КУЛТНА КАРПА СО РЕЦИПИЕНТ КАЈ СЕЛОТО КУТЛЕШЕВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Една грамадна карпа на околу 1 км, северно од селото Кутлешево, Прилепско, на падините на ридот, на нејзиниот највисок дел располага со мала издолжена правоаголна јама, очигледно изработена од човечка рака. Карпата е со приближно топчеста форма, со височина од дваесетина метри од запад, од каде силно го привлекува вниманието со својата импозантност и впечатливиот изглед, а со помала височина и поблаг пристап од исток. Во нејзина близина, од источната страна, на понискиот дел од карпите, се среќава и правилно изработен винарник во карпа, долг околу 3 м.1

Карпата со култна симболика -„Крајна Стена“
Карпата со култна симболика -„Крајна Стена“

Локалитетот со оваа култна карпа и винарник во камен е познат како „Средна Стена“. Во атарот на селото Кутлешево има најмалку два локалитети со култура од подлабоката праисторија. Едниот е локалитетот Присој кој се наоѓа на околу е 500 м југозападно од Кутлешево и исто толку западно од патот за селото Заполжани. На овој локалитет се констатирани остатоци од населба од неолитското време.2 Вториот локалитет со праисторија до денес не е регистриран од официјалната наука, а се наоѓа на околу 100 m североисточно од Кутлешево. На овој локалитет се среќаваат остатоци од енеолитот и бронзеното време, како и од железниот период.3 До карпата со реципиент, поблиску е локалитетот Присој. Од другите локалитети во околината на овој култен објект – карпа со реципиент, се наоѓаат Марков Чардак на околу 1,5 km јужно, со наоди од раната антика (македонски период) и средниот век,4 Петочна Вода со остатоци од римскиот период,5 Стари Лозја, со остатоци од римскиот период6 и други локалитети.

Реципиентот на култната карпа
Реципиентот на култната карпа

Димензии

реципиент

должина:             0,30 м

ширина:     0,09 м

длабочина:  0,04 м

Датирање: Со оглед на опкружувањето од културни содржини во поблиската и подалечната околина на карпата, датирањето го определуваме во широка временска рамка, од 2500 до 300 година пр. н.е.

1 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 177 и 178.

2 Археолошка карта на Република Македонија, 302.

3  http://www.pelagon.mk/2018/12/25/

4 Археолошка карта на Република Македонија. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 158 – 160.

5 Археолошка карта на Република Македонија, 302.

6 Археолошка карта на Република Македонија, 305. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 167 и 168.