ЛЕГЕНДАРНИОТ ПРИЛЕПСКИ ВОЈВОДА СПИРО ЦРНЕ И ТУРСКИОТ РАЗБОЈНИК ЧУЧУК СУЛЕЈМАН

139 години од загинувањето

Просторот на Тројачката котлина, наречен Прекурид, расположен меѓу Прилеп и Велес, изобилува со настани од историското минато на македонскиот народ, што се случувале во различните времиња. Тоа, особено, важи за времето на турското ропство кога во овој крај се одиграле голем број комитски битки, погубувања и масакри.

Со својата конфигурација, полна со помали и поголеми планини, шуми и долови, овој простор давал можност за дејство на незадоволниците и, помалку или повеќе, организираните ајдучки и комитски чети што преземале различни акции во турско време. Од друга страна, пак, не се малку ниту насилниците Турци, пред чии зулуми турската власт често замижувала. Тие вршеле насилства од секаков вид врз сиромашното македонско население. Еден од нив е Чучук Сулејман кој, како голем злосторник, се јавил во втората половина на 19 век и, меѓу другото, се движел и во овој крај, водејќи со него цела чета помагачи во неговите злодела. Тој собирал данок од сите прилепски села, вршел потурчување, силувал, тепал и сл. Неговите насилства биле толку зачестени што прилепчани, од градот и селата, не можеле повеќе да ги трпат. За овој познат насилник во документите на централниот државен историски архив во Софија, меѓу другото, е запишано: На 25 авг. некојси Стефан од Прилеп беше убиен од Ќучук Сулејман. На 28 9/вр. доаѓаат во селото Долнени, Прилепска кааза, познатите злодејци Ќучук Сулејман, Дауд, Арапче и Хусеин, ги собираат селаните на едно место и им наредуваат да им ги платат месечните на своите падари. Селаните, меѓутоа, им одговараат дека имаат само еден што е признат од власта, на когошто веќе му платиле. Но селаните уште не беа свршиле да зборуваат и гореречените Турци разјарени пукнуваат врз нив неколку пушки и го убиваат некојси Велјан и смртно ги рануваат Здравета Кочовски, Стоја Груевски и Стојана Димовски. Селаните се пожалија кај властите, но јузбашијата ги испади.“1

Прилеп пред повеќе од еден век (1910)

Трепението кај народот сосема се изгубило кога овој разбојник го фатил свештеникот Цеко од Прилеп кога се враќал од Прекуридско, каде вршел служба, и го посрамотил и измалтретирал. Попот, по таквото малтретирање, не можел да живее и починал од срам и тага.2 Марко Цепенков, во една негова белешка за овој настан, пишува дека по враќањето дома попот Цеко им раскажал на своите блиски и роднини што му се случило и притоа додава: Многу се оскрбија не само тие, ами целиот град, мало и големо и сите го колнеа проклетио Ќучук Сулејмана. По некој ден си умре измаченио поп Цеко и си остаи децата сиромашки и попадјата вдојца.“3 По ваквото насилничко дело на Сулејман членовите на прилепската општина решиле да го ликвидираат. Во неа тогаш биле прилепчаните: попот Аврамија, О. Биолчев, Иван Сарџов, Диме Коров, хаџи Мирче Бомболов, Димшо х. Илиев, Хаџи Пано, Кузман х. Илиев, Никола Крапчев, Ракиџиев и уште двајца.4 По предлог на хаџи Мирче Бомболов било решено најпрвин да се испрати протест до Високата Порта во Цариград, но и покрај тоа што протестот бил со печат од општината и потпишан од нејзините членови, сепак, оттаму не следел никаков одговор. Убиствата и зулумите што ги правел Чучук Сулејман не престанале, а на состанокот на општинарите Диме Коров доставил и цел список за убиства извршени од Турци над христијани.5 Затоа, по предлог на Диме Коров, бил направен список на момчиња од градот кои би биле можни извршители на ликвидирањето на силникот Чучук Сулејман. Во списокот биле наброени следниве лица: Спиро Црне, Димо Дедото и неговиот брат, Коне Павлев, Ничо Роканов, Спиро Тенекиџијата, Тале Јаглика, Ицко Бале и уште четворица други.6 Тоа биле, во најголем број, момчиња кои имале чести судири со турските момчиња и предизвикувале низа тепачки во маалата, наречени џенгови. Поради тоа тие биле често гонети од власта, па морале и да се кријат на различни места, а во тоа им помагале и некои угледни градски луѓе. Општинарите решиле да вооружат група за ликвидирање на бандата на Чучук Сулејман, собрале повеќе берданки и друго вооружување, што го имале кај себе, организирале собирање пари и сл. За реакцијата на групата прилепчани, по убиството на поп Цеко, Марко Цепенков пишува: На таа жал од граѓаните, се собраа некојси од побестрашливите на едно скришно место и го викнаа Спиро Црнета, та го молија да го обружаат и да се здружи со неколцина и да му појди на Ќучук Сулејмана, да го убие и крвта на поп Цека да му ја врати. Спиро војвода на часо се обружа со една пушка капаклија и појде во с. Царевиќ при старио си пријател јунак Ѓорѓија Лажо, му однесе здраво живо од пријатели што го обружаа и до него го пратија. Едно слушање Ѓорѓија тоа нешто и на часо му тргнаа по траго на Ќучук Сулејмана.“7

