ЕДНА ГОЛЕМА БИТКА НА ВОЈВОДАТА ХРИСТО ОКЛЕВ – ПОПЕТО КАЈ СЕЛОТО ЗАБРЧАНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Овие денови навршуваат 117 години од битката

Христо Оклев Попето потекнува од семејството Оклевци од Прилеп. Оклевци се сметаат за едно од постарите и поголеми прилепски семејства од кое произлегле голем број потомци кои го негувале патриотското чувство и ја поддржувале борбата за ослободување на Македонија.1 Христо Оклев, познат и како Христо или Ицко Оклевчето, е најистакнатата личност од ова семејство, еден од поактивните членови на ВМРО уште од почетокот на формирањето на оваа организација. Тој стекнал извесно образование и заедно со неговите лични карактеристики и способност, бил еден од најистакнатите личности на Организацијата во Прилеп.2 Неговата активност особено се зголемила по контактите кои ги остварил со големиот македонски револуционер Ѓорче Петров, по неговото заминување во Софија, како задграничен претставник на ВМРО, во март 1897 година.3 Во тоа време Христо Оклев се наоѓал во Бугарија како емигрант заедно со неговиот брат Јордан. Тој е меѓу младите и верни момчиња на Ѓорче Петров, во кои тој нашол силна поткрепа откако длабоко се разочарал во искреноста и подршката на бугарската влада, која ги следела неговите активности и прогласувајќи го за непожелен го интернирала од Софија, оставајќи го без средства за живот.4

Христо Оклев – Попето и Мирче Ацев

Како што го опишува околискиот војвода Петар Ацев, Христо Оклев Попето е карактерен човек, со убава црна брада и бело лице со вечна насмевка, со ведар дух и привлечен карактер.5 Освестен, смел борец за слобода, упорен и истраен, тој се истакнува со исклучително цврста волја и решителност, но и умешност во водењето на битките. До 1900 година Христо Оклев се наоѓал во Бугарија, а потоа се вклучил во четата на прилепскиот војвода Мирче Ацев.6 Оваа чета, всушност, била првата чета на прилепската организација на МРО. Со неа Христо Оклев учествувал во неколку битки против турските злосторници во прилепската околија. Оваа чета го ликвидирала полјакот Асан Суљо Пушка од селото Долнени, од кого прострадале многу луѓе од ова и околните села. Ликвидацијата се случила на 27 јули (стар стил) 1900 година.7 Две-три недели потоа четата му поставила заседа на Ферат Ружди бег од Охридско кај местото „Црници“ на патот Прилеп-Велес и го ликвидирала, а кон средината на септември ликвидирала и 8 турски катили од селото Чарлија, Битолско, во месноста „Скала“ на патот Прилеп-Витолиште.8 По неколкуте акции, четата се повлекла во Бугарија и при повторното враќање во Македонија во 1901 година, Христо Оклев не дошол со неа, туку останал во Бугарија каде продолжил со својата револуционерна дејност. Во извесна пресметка со врховистички елементи тој бил ранет со нож во раката и морал да ја лекува.9 Сѐ уште не доволно излекуван, пролетта 1902 година тој дошол во Прилепско и се вклучил во четата на Петар Ацев. Во оваа чета тој бил еден од најистакнатите комити, како личност со исклучителен карактер и нагласени духовни и физички особини.10 Не може да се каже дека во историските текстови можат да се најдат голем број податоци за овој познат прилепски војвода. Можат да се сретнат кратки споменувања поврзани со неговиот лик и нешто посодржајни описи на некои од неговите битки. За него особено позитивно се изразува прилепскиот војвода Петар Ацев во неговите сеќавања.11

ГОЛЕМАТА БИТКА КАЈ СЕЛОТО ЗАБРЧАНИ, ПРИЛЕПСКО

За битката кај селото Забрчани, кое се наоѓа на околу 15 км западно од Прилеп, која се случила помеѓу четата на Христо Оклев Попето, војвода од Прилеп, и 2.200 турски аскер, помогнат од башибозук од селото Десово, во историската литература има само нафрлена информација. Во семејството Апостоловци од Забрчани приказната за целата битка е жива и денес. За неа ни раскажуваат Атанас Апостолоски и неговиот чичко Алекса Апостолоски, изнесувајќ и интересни детали за целиот настан. Во неа учествувале и некои од нивните предци кои, исто така, биле борци против турското ропство.

