ЕДНА ЗАБОРАВЕНА БИТКА ВО СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО ОД ДЕКЕМВРИ 1905 ГОДИНА

Историските настани постојано го предизвикуваат сеќавањето кај човекот, предизвикуваат возбуда, интерес и љубопитство со својата енергија, драматичност, трагичност или содржајност. Сепак, многу такви настани „успеваат“ да се „подзаскријат“ во сиви зони на колективната меморија, да се „замаскираат“ или, едноставно, да бидат „зафрлени“ во некој скриен агол на сеќавањето и покрај силната енергија која ја содржат во себе, и покрај содржајноста, значењето, драматичноста и трагиката. Таков еден настан се случил есента 1905 година во селото Бонче, Прилепско. Станува збор за еден од големиот број слични настани во немирниот период на Турското владеење, односно за една впечатлива битка меѓу една македонска чета и турскиот аскер. Според едно раскажување на современици на настанот, битката се случила од 9 до 11 декември 1905 година.1 Според раскажувачите, во битката учествувала четата на извесен војвода Богоја Симијан од демирхисарското село Жван,2 но во историската литература  не успеавме да најдеме војвода со такво име. Во спомените на војводата Васил Балевски, кој извесно време се наоѓал во мариовската чета и бил нејзин војвода во текот на 1908 година за битката во селото Бонче вели дека била четата на Алексо војвода од Демирхисарско.3 Тоа би значело дека се работи за војводата Алексо Стефанов од селото Радово Демирхисарско. Имајќи предвид дека војводата Васил Балевски престојувал повеќе од една година во Прилепско, особено во областа Мариово, и како војвода на Македонската револуционерна организација имал голем број контакти, како од Организацијата, така и на теренот, запишаното од него би требало да го сметаме веродостојно. Сепак, во недостаток на дополнителни информации за потврда за битката и учесниците во неа, тешко е да се разјаснат прашањата поврзани со овој, очигледно, значаен настан од историското минато на селото Бонче, Прилепско.

Селото Бонче 3
Селото Бонче 3

            Според раскажувачите, кои се по потекло од самото село Бонче, како и од околните села, а некои биле сведоци, па дури и учесници, битката се одвивала во текот на два дена.4 Четата била лоцирана во една кула во селото Бонче, позната како кулата од Дабовци, која подоцна ја купиле семејството Топчиовци.5 Градбата е од камен, со цврсти ѕидови6 и комитите внатре се чувствувале, релативно безбедни, особено поради фактот што и самите биле вооружени и имале доволно муниција за да му се спротистават на турскиот аскер. Аскерот довел и топови, кои ги лоцирал на едно од ритчињата во селото наспроти кулата7 и оттаму стрелал со топовски ѓулиња настојувајќи да ги разруши ѕидовите и да ја ликвидира четата или да ја принуди на предавање.   Ѕидот се покажал особено цврст и топовската стрелба не била доволна за да направи поголема штета на градбата.8 Комитите стрелале од мазгалките, кои ги имало на сите страни на ѕидовите на кулата и успешно гаѓале на турските војници нанесувајќи им загуби. Од комитите загинал само еден кој не бил залегнат во засолништето и го разнесла една од гранатите од топовите.9 Според Васил Балевски, вечерта, војводата Алексо Стефанов, со преостанатите петмина комити, нападнале со бомби на аскерот, го пробиле обрачот и успеале да се пробијат и да избегаат живи од битката. Зад нив останале голем број убиени од аскерот.10

Четата на Алексо Стефанов - Демирхисарчето
Четата на Алексо Стефанов – Демирхисарчето

Многу моменти во врска со настанот и учесниците во битката се совпаѓаат и кај двата извори. Пример: Во двата текста се споменува фактот дека четата била во селата од Битолско Поле и дека од некој од жителите во нив била предадена. Се совпаѓа и тврдењето дека четата се повлекла во кула во селото, како и тоа дека турскиот аскер користел и артилерија, односно топови. Може да се каже дека има совпаѓање околу годината во која се случила битката, бидејќи кај Томе Велјаноски е наведено дека таа се случила 1905 година (од 9 до 11 декември),11 а Васил Балевски вели дека битката се случила „пред две години во него (во селото Бонче, з.м.)“,12 а ваквиот навод повторно упатува на 1905 година, бидејќи Балевски во овој крај се движел 1907 година, во доцните месеци – ноември или декември.

