес? На што се сведе духовноста на сеопштото човештво? Дали на нивото на една обична алатка наречена брусалка. Падна ли човештвото во овој тесен балкански простор, кои некои го нарекуваат Katena mundi (или „папокот“ на светот, или светска раскрсница, или раскрсница на културите) на испитот на елементарните човечки вредности? Лично сметам дека падна и дека тешко ќе се извлече од таа стапица, зашто верувајќи во моќта на брусалката, се соочува со моќта на сонцето!!! Ова, верувам, ќе биде разбрано симболично, не дневнополитички, политикански или етнополитички или тесногеографски.

По малку ми е непријатно што правам вакви груби корелации, па дури имам чувство дека учествувам во едно непримерно сквернавење. Имено, ќе се сложите дека нема никаква споредба меѓу сонцето, кое е единствен и божествен универзумски феномен и една алатка каква што е брусалката. Уште повеќе, кога таа, брусалката, онака дрско и безобразно се „топори“ пред неговата величественост, светост и вселенска надмоќ. Па зарем сонцето, кое е извор на животот во вселената да го споредуваме со една скромна, не, најскромна алатка?

Брусалка

Тоа, сонцето, верувам дека е првиот феномен кој го здогледале човечките очи од земјата и почнале да му се поклонуваат на неговата семоќ. Оттогаш, до денес тоа е вселенска големина на обожување, на восхит и страв, симбол на неизмерна моќ која човекот се трудел да ја присвои за себе, да ја добие неговата наклоност, за да добие дел од неговата моќ. Оттогаш го среќаваме во разновидни претстави по пештерите и карпите, по полињата и планинте, по долините, крај реките, по градбите на храмовите и живеалиштата, само поради верувањето дека тоа ја носи моќта на животот, ни ја дава силата на просветлувањето и успехот, дека ја разбива темнината пред нашите очи и ни го осветлува патот пред нас. Со неговиот симбол се одело во битка, на работа и на веселба, тоа давало поттик за радост и надеж во тага. Оној кој ја имал милоста на сонцето или богот на сонцето, ја имал и победата и успехот, надмоќта над другите. Такво било верувањето, такво третирањето, такви биле и жртвите кои му се принесувале, се со цел да се смилостиви и да ни ја даде неговата моќ на располагање, односно да ни го осветли патот до целта и до успехот, да ни подари топлина во душата, да го просветли нашиот ум, а со просветлувањето на умот да дојдеме до сознанието и вистината. До каде сме денес во сознанието и вистината? Токму основните особини – топлината и светлината – ја изградиле неговата моќ во човекот, неговото верување во ова небесно тело со недофатлива форма и моќ, диск кој зрачи светлина, кој воодушевува и плаши во исто време, зашто без него не се може, но преголемата блискот до него е непријатна и опасна за човекот и живите сужтества. Во таа верба и обожување човештвото создало недобројни дела за обичното опстојување на земјата, за полесното поднесување на животните предизвици, особено за естеткиот аспект на живеењето, за уметничкото творештво на човештвото, кое е поттикнато, токму од сончевата моќ и фасцинацијата од нејзината божествена димензија. Велам на творештвото на човештвото, зашто не постои човечко суштество на земјата, кое може да ги преброи, да ги опише и да ги осознае сите дела на земјата поттикнати од ова небесно тело.

Штит од Бонче, Прилепско – фрагмент 3

 Пред околу 3.500 години египетскиот фараон Аменхотеп (задоволството на Амон), во чест на неговата семоќ, сонцето, се прекрстил во Ехнатон (слуга на Сонцето), прогласувајќи еднобожна религија, односно прогласувајќи го сонцето за единствен бог и отфрлајќи ги сите други богови и божества како погрешни култови и верување. Токму Атон – претставен како сончев диск кој дава живот и е единствен бог на сѐ живо на земјата му „дал“ сила на овој фараон да победи во борбата со дотогашниот бог Амон во Египет кој, исто така, во лицето на Ра во себе го содржел епитетот на сонцето, а чии свештеници стекнале толкава моќ што имале сеопшто влијание во кралството.