Алекса Апостолоски и неговиот внук Атанас Апостолоски

Битката кај селото Забрчани, делумно, е опишана кај Георги Трајчев во неговата книга Град Прилеп. Во неа се вели дека на Голем Петок, на 6 април 1903 година самостојната чета на војводата Христо Оклев Попето, чиј реон се полските села во Прилепско, има битка кај селото Забрчани. Во неа паднале голем број Турци и коњот на нивниот водач (Миралај), а четата успеала да се провлече низ обрачот без загуби.12 Оваа битка аскерот го чинела големи загуби, не само во мртви и ранети, туку и огромни материјални загуби, поради што турската власт формирала комисија за утврдување на загубите и притоа се откриени кражби на муниција од страна на војниците за да ги продаваат на Револуционерната организација.13 Големиот успех кој го постигнала малата чета против далеку побројниот турски аскер е навистина зачудувачки. Во обидот да добиеме подетални информации за самата битка и за условите во кои се водела таа наидовме на интересни раскажувања на членови од семејството Апостоловци од селото Забрчани во чија куќа се наоѓале комитите пред битката и од чие семејство потекнуваат повеќе борци против турското ропство.

ЧЕТАТА НА ХРИСТО ОКЛЕВ НА КОНАК КАЈ АПОСТОЛОВЦИ ВО ЗАБРЧАНИ

 Според раскажувањето на Атанас Апостолоски од Прилеп, кој потекнува од селото Забрчани, а кому за настанот во ова село од 6-ти април 1903 година му раскажувал неговиот татко, четата на Христо Оклев Попето во Забрчани дошла пред стемнување, спроти Велики Петок на конак кај семејството Апостоловци. Во тоа време Апостоловци биле тројца браќа. Стојан, Јонче и Атанас. Нивниот татко Апостол бил на заточение во Анадолија поради комитска активност.

Другиот ден, на Велики Петок, комитите зеле да се средуваат. Ја чистеле облеката, се переле и сл. Најмалиот од браќата Апостоловци, Атанас требало да надгледува за да не ги изненади некој турски аскер или сл. Околу пладне Атанас вадејќи вода од бунарот забележал некој жител од селото, Глигор, како со магарето оди кон Прилеп преку местото Ричката. Магарето не сакало да оди и тој со сила го туркал. На Атанас му станало сомнително одењето на Глигор за Прилеп во ова време и му кажал на војводата. Гледај војводо, Глигор оди за Прилеп за да не предаде! Атанас бил доста млад и војводата Христо Оклев не го сфатил сериозно. Ајде бре мочко еден, те фатило страв – реагирал тој.

Селото Забрчани

Глигор, сепак, заминал во Прилеп и отишол право кај кајмакамот. Му кажал дека во куќата на Апостоловци во Забрчани има комити. Кајмакамот не бил расположен да организира потера со војска и му рекол на Глигора: Ајде, дајте им леб нека јадат и нека кршат глава да не правиме ујдурма сега на празникот! Глигор запнал да се организира потера и се заканил дека ако треба ќе оди дури кај валијата во Битола. Гревот нека биде на тебе – реагирал кајмакамот и го алармирал аскерот во Прилеп и Битола. Тргнала турска војска кон Забрчани. Нивниот број бил 2.200 души. Војската дошла откај селото Мраморани од јужната страна на Забрчани и го сардисала селото во кое се наоѓале комитите.