Алексо Стефанов - Демирхисарчето
Алексо Стефанов – Демирхисарчето

Многу различни се информациите за името на војводата на четата. Кај Васил Балевски како војвода на четата е наведен „Алексо војвода Демирхисарски“,13 а кај Томе Велјаноски извесен Богоја Симијан од Демирхисарско.14 Имајќи предвид дека војвода со такво име не можеме да пронајдеме во, нам, достапната литература, со голема доза на убеденост сметаме дека војводата на четата од селото Бонче е Алексо Стефанов од селото Радово, Демирхисарско. Сепак, постои сомнеж и потребни се дополнителни информации за овој настан и за учесниците во него. Имено, проследувајќи ги спомените на Алексо Стефанов, не успеавме да пронајдеме информации за овој значаен настан. Уште една голема разлика во информациите е таа дека според Балевски војводата Алаксо успеал да замине од местото на битката неповреден,15 додека кај Велјаноски, војводата Богоја Смијан загинал во битката и со тоа четата изгубила двајца комити.16 Фактот што Алексо Стефанов починал дури во 1935 година во Софија, или се работи за друг војвода или за погрешна информација.

Од спомените на Васил Балевски:17

Бонче е село со херојско минато уште од арамиското време. Скривници има од најстаро време а, исто така, има и нови и е за пример. Пред две години во него се водела битка со аскерот. Аскерот користел и планинска артилерија. Алексо војвода Демирхисарски бил во селото со 6 четници. По предавство од Битолското Поле, аскерот го опсадува (сардисува) во с. Бонче. Алекса отишол во една чифлигарска кула. Кулите се ѕидани од камен. Ѕидовите се дебели повеќе од еден метар. Но ѕидовите имаат мазгалки (метеризи), намерно направени за стрелање. Внатрешниот дел им е тесен и висок околу 40 см, а внатрешниот околу 40 см и се многу погодни за битка. До влезната врата, исто така, има две мазгалки. Започнала жестока битка, но дебелите ѕидови не дозволувале никакви резултати за аскерот. Вратата е многу дебела и железна. Однатре е залостена со сурме и е непристапна за аскерот. Не може да се запали зашто е камена. Започнале да ја гаѓаат кулата со гранати од топовите. Топовите биле на околу 50 метри од кулата, добро вкопани на едно ритче. Гранатите гаѓаат, но напразно, ѕидовите не се рушат. Најпосле, започнале да ги гаѓаат краиштата од прозорците, за да се разрушат ѕидовите, но повторно без какви било резултати. Една граната успеала да раскине еден четник зашто тој не бил залегнат до метеризите, па иако многу гранати паднале внатре, не дале резултати. Така, аскерот имал многу убиени, а четник само еден. Вечерта, другите пет четника, заедно со Алексо, со бомби во напад си го пробиле патот и избегале неповредени.

Алексо Стефанов - Демирхисарчето 2
Алексо Стефанов – Демирхисарчето 2

Дел од раскажувањето за битката во селото Бонче, запишано во книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово 1856 – 1950“ од Томе Велјановски18

