135 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА ЃОРЃИЈА ЛАЖОТ ВО СЕЛОТО ВЕПРЧАНИ, ПРИЛЕПСКО

Книгата, „Војводите Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот“
Книгата, „Војводите Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот“

Речиси во текот на целиот период под турското ропство во Македонија се јавувале различни незадоволници, луѓе со слободен дух и бујна природа, кои не можеле да го поднесуваат животот без слобода, зошто постојано биле изложувани на насилства и понижувања. Еден од таквите Македонци бил и Ѓорѓија Лажот, кој бил повикан во четата за ликвидирање на еден од најголемите зулумџии во Прилепско во втората половина на 19 век, Чучук Сулејман, кој нашироко се прочул според своите злодела. Од она што може да се види во пишаните историски текстови, тоа не била единствената акција во која што Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот дејствувале заедно. Сѐ до смртта на Спиро Црне тие се движеле во иста чета. Натаму Ѓорѓија Лажот продолжил да дејствува во четата на прилепскиот војвода Диме Чакре, а откако и тој загинал во нерамната битка со турскиот башибозук и војска во Прилеп, го продолжил комитлакот, движејќи се некогаш сам, а некогаш со еден до двајца Мариовци.

Амбиент од маалото во кое живеел Ѓорѓија Лажот во селото Царевиќ, денес
Амбиент од маалото во кое живеел Ѓорѓија Лажот во селото Царевиќ, денес

Ѓорѓија Лажот, кој бил нарекуван и КараЃорѓи,1 на многу суров начин ги почувствувал сите лоши страни на ропството под османлиите. Бил роден во селото Царевиќ, Прекурид, а уште од мали нозе останал без мајка, која била грабната од некои Турци – помаци од селото Дреново и била принудена да се потурчи. Потурчената му мајка, иако родила и неколку деца кај Турците, сепак, се обидела да избега откај нив. При бегството Турците ја фатиле, ја фрлиле во некој бунар и ја удавиле. Ова грозно дело не било крај за маките на семејството на Лажот. Подоцна, кога на сцена стапува Чучук Сулејман, од Турците била грабната и насила потурчена и неговата сестра.2 Сето ова е запишано од Георги Трајчев, но нема податоци дали во грабнувањето на сестра му бил замешан и самиот Чучук Сулејман, кој особено бил познат по насилството што го вршел во прилепскиот крај.

Стара куќа во селото Царевиќ
Стара куќа во селото Царевиќ

Во какво семејство, освен за неговата грабната мајка, а подоцна и една од сестрите, живеел Ѓорѓија Лажот не е многу познато од запишаното во историските текстови. Сепак, се знае дека (освен споменатите членови) во семејството се родил и неговиот брат Стојан, наречен исто така Лажот, а кој подоцна тргнал со својот брат да комитува.3

Селската чешма во селото Гудјаково
Селската чешма во селото Гудјаково

Согледувајќи го тешкиот и срамен живот во ропство Ѓорѓија Лажот најпрвин се здружил со своите браќа – помаци, кои ги родила неговата мајка откако била грабната и се зафатил со арамиски акции.4 По убиството на Чучук Сулејман, пак, неговата активност станала многу позабележана од турската власт и тој започнал да се движи по скриени патеки, не појавувајќи се многу во местата каде што власта можела лесно да го забележи, да го фати или убие. Тој се движел некогаш сам, а некогаш со еден до двајца мариовци, главно, од селото Вепрчани, каде што имал и своја посестрима (Тода Тодороска), кај која многу често престојувал. Подоцна со себе го зел и неговиот брат, Стојан Лажот, па заедно дејствувале.5

ВО ЧЕТАТА НА ЛАЖОТ И ПОЗНАТИ КОМИТИ

Ѓорѓија Лажот имал долго комитско и арамиско искуство уште пред влегувањето во четата на Спиро Црне, а тоа го научило како да ги избегнува потерите, но и како да го заштити својот комитски живот. Учеството во акцијата, каква што била уништувањето на разбојничката дружина на Чучук Сулејман, за него значело не само искуство, туку и прифаќање на поорганизирано дејствување во борбата против турските насилници и собирач и на даноци.

