ПО МИТОЛОШКОТО И ИСТОРИСКОТО МИНАТО НА МАКЕДОНИЈА: ТРАГИ ОД НАСЕЛБА СО КОНТИНУИТЕТ ОД НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ГОДИНИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „РИДОТ“ КАЈ СЕЛОТО МАЖУЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Ако нешто е чудно, тоа е близината на археолошкиот локалитет кај селото Мажучиште, Прилепско, познат како „Ридот“ кој содржи архелошки остатоци од праисторијата, како и од антиката,1 а сепак, до скоро беше непознат за офици­јал­ната археологија, а официјално и денес не е во т.н. „зона на заштита“. Тоа од своја страна значи дека не е обезбеден од уништување, кое на некој начин му се случува со отворањето рудник за гранит на неговата северна страна. Co ископите на горните земни површини за да се дојде до гранитот се откриваат културни слоеви и до неколку метри во кои се наоѓаат разни керамички фрагменти и други наоди од времето на постоењето на населбата на овој простор. Токму поради отворањето на рудникот, како и на една медумска кампања, која ја инициравме во тоа време,2 беше направена и енда сонда на највисокиот дел на локалитетот, која доведе до малку посериозни сознанија за културните содржини кои ги поседува, како и за нивното значење. Всушност, со овој мал археолошки зафат само се „допреа“ времињата кои ги содржи во себе овој локалитет. Од сондата излегоа голем број археолошки предмети, фрагменти од керамички садови, тегули, монети, култни предмети и слични наоди,3 кои го зголемуваат љубопитството кај заинтересираните за културата на овој простор, но натамошна археолошка активност, сепак не проследи. Дури и при отворањето на споменатата сонда е откриена и градба која, поради недостиг на финансиски средства, не била доистражена.4

Мапа од „Ридот“

Нашите сознанија, сепак, се многу повеќе резултат од личното проследување на површината на овој локалитет, документирање на појавите на теренот, по површините на карпите од врвот и околината, како и на појавите од деструктивна природа, како при вршењето на експлоатацијата на гранитот, така и при активностите на непознати трагачи по скриени богатства и археолошки материјал. Со ваквите деструктивни активности на површина излегле разновидни културни предмети, главно фрагменти од керамички садови, фигури од керамика, фрагменти од орудија од кремен и камен, куќен лепеж, тегули, па и остатоци од ѕидови од некогашните градби. Може да се каже дека со експлоатацијата на гранитот раскопани се околу 1/3 од локалитетот и со тоа уништени значајни културни слоеви. Тоа особено важи за североисточниот дел, веднаш под највисокиот дел од „Ридот“, на кој се среќава плато од неколку стотици м2.  

Мапа од „Ридот“ 2

Според остатоците од темели, највисокиот дел на „Ридот“ бил утврден со широк ѕид кој заградувал површина од 2–3 ха. Освен највисокиот дел на „Ридот“, во рамките на локалитетот влегуваат и помали и поголеми земни тераси од двете страни – источната и западната, како и една поголема земна површина од северната страна. Керамиката која може да се најде на неговата површина укажува на енеолитот, бронзеното и железното време, како и античкиот период сѐ до 1 век п.н.е.5 што упатува на многу долг период, односно, неколку илјади години на користење на овој локалитет за населување и живеење. Трагите на праисторијата можат да се најдат и во нивите од северната страна на „Ридот“ во форма на камени орудија или нивни фрагменти, орудија од кремен, фрагменти од керамички садови и сл. На горниот дел на локалитетот, на површината која била утврдена со широк ѕид во античкиот период се наоѓаат различни траги од времето на егзистенцијата на населбата. Освен фрагменти од керамички садови, покривна керамика и печени тули, по големиот број карпи се среќаваат разни длабени и делкани форми, како мали кружни јами или извесни помали и поголеми садови и објекти работени исклучиво во карпа. Големиот број мали кружни јами на некои карпести површини навистина е тешко да се објаснат, иако се присутни на голем број локалитети од прилепскиот крај и пошироко. Дали се работи за некакви скици, планови или пораки од древните жители на овој простор? Сосема е веројатно дека претставуваат своевидна симболика, која може да се сретне на повеќе локалитети со слична култура.