Во сабота на верскиот празник Св. Климент Охридски 1905 година четата на војводата Богоја Симијан од селото Жван, наречен Демирхисарчето, која броела осум комити била скриена во коријата на Црничани. Денот бил доста студен, наместа имало проснежено, а следната ноќ целата околина била покриена со снег. Комитската чета тој декемвриски ден го поминала во засолништето покрај огнот. Еден од комитите во четата, Ристе Цоце, наоѓајќи се во близина на селото Црничани, ја искористил можноста и отишол во селото за да ги посети своите браќа и да им ја честита куќната верска слава Св. Ѓорѓија зимен која започнувала со славење од вечерта. Браќата на Ристе Цоце биле позајмени како момоци од еврејските богаташи во Подмол и служеле кај црничанскиот бег по име Ламе. Како ангелот да му препорачал на Ристе Цоце да се види со своите најмили. Ова видување на Ристе Цоце било последно со нив. Попладен во четата пристигнал еден курир со писмо во пазувата. Името не му го научив. Курирот другарски се поздравил со „добровечер“ до сите во четата и на секој посебно му ја стегнал раката. Го извадил писмото од пазувите и му го предал на војводата Богоја Симијан – Демирхисарчето. Војводата го отворил писмото и го прочитал пред сите. Потоа им рекол: „Другари, слушнавте и самите, ние вечерва имаме голема задача. Треба да одиме далеку до Кокре. Таму е сардисана четата на Крсте Гермов – Шаќир во куќата на Митре Ќосе, да му дадеме помош и да ги спасиме од обрачот на турскиот аскер“. Војводата Богоја Симијан веднаш напишал писмо и му го предал на курирот, кој го донесол претходно споменатото писмо, за да го однесе како одговор на оние кои го испратиле.

Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата
Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата

Според кажувањето на преживеаниот комита Боне подмолецот првото писмо дошло од Окружниот комитет во Битола. Војводата Богоја Симијан – Демирхисарчето во своето писмо напишал дека задачата што му е доверена ќе биде извршена навреме. Четата се подготвила, го изгаснале огнот и околу шест часот навечер пристигнала во селото Мојно. Поради една нечиста работа четата во Мојно се задржала подолго време. Извесна жена од Мојно имала љубовна врска со некој Турчин. Преку нејзиниот љубовник се вршеле голем број кодошлаци, кавги, се ширеле лаги и други нечесни работи. Жената била опомената порано за да се поправи и дека ако не се поправи ќе биде осудена и казнета. Таа вечер жената била камшикувана за срамот што му го нанесла на нејзиното семејство и на селото. Околу девет часот вечерта четата тргнала за селото Бонче. За водач на патот за Бонче го зеле мојничанецот Здраве од Здравевци, кој по потекло бил од Марул од Здравевци, стари деленици на Куреловци и Јолевци. Здраве отишол домазет на имотот на жена му во Мојно.

Еден од пушкарниците (мазгалки) на кулата на Дабовци
Еден од пушкарниците (мазгалки) на кулата на Дабовци

Откако излегла над селото Мојно со својот водач Здраве четата тргнала нагоре кон Бобишта, влегла во Лопатичкото, над карпата Црвеница, под Старо Бонче, кај патот Подмол – Бонче и отишла директно кај Петре Трајкоски со прекар Топчија, инаку во тоа време селски началник на Организацијата. Прекарот на Петре Топчија се пренесол на неговото поколение кое и денес е познато како Топчиовци. Кај Петре Топчија четата дошла многу доцна вечерта. Откако ги донесол кај Топчија водачот на комитите Здраве од Мојно си тргнал да си оди дома. Петре Топчија го нудел Здравета да преноќева кај него бидејќи било зимно време, но Здраве се правдал дека е подобро да го осуни дома во Мојно, инаку може да биде сомнителен бидејќи во Мојно сите знаеле дека го стемнило во селото и дека ќе се прашуваат каде бил во текот на ноќта. Затоа си тргнал да си оди во Мојно.

Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата 6
Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата 6