САРДИСАНИ НА „РИЧКАТА“ НАД ЗАБРЧАНИ

Стражар на комитите повторно им бил најмладиот од браќата Апостоловци, Атанас. Кога сонцето било на околу „два остена“ пред зајдување14 Атанас го забележал аскерот како доаѓа преку ритчето откај селото Мраморани. Војводата Христо Оклев повторно не сакал да го сфати сериозно и реагирал со зборовите бегај бре, тоа е сигурно само суварија, но кога излегол се уверил дека се работи за вистинска турска војска. Брзо им свикал на своите комити да ги земат само најнужните работи и колку што е можно побрзо да се искачат на ритчето кое е познато како Ричката од источната страна на Забрчани. По еден канал кој бил копан за заштита на нивите комитите брзо се повлекле на Ричката и фатиле позиција во една дупка околу еден помал камен, кој денес е искршен со активностте за изградба на резервоар за водоводот. Војводата Христо Оклев заповедал никој да не пука во празно и да се стрела само во месо затоа што комитите не изобилувале со муниција. Така и се постапувало.

Ритчето познато како „Ричката“ кај Забрчани

На раскажувањето на Атанас Апостолоски се надоврзува и неговиот чичко Алекса Апостолоски, кој денес има 90 години. Тој вели дека кон комитите прв тргнал некој од командантите на коњ-ајгар. Тој ги повел Турците со намера сите да ги испотепаат или заробат, но брзо бил погоден и паднал, а коњот влегол во говедата кои се наоѓале во близина и разбеснет почнал да скока и да клоца, па затоа и тој бил погоден и убиен.15

Се развила битка, но комитите храбро стрелале и секој куршум погодувал во целта, та Турците не смееле да се приближат до нивните позиции на ритчето. Не е познато колку турски војници паднале од стрелбата на комитите.16 Во секој случај успехот на аскерот сосема изостанал и покрај нивната бројност. Напротив тие доживеале тежок пораз со многу жртви.

БАШИБОЗУКОТ ОД ДЕСОВО, ОЏАТА И ЈАРЕТО

Кога турскиот аскер пристигнал во селото Забрчани и ги сардисал комитите на чело со војводата Христо Оклев, од селото Десово се задал многуброен турски башибозук со намера да му се придружи на аскерот и да го ограби христијанското население во селото. Во тоа време во Десово живеел оџата Синан познат како Десоецот, кој имал пророчка моќ и однапред ги предвидувал настаните. Тој на своите соселани муслимани им советувал да не одат во Забрчани зашто не можат да постигнат ништо против комитите со кои „бил самиот Св. Илија и ги штител“. – Ене, гледајте како едно бело јаре постојано потскокнува на ритчето околу комитите. Е тоа е св. Илија и никој ништо не им може на комитите – им рекол тој и уште додал дека еден од десовците (првиот во колоната) ќе биде убиен, а од комитите само еден ќе биде лесно ранет. Како што раскажуваат Атанас Апостолоски и неговиот чичко Алекса, кога комитите излегле на ритчето Ричката со нив навистина пошло и едно јаре од стадото на Апостоловци и цело време останало со нив. Десовците, сепак, тргнале кон Забрчани и кога стигнале до Мала Река, меѓу двете села, војводата Окле му рекол на еден од комитите да застане за да ја потпре на него пушката и да земе нишан, та пукнал и навистина паднал првиот во колоната на муслиманите од Десово. Тоа ги исплашило и тие се вратиле назад. Сепак, подоцна (откако комитите се повлекле) повторно дошле во селото и по кажувањето на Алекса Апостолоски сосема ги ограбиле христијаните во Забрчани. Им собрале „сито и решето“.

