ЦЕНТРАЛНО СВЕТИЛИШТЕ ОД РАНОТО ХРИСТИЈАНСТВО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „СВ. ПЕТКА – ГОЛЕМ ДАБ“ ВО ДОЛИНА ПРЕПОЛНА СО КУЛТУРА, СЕВЕРНО ОД СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Просторот северно од селото Витолиште е преполн со материјална култура од различни периоди. На локалитетот „Царацина Нива“ се појавуваат траги од подлабоката праисторија – керамика и камени орудија, а на локалитетот „Св. Петка“, кој од претходниот го дели Жиовска Река, се наоѓаат повеќе тумули од железното време. На „Заградишка Чука“, југоисточно од „Царацина Нива“, се среќаваат фрагменти од керамички садови од бронзеното и железното време, како и од подоцнежниот антички период.1 На брегот на Жиовска Река се наоѓа локалитет познат како „Змиов Трн“ од кој потекнуваат неколку надгробни споменици од римскиот период, а тука, според преданието, се лоцираат и остатоците од „дворецот“ на Царица Марија, позната и како Марија Султанија.2 Во истиот круг се наоѓа локалитетот „Задна Река – Грмајте“ – на левиот брег на Задна Река, на пониските падини на „Заградишка Чука“, на кого има нагласено присуство на култура од доцната антика и средниот век, меѓу кои остатоци од населба и некропола од двата споменати периоди.3 Малку подалеку се локалитетите „Пеливор“, „Столовите“, „Кула“ и многу други локалитети во поблиската и подалечната околина, во големата долина северно од Витолиште.

Локалитетот „Св. Петка - Голем Даб“ со големиот сув даб во центарот
Локалитетот „Св. Петка – Голем Даб“ со големиот сув даб во центарот

Особено е интересен фактот што неколку локалитети од долината и од нејзините рабови носат име со основа „цар“, како „Царева Тумба“, „Церовец“ или „Царовец“, како и гореспоменатиот локалитет „Царацина Нива“, а локалитетот „Столовите“, за кој се пренесува дека поседува наоди од античкиот период, особено македонскиот, може да се каже дека, исто така, асоцира на царско достоинство, односно престол.

Остатоци од ранохристијанста градба - фрагмент од прозорско мено
Остатоци од ранохристијанста градба – фрагмент од прозорско мено

Токму во вакво опкружување, некаде во средишниот дел, се наоѓа локалитетот „Св. Петка – Голем Даб“4 со остатоци од старо христијанско светилиште, односно од раното христијанство, кое егзистирало и во средниот век. Локалитетот го обележува остаток од еден огромен сув даб,5 на едно помало зарамнето плато, на кое се среќаваат фрагменти од керамика од доцната антика и средниот век, а во неговиот источен дел има остатоци од стара градба – фрагменти од мермерни елементи, фрагменти од домороден камен и сл. Меѓу нив има неколку фрагменти од столбови, фрагменти од прозорски меноа и други споменици. Во близина се наоѓаат и неколку грамади од градежен камен, а керамички наоди – фрагменти од садови, питоси, тегули и слични наоди има на поширокиот простор. Овој локалитет е познат како „вакафско место“ и меѓу жителите на селото Витолиште, кои го зачувале и споменот на патронот на старата црква, ставајќи му го името „Св. Петка“. Преданијата поврзани со ова место се живи и до најново време, а најново е преданието за жител од селото кој, пред неколку години, пресекол дел од големиот сув даб и потоа доживеал немили случувања поврзани со здравјето. 

Остатоци од ранохристијанста градба - фрагменти од столбови
Остатоци од ранохристијанста градба – фрагменти од столбови

Имајќи го предвид датирањето на културните остатоци на локалитетот „Св. Петка – Голем Даб“ и локалитетот „Задна Река – Грмајте“, речиси е сосема веројатно дека црквата за која станува збор била дел од ралигискиот живот на населбата на првиот локалитет, која егзистирала во доцната антика и средниот век, во истите периоди од кои потекнуваат и културните остатоци на вториот локалитет.