Во 1882 година Ѓорѓија Лажот се здружил со војводата Нико Бендерот6 од селото Габровник, Азот и тие заедно, со околу 60 ајдуци од народот се собрале на преминот Лилјачицана планината Бабуна, каде што кроеле план да го нападнат селото Црнилишта, што било гнездо на разбојници, Арнаути. Ајдуците биле ненадејно нападнати од Арнаутите и многумина биле убиени, меѓу кои и еден ајдук од четата на Нико Бендерот, Димо Серменин од селото Ореше, Велешко.7 Со Ѓорѓија Лажот се дружел и еден од постарите крушевски војводи, Гушу Фетаџока кој, исто така, имал чета со која што се борел против турските насилници во Крушевско.8

Прилеп пред околу 1 век
Прилеп пред околу 1 век

Како што пишува Димитар Ризов, Ѓорѓија Лажот, во текот на 1882/83 година, се подготвувал да го нападне дури и Прилеп. Токму ваквото искуство и вештина на избегнување на прогонителите во неговата чета ги привлекло и Димо Дедото, Тоде Бочварчето и други одметнати Македонци. Во таквиот состав четата извршила и едно киднапирање на богатиот прилепчанец Хаџи Тоде Кузманов кој, враќајќи се од Велес, останал во анот во местото Црници, од страната на Велес, да се одмори. Според пишувањето на Трајчев, четата случајно дознала дека овој прилепчанец се наоѓа во анот и решила да го фати и да препорача како откуп за него од неговото семејство во Прилеп да се земат 2000 лири.

На претходно определеното место, во договореното време, со 1000 турски лири и една бовча со скапи дарови за четата пристигнал прилепчанецот Коне Цветков, кој му бил близок на Аџи Тоде Кузманов. Тој, при размената, се обидел да скрие дел од парите и да издејствува пуштање на киднапираниот за помалку пари.9

Пред селото Вепрчани
Пред селото Вепрчани

Според раскажувањата на некои постари жители од селото Вепрчани, откако излегол комита, Ѓорѓија Лажот често навраќал кај својата посестрима, Тода Тодороска, од ова село. Тода била сестра на Ристе кој, пак, бил татко на Димитрија Илиески Ристески и дедо на познатиот фолклорист и собирач на народно твореш тво, Милан Ристески кој, исто така, потекнува од Вепрчани. Тода била многу убава девојка и му била верна на комитата Ѓорѓија Лажот. За да му го растури конакот Ќучук Сулејман решил да ја грабне убавицата од Вепрчани. Можно е во тоа да му помагал и бегот Билиман од селото Беловодица, кое што со атарот граничи со Вепрчани, а имал чифлик во родното село на Лажот, Царевиќ.10 Меѓу постарите жители на Вепрчани се раскажувало дека некогаш им била поставена и заседа на пазарџиите од ова село, меѓу кои била и Тода, во Беловодица за да ја грабнат оваа убава девојка, но пазарџиите дознале за тоа и си заминале по друг пат. Веројатно, поради ваквата замешаност на бегот Билиман од Беловодица, Ѓорѓија Лажот го убил.11

Куќата на Илија Кочоски во селото Вепрчани - местото на битката
Куќата на Илија Кочоски во селото Вепрчани – местото на битката

Искусен во комитските акции, Ѓорѓија Лажот станал голем проблем за турската власт. Тој бил осебено вешт при избегнувањето на потерите, движејќи се по терен што многу добро го познавал по неколкугодишното дејствување како комита. На тој начин, всушност, тој на потерите им задавал големи маки и тие никако не успевале да го фатат. Од овие причини турската власт формирала специјална група за фаќање на Ѓорѓија Лажот што била составена од Албанци кои ги предводел вештиот за потери, Албанецот Бавтир, со турски чин буљукбашија. Бавтир се покажал необично итар, контактирајќи со Македонци кои, од различни причини, не го симпатизирале Ѓорѓија Лажот. Од своја страна тој, пак, станал невнимателен и надмен и започнал често да прави одделни насилства и кај Македонците, главно, во Мариово. Имено, тој започнал да обесчестува жени и ќерки на некои Македонци па поради тоа станал неомилен меѓу населението.12