Остатоци од истражуваните градби на врвот

Градбата која е откриена при сондажното ископување покажа дека на истото место имало повеќе градбени фази, од праисторијата до раната антика. Според извесни наоди на опожарени предмети и пепел, археолозите констатираат дека праисториската градба, веројатно, била опожарена.6

Остатоци од истражуваните градби на врвот 2

Од различните форми на ритчето кои посебно го привлекуваат вниманието се некои делови од карпите кои се обликувани од природата или со помош на човечка интервенција. Меѓу нив една камена порта обликувана од три поголеми гранитни монолити поставена на карпеста површина зрачи со посебна естетика.7 Таа е се наоѓа на самиот раб на горната површина на ридот од југоисточната страна на околу 5 м југоисточно од највисокиот дел. Освен природната форма на карпите од кои е составена оваа „порта“, на карпестата површина на која е поставена конструкцијата се забележуваат рамнети форми и повеќе кружни јами за поставување на столбови од некогашните градби, очигледно работени од човечка рака. Дали оваа конструкција претставувала своевиден објект со одредена намена тешко е да се каже, но неговата денешна форма и естетика асоцоцираат на тоа. Посебно се забележува дека делот на влезот и излезот од портата, односно преминот, кој има насока исток – запад, има правилна хоризонтална површина. Дали „портата“ служела за вистинско преминување во некој дел на древна просторија или можеби е објект кој служел за изведување на извесни култно=религиски обреди? Се разбира тешко е да се потврди ваква теза, освен со фактот дека на поширокиот простор има траги од населби од повеќе времиња. Така, освен од антиката археолошките траги покажуваат дека на овој простор постоела населба и во подлабокото време, односно енеолитот, бронзениот и железниот период. Тоа, од своја страна, не води на претпоставката дека ваквите грамадни конструкции како споменатата порта водат потекло од некои од периодите кога грамадните конструкции се многу почеста појава. Тоа од археологијата е иманентно на извесни периоди од праисторијата кога среќаваме некои навистина тешко објасниви објекти градени или делкани од грамадни камени блокови. Портата од локалитетот кај Мажучиште по својата форма е доста груба конструкција со артикулирана форма која предизвикува на размислување. Освен овој објект привлечни се и формите на карпите од северозападната страна на највисокиот дел на ритчето кои се исправени карпи со мазни делови што упатува на нивното приспособување кон одредени градби и конструкции. Некои од нив, исто така, формираат конструкции кои потсетуваат на поголеми грамадни порти, но без покрив.8 Во нивна близина има карпи со рамнети површини и тераси и, според некои придружни делкани објекти како скали и слично тие, исто така, биле дел од некоја просторија која била во објект надграден над карпата. Разновидни форми од обработка, особено се среќаваат на карпите од самиот врв, каде се соочуваме со голем број правоаголни форми, долги каналести форми, симболика од мали кружни јами и сл. Сосема е сигурно дека карпите од врвот биле дел од градбите кои егзистирале на тој простор во праисторискиот или античкиот период, односно, биле вклопувани и користени при архитектонските зафати. Во близина на карпестиот врв се наоѓа и сондата, која ја отворија археолозите од Заводот и Музеј – Прилеп, под раководство на археологот Александар Миткоски. Токму околу врвот, односно на неговите падини нагласено е присуството на археолошки материјал, особено керамика и камени орудија. Ерхеолошкиот материјал е измешан и потекнува од сите погореспоменати периоди.

Деструкцијата од експлоатацијата

АНТИЧКА НАСЕЛБА CO ТВРДИНА

Фактот дека археолошките траги упатуваат на населба на локалитетот „Ридот“ кај Мажучиште со долг континуитет од праисториското време до антиката укажува на можноста од вистинска практична или култна експлоатација на споменатите објекти во форма на грамадни порти кои се наоѓаат на неговиот простор. Ha просторот на ридот од неговата горна страна и на терасите под највисокиот дел егзистирала и античка населба со тврдина чии остатоци веќе ги споменавме. Тврдината која заградува неколку хектари површина го заобиколува врвот на ридот, како и големата рамна површина од неговата северозападна страна и уште една поголема рамнина од југозападната страна. На двете рамнини, веројатно, постоеле и други објекти од кои можат да се забележат ретки траги во форма на раскопани камења од градби или остатоци од печени тули и тегули, имбрекси и друга керамика. Остатоци од градби во рамките на тврдината се среќаваат и на највисокиот дел на ридот каде што, исто така, има голем број длабени форми кои служеле за поставување бондруци и греди. Меѓу нив се среќаваат поголеми количества керамика која упатува на античкиот период кога, исто така, егзистирала населба на ридот. Освен тоа се забележуваат и траги од темели, како и извесни количества камен.

