ПО ТРАГИТЕ НА МИТОЛОШКОТО ВРЕМЕ НА МАКЕДОНИЈА – ФАСЦИНАНТНИОТ ЛОКАЛИТЕТ „ЌУЛАВИТЕ“ СО ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА КУЛТУРА, ВО БЛИЗИНА НА РАСИМБЕГОВ МОСТ

Посетувајќи поголем број локалитети по течението на Црна Река (античкиот Еригон) и соочувајќи се со исклучителниот природен амбиент, кој асоцира на бурните времиња на создавањето на планетата Земја и на оформувањето на релјефот не можеме, а да не помислиме на митолошкото време, времето на предисторијата и мистичната култура која се создавала во тоа време. Асоцијацијата оди дотаму, што може да се помисли дека токму овде, во овој фасцинантен природен амбиент на искуклени карпи од вулканско потекло – дело на жешкото превривање на земјата и бурното пресоздавање на просторот се создавала и самата митологија, митолошките приказни и преданија и религиските верувања и идеологии. Ваквата помисла се добива, особено, кога ќе се соочиме со присуството и престојот на праисториските претци, токму во местата со најразигран простор, на најистакнатите места во необичен амбиент од геолошки форми, кои со својата природна естетика и мистичниот изглед фасцинираат и денес и внесуваат особена возбуда кај посетителот.

„Ќулавите“ со Црна Река

На самиот брег на Црна Река, на нејзиниот десен брег и десно од патот Прилеп–Витолиште, на простор со исклучителен природен амбиент скриен меѓу високи карпи со искуклени врвови, се наоѓаат остатоци на уште една праисториска населба, која е констатирана и при рекогносцирањето извршено во 2001 година од Заводот и Музеј од Прилеп.1 Самиот простор меѓу споменатите карпи е природно заштитен од воздушните струења, но и погледот од околните места, така што, се чини дека тој не е случајно избран од некогашните жители на населбата која егзистирала во него. Денес на површината на рамнината, но и меѓу карпите се наоѓаат значителни количества фрагменти од помали и поголеми керамички садови, питоси и сл. Според специфичните форми и обележја на фрагментите од керамички садови, се чини дека населбата егзистирала во железното време, односно околу VIII и IX век пред н.е., но има индиции дека на овој локалитет имало присуство и во претходниот – бронзениот период. Таа е само уште еден „експонат“ на богатството праисториска култура на мал простор расположен на двата брега на немирната река Еригон (Црна Река) во атарот на селото Манастир, Прилепско. На мало растојание од овој локалитет се соочуваме со неколку други локалитети со фасцинантни амбиентални простори, со доминантни позиции и исклучителни богатства на природна естетика и културни остатоци од слични периоди на праисторијата како и овде споменатиот. Јужно од него се распоредени локалитетите „Градиште – Мал Град и Голем Град“ и „Плевење“, кои се поблиску до селото Манастир, источно се надвижува локалитетот „Лаштигерот“, а блиску до него е уште еден локалитет со праисториска култура – „Влашки Аргач“. На другата страна со на Црна Река, „чист поглед“ не соочува со локалитетите распоредени по најискуклените врвови – „Црна Тумба“, „Долгиот Рид“, „Трештена Стена“, „Убава Глава“ (локалитет со античка тврдина, но и траги од праисторија) и, малку погоре, богатиот со праисториска и античка култура „Богданова Нива“ во атарот на селото Чаниште. Ова е само една мала слика на праисториската култура на овој, релативно, мал дел од пошироката област Мариово, кој далбоко го засекува со своето течение мистичната Црна Река.