Во такви услови, избраниот Бавтир за оваа задача, со својата група џандари Албанци, еден ден, во декември 1884 година, успеал да дознае дека Ѓорѓија Лажот се наоѓа во селото Вепрчани кај неговата посестрима, Тода Тодороска. Тоа на Бавтир му го пренесол некој Мариовец од истото село. Во куќата на својата љубовница Тода, Ѓорѓија Лажот се наоѓал само со еден свој другар и така бил опколен од страна на турските џандари, Албанци, на буљукбашијата Бавтир. Бавтир најпрвин се обидел да го повика да се предаде, но Ѓорѓија го пречекал со пцости и закани. Потоа Албанците ја запалиле куќата, но Ѓорѓија Лажот и неговиот другар, чие име не е споменато ниту кај Георги Трајчев, се самоубиле и живи не се предале во рацете на Албанците на чело со буљукбашијата Бавтир.13 За овој настан постои предание и меѓу населението во Вепрчани, но и пошироко во Прилепскиот регион, а посебно во селото Царевиќ и Прекуридско, од каде што потекнува и Ѓорѓија Лажот.

Спомен плоча на куќата од Илија Кочоски во селото Вепрчани - местото на битката
Спомен плоча на куќата од Илија Кочоски во селото Вепрчани – местото на битката

Буљукбашијата Бавтир и неговата група Албанци, турски џандари, грозно постапиле со мртвото тело на Ѓорѓија. Тие ја отсекле главата од трупот на комитата и закачена на стап ја донесле во Прилеп каде што ја покажувале пред граѓаните за пример.14 Марко Цепенков пишува дека, откако Ѓорѓија Лажот и неговите комити се самоубиле, од куќата биле пуштени предавниците и другите луѓе кои биле внатре, а Стојче Коџобашијата бил земен со врзани раце од кајмакамот и донесен во Прилеп. Стојче бил мачен и суден, додека му го зеле целото имање и откако немало што повеќе да му земат, го пуштиле во Битола со една „мазбата“. Во Битола го почувале и го испратиле во Охрид како на сургун, бидејќи не можеле да му најдат „кабает“. По патот за Охрид на Стојче „му дошол насиетот од Ѓорѓија“, со „маривет“ му ја зел пушката на џандарот што го водел и си фатил планината. Многу време шетал како војвода по Мариово, додека не бил предаден и убиен.15

Вепрчани 2
Вепрчани 2

По убиството на Ѓорѓија Лажот неговата посестрима, убавата Тода Тодороска од селото Вепрчани, се разболела од „желки“ и отишла да се лекува кај некој прилепчанец во Битола, Јованче. Откако ја излекувал, Јованче се оженил со Тода и со неа живееле во Прилеп. Јованче бил учесник во револуционерното движење и поради тоа бил убиен од Турците. Јованче и Тода имале едно девојче, но тоа умрело и останувајќи повторно сама Тода се вратила во своето родно Вепрчани. Во 1926 година, веќе во длабока старост, Тода се разболела, ја однесле на лекување кај Томевци во Прилеп, но набрзо умрела и била погребана во гробот на нејзината ќерка.16

ОБИДОТ ЗА ОДМАЗДА НА СТОЈАН ЛАЖОТ

По убиството на Ѓорѓија Лажот во селото Вепрчани и грозоморната постапка со неговиот труп, Стојан Лажот кој, исто така, бил комита и често дејствувал заедно со него, решил да го одмазди својот брат. Според запишаното кај Трајчев, Стојан Лажот тргнал од Дренската Планина за Вепрчани сам. Тој имал намера да му се одмазди на предавникот на Ѓорѓија Лажот, кој бил од селото Вепрчани. Трајчев тврди дека и лично го гледал човекот кој го предал Ѓорѓија Лажот, бидејќи тој станал дури и турски џандар под заштита и раководство на Албанецот Бавтир. Уште повеќе, кога доаѓал во градот, не само тој, туку и неговата мајка носела оружје. Ја вооружија, значи и мајката на предавникот, та кога доаѓаа на пазар во градот ја гледавме како деца и жената да оди со пушка нарамо.17