Селото Десово, општина Долнени

Битката траела до стемнување и не постигнувајќ и никаков успех Турците поставиле стражи околу ритчето и чекале да се раздени за да продолжат со напорите за ликвидирање на комитите. Околу полноќ војводата Христо Оклев Попето, кој добро зборувал турски јазик, им рекол на своите комити да соблечат неколку гуни и да ги остават на позицијата на која биле лоцирани и да го следат на извесно растојание. Тој храбро му се доближил на еден од турските стражари од североисточната страна на ритчето и му се обратил на турски јазик да оди понатаму зашто треба да се згусне стражата за да не им избегаат ѓаурите. Стражарот ништо не се посомневал и се поместил подалеку, а комитите го искористиле тоа и се провлекле низ стражата, повлекувајќи се низ атарот на Горно Село, кое се наоѓа на околу 5 километри источно од Забрчани, кон Златоврв и манастирот Трескавец и така без последици го напуштиле местото на битката оставајќи зад себе шеесетина мртви и ранети Турци.17 Утрото Турците испратиле еден жител на селото да појде до ритчето на местото каде што се наоѓале комитите. Кога пошол таму тој ги пронашол само неколкуте гуни оставени како мамка и дигајќи ги високо им свикал на Турците дека од комитите нема ни трага. Просто како да пропаднале во земјата. Успехот е несекојдневен и, речиси, неверојатен. Раскажувањето на Атанас Апостолоски и неговиот чичко Алекса Апостолоски ги надополнуваат сознанијата за овој голем успех на четата на војводата Христо Оклев Попето, кој неколку месеци подоцна немал таква среќа и трагично го завршува својот живот во битката кај Алинската Корија кај прилепското село Алинци, погоден од турски куршум во крстот на 8-ми јуни 1903 година. Со него загинуваат уште двајца храбри комити и денес сите тројца почиваат во гробиштата во селото Марул, Прилепско. Во истата битка е убиен и уште еден комита чиј гроб се наоѓа во селото Штавица.

Дел од „Ричката“ со врвот Залтоврв во позадина

Како што раскажува Атанас Апостолоски четата на Христо Оклев по битката кај Забрчани снабдувајќи се со храна во манастирот Св. Успение Богородичино, Трескавецзаминале за Мариово. Со нив цело време одело и јарето од Апостоловци кое ги придружувало и за време на битката. Некој од комитите се потокмил да го заколе, но војводата го спречил во тоа.

КОМИТИТЕ ОД СЕМЕЈСТВОТО АПОСТОЛОВЦИ

Доаѓањето на четата на Христо Оклев на конак кај семејството Апостоловци во селото Забрчани не било случајно. Како што раскажуваат Атанас Апостолоски и неговиот чичко Алекса од ова семејство потекнувале повеќе борци против турското ропство. Најпрво комита бил најстариот познат предок на Апостоловци, Апостол, кој им бил татко на тројцата браќа Јонче, Стојан и Атанас, споменати на почетокот на овој текст. Тој за таквата активност бил фатен од Турците и испратен на заточение дури во Анадолија. Таму одлежал 5 години и дури потоа бил пуштен да се врати во Македонија. Судбината, сепак, не му одредила да се врати во својот дом. Уште по патот за дома тој разбрал дека неговиот син Стојан, кој, исто така, бил комита бил убиен и се снабдил со пушка и повторно влегол во некоја од македонските чети за да продолжи со борбата против турскиот поробител. Не се знае каде загинал, но дома не се вратил жив.

Полето меѓу селата Забрчани и Горно Село со Златоврв

Споменатиот Стојан, син на Апостол од Забрчани според раскажувањето на Атанас бил убиен некаде во Мариово, кај Чаниште, а чичкото Алекса Апостолоски тврди дека тој бил убиен кај селото Дуње. Познато е дека во близина на ова село се воделе неколку битки пред и по Илинденското востание и сосема е можно некој од загинатите комити да бил токму комитата Стојан Апостолоски од Забрчани. Посебно во битката која се случила на 14 август (стар стил) 1903 година меѓу селата Дуње, Вепрчани и Беловодица во Мариово, во која загинале дури 22 комити. Алекса Апостолоски раскажува и некој случај на фаќање на Стојан во селото Забрчани и негово мачење од Турците, по што тој заминал со комитите. Во секој случај ова семејство е поврзано со борбата против турското ропство во која дало и повеќе жртви.