Откако комитите се сместиле кај Петре Топчија, војводата Богоја Симијан го испратил Топчија да го повика селскиот кмет (коџобашијата) да дојде кај четата. Тогаш во Бонче коџобашија бил Здраве Стојкоски со прекар Кадијата. Петре Топчија отишол да го побара Здраве Стојкоски, но не го нашол дома. Коџобашијата Здраве во саботата утрото отишол на пазар во Прилеп и сè уште не бил вратен. Кога Петре Топчија се вратил дома било околу 24 часот. Комитите се расположиле во куќата на Петре Топчија каде не им било првпат да доаѓаат. Петре ги сместил комитите во кулата, која во тоа време била на Дабовци и ја чувале заклучена, а од 1926 година станала Топчиоска. Дабовци ја користеле кулата кога доаѓале на чифлигот. Петре Топчија живеел во ниска куќа во истиот двор со кулата. Мислам дека Дабовци биле Власи од Крушево и имале чифлиг во Бонче. Топчиовци приготвиле вечера, комитите вечерале и легнале да одморат од патувањето со намера другиот ден да станат рано и незабележани да го продолжат патот за Кокре. Уморени од вечерното пешачење комитите наместо рано наутро се успале, се успал и Петре Топчија и кога се разбудиле било веќе провидено пред да огрее сонцето. Четата набрзина се подготвила, ја напуштила куќата на Петре Топчија и тргнала нагоре по брежето накај Штавичкото кон местото Слива. Само што излегле над селото што ќе видат: селото Бонче од сите страни било сардисано од турски аскер. Аскерот ја забележал четата и дел од него тргнала кон комитите. Ноќта паднал нов снег и по трагите во снегот аскерот забележал во која куќа влегле комитите. Комитите се вратиле кај Петре Трајкоски – Топчија и го известиле дека селото е сардисано од турски аскер. Заедно со него комитите почнале да кројат план како да се спасат без да настрада населението во Бонче.

Сабјата („Briquet“ М–1812) и ѓулето пронајдено на местото на битката
Сабјата („Briquet“ М–1812) и ѓулето пронајдено на местото на битката

Предавање живи во рацете на аскерот не доаѓало предвид. Ако умрат, тоа ќе биде јуначки, во борба, а ако се спасат ќе бидат уште појунаци. Решиле да останат во куќата на Петре Трајкоски Топчија, но неговата куќа била ниска и не била добро место за одбрана од нападот на многубројниот турски аскер. Додека комитите се договарале што да преземат за да се извлечат од обрачот аскерот го блокирал маалото во кое се наоѓала Топчиоската куќа. Комитите знаеле дека ако останат во куќата на Топчиовци, до еден ќе изгинат. Затоа донесле решение да влезат во кулата на Дабовци која имала заеднички двор со куќата на Топчиовци. Петре Трајкоски Топчија ја отклучил кулата, комитската чета влегла во неа, комитите ја заклучиле вратата и чекале да видат како ќе реагира турскиот аскер. Кулата располагала со вградени пушакрници кои служеле за одбрана во случај да биде нападната. Таа на сите четири страни имала по неколку отвори за нишанење со пушка. Нејзината околина била чиста што давало можност за нишанење. Турскиот аскер видел дека комитите влегле во кулата, но не почнал веднаш со нападот. По наредба на командантот на аскерот бил повикан селскиот кмет (коџобашија). Како што споменав претходно, во тоа време во Бонче селски кмет бил Здраве Стојкоски со прекар Кадијата. Коџобашијата Здраве дошол кај турскиот командант, му се поклонил и му рекол: „За многу години да ти е денот ага, да нѝ е жив царот!“ – како што било вообичаено тогаш. Командантот го прашал Здравета дали селото е чисто од комитите. Здраве му одговорил: „До вчера ага беше чисто, сношти доцна се вратив од пазар од Прилеп и мислам дека и сега е чисто,“ Коџобашијата Здраве не знаел ништо за тоа дека комитите се во селото и се наоѓаат во кулата Дабоска во која се сардисани. Затоа пред турскиот командант изјавил дека селото Бонче е чисто. На неговата изјава командантот на турскиот аскер ја извадил книгата за рапорт од селото и го натерал Здраве да се потпише. Здраве се потпишал во „рапортната“ книга. Потоа командантот на турскиот аскер му подал една канта со газеп (петролеј) и му наредил да оди и да ја запали кулата. Здраве побарал од командантот и тој да се потпише во книгата за да има оправдување пред газдите на кулата, Власите Дабовци. Командантот се потпишал, а Здраве ја зел кантата со газија и тргнал да ја запали вратата од кулата. Комитите виделе дека животите им се загрозени и уште не стигнат Здраве до кулата припукале и го убиле. Така Здраве загинал не знаејќи дека во кулата има комити. Согледувајќи дека комитите нема да се предадат така лесно командантот наредил аскерот да стапи во напад против нив. Борбата меѓу комитите и турскиот аскер почнала утрото на деветти декември околу девет часот. Комитите биле добро заштитени во кулата и аскерот не можел да се приближи. Местото околу кулата било чисто и пристапот на аскерот му бил отежнат. Од турскиот аскер паднале жртви уште првиот ден, но Турците ги криеле зашто не сакале да ги гледаат христијаните. Борбата продолжила преку цел ден и целата ноќ. Преку ноќта имало полна месечина, снегот сјаел на месечевата светлина и турскиот аскер не можел да се доближи до кулата ниту преку ноќта. Во понеделникот борбата продолжила. Комитите не се предавале. Турците немале никаков успех во нападот на кулата и тој ден. Се наближил вторникот. Тој ден аскерот довлечкал три топа од Битола за да ја бомбардираат кулата. Командантот на турскиот аскер бил сè понервозен, не можел да се помири со фактот дека неговата војска не може да совлада неколку „вошкари“, како што Турците ги нарекувале комитите пред народот.