Синот и мајката, кои по предавството станале дури и потерџии заедно со Турците и нивните прислужници, братот на Ѓорѓија Лажот веројатно не успеал да ги казни и на соодветен начин да го одмазди својот брат. Тие, сепак, не останале неказнети. Според она што е напишано кај Трајчев, изгледа дека тие имале куќа и во градот, зашто тој вели дека еден пазарен ден тие биле издебнати од двајца Мариовци во нивната куќа и биле сосечени на парчиња, синот и мајката и целиот нивни род.18

Вепрчани
Вепрчани

Стојан Лажот, исто така, не живеел долго по смртта на неговиот брат. Иако не постојат пишани информации за тоа, сепак, изгледа дека и тој бил убиен од истите потерџии кои го убиле и неговиот брат. Од она што може да се пронајде за него во пишаните извори се гледа дека тој, по загинувањето на брат му, исто така, бил откриен од потерата. Значи, истата 1884 година на чардакот од една куќа во селото Вепрчани тој бил наместо убиен. Го следела судбинаташто го снашла и телото на неговиот брат Ѓорѓија. И на Стојан Лажот му била отсечена главата и донесена во Прилеп за покажување и заплашување на населението за повлекувење од секаков отпор против ропството.19

Традицијата на отпорот против ропството и борбата за слобода во семејството Лажовци од селото Царевиќ ја продолжил синот на Стојан Лажот, познат како Иге Стојанов. Иге ги следи стапките на својот татко Стојан и чичко му Ѓорѓија и ги поддржувал комитите и комитските активности во својот крај. Него го среќаваме како еден од јатаците на четата на војводата Мирче Ацев од селото Ореовец, Прилепско, која е особено активна во 1900 година.20

ГРОБОВИТЕ НА БРАЌАТА КОМИТИ ВО ВЕПРЧАНИ

По убиството и обезглавувањето на труповите, двајцата браќа Лажовци биле погребани во два засебни гроба. Тие и денес се наоѓаат во гробиштата на селото Вепрчани каде што се наоѓа и гробот на другарот на Ѓорѓија Лажот, кој загинал заедно со него. Неговото име, барем за нас, останува непознато, бидејќи не сме го сретнале во литературата и во народните преданија за Ѓорѓија Лажот. Веројатно и неговото име може да биде откриено, но со соодветно истражувања.

Црквата во селото Вепрчани каде биле погребани Ѓорѓија и Стојан Лажот
Црквата во селото Вепрчани каде биле погребани Ѓорѓија и Стојан Лажот

Народот, освен преку предание, сеќавањето за бујната личност на Ѓорѓија Лажот го овековечил и во песна. Тој за него, за неговата самоувереност како комита пред турската потера, испеал повеќе народни песни,21 што и денес кај одделни лица, осебено од мариовскиот крај, можат да се слушнат на ретките собири и веселби. Интересно е дека селото Вепрчани многу често може да се сретне во пишувањата за историјата и историските настани, пред се, во комитскиот период. Од ова село, во различни чети, имало повеќе комити. Меѓу нив, на повеќе места, се споменува Стојко или Стојче Вепрчанчето кој, исто така, извесно време бил војвода и водел чета низ Мариово.22 Можеби токму Стојче Вепрчанчето го одмаздил Ѓорѓија Лажот, убивајќи ги предавниците. Марко Цепенков пишува дека, по соочувањето со безизлезната ситуација, Ѓорѓија Лажот му оставил порака на Стојче да ја продолжи започнатата борба, се простил со другарите и се самоубил, заедно со некои од нив.23 Веќе беше споменато дека во дружината на Ѓорѓија Лажот многу често се наоѓале еден до двајца Мариовци од Вепрчани. Можеби зафрленоста на селото во полите на Дренска Планина од страната на Мариово, но и врските со делот од Прекурид, од каде што потекнувале браќата Ѓорѓија и Стојан Лажот, биле главни причини за определбата на повеќе лица да преземат такви чекори. Од друга страна, токму над Вепрчани се наоѓа и превој што води кон селото Гудјаково и кон Црна Река каде што потешко се стигнувало, така што имало можности за криење и избегнување на потерите.