Гробот на Христо Оклев – Попето и двајца комити во селото Марул, Прилепско

[1] Киро Пунтески, Потеклото и животот на татко ми Јордан Пунтески, Извадок од раскажувањето за Ристо (Ицко) Оклевчето од Прилеп, Скопје, 29 ноември 1968, 1.

2 Петар Ацев, Прилепската револуциона околија пред востанието, ИЛУСТРАЦИА ИЛИНДЕН, книга 5 (125), Софија 1941, 7.

3 Исто.

4 Петар Ацев, Прилепската револуциона …, 7.

5 Исто.

6 Киро Пунтески, Потеклото и животот на …, 2.

7 Киро Пунтески, Потеклото и животот на …, 2.

8 Исто, 2.

9 Исто, 2.

10 Исто, 3. Петар Ацев, Прилепската револуциона …, 7.

11 Петар Ацев, Прилепската револуциона …, 7, 8.

12 Георги Трајчев, Град Прилеп историски, географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 237. (Во книгата на Трајчев, на стр. 237 погрешно е наведен месец јуни, додека на стр. 236 е наведен точниот датум на битката 6 април, 1903 година.)

Според еден извештај од српскиот генерален конзул во Битола, Мих. Г. Ристиќ од 21 април 1903 година, датумот на битката во Забрчани е 4 април. (Види: Извештаи од 1903 година на српските консули, митрополити и училишни инспектори во Македонија, редакција и коментар Љубен Лапе, ИНИ, Скопје 1954, 194.)

13 Г. Трајчев, Град Прилеп, 237. Љубен Лапе, Извештаи од 1903 година на српските …, 195.

(На српскиот генерален конзул не му било познато какви резултати се постигнати со формираната комисија на турската власт по повод настанот во селото Забрчани. Тој наведува дека постојаното спасување на четите Портата ја предизвикало тоа да го реши со единство во командувањето. Пред некој ден (нешто пред 21 април 1903 година, з. м.) Али Риза паша е поставен за командант на војската во Битолскиот Вилает.

Овие денови три генералштабни офицери одеа по околината на Прилеп проучувајќи и снимајќи ја положбата.

(Трајчев наведува дека во битката кај Забрчани загинале или биле ранети 60 Турци. Види: Г. Трајчев, Град Прилеп, Табела на битки до востанието, 236.)

14 Дека опколувањето на селото Забрчани се случило попладне дознаваме и од споменатиот извештај на српскиот генерален конзул во Битола Мих. Г. Ристиќ, во кој се вели: Четата беше опколена на 3 овој месец во 10 часот по турски попладне.“ (Види: Љ. Лапе, Извештаи од 1903 година на српските…, 195.)

15 Ова раскажување на Алекса Апостолоски на некој начин се совпаѓа со пишувањето кај Георги Трајчев за коњот на турскиот старешина (Миралај). (Види во меѓунаслов: Големата битка кај селото Забрчани, општина Долнени – втор пасус, ред 4, 5 и 6)

16 Според Трајчев биле убиени или ранети 60 турски војници. (Види: Г. Трајчев, Град Прилеп, 236.)

Во споменатиот извештај на српскиот конзул Мих. Г. Ристиќ се вели: Од Прилеп беше испратена пешадија и коњица на која и се придружи и башибозук. Во судирот на страната  на војската и башибозукот имаше мртви и ранети, и, како и секогаш до сега и оваа чета успеа да побегне.“ (Види: Љ. Лапе, Извештаи од 1903 година на српските…, 194, 195.)

17 Интересно е дека е слично и раскажувањето за битката на други постари личности од прилепскиот крај, кое е пренесено во книгата Жива историја од авторот Томе Велјановски. (Види: Томе Велјановски, Жива историја – раскажување за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места, КИДЦМ „Калеш Анѓа“, с. Крушевица, Прилеп 2004, 91.)