Рачката од сабјата
Рачката од сабјата

Како што сториле абер турските власти за сардисувањето на комитите во кулата во Бонче, така комитите сториле абер до Организацијата во сите околни села. Исто така, им било јавено и на сите конзуларни и дипломатски претставништва кои ги имало во тоа време во Битола дека во Бонче се води крвава борба меѓу комитите и турскиот аскер. Тие организирале меѓународна комисија за да ја смират ситуацијата. На чело на таа комисија бил поставен италијанскиот жандармериски офицер Алесандро Виченци. Уште пред доаѓањето на меѓународната комисија, на комитите им било нудено помилување од турскиот аскер за да се предадат. Комитите не ни помислувале на предавство на турскиот аскер. Тие знаеле што значи да се предадат во рацете на турскиот аскер. Аскерот настојувал да ги совлада комитите пред да пристигне меѓународната комисија од Битола за преговарање. Командантот на турскиот аскер знаел дека законот ќе ги штити комитите пред комисијата. Од друга страна, срамота е три дена да им даваат отпор еден грст „вошкари“ и „бандити“, како што турските власти ги нарекувале комитите. Тоа бил голем срам и понижување за турскиот аскер, за меѓународниот углед, а со тоа и самиот турски падишах и султанот во Цариград биле понижени.

Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата 2
Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата 2

Со трите топа што ги донесле турските војници од битолскиот гарнизон почнале да ја гаѓаат кулата во која се наоѓале сардисани комитите. Кулата на Дабовци била градена од многу мек и ронлив камен. Испуканите топовски зрна се закачувале во ѕидот и останувале во него или паѓале крај него. Не можеле да го пробијат ѕидот на кулата бидејќи бил мек каменот. Турскиот аскер фрлил многу топовски зрна на кулата, но без посебен успех. Едно топовско зрно залетало низ покривот на кулата, удрило во една таванска греда, гредата се скршила на неколку парчиња, паднала на душемето во кулата и отепала еден комита. По три дена борба тој бил првата жртва на комитите. Тој бил војводата на четата Богоја Симијан–Демирхисарчето од Жван, Демирхисарско. Тој ден попладнето дошла меѓународната комисија формирана од конзулите во Битола на чело со жандармерискиот офицер Алесандро Виченци и воениот офицер Џузепе Луци. Само што пристигнала комисијата стапила во контакт со раководството на турскиот аскер за да прекине со пукање и да започнат преговори. Прекинало пукањето од двете страни и преговорите започнале. Преговорите меѓу двете страни ги воделе Алесандро Виченци и Џузепе Луци. Условите кои ги поставиле комитите биле следниве: „Ако има преговори ние сакаме да преговараме само со пријателите на нашиот намачен македонски народ. Ние не сакаме преговори со душманите на нашиот народ. Решени сме да умреме сите до еден за слободата на нашиот македонски народ.“ Така пишувало во писмото што го предале комитите до комисијата за преговори. Со преговорите се дошло до заедничко решение. Комитите се предале.