Остатоци од стара жандармериска станица меѓу селата Тројаци и Царевиќ
Остатоци од стара жандармериска станица меѓу селата Тројаци и Царевиќ

На крајот на оваа тажна приказна, што е само една од безбројните во долгата и тешка историја на македонскиот народ, треба да се каже уште дека секогаш, кога се пишува за делата на овие македонски родољупци, треба да се има предвид и целата нивна заокруженост – општествена, социјална, политичка, образовна и сл. Токму затоа, кога се споменуваат личностите, како Ѓорѓија Лажот, Спиро Црне, Толе Паша и други, се добива впечаток дека се заборава на траумите на кои што овие јунаци, заедно со нивните семејства, биле изложени на тешките услови во кои што живееле. Кога е во прашање, пак, семејството на Ѓорѓија Лажот, тогаш едно сосема е сигурно: тоа е десеткувано од Турците уште во најмладите години на Ѓорѓија, а неговиот погром трае континуирано и во периодот што следи. Во сето тоа, треба да се има предвид и бујноста на Лажот, што, исто така, била во генот на неговата личност. Сето тоа придонесло и за изградба на таква индивидуа која не смее да биде изземена од македонската историска содржина, пред с#, како израз на изворната реакција против ропството и искажувањето на револт против туѓото владеење со животот на Македонците.

Амбиент од денешното разрушено маало на Лажовци
Амбиент од денешното разрушено маало на Лажовци

По загинувањето на браќата Лажовци, Ѓорѓија и Стојан, според пишувањето на Трајчев, Прилепско не останало без војводи и комити. Во овој крај продолжиле со комитска активност и борба против турските зулумџии војводата Стојче од Вепрчани, Мариово, Стефо од Костурско (Стефо Николов ‡ Скендер), во чија чета имало и една девојка од Мариово која, откако останала бремена, се префрлила во Тиквешко, каде што се омажила. Во 1886 година во една пештера, кај селото Галиште во Мариово, биле убиени војводите Стефан од селото Попадија, Велешко и Гано од селото Клиново, Мариово. Трајчев го споменува и војводата Иле Радобилчето, кој бил убиен во 1887 година.24

Марко Цепенко
Марко Цепенко

Марко Цепенков за Ѓорѓија Лажот:

Ѓорѓија Лажот беше од с. Царевиќ. Сопрво тој беше здружен со Спира Црнета, а откога се оддели од него, се здружи со две момчиња од с. Вепрчани (Мориовско). Одеше, кај одеше војводата Ѓорѓија, и пак тамо одеше да се крие, чунки тамо имаше и една верна посестрима на име Тода. Дури шеташе Ѓорѓија по мориовските села, по пет за пара му одеше на лошите Турци, да остај на арните. Арно ама, проклети предавници го предадоа во Прилеп и, дури да дојди потерата, предателите го држале затворен во куќата од Тода; и Стојче коџобашијата бил внатре со Ѓорѓија и дружината му. Штом дошла потерата од Прилеп и ја сардисаа куќата, сети Ѓорѓија и веднаш наредил дружината, да почнал да се брани и да не припушта Турчин да влези при нив. Откоа исфрлаа фишеците, се прибрале Турците и ја запалија куќата. Кога виде Ѓорѓија оти нема куртулија, и викна при себе другарите и се избакнале, се испростиле и со коџобашијата Стојчета и со сите куќни луѓе. На Стојчета многу насиети му даде за да биди и тој како него и да бие лошите Турци и многу друзи насиети му дал. Си навртоа пушките еден во други и сите се убија од своите куршуми, а не да се остаат да ‘и убијат Турците. Тој пример беше од Д. Чакрета, што се уби со другар си Илија на сам ден Велигден во куќата на Кондовци, во 18801 г.

