ЗА УМЕТНИЦИТЕ „НЕРАБОТНИЦИ“, „МРЗИ“ – „ЧУДНИ ЛИЧНОСТИ“ ВО ПРИЛЕП

NOMINA SUNT ODIOSA (OVIDIUS) – ИМИЊАТА СЕ ОМРАЗЕНИ (ОВИДИЈ)

Примерот со еден мој пријател, денес пензионер, познат ликовен уметник, магистер по ликовна уметност и редок познавач на оваа област, кој беше вработен во главната институција за култура во Прилеп (која, за име на вистината, барем според мене, во ништо не се променила уште од подалечното време на социјализмот) никако не можам да го заборавам, зашто некои денешни примери постојано ме потсетуваат на него. Имено, тој имаше задача да ја организира ликовната дејност во институцијата, да врши нејзино презентирање и популаризирање, афирмација на автори и општа ликовна едукација. Кога ќе си ја вршеше својата работа, правејќи дизајни за печатениот материјал и договарајќи негово печатење во прилепските печатници, често (ако не и редовно) се случуваше извесни технички лица од истата институција, блиски до раководството, да појдат во печатницата и грубо да се замешаат во неговата работа, менувајќи го и дизајнот и целиот аранжман по нивно „стручно“ наоѓање!!? Слично постапуваа со него и во другите негови идеи и проекти, често фрустрирајќи го до крајни граници, иако беше необично скромен и смирен дух. Едноставно, го гледаа како „диво месо“, кое им го наметнал некој во „нивната“ институција, која тие „одлично“ знаат да ја водат и вакви магистри или слични на него не им се потребни. Е, со тоа не можев никако да се сложам ниту тогаш, речиси, не можев да се помирам, а и денес, „наивно“ стојам на страната на мојот пријател, иако со тоа ништо не можам да сменам, ниту за него, ниту за оние, кои така го третираа.

„Прилепско“ виножито

За жал, ниту денес не можам ништо да сменам и – поразен е фактот – речиси е неможно, како било да се влијае на општата закоравена состојба во целина, а во тој однос ниту на положбата на некои мои пријатели и сограѓани, кои со децении работат и творат, ја афримираат македонската уметност и култура кај нас и во светот, а се наоѓаат во исклучително деликатна социјална положба, на очиглед на главните фактори на власта, на директорите на „одговорните“ институции и установи, како и на целата прилепска јавност. Дури и ќе слушнете некој непријатен збор, како оној дека се работи за „неработници“, „мрзи“, „чудни личности“, па и многу полоши зборови, кои, овде не сакам да ги споменам. А да ги понудеа во некоја институција, која е соодветна на дејноста со која се занимаваат со децении? Ах, да, ќе ви речат дека се работи за несоодветно образование, несоодветна возраст, несоодветен карактер или слично на тоа. Ваму, голем број „соодветни“ цел живот на грбот на народниот буџет, се до пензија, па кога ќе погледнеш зад нив, речиси нема со што да се пофалат, освен со бесни седенки, летувања, екскурзии или слично на тоа! Некои, ни со тоа не можат да се пофалат, толку биле „стегнати“, „принципиелни“, „загрижени“ за народните пари, та ништо не излегло од вив. Нека им е на здравје, но друга е поентата. Како тоа се троши народниот буџет?

Прилепско сонце

Како е денес во Прилеп?

Сметам дека денес, определени состојби се исти или многу полоши и од времето на мојот пријател од почетокот на текстов!!! Експоненти на една или друга партија ги кројат културно-уметничките програми како знаат и умеат, во првоспоменатата иснтитуција, како и во другите од овие области, изнатрупаа курури, хигиеничари, техничари, секретарки и сличен кадар, а извесни вистински стручни лица, вистински творци, комплетно посветени на уметноста – на творештвото, афирмацијата и популаризацијата во Македонија и во светот крпат живот во понижувачка положба, без основни средства за живот на очиглед на стратезите на градскиот живот.