Диме Коров – еден од организаторите на четата на Спиро Црне
Поп Аврамија

Диме Коров веднаш порачал 12 комплети комитски облеки кај прилепските терзии. Дел од облеките биле префрлени во селото Извор, Велешко, кај Димитрија анџијата за да служат како резерва, а останатото од нив заедно со пушките било складирано во куќата на Коне Роканов, каде што имало услови за тоа. Турците се посомневале дека нешто се крие во таа куќа и испратиле полиција да провери. Поради тоа, жената на Коне Роканов, Фота, се престорила во болна и легнала на легло кое било направено од пушките и комитската облека и кога влегле Турците во собата таа силно офкала и врескала, што ги одвратило од натамошно претресување.8

СПИРО ЦРНЕ

Се чини дека Чучук Сулејман најмногу зулуми правел по селата од Прекурид, како што се: Тројаци, Царевиќ, Смолани, Дрен, Радобил и др. Имајќи желба да купи чифлик, тој фрлил голем данок по овие села за да го исплати чифликот, меѓу кои и на Големо Радобил на кое му наложил да му исплатат исклучително голем данок. Поради тоа, поп Иван Радобилски се пожалил на својот колега, поп Аврамија, за насилието на Чучук Сулејман и барал совет од него како да постапат во одбраната од насилствата. Поп Аврамија го упатил кај Диме Коров. Една вечер поп Иван и неговиот брат Димитрија од Радобил дошле во куќата на Диме Коров на кого му ги раскажале маките што ги трпеле од Чучук Сулејман, а тој им кажал дека веќе е формирана чета од прилепчани, која работи на ликвидацијата на овој крвник, но им рекол ова да го чуваат во голема тајност.9 Како човек на кој можат да му се доверат и кого го сметале за способен и доверлив за извршувањето на задачата, го избрале Спиро Црнев Големџиоски, познат како Спиро Црне или само Црне Војвода, кој бил роден во селото Дабница, а работел кај неговиот роднина Хаџи Пано. Додека дење работел во дуќанот, ноќе тој се дружел со повеќе младинци кои се занимавале и со нелегална активност, главно, дробење и продавање тутун. Меѓу нив биле Рокановци, Сучковци и др. Оваа група, која била мошне немирна, еден ден го ранила со кама едно момче од Бешировци, по што власта им влегла во трагата и ги уапсила. Меѓу нив е и Спиро Црнев кој по кратко време е ослободен, а неговите другари се задржани. Набрзо потоа Спиро пред црквата претепал едно Турче, кое се осилило носејќи пиштоли во појасот и станало многу неподносливо со своите постапки.10 Тоа му го отежнало останувањето во градот на Спиро Црне и се засолнил кај Петре Коњарчето и уште еден член од поранешната дружина на Диме Шикев од 1979 година. Со нив тој продолжил да се занимава со шверц на тутун, па бил ранет во еден судир со турски бошибозук, по што се повлекол на имотот на неговиот роднина Хаџи Пано во Мало Коњари, каде останал додека не се излечи. Токму овде го затекнал прилепчанецот Диме Коров и му ја доверил планираната акција за ликвидација на Чучук Сулејман. Во организираната чета влегле следните комити: Спиро Црнев, Ангеле Мијајлев, Ристе Сурлев, Андреја Башиноселецот, Стефан Попадинчето, Ѓорѓија Лажот, Илија од селото Мало Радобил, Јосиф Марковчето и Ицко Бале од Прилеп.11 Четата дала заклетва дека ќе се бори за народното дело пред свештеникот поп Аврамиа (Аврам Попгеоргиев), била снабдена со комитска облека, која им ја сошил Јован Кајкар, се вооружила во куќата на Рокановци каде што бил складот со пушките и облеката, кои му биле доверени на Коне Роканов, и заминала во областа Прекурид, зад Плетварско.12