Откоа се убија, отворија вратите предавниците и испуштија Стојчета коџобашијата и друзите луѓе што беа внатре. Стојче коџобашијата се зеде од кајмакамо со врзани раце опаку и се донесе во Прилеп. Се мачи, се суди, дури му зедоа сето имание и откоа немаше што да му земат, го пуштија в Битола со една мазбата. Го почуаа в Битола и го пуштија во Орид како на сургун да седи, чунки виде пашата оти немат никаков кабает Стојче. Носејќи еден џандар по пат, му дошол на ум на Стојче насиетот од Ѓорѓија и со маривет му ја зел пушката од џандарот од раце и си ватил напреку. Многу време и тој шета како војвода по Мориово, дури и тој шета како војвода по Мориово, дури и него го предадоа и го убија. Дури шетаа тие војводи по нашите села, лошите Турци не можеа да одат по рисјаните да му праат зулум. Но, штом ќе се убиеше некој војвода, ќе му се пуштеа бабаитите кокошкари по селата да обесчестуаат и да грабаат, кој не ќе им дават да го убиваат.25

Народна песна за Ѓорѓија Лажот запишана од Марко Цепенков:

ВОЈВОДА ЃОРЃИ ЛАЖО26

– Стани, стани, Ѓорѓи, да не станиш,

Потерата, Ѓорѓи, нѐ сардиса,

Потерата, Ѓорѓи, од Прилепа,

Од Прилепа, Ѓорѓи, сите села,

Најпоеќе, Ѓорѓи, селаните,

Селаните, Ѓорѓи, Вепрчанци,

Со селани, Ѓорѓи, кајмакамо,

Кајмакамо, Ѓорѓи, буљукбашо,

– Нека, Тодо, нека идат!

Од потера, Тодо, гајле немам:

Јас си имам, Тодо, пушка мартин

И три ѓердани, Тодо, со фишеци,

Со фишеци, Тодо, запашани,

А кајмакам, Тодо, рушветчија,

И буљукбаш, Тодо, рушветчија,

Со малку пари ќе ‘и смирам!

Мене ми се, Тодо, здодеало,

По речките, Тодо, – одееки,

По долои, Тодо, скокајќи,

Остра сабја, Тодо, точејќи,

По дервени, Тодо, чекаеќи,

Чекаеќи, Тодо, клети Турци,

Клети Турци, Тодо, арамии,

Сечејќи, Тодо, руси глаи,

Жолти лири, Тодо, земајќи.

– Стани, стани, Ѓорѓи, да не станиш,

Потерата, Ѓорѓи, нѐ сардиса,

Потерата, Ѓорѓи, бимбашија,

Бимбаши, кумито, рушвет не сака,

Туку ќе ти сака руса глаа,

Руса глаа, Ѓорѓи, од рамена,

Да ја однеси, Ѓорѓи, пред паша,

– Дур’ патрони, Тодо, не исфрлам

По клети Турци да избијам,

Не предаам, Тодо, моја глаа,

Моето срце, Тодо, не плашам

И од турска пушка не паѓам.

Појди види, Тодо, од мазгалка,

Дал се многу, Тодо, потерџии,

И подај ми, Тодо, остра сабја,

Да исечам, Тодо, потерџии.

Дел од селото Дрен
Дел од селото Дрен

[1] Стефан Аврамов, Револуционите борби во Азот и Поречието, Софија 1929, 25.

2 Георги Трајчев, Град Прилеп – историско‡географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 213-214.

3 Г. Трајчев, Град Прилеп, 214.

Милан Ристески наведува дека Ѓорѓија Лажот имал торјца браќа кои се приклучиле кон четата, Коле, Јован и Петруш, но овие податоци не се поткрепени со веродостоен документ. (Види: Народни песни за комитот Ѓорѓија Лажот, „Стремеж“ бр. 2, Прилеп 1965, 64.)