„Камени порти“ на северната страна

При ископувањето на врвот од ридот, пронајдени се мноштво интересни предмети од различни периоди, како разновидни фрагменти од керамички садови од праисторијата,9 така и наоди од антиката.10 Еден висулец од бронза, кој потекнува од групата македонски бронзи и се датира во VII – VI век п.н.е.11 е дел од култните предмети пронајдени во сондата на врвот од локалитетот. Предметите со впечатлива симболика и предметите од култна природа се особено интересни. Меѓу нив вниманието го привелкува и еден мал приврзок во форма на двојна секира – лабрис, кој културата од локалитетот „Ридот“ ја поврзува со критско – минојската и микенската култура, каде вакви предмети се честа појава.12 Инаку, лабрисот од „Ридот“ кај селото Мажучиште, според симболиката, археолозите го поврзуваат со слични наоди од културата во „Требениште“ и го датираат во 5 век п.н.е.13 Слично се датира и една широколентеста белегзија од бронза, која е пронајдена во истата сонда.14

Остатоци од истражуваните градби на врвот 2

Од македонскиот период потекнуваат бројни садови од типот кантарос, скифос и други форми, со боена керамика и релативно тенки ѕидови, кои го потврдуваат континуитетот на населбата се до I век п.н.е.15

Посебно внимание привлекува еден керамички предмет со правоаголна форма на кој се среќаваат два натписа и украсување со врежани линии. На предната страна се среќава натпис со името ΔΙΟΝΥ-CΟC, на задната страна ΡC-ΙΜΤC, а другите две страни се украсени со линарни форми. На едниот крај од предметот има украсување со 6 кружни длабнатинки, а другиот е откршен и се смета дека имал кружен отвор.16

Остатоци од куќен лепеж и керамика во земјен профил на местото на експлоатација 2

Од другите наоди се споменуваат две фибули од „малоазиски“ тип17 и две монети од времето на македонскиот крал Филип V (221 – 179 п.н.е.). на овие монети, на аверсот е претставен кралот Персеј (179 -168), синот на Филип V, а на реверсот има претстава на орел со раширени крилја поставен на рало, односно, молња.18

Од културните траги по површината на теренот, на големата тераса од југозападната страна на ридот, посебно внимание привлекува еден помал објект изработен во карпата од долниот раб на рамнината на една ниска карпа која е дел од грамадните карпи кои се спуштаат надолу со поголема височина.

Малото корито со кружна форма со околните површини 2

Објектот се состои од еден кружно издлабен сад со пречник од околу 40 cm и со делкани и израмнети форми од двете негови страни. Садот во средината е релативно квалитетно обработен со длабочина од околу 15 см и со мал одвод од предната страна19 преку кој веројатно истекувала некаква течност. Тоа упатува на претпоставка дека објектот бил користен за цедење некаков сок, служел за некаква култна активност или, едноставно, бил сад за практична намена. Веројатно се наоѓал во рамките на некоја градба чија конструкција била надградена над карпата. На површините на карпата во близина на објектот се забележуваат и други длабени форми, посебно мали кружни јами за кои е тешко да се каже каква намена имале.

Малото корито со кружна форма со околните површини

„Ридот“над селото Мажучиште се наоѓа во рамките на поширокиот простор околу големиот врв Златоврв, околу кого се распоредени бројни локалитети со тврдини. Сите тие имаат многу блиска просторна и визуелна комуникација што упатува на претпоставката дека во периодот на нивното егзистирање како активни населби граделе специфичен населбен комплекс кој, на извесен начин, имал заедничка општествено–територијална, религиска и културна основа во рамките на поширока политичка заедница. На тоа упатуваат и археолошките податоци кои говорат за постоење населби во слични периоди на повеќето од нив. Во тој населбен комплекс спаѓаат поголем број населби на кои егзистирале и помали или поголеми тврдини. Меѓу нив се Маркови Кули со античката населба Керамиа, Трескавец со античката населба Колобаиса, потоа тврдината Марков Ѕид кај т.н. Стогови над селото Прилепец, Баба–Кукул во близина на селото Дабница, Градиште над Дабница, Градиште кај Преслап од јужната страна на Златоврв, Сурун кај Горно Село и други помали локалитети во поширокиот простор на Пелагонија и нејзиниот раб. Интересно е што на повеќето споменати локалитети распоредени околу древното светилиште на Златоврв се регистрирани остатоци од населби од повеќе периоди почнувајќи од праисторијата, преку антиката, до средниот век. Посебно место зазема античкиот период кога населбите доживеале своевиден процут, посебно во периодот на развиениот македонски империјализам кога македонските кралеви изградиле цела зона на заштита од северните племиња. Просторот на кој се наоѓаат споменатите локалитети спаѓа токму во еден дел на таа зона на што можеби се должи големиот број тврдини со блиска просторна и визуелна комуникација за евентуално олеснување на меѓусебната соработка поврзана со одбранбените активности.