Поголема рамна површина меѓу карпите

Локалитетот, меѓу жителите на селото Манастир, е познат како „Ќулавите“, а името, веројатно, го добил по извишените карпи кои го карактеризираат, фасцинантно издигнати над самата Црна Река, која во античкиот период е позната како Еригон. Култот на реката веројатно бил главна религиска преокупација на луѓето кои ја сочинувале населбата, имајќи предвид дека таа била и главен извор на храна за опстанок со својата богата флора и фауна, која и денес, барем во сегмент ја има зачувано. Некаде на средината на просторот меѓу карпите, некои непознати лица одамна ископале голема јама, веројатно во потрага по скриени богатства и археолошки предмети. На поширокиот простор на локалитетот, на просторите расположени меѓу искуклените фроми од вулкански карпи, кои се „однесуваат“ како своевидни делови на праисториската култура која ја создавале древните жители се среќаваат разновидни остатоци на култура, па дури и места со остатоци од стари градби или засечени форми меѓу самите карпи, кои играле улога на ѕидови од некогашните живеалишта. Во потегот кон реката просторот зафаќа неколку поголеми и помали тераси, кои биле подѕидани за потребите на праисториската населба, но и за потребите на современите жители, кои го користеле овој простор до пред неколку децении. Богатството од фрагменти од керамички садови со праисториски белези недвосмислено ни потврдува дека овој простор бил исполнет со градби – живеалишта и градби за вршење на разновидните општествени, културни и религиски потреби на тогашните жители.

Две исклучителни форми карпи – дел од амбиентот на локалитетот

Атрактивноста на просторот и денес паѓа в очи и не може да не се констатира дека неговите праисториски жители намерно и со изострено чувство за естетика, топлина и функционалност го избрале за живеење. Всушност, „Ќулавите“ е редок простор со таква местоположба при која тој се наоѓа сосема блиску до реката, скриен и заштитен и во исто време со доминантна позиција за набљудување на околниот простор од двете страни на Црна Река. Освен природниот амбиент и географската местоположба која ја зафаќа локалитетот „Ќулавите“, интересно е да се напомне дека тој, веројатно и во далечното минато бил во непосредна близина на стар пат кој продолжувал кон останатиот дел на Мариово и се разбира, преку планинските превои во останатиот дел од Македонија кон денешна Грција, односно Егејот. Остатоците од подѕидани и поплочени патишта, од кои едниот води по брегот и се упатува кон старите населби кои егзистирале поблиску до селото Манастир, а другиот се извива по нагорнината и продолжува во правец на селото Витолиште. Што се однесува до периодот во кој според површинските наоди опстојувала населбата, треба да се истакне дека тој, односно железниот период, се совпаѓа со времето кога македонскиот етнос почнува со својот нагорен растеж и ширење на својот животен ареал. Тоа е периодот кога на територијата која подоцна ја населувале Македонците, односно ја опфаќала нивното кралство, исчезнува едно старо и интересно племе Бриги, чии траги и денес се присутни насекаде на многу истражувани локалитети, како во Македонија, така и во другите делови кои се дел од нејзината етничка територија, а археолошки траги на ова племе се среќаваат и во централниот и јужниот дел на Албанија.2 Токму тоа е времето во кое се датира еден од првите цареви на Македонците, Каран, кој се смета за Хераклид од потомокот на Херакле, Темен. Не е исклучено дека оваа мала, но интересна населба опстојувала и во следните векови кога македонската држава почнува да зајакнува со царот Пердика од крајот на VII век пред н.е. кој според познатата легенда,3 бегајќи од Горна Македонија се настанил во близина на градините на Мида4 под планината Бермион, каде била формирана и првата македонска престолнина во градот Ајга,5 кај Воден.

ФРАГМЕНТИ ОД КЕРАМИЧКИ САДОВИ

[1] Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј–Прилеп 2001.

2 Елеонора Петрова, Бриги, 146–148.

3 Херодот, Историја, 552.

4 Исто.

5 Елеонора Петрова, Бриги, 147, 148. „И самото име на градот каде што стигнале бегалците (Гаван, Аероп и Пердика, з.м.) од Арг било Едеса, кое има фригиски корен што означува вода, а познато е дека овој град бил поставен близу прекрасни водопади и езеро. Ајга е име со исто значење, а според македонската митологија сврзана е со митолошкиот крал Каран и козите.“