ЗАГИНУВАЊЕТО НА ЧУЧУК СУЛЕЈМАН

Групата најпрво стигнала кај радобилскиот поп Иван, а таму се договориле како да го следат движењето на Чучук Сулејман со намера да му организираат заседа на некое место погодно за таква акција. Откако научиле дека Чучук Сулејман бил на собир во селото Гудјаково во Мариово, дошле до заклучок дека најдобро место за заседа ќе биде локалитетот Пештера“13, што се наоѓа над селото Дрен и каде што води пат преку превојот Србиново за селата Гудјаково и Галиште во Мариово. Тука и денес има дабова шума и карпи и, според кажувањето на поранешни жители на (денес испустеното) село Дрен тоа е местото каде, што според раскажувањето на современиците на овој настан, бил убиен Чучук Сулејман, заедно со целата негова придружба.

Над селото Дрен – кон местото на битката

Откако фатиле позиции крај патот, каде што требало да помине Сулејман со придружбата, по претходен договор биле пропуштени слободно да поминат двајца Арнаути, кои оделе напред. По нив се движел Чучук Сулејман и кога се доближил до местото на заседата во него стрелале Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот заедно, а другите од комитската чета пукале во останатите разбојници. Сите разбојници биле погодени и убиени од пушките на другарите на Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот. Единствено Чучук Сулејман не бил убиен, ами само ранет во десната рака. Како што запишал Георги Трајчев во својата книга Град Прилеп”, Чучук Сулејман се спротивставувал со карадачки револвер. Спиро скокнал со јатаганот да му ја отсече главата, а овој пукнал со револверот по него. Куршумот на Чучук Сулејман одлетал напразно, а тој потоа бил сосема обезоружан и пред да биде конечно убиен грозно бил измачуван. Трајчев пишува дека му биле отсечени најпрво прстите, па рацете и бил исечен на парчиња што биле закачени по гранките на дрвјата.14 Овој настан се случил летото 1880 г. Според Никола Киров Мајски, настанот се одиграл на празникот Илинден во 1880 година.15

Од селото Гудјаково

Според предание што се пренесува меѓу жителите од Прекурид, па и пошироко во Прилепско, комитите од четата на Спиро Црне, ранетиот Чучук Сулејман го измачувале на друг начин. Имено, тие го терале, јавнат од некој од комитите, да се искачува угоре по планината, сѐ додека не паднал сосема изнемоштен. Во секој случај по настанот се

случило вистинско славење меѓу Македонците од Прилепско каде што убиениот турски разбојник правел различни насилства, и по своите злодела бил нашироко познат.16

На Илинден 1880 година Ќучук Сулејман бил обезглавен. Селото веднаш ја разбрало радосната вест. Заради тој случај селаните и граѓаните испиле многу вино и ракија, а таа веселба тогаш траела три дена!…“17

Кон местото на битката

Четата на Спиро Црне не завршила со својата комитска активност со оваа акција. Таа и потоа направила повеќе слични акции во кои што биле убиени двајца стражари на патот за Битола, го убиле Турчинот, познат како Квачка, кај куќата на Алавантиовци во Прилеп, двајца полјаци и едно Турче. Ова не можело да остане незабележано од страна на Турците, кои се подготвувале да извршат колеж во градот. Ваквата намера била откриена од страна на прилепчани и тие ги затвориле чаршијата и училиштето. Комитите од четата на Спиро Црне веќе не смееле да останат во градот и затоа требало да заминат на побезбедно место. Во градската општина била донесена одлука да се поддржат семејствата на комитите, посебно нивните деца, кои требало да посетуваат училиште.18