Врвот со утврдувањето од запад

Локалитетот кај Мажучиште има посебна комуникација со Маркови Кули, Марков Ѕид кај Прилепец, Баба–Кукул, Трескавец, Градиште кај Дабница и Грамаѓе кај Преслап од кој е оддалечен само 1–2 km. Самиот простор помеѓу овие локалитети, исто така, е исполнет со различни содржини од древните времиња, меѓу кои и посебни градби поврзани со имотите на одделни сопственици како што се т.н. Villi rustiki и сл. Можно е сите споменати населби со тврдини во некои од периодите на антиката да припаѓале на исти територијални и политички заедници сѐ до нивното припојување кон територијата на македонската држава во времето на Филип II. За густината на населбите кои ги спомнавме не треба посебно да се говори ако се знае дека сите тие се наоѓаат во простор со пречник од десетина до петнаесет километри.

Корито издлабено во карпа од северната страна 2

Во околината на селото Мажучиште се пронајдени и други културни остатоци од антиката. Co овој период се поврзуваат и посебните објекти во камен, кои служеле за правење вино – винарници составени од две корита поврзани со посебен отвор низ кој се цедел сокот од грозјето. Такви објекти има на повеќе места во околината на селото. Еден таков објект се наоѓа токму над селото, а во негова близина пред влезот во селото по карпите од десната страна на асфалтниот пат се среќаваат уште неколку слични објекти длабени во камен. Самите површини на карпите располагаат со голем број длабени или рамнети форми со поголеми или помали димензии што покажува дека биле користени за одредени намени. Објекти за правење вино има и на просторот помеѓу локалитетот кај Мажучиште и Градиште кај Преслап. На овој простор има и други остатоци како што се керамиката и една мала тумба во близина на првиот локалитет на која има и гробови цисти што може да упатува на праисторијата или поточно, железното време кога се правеле посебни некрополи во форма на помали или поголеми тумби – тумули со кружно распоредени гробови. За локалитетот кај Мажучиште е врзано и едно старо предание кое посебно упатува на блискиот локалитет на „Ридот“, познат како „Песјо Брдце“. Според преданието, во некое древно време во Варош фатила чума која безмилосно го сотирала населението сто. За да се спасат од чумата жителите на Варош избегале на ридот кој денес се вика „Песјо Брдце“ или „Песјобрце“, кој се наоѓа во близина на „Ридот“ од неговата јужна страна. За жал, чумата и тука ги пронашла претворена во пес и повторно направила пустош сеејќи смрт.20 Токму заради тоа, овој рид го носи и денешното име. Иако преданието има непознато потекло, што се однесува до неговата историска подлога, тоа на извесен начин упатува на некој заеднички настан кој им се случува на двете места. Чумата може да биде само некоја персонифицирана форма на некој настан со деструктивни последици за древната населба на просторот на Варош. Може да се претпостави дека се работи за некој настан поврзан со големиот број напади кои ги трпеле населбите од овој простор, меѓу другото и во антиката, кога биле чести нападите на племињата од север, но и во подоцнежните периоди кога имало многу војни и ограбувачки напади. Ова, сепак, е обид да се направи врската меѓу духовните и материјалните творби со кои се среќаваме денес, а кои, во секој случај, имаат меѓусебна врска зашто материјалното случување најчесто е подлога за духовните создавања.

ДАЛИ КАЈ МАЖУЧИШТЕ СЕ КРИЕ ГОЛЕМА АНТИЧКА НАСЕЛБА?

Ако се има предвид дека на просторот на Мажучиште има голем број археолошки траги, посебно од антиката, може да се претпостави дека населбата која имала своја тврдина на „Ридот“ од северната страна на селото продолжувала со своите градби и во подножјето каде што денес се наоѓа селото. На тоа упатуваат и регистрираните наоди на овој простор, но и некои раскажувања за слични археолошки наоди кои се однесени во непознат правец во подалечни и поблиски времиња. Некои раскажувања упатуваат на настан што се случил во времето пред Втората светска војна, при градењето на железничката пруга за Скопје. До нас допираат само непотврдени информации дека во близина на пругата кај градбата на станицата под селото се пронајдени, или собрани на тоа место, голем број мермерни споменици што ги собирал некој од раководителите кој, наводно имал руско потекло. Co првиот воз тие биле натоварени и однесени некаде на север. Некои од раскажу­ва­чите пренесуваат дека меѓу спомениците имало голем број скулптури од мермер што, од своја страна, упатува на некоја позначајна и побогата населба од антиката. Дека во нивите под селото се наоѓаат поголеми садови од керамика и остатоци од темели од некакви градби потврдуваат повеќе жители на Мажучиште кои имаат свои ниви на тој простор. Неколку објекти од камена пластика, односно од камени мермер, денес можат да се видат и во кругот на селската црква, межу кои има фрагменти од столбови, основи од столбови, плочи со интересен релјеф и слични објекти, кои потврдуваат за постоењето на извесна престижна градба во античкиот период, ножеби дел од извесен храм и сл.