Фрагмент од прозорско мено
Фрагмент од прозорско мено

  Дека Витолиште подолго време било значајна населба со извесни ингеренции на своевиден центар во минатото, даваат индиции и големиот број споменици од раното христијанство. Имено, трагите од раното христијанство се присутни на повеќе места во селото и надвор од него. Остатоците од спомениците од тоа време, како и грамадите камења и остатоци од ѕидови даваат на знаење дека постоеле неколку ранохристијански цркви кои и служеле на некогашната населба. За ранохристијанската црква, чии остатоци и денес можат да се видат на локалитетот „Св. Петка – Голем Даб“, веќе пишувавме погоре. Споменици со орнаментика која укажува на раното христијанство имаме и во црквата „Св. Илија“ кај селските гробишта.6 Во денешната градба на црквата, поточно во нејзиниот трем во ѕидот се вградени неколку елементи од ранохристијанска црква, која, веројатно била изградена на истото место каде што се наоѓа и современата црква. Се работи за две сполии од кои едната е дел од капител со ранохристијански релјеф, а другата сполија претставува постамент за столб.7 За оваа црква во селото има мислење дека е многу стара.

Сувиот даб со релативно зачувано стебло
Сувиот даб со релативно зачувано стебло

Две прозорски меноа кои се наоѓаат во кругот на погонот од шумското претпријатие „Црн Бор“, исто така укажуваат на раното христијанство, а некои други остатоци во нивна близина даваат индиции дека на самото место егзистирал ранохристијански храм.8 Имено, во нивната блиска околина можат да се забележат и други камени елементи, како еден столб, остатоци од ѕид и сл.

Сувиот даб во поново време
Сувиот даб во поново време

Дека раното христијанство во овој дел од Македонија било, исто така силно присутно со своите христијански базилики, имаме потврда на повеќе места во Мариово. Имено, на релативно мали делови од него се констатирани остатоци од повеќе ранохристијански цркви од кои и такви кои со откриената основа на некогашната градба се вистинско откритие. Тоа, пред сè, се однесува на двете ранохристијански базилики на локалитетот „Маркови Кули Градот“9 на брегот на Црна Река, „Трпчева Црква“ кај Дуње, каде е откриена основа на трикорабна ранохристијанска базилика10 и слични откритија кои се добиени со не многу активни истражувања на теренот. Покрај тоа се констатирани голем број остатоци на ранохристијански цркви и на други места, посебно кај некои од современите цркви кај кои се наоѓаат елементи од некогашните стари базилики кои биле првите архитектонски објекти на христијанството со пораскошна градба. Такви остатоци имаме во манастирот „Св. Никола“ во селото Манастир,11 на локалитетот „Чебрен“ каде има регистрирано остатоци дури од три цркви,12 од кои едната е мала градба, сè уште во добра состојба, со убав живопис во внатрешноста,13 потоа во селото Пештани каде егзистирал и помал град во античко време (римски период)14 и на други места.

Повеќе фрагменти од камена пластика
Повеќе фрагменти од камена пластика

Сето ова укажува дека и оваа област, во раното христијанство, се наоѓала во посебен развој. Тоа и не треба да зачудува ако се знае дека недалеку од Мариово имало и епископски базилики, односно седишта на епископии како во Стоби15, кој се наоѓа на вливот на Црна Река (Еригон) во Вардар (Аксиј).

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – ПРИЛЕП, Прилеп 2002, 35 – 39.

2 Исто, 40 – 45. Георги Трајчев, Мариово, Македонска библиотека, Софија 1942, 9 и 22.

3 Исто, 37 и 54 – 55. Лилјана Кепеска, Задна Река – Грмајте, Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј – Прилеп, Прилеп 1995.

4 Т. Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 38 – 39.

5 Исто.

6 Исто, 57.

7 Исто.

8 Исто, 57 – 60. http://www.pelagon.mk/2018/11/16/

9 Исто, 94 – 98. http://www.pelagon.mk/2018/08/13/

10 Исто, 185 – 187. http://www.pelagon.mk/2018/08/27/

11 Исто, 100 – 104.

12 http://www.pelagon.mk/2018/08/29/.

13 http://www.pelagon.mk/2018/09/17/

14 Т. Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 189 – 193. http://www.pelagon.mk/2018/07/23/
15 Во Стоби е откриена епископска базилика чии остатоци можат да се видат и денес.