СПИРО ЦРНЕ НЕ БИЛ РАЗБОЈНИК

 Активноста на четата на Спиро Црне од некакви причини предизвикала кај турската власт сомневање дека таа има врски со битолскиот трговец Димитар Ризов. Бидејќи ваквото сомневање можело да предизвика реперкусии по работата и по животот на овој трговец, тој смислено објавил писмо во весникот Зорница“ во кое што Спиро Црне го нарекува разбојник.19 Тоа, се разбира, дошло до ушите на Спиро Црне и при едно случајно слегување во анот, што се наоѓал на патот Прилеп-Градско кај селото Ракле, Спиро Црне со четата во него затекнал поголема група трговци кои патувале за Солун. Во групата, покрај другите трговци (Јосиф Д. Петрев, Јован Шабанов, Пере Мурџев, хаџи Георги х. Ристев, Ташко Врета), се наоѓал и погореспоменатиот трговец од Битола, Димитар Ризов. Само што го забележал Спиро Црне скокнал да го заколе трговецот и така да му се одмазди за навредата во весникот. Притоа на трговецот скокнале да му помогнат присутните во анот и откако се смирила ситуацијата му објасниле на Спиро Црне од кои причини Ризов објавил такво писмо во весникот. По таквото објаснување следело простување, а Спиро ги натерал трговците да му ги покажат сите пари што ги носеле за да тргуваат во Солун. Му ги собрал парите, неколку илјади лири, но повторно им ги вратил, докажувајќи им дека тој не е разбојник, туку борец против ропската неправда што им била наметната на Македонците од турските поробувачи. Тој ги замолил трговците да му купат од Солун револвер, бинокл, часовник и ќостек.20

Димитар Ризов

По овој случај Спиро Црне крај истиот пат убил еден Турчин од Тиквешко и телото му го обесил на еден орев кај воденицата во селото Ракле, поради што биле организирани силни турски потери од Тиквеш и Прилеп за да ги гонат комитите. Притоа е фатен курирот на четата, Иге Гусев, од селото Ракле кој, по тешкото мачење, ги открил засолништата во кои што се кријат комитите, како и лицата со кои тие контактираат. Тоа довело до голема афера, при што биле уапсени голем број луѓе од Прилеп и околните села. Од Прилеп биле уапсени: поп Аврамија, Јосе Д. Петров, Ристе Топало, Јован Кајкар (кројач) и Диме Коров. Уапсените биле осудени на по 101 година затвор. Јован Кајкар и Диме Коров успеале да избегаат во Бугарија, а другите уапсени биле испратени на заточение на островот Родос, заедно со селаните: Диме Кулев и Трајко Чалвов од Големо Радобил, Димитрија чорбаџијата, поп Боше, поп Темелко и Филип од Мало Радобил, поп Димитрија од Никодин, Јосе Стојанов, Иге Личов и Мице Кимовски од Тројаци, Кузман од Ракле, двајца од селото Беловодица и Јоше Колар од Царевиќ. На Родос заточените останале три години, а потоа биле пуштени. Прилепчаните Мирче Бомболов, Диме Биолчев и Никола Крапчев одлежале 6-7 месеци во Битола и биле пуштени со голем откуп, а имотот на Диме Коров, кој успеал да избега пред апсењето, му бил конфискуван и вратен по многу години, по застапувањето на еден дипломат во Цариград.21

Селската чешма во селото Гудјаково, Прилепско

Од 14 април 1881 година постои една молба, потпишана од 65 души, меѓу кои на чело се имињата на Спиро Црневиќ, Ѓорѓија Лажовиќ, Михаило Чакре, Анѓеле Стевановиќ и Диме Шиќе од Прилепската нахија. Молбата од Врање е испратена до Милош Милоевиќ, голем активист на српската пропаганда во Македонија, поранешен командант на Моравско-добричкиот и Рашко-ибарскиот доброволечки‡усташки кор, на Третиот студенички баталјон и поранешен командант на Тежевско-ибарскиот усташки кор. Со оваа молба македонските емигранти во Врање го молат Милош Милоевиќ да издејствува од кралот и српската влада да им дадат „бар“ 1000 пушки острагуши со „потребном и одгаварајучом количином муниције“ за да можат да ги употребат во погоден момент, да им се дозволи преминување на границата во двата правца и на чело на 65 емигранти подготвени за борба да се стави самиот Милош Милоевиќ. Во писмото, покрај другото, се „потврдува“ „искреното“ српство на потпишаните и нивната „верност“ кон српскиот крал и Српското кралство.22 Меѓу другото, ова писмо потврдува дека Спиро Црне, заедно со голем број свои истомисленици се обидувал да дојде до потребното оружје и материјали, како и друга поддршка за да ја продолжи својата ајдутска активност во Македонија.