Од една изложба 2

Еден таков уметник, мој пријател (како и на многумина од вас), со триесетина самостојни изложби, учесник на околу 500 групни изложби во Македонија и светот, учесник на голем број колонии и слични манифестации во земјата и светот, добитник на бројни награди и признанија – особено надвор од Македонија, постојано активен, бекомпромисен во однос на ликовното творештво, градски херој (уште млад доби признание од Општината), ете го и денес во постојана макотрпна борба да преживее. За него не значи ништо да преживее со храна и други животни потреби – тоа му е одамна надминат момент и е последно на листата на неговите напори, туку да преживее во својот порив за создавање, да преживее со сопствените творечки идеи за ликовно произнесување, постојано актуелен во некои светски ликовни и културни средини, а во Прилеп, ете, не успева да биде „забележан“, да биде елементарно респектиран како човечко суштество, едноставно, „самиот си е виновен за својата положба“, „кој му е друг виновен“, „не сака да работи физичка работа во некоја од фирмите“, „не сака во Гентерм“, не сака во Шуберт“ и којзнае уште каде „не сака“, а којзнае и дали некој, воопшто, му понудил.

Од една изложба 3

И, види чудо! Тој, на очиглед на сите, пред нашите очи, успева творечки да преживее, па дури и да се наметне со своите разновидни креации – ликовни, па и скулпторски дела, стрип, минијатури и што уште не. Па, просто, да се запрашаш како успева во тоа, покрај еден куп „нафатирани“, самобендисани, напреганто-самоуверени стратези на општиот живот, па и културата и уметноста во оваа средина. Постојано во движење, постојано во творечка активност, создава дома, создава во други градови, во други земји, а ете, „не сака да работи“ додека бројни курири, хигиеничари, партиски послушници се „отепаа“ од работа во културата, често мислејќи во кој агол од бетонската зграда да се вденат. И, тоа е така со децении – за да нема забуни дека сакам некоја страна да нападнам, а друга да одбранам. (Овде, морам да им се извинам на неспоменатите по име, немам намера никого посебно да повредам, тоа се луѓе кои заслужуваат достоинствен живот, како и секое човечко суштество, но во интерес на објективноста на состојбата морам така да се произнесам). Ете, овој мој (и Ваш) пријател, одамна заборавил на елементарниот социјален статус, зашто е „несоодветен“ за средината во која твори, средината чиј дух го шири на сите светски меридијани. Денес, сосема предаден на творечкиот порив, внесен во желбата да го пресоздаде овој хаотичен свет, неуморно не потсетува на исконското и изворното, митолошкото, древно-мистичното и историско-културолошки потврденото, комбинирајќи го со современото и налудничаво, со современата технолошка мистика и психолошкиот хаос предизвикан од неа, со деструктивното и епидемиолошкото (како и пандемиолошкото). Ах, да, ќе заборавев – една самостојна изложба со впечатливи рамки, теми и мотиви, не толку одамна, нашиот пријател организираше и во првоспоменатата културна иснтитуција, но „факторите“, како од оваа институција, така и од другите институции не го удостоија ниту со една скромна посета, преќутно обележувајќи го настанот како некаква „опционистичка“ активност. Уф, не сакам да кажам тежок збор, не сакам да изустам грубост!!!

Од една изложба

Драстично лошиот третман е општа појава, па оди дотаму, та некои од „скромните“ се искористуваат и за лична корист – таква, која заслужва не лесна казна од трудовиот инспектор или од другите инспекции, но… . Еден друг мој пријател (а и Ваш), речиси, цел живот го одработи во сопствената професија, со хонорарно ангажирање, работејќи во проекти од високо културно значење, преживувајќи со хонорари од месец-два, работејќи за скромна дневница во текот на годината и, види чудо! Оставете, што дневницата е скромна, туку се шират „гласини“ дека не била комплетно негова!!?. Морал да ја дели со „давателот“ на работа, „привилегираниот“, „удостоениот“ негов колега и пријател!!? На најбескрупулозен начин, со земање добар дел од, и така, малата дневница, уценуван со „добри намери“ за повторно да биде повикан на хонорарна работа, како милостина, која колегата, ете, од „хумани“ причини му ја дава. И така, цел живот до повисока возраст, до социјална пензија. Колегата бил на висока функција, возел скапи автомобили и џипови (некои велат дека еден од џиповите си го купил со делот од дневницата на нашиот и негов пријател), а нашиот јунак, ете го, и денес постојано со творечки занес, создава наследство за нас и потомците, постојано наклонет на животните радости, со позитивен дух, простувачки настроен. Којзнае како му е на душата на „пријателот“!!! Можеби е во екстаза, можеби доживеал катарза, можеби се чувствува продуховено!!?

Avarum irritat, non satiat pecunia (Sirus) – алчниот парите го дразнат, не го смируваат (Сир)

Констатација: Така беше, така остана, а можеби и полошо да е!!? Што мислите Вие?

Важно е чумата да ја пропадиме!!!