ВОЈВОДАТА АТАНАС ЏАМО ОД СЕЛОТО ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО

– Атанас Џамо уште како млад човек дошол во судир со беговите познати како Мутишовци во Прилепец. Тие дури се обиделе да го убијат, но не успеале во тоа. Потоа излегол комита, учествувал и во Илинденското востание, а како војвода го среќаваме во 1914 година кога како реон, со кој раководи, му бил доделен Мариово. Притоа има повеќе судири со српската власт и полиција, но ги преживува сите тие времиња и за време на