Сончевата светлина и топлина, неговата творечке енергија – животодавна сила била обожавана во сите големи цивилизации, како Асиро-вавилонската, цивилизацијата на Маите, Инките и Ацтеките, медитеранската и римската, а на извесен начин, светлината и топлината, која е негова основна особина, се одразиле и во хрисатијанството и другите современи религии. Во сите нив, сонцето е на разчлични начини претставувано, често како сончев диск со зраци кои ги одразуваат неговите основни особини или во форма на човек како богот Аполон, или богот Митра, во форма на бик и голем број други форми кои ја симболизиорале неговата светлина, топлина, естетика и моќ.  Многу божества, покрај другите атрибути, неизоставно ја содржеле светлината и сонцето како нејзин основен извор.  А можело ли поинаку, кога светлината го осветлува патот, го просветлува умот, не води кон сознанието и вистината, ни ја осветлува целта кон иднината?

Штит од Бонче, Прилепско – фрагмент 2

Македонците во античкиот свет имале единствена, своја претстава на сонцето, своја стилизација на претставување на овој основен животодарен, божествено моќно (всушност, најмоќно) вселенско тело. Таквата македонска стилизација, однонсо таквиот начин на претставување на сонцето, на неговата сила и естетика, е присутна во поширокиот дел од светот. Присутна е и во областите кои ги населувале етникумите со македонски предзнак, кои се сметале за поклоници на сонцето. Грев ли е тоа или само култен третман, почит, на дародавецот на божествената моќ, на ова единствено небеско тело, кое и дава топлина ѝ светлина и го овозможува животот на земјата? Всушност, со ваквото обожување, третирање и претстава значи надоврзување и збогатување на општата земна слика на претставување и однос кон ова небеско тело. Тоа го претставува заемниот однос на целото човештво, заемните особини и заемните склоности кон севселенското како општа заемност.

До каде стигна човечкиот ум денес? На што се сведе духовноста на сеопштото човештво? Дали на нивото на една обична алатка наречена брусалка. Падна ли човештвото во овој тесен балкански простор, кои некои го нарекуваат Katena mundi или „папокот“ на светот, или светска раскрсница, или раскрсница на културите, на испитот на елементерните човечки вредности? Лично сметам дека падна и дека тешко ќе се извлече од таа стапица, зашто верувајќи во моќта на брусалката, се соочува со моќта на сонцето. Ова, верувам, ќе биде разбрано симболично, не дневнополитички, политикански или етнополитички или тесногеографски. Сепак, дојде ли време кога треба да бараме моќ од кутрата и невина брусалка? „Скраја да е“ – вели народната поговорка! Ќе градиме ли култ кон брусалката, поради нечија плиткоумност дека сончевиот диск е нечија сопственост, дека е привилегија на некаква каста, на некаков народ, на некакво племе, на некакви моќници, на некаква гола политика!!? Каков варваризам и бескрупулозно сквернавење на ова единствената моќ, едноземен дар и привилегија на сите земни и неземни суштества од неговата вселенска околина!?

Штит од Бонче, Прилепско – фрагмент 1

Да, „ништо премногу“, „се со мерка“, „ништо без мерка“ – вели прастарата мудрост, која не смееме да ја заборавиме, а секако дека сме ја занемариле. Брусалката, пак, не треба да заборавиме дека, иако скромен алат, има моќ на создавање, на обликување и просветлување на формите и материјалите и, таа за тоа е наменета, не за обезличување, за бришење. Како таква, секако дека заслужува и соодветна почит, зашто и таа има свое место, но не би ја ставил толку високо, особено не би се дрзнал да ја споредувам со сонцето. Ја посакува ли некој како свој, основен симбол? Ако доволно ја посакува и ќе ја добие! Не сакајќи!!!