4 Г. Трајчев, Град Прилеп, 214.

5 Г. Трајчев, Град Прилеп, 214.

6 Нико Бендерот од селото Габровник ајдукувал во планината Бабуна од 1876 до 1882 година. Во неговата ајдучка дружина биле ајдуците: Темелко од Богомила и Димо Серменин од Ореше. Види: Стефан Аврамов, Револуционите борби…, 25.

7 Стефан Аврамов, Револуционите борби…, 25.

8 Никола Киров Мајски, Крушево и Крушевската Република, приредил Никола Јованоски, Историски музеј – Крушево, Крушево 2003, 14 и 17.

Мајски споменува дека Гушу Фетаџока бил придружник на Ѓорѓија Лажот и браќата Чакреви од Прилеп, Крушево и Крушевската Република, 14.

9 Г. Трајчев, Град Прилеп, 214.

Коне Цветков се обидел неговиот пријател, Тоде Кузманов, да биде пуштен за 850 лири, криејќи го остатокот што го носел.

10 Блаже Ристовски, коментари во десеттомното издание на Марко Цепенков, книга десетта, 388, 389.

11 Исто, 389.

12 Г. Трајчев, Град Прилеп, 214.

13 Исто.

Марко Цепенков има поинаква приказна за загинувањето на Ѓорѓија Лажот: … и Стојче коџобашијата бил внатре со Ѓорѓија и дружината му. Штом дошла потерата од Прилеп и ја сардисаа куќата, сети Ѓорѓија и веднаш наредил дружината, та почнал да се брани и да не припушта Турчин да влези при нив. Откоа исфрлаа фишеците, се прибрале Турците и ја запалиле куќата. Кога виде Ѓорѓија оти нема куртулија, и викна при себе другарите и се избакнале, се испростиле и со коџобашијата Стојчета и со сите куќни луѓе. На Стојчета многу насиети му даде за да биди и тој како него и да бие лошите Турци и многу други насиети му дал. Си навртоа пушките еден на други и сите се убија од своите куршуми, а не да остаат да и убијат Турците.“ (Види: Марко Цепенков, Народни песни, кн. I, 147.)

Според Милан Ристески, истакнат фолклорист и собирач на народни умотворби, во куќата на Тода Тодороска, во Вепрчани, Ѓорѓија Лажот презимувал заедно со четворица комити од неговата чета. Остатокот од четата бил на конак кај Јана Алтиоска, во истото село. Според него, битката траела дури седум дена, а последниот ден куќата била запалена и немајќи друг излез, комитите се убиле, стрелајќи еден во друг. Милан Ристески истакнува дека водачот на потерата за престојот на Ѓорѓија Лажот во Вепрчани бил информиран од платениците, браќата Јанковци, од истото село. (Види: Милан Ристески, Народни песни за комитот Ѓорѓија Лажот, „Стремеж“, бр. 2, Прилеп 1965, 64, 65.)

14 Г. Трајчев, Град Прилеп, 214.

15 Марко Цепенков, Народни песни, кн. I, 148.

16 Блаже Ристовски, коментари, Марко Цепенков, книга десетта, 389.

17 Г. Трајчев, Град Прилеп, 215.

18 Исто.

19 Исто.

20 Г. Трајчев, Град Прилеп, 230.

21 Фолклористот и собирач на народни умотворби, Милан Ристески, запишал дури 9 народни песни. (Види: Народни песни за комитот Ѓорѓија Лажот, „Стремеж“, 64 – 71.)

22 Г. Трајчев, Град Прилеп, 215. Види фуснота 15.

23 Марко Цепенков, Народни песни, кн. I, 147. Ристо Поплазаров, Текстовите на М. Ц. …, 196.

24 Г. Трајчев, Град Прилеп, 215, 216.

25 Марко Цепенков, Народни песни, кн. I, 147, 148. 26 Марко Цепенков, Народни песни, кн. I, 148, 149.