Селото Дрен денес

Зимата Спиро Црне ја поминал во Србија и пролетта во 1881 година тој повторно формирал дружина заедно со Диме Шикев, по што тргнуваат за Прилепско, но биле предадени од игуменот на манастирот Св. Отец“23 и во организираната турска потера на преминот на турската граница Спиро Црне бил убиен. Според извештајот на Милош Милоевиќ, кој е испратен до српскиот министер, само три дена по испраќањето на молбата на македонските емигранти во Врање, Спиро Црне на 19 април 1881 година со 15 свои луѓе ја преминал границата кај манастирот Св. Прохор Пчињски“ и погоре од манастирот седнале да се одморат и да ручаат. Така седнати ненадејно ги нападнале стражари – низами и отвориле оган на нив. Од стрелбата загинале Спиро Црне, Јован Шишко и уште едно момче, а другите се разбегале кој каде што нашол. Од турските стражари – низами загинале шестмина, а други шестмина биле ранети.24 Како што истакнува Милоевиќ во својот извештај до српската влада, токму кога еден од низамите дошол до ранетиот Спиро за да му ја отсече главата, овој, и ранет, посегнал, го грабнал низамот за јаболчницата, та му ја откорнал, од што овој умрел на самото место.25 Диме Шике успеал да се спаси и се вратил во Србија каде што и умрел во градот Врање. Мртвото тело на Спиро Црне било донесено и изложено за пример во Куманово. Милош Милоевиќ во својот извештај објаснува дека главите на Спиро Црне, Јован Шишко и третото убиено момче кај манастирот Св. Прохор Пчињски“, со нивните црвеним срмали јелецима, горњим хаљинама и сатовима“, ги држеле набиени на колје 4-5 дена поради покажување пред жителите во Куманово, а зад ушите на отсечените глави им ставиле по една цигара.26 Според Милоевиќ, Спиро Црне со својата дружина тргнал преку границата од Србија за Македонија за да го казни предавникот во Прилеп, кој ги предал четворицата комити, а меѓу кои бил и неговиот другар Диме Чакре, но тие биле убиени од турската полиција во куќата на Кондовци во Прилеп. Така завршила комитската активност на овој познат прилепчанец кој, како и многумина од времето на турското ропство, се решил да не го прифаќа туѓиот режим и првата можност што му се укажала за тоа ја искористил за да му се спротивстави на свој начин. Немајќи организирана сила која што ваквите групи би ги ставила под контрола и би ги организирала за поширока акција за ослободување, тие завршвале слично како и комитската дружина на Спиро Црне, но на свој начин укажувале на потребата од организирана борба за отфрлање на ропството и добивање заслужена слобода и независност.

Селото Дрен денес 3

Во некои пишани документи изнесените податоци за дејствувањето на Спиро Црне ги поместуваат годините на неговата активност. На пример кај Димитар Ризов се изнесени податоци дека Спиро Црне, когошто тој го нарекува македонски Ханибал“, формирал чета веднаш по завршувањето на Руско-турската војна (1876-1878) и веќе во 1879 год. тој имал своја чета што е и првата формирана чета во Прилепско. Д. Ризов тврди дека и самиот тој го сретнал овој познат војвода во текот на летото 1883 година, и дека во 1882 година Спиро Црне сеел паника меѓу турското население во Прилепско.27 Турските мајки ги плашеле своите деца со Црне војвода, кој само во летото 1882 година ликвидирал 30-40 Турци на просторот на кој што се движел, а што според Ризов не бил мал и ги опфаќал Тиквеш, Мариово, Крушевско, Кичевско, Велешко и Прилепско. Поради неговата неуловливост Турците го нарекле шејтан ону тутмаз“. Димитар Ризов сметал дека Спиро Црне имал намера да собере поголема дружина и затоа барал од српската влада 1000 пушки со соодветно количество муниција за да го нападне Прилеп и да ги исколе сите таму Турци“. За таа цел, според Ризов, Црне му ја доверил четата на својот другар Диме Чакрев, а тој отишол во Врање да собере дружина, но на враќање предавничка душа беше ја предизвестила турската погранична власт и на патот околу Куманово тој бидува нападнат од силна потера и како што велат бил убиен откако скастрил неколку глави“.28 Раскажувањето на Димитар Ризов не се разликува многу од погореизнесените факти, но неговото наведување на годините во кои што дејствувал Спиро Црне, како и годината на неговото загинување се поместени, односно не се прецизно дадени, зашто (како што се знае) Спиро Црне загинал во 1881 година.