Една од сочуваните кули во селото Бонче
Една од сочуваните кули во селото Бонче

Први во кулата влегле италијанските претставници, жандармерискиот офицер Алесандро Виченци и воениот офицер Џузепе Луци. Заедно со него комитите излегле во дворот на кулата. Откако излегле во дворот на кулата комитите не ги избројале или кажале погрешна бројка и настанала збрка меѓу самите комити. Комитата Ристе Цоце од Подмол се спротивставил уште во кулата и не сакал да се предава на комисијата. Тој видел од кулата дека во дворот се дојдени и многу мусинчани, а со нив биле дојдени брат му и братучед му на Муса Питуличарот, кого Ристе Цоце и Куле Тошески (Кеноски, Доламоски) го отепале во Лопатичката Река, поради што Ристе отишол комита. Ристе Цоце знаел дека мусинчаните го чекаат за да го убијат за одмазда, ако добијат можност за тоа. На излегувањето од кулата Ристе Цоце се скрил во приземјето на кулата во еден кош за жито, плетен од прачки, во кој имало јачмен. Тој знаел дека и вака, и така животот му е во опасност.

Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата 4
Остатоци од кулата на Дабовци во која била лоцирана четата 4

Другите комити излегле во дворот, ги седнале на камените столови и ја повикале жената на Петре Топчија да дојде со стомна полна со вода. Таа им потурила на комитите да се измијат. Потоа им донесла да јадат леб и бело сирење. Целата оваа работа се одвивала пред меѓународната комисија. По појадокот комитите требало да ги спроведат во Битола каде требало да им се суди за кривично дело што го сториле според законот на Турската империја. Меѓународната комисија и командантот на аскерот одредиле лица што ќе ги спроведат комитите врзани до Битола. Сè било подготвено и паднала наредба да се донесе зоб за коњите на комисијата за да ги назобаат и да тргнат да си одат за Битола. Еден војник од турскиот аскер со азиско потекло по име Мустафа, по наредба од своите претпоставени, отишол да земе зоб од кошот во приземјето на кулата во кој бил скриен Ристе Цоце. Доаѓајќи кај кошот со зоб турскиот војник наишол на Ристе Цоце. Откако бил откриен комитата Ристе Цоце го извадил пиштолот, го застрелал турскиот војник, а потоа со еден истрел во себе и самиот се убил. По ова пукање настанала забуна и паника, но ситуацијата брзо повторно се смирила. Меѓународната комисија ги запишала преживеаните комити по име и презиме, кој од каде потекнува и нивните дела, а еден од преживеаните комити по име Боне Котески (Белески) од Подмол го пуштиле да си оди дома уште од Бонче за да се брани од слобода бидејќи бил малолетен и според законот не можел да биде гонет. Тој имал само шеснаесет години. Потоа меѓународната комисија со турскиот аскер и петте преживеани комити тргнале на пат за Битола. Аскерот се повлекол, а селото Бонче останало завиено во црно. Селаните бончани ископале три гроба и ги закопале телата на тројцата убиени: селскиот коџобашија Здраве Стојкоски, војводата Богоја Симијан – Демирхисарчето и комитата Ристе Цоце.

Дали овие оштетувања на ѕидот од куолата се од топовските ѓулиња?
Дали овие оштетувања на ѕидот од куолата се од топовските ѓулиња?

Петмината преживеани комити биле спроведени од турскиот аскер со раце врзани со тешки синџири во битолскиот затвор. Тие биле осудени од турската власт на тешки и долги години затворска казна од по 101 година. Осудените комити лежеле во турскиот затвор Катил–хане во Битола до Првата балканска војна 1912 година, кога биле пуштени на слобода. Малолетниот комита Боне Котески од Подмол бил одбранет од Меѓународната комисија и бил ослободен од одговорност. Така не одлежал затвор.