Делот на експлоатација

Дека културните споменици од антиката во минатиот век не биле посебно заштитени говори и фактот што на регистрираниот локалитет во селото познат како Тумба, по Втората светска војна му се случило вистинско уништување. Тој е повеќепати раскопуван и уништуван со тешки машини кои го расчистувале теренот за градба. Првиот пат тоа се случува при подготовката на терен за изградба на Задружниот дом, кога биле разнесени остатоци од стара црковна градба посветена на св. Атанасие со мермерни сполии од антиката.21 Освен ѕидовите од градбата биле разорени и гробовите од една некропола која се наоѓала пред црквата на просторот на денешното фудбалско игралиште кое е рамнето во пред неколку децении. Co ваквите активности, пред силната механизација, биле туркани и вистински културни споменици на кои се наоѓале и релјефи или натписи како што е една мермерна ара извадена пред неколку години од каналот што минува покрај игралиштето,22 исто така, при расчистување со тешка механизација. Во самиот канал и денес можат да се забележат некои блокови или плочи од мермер, кои тука се нашле при расчистувањето на површинските слоеви полни со археолошките остатоци. Меѓу наодите се споменува и една фигура на лав за која не можевме да добиеме посигурна потврда.

Делот на експлоатација 2

Сите досегашни наоди упатуваат на претпоставката дека на просторот на Мажучиште постоела некоја позначајна и богата населба чие постоење може да се потврди само со соодветни археолошки истражувања кои засега отсуствуваат. Наодите за кои станува збор на овој локалитет се, главно, случајно пронајдени при други активности во селото, главно, деструктивни за културата која ја поседува овој простор. Овде треба да се нагласи и фактот дека на овој простор често се споменуваат и наоди на монети од античкиот период што е уште една потврда за постоењето на античката населба. За нас се познати наодите на монети, односно, една монета од македонскиот крал Касандар (316 – 297 п.н.е.), како и еден бронзен сестерциј од времето на Октавијан Август.23  Тие се дополнителен аргумент, кој потекнува од времето на античката населба кај селото Мажучиште.

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ

Праисторија

 

1 Александар Миткоски – Душко Темелкоски, Локалитетот Ридот кај селото Мажучиште, Macedoniae acta arheologica бр. 21 – Скопје 2008 – 2010, 174.

2 Под влијание на кампањата за заштита на културните содржини на локалитетот, особено по објавувањето во медиумите, во 2000 година беше направена увидна група од Заводот и Музеј – Прилеп, беше посетен локалитетот и беа утврдени наоди од праисторискиот период, односно, беа пронајдени фрагменти од праисториска керамика, фрагменти од камени орудија и сл.

3 А. Миткоски – Д. Темелкоски, Локалитетот Ридот кај селото Мажучиште,… 173 – 195.

4 Исто, 174.

5 Исто, 185.

6 Исто, 174.

7 Тренчо Димитриоски, Фасцинантна камена порта на археолошкиот локалитет „Ридот“ кај селото Мажучиште, Прилепско, http://www.pelagon.mk/2018/11/11/.

8 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 187, 188.

9 А. Миткоски – Д. Темелкоски, Локалитетот Ридот кај селото Мажучиште,…, 179 – 182.

10 Исто, 183 – 185 и 191 – 195.

11 Исто, 180,181.

12 Исто, 181,182.

13 Исто.

14 Исто, 182. – Овој предмет се датира на крајот на VI век. п.н.е.

15 Исто, 183 – 185.

16 Исто, 184

17 Исто, 184.

18 Исто, 185.

19 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 189.

20 Исто, 191.

21 Круме Кепески, Ара од Мажучиште, МАА, бр. 15, 195 – 201.

22 Исто.

23 Жан Црнески, Јубилејна монета на Октавијан Август од Мажучиште, Прилеп, Македонско наследство 1, Скопје, 79-81. А. Миткоски – Д. Темелкоски, Локалитетот Ридот кај селото Мажучиште,…, 185.