Дабница, Прилепско – местото на кое се наоѓала куќата на Големџиовци

Дека Спиро Црне не бил сметан за разбојник од народот во Македонија потврдува и Марко Цепенков, кој истакнува: Од тоа јунаштво што напраи Спиро Црне многу се профали по Прилепско, Тиквешко и Велешко по рисјаните, а голем страф зададе на Турците. Од тој ден Спиро Црне дома не се вратил, дури и крвта си ја тури бранејќи и браќата и сестрите од Турците. Спироата чета одеше по селата

многу чесно и никакво зло не напраи на некои рисјани, нито на чесен Турчин.“29

Марко Цепенков

Народот, кој е сведок на сите настани во неговото заокружување и на свој начин ги анализира постапките на своите сонародници и современици, испеал и песна посветена на Спиро Црне и неговата дружина. Во неа е опеано јуначкото дело на Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот, односно убиството на Чучук Сулејман и неговата разбојничка дружина. Така јунаците се овековечени и на најсоодветен начин им е изразена благодарност за нивната самопожртвуваност во борбата против насилниците, а во неа е искажана и големата желба за слобода што тлеела во срцето на целиот македонски народ. Песната ја запишал нашиот голем собирач на народното творештво, Марко Цепенков кој, всушност, бил и современик на споменатите настани и личности за кои таа е испеана.

Методи Кусев

 

 

 

 

 

 

 

1 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите на Диме Чакре, Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот и драмите „Прилепски светци“ и „Црне Војвода“, Мариово и Меглен низ историјата, зборник, материјали од научниот собир одржан од 24 – 26 ноември 1995 година во Прилеп и Витолиште, Друштво за организирање на Мариовско‡мегленски културни средби, Прилеп – Скопје, 2000, белешка 5, 234.

2 Георги Траѝчевь, Градь Прилеп, 205.

Дружината на Чучук Сулејман му набила кол во анусот на поп Цеко и му се испоганиле во неговата шапка. Настанот го опишува и Марко Цепенков, кој е и современик на неговото случување. (Види: коментари од д-р Блаже Ристовски, Марко Цепенков, книга 10, Материјали литературни творби, Македонска книга, Скопје 1972, 387.)

3 Марко Цепенков, Народни песни, 133; Блаже Ристовски, коментари во десетомното издание на Марко Цепенков, книга десетта, Материјали литературни творби, Македонска книга, Скопје 1972, 388.

4 Исто.

5 Исто.

6 Георги Траѝчевь, Градь Прилеп, 206.

Според Марко Цепенков, во дружината на Спиро Црне влегувале: Спиро Црне, Ангеле Миајлев (војвода), Ристе Сурлев (Беле), Андрија Башиноселец, Ѓорѓија Лажо од с. Царевиќ, Илија од Мало Радобил, Јосиф од Мориово и друзи.“ М. Цепенков, Народни песни, Редактирал Кирил Пенушлиски, Скопје 1989, кн. I, 136. Ристо Поплазаров, Текстовите на Марко Цепенков за некои македоонски војводи, Симпозиум посветен на животот и делото на Марко Цепенков, МАНУ, ДНУ – Прилеп, Скопје 1981, белешка 6, 194.

7 Марко Цепенков, Народни песни, 133; Блаже Ристовски, коментари во десеттомното издание на Марко Цепенков, книга десетта, 388.

8 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 207.

9 Исто.