СОСТАВ НА ЧЕТАТА НА БОГОЈА СИМИЈАН

1.       Богоја Симијан – Демирхисарчето, Жван, Демирхисарско – војвода – загинал во кулата во Бонче

2.       Пецо Лисолајчето, Лисолај, Битолско – заменик на војводата – преживеал

3.       Боне Котески, Подмол – се предал

4.       Ристе Божинов Цоцески, Подмол, Прилепско – се самоубил во кулата во Бонче

5.       Ристе Лангоски од Логоварди, Битолско – се предал

ПРЕДАВСТВО

Откривањето на четата на Богоја Симијан во Бонче во народот се толкува како планирано предавство. Се раскажуваат повеќе верзии за предавството.

ВЕРЗИЈА БР. 1

Според првата верзија која кружи во народот предавството на четата на Богоја Симијан било планирано од Окружниот комитет во Битола. Во Окружниот комитет во Битола седеле луѓе за штета на македонскиот интерес и тие испратиле курир за да го означи правецот на движењето на четата и за тоа да му јави на турскиот аскер. Оваа верзија не е потврдена и е еден вид претпоставка.

ВЕРЗИЈА БР. 2

Според втората верзија предавството на четата го испланирал Здраве Здравески од селото Мојно кој ги водел комитите од Мојно до Бонче. Наводно, Здраве бил навреден поради сослушувањето на жената која имала љубовна врска со Турчин, а која била од семејството Здравевци. Здраве небаре го сторил ова нечесно дело – предавство како одмазда на комитите. И оваа верзија е претпоставка.

ВЕРЗИЈА БР. 3

Според третата верзија за предавството на четата толкувањето е дека нејзиниот водач Здраве Здравески го препознал во неа Ристе Цоце од Подмол, кој бил учесник во убиството на Муса Питуличарот од Мусинци. Семејството на Муса ветило награда за Ристе Цоце и Куле Кеноски (Тошески), извршителите на убиството. Тие ги уцениле нивните глави на по 50 турски лири. Се претпоставува дека откако Здраве Здравески ги однесол комитите кај Петре Топчија во Бонче, по враќањето, место дома во Мојно тој отишол право во Мусинци и им јавил на мусинчани: „Ако ја барате главата на Ристе Цоце тој се наоѓа во Бонче, во куќата на Петре Трајкоски Топчија“. Здраве ова го сторил алчен за пари. Мусинчани веднаш се собрале цело село, се собрала селската милиција која била одредена за гонење на комитите каде било да се појават. Некои од мусинчаните отишле и му јавиле на гарнизонот на аскерот во Битола и така аскерот утрото стигнал во Бонче. Како што се раскажува во народот селската милиција од Мусинци прва стигнала и го сардисала селото Бонче и го држела селото сардисано сè додека не стигнал аскерот од Битола. И оваа верзија за предавствто на четата на Богоја Симијан е само претпоставка. Тешко е да се верува дека гарнизонот на аскерот од Битола стигнал до Бонче за толку кратко време, освен ако во времето кога му било јавено не се наоѓал во близината на ова село. Исто така, доколку Здраве Здравески го извршил предавството за тоа ќе се дознаело и сигурно ќе му било судено.

1 Томе Велјаноски, Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950), КИДЦМ „Калеш Анѓа“, с. Крушевица, Прилеп 2004, 137 – 156.

2 Исто.

3 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

4 Т. Велјаноски, Жива историја …, 137 – 156.

5 Исто,

6 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

7 Исто, Т. Велјаноски, Жива историја, 137 – 156. (Според Балевски топовите се наоѓале на ритче во селото, на околу 50 метри од кулата)

8 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

9 Исто,

10 Исто, Т. Велјаноски, Жива историја, 137 – 156.

11 Т. Велјаноски, Жива историја, 137 – 156.

12 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

13 Исто.

14 Т. Велјаноски, Жива историја, 137 – 156.

15 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

16 Т. Велјаноски, Жива историја, 137 – 156.

17 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

18 Т. Велјаноски, Жива историја, 137 – 156.