10 Исто, 208. За настанот со претепаното Турче Марко Цепенков, во своите белешки, пишува: Пред да излези Спиро Црне по Ќучук Сулејмана да го тепа, беше се степал со едно Турче кај Црковно Маало. Турчето беше обружано со еден чифт пиштоли, а Црне му и грабна од појас и му и врли во калта и си вати напреку. Од тој себеп Спиро се стори качак, чунки Турчино го вати асам и му бараше колајо да го отепа.“ (Види: Марко Цепенков, Народни песни, 133.) Воислав Јаќоски, Драмата на Цепенков „Црне Војвода“ и народната песна за Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот, Симпозиум посветен на животот и делото на Марко Цепенков, 101.

11 Исто, 208. Стефан АврамовÍ, Револуционите борби во Азот и Поречието, СофиÔ 1929, 25.

12 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 207. Светозар Тошев, По крвав пат документална повест за Пере Тошев, Издателство „Христо Г. Данов“, Пловдив 1969.

Куќата на Рокановци, со широк двор, плевна, слами и сл., била со големи можности за криење илегални средства и таа била користена за тоа и подоцна. Освен споменатите Коне и Фота од Рокановци, во историската литература се среќава и Ничо Роканов, чија револуционерна дејност е поврзана со предилинденскиот период, околу 1884-1888 година. Ничо Рокан бил посредник меѓу четите што се движеле околу Прилеп и градот. Набавувал храна, оружје, облека и други потребни материјали за четите. Подоцна неговиот легален престој во Прилеп станал невозможен за него и излегол в планина, каде останал три години. (Види: Албум-алманах „Македонија“, Софија 1931, Објаснителен текст на илустрациите, оддел IX, 61.)

Спиро Црне образувал чета и излегол да го гони со неа Чучук Сулејман на 19.04.1879 година. (Види: Љубен Лапе, Историската тематика во творештвото на Марко Цепенков, Симпозиум посветен на Марко Цепенков, 125 – од објавената хроника на настани во Прилеп од авторот Илија Иванов во Прилепски летописци, Весник „Прилеп“ пред 100 години.)

13 Според една белешка на Марко Цепенков објавена заедно со песните за Спиро Црне и Ѓорѓија Лажо, местото во кое што бил убиен Чучук Сулејман се викало „Рамна Бука“. Блаже Ристовски, коментари, Марко Цепенков, десетта книга, 388. Љубен Лапе, Историската тематика во творештвото на Марко Цепенков, Симпозиум, 116.

14 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 208.

Дека Чучук Сулејман бил измачуван истакнува и Марко Цепенков: Тамо, вамо, го начекаа кај Рамна Бука и го удрија, та го отепаа и го исекоа на четири череци.“ Блаже Ристовски, коментари, Марко Цепенков, книга десетта, 388.

15 Никола Киров Мајски, Епопејата на Крушево, НУ Историски музеј – Крушево, Крушево 2009, 171.

16 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 208.

17 Никола Киров Мајски, Епопејата …, 171.

18 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 208.

19 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 210.

20 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 210.

21 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 210.

22 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите на Диме Чакре, Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот и драмите „Прилепски светци“ и „Црне Војвода“, Мариово и Меглен низ историјата, зборник, Прилеп – Скопје 2000, 231, 232.

Според Климе Џамбазовски, во „пограничното гратче Врање се присобрале стотина емигранти“. Тие во почетокот на 1881 година испратиле молба до српскиот кнез Милан, потпишана од 63 души, со која барале да им бидат подарени 1000 пушки острагуши со потребна муниција за да се вратат во Македонија и да ја продолжат борбата против Турците. (Види: д-р Климе Џамбазовски, За некои национални македонистички тенденции на македонската емиграција во Србија кон крајот на XIX век, Гласник на ИНИ, бр. 2, Скопје 1961, 165 – 167.)

23 Г. Траѝчевь, Градь Прилеп, 211.

24 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите на Диме Чакре, Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот и драмите „Прилепски светци“ и „Црне Војвода“, Мариово и Меглен низ историјата, зборник, 232.

25 Б. Ристовски, Марко Цепенков за подвизите… , 232.

26 Исто.

27 Исто, 232, 233.

28 Исто, 233.

29 Марко Цепенков, Народни песни, кн. I, 133, 134. Љубен Лапе, Историската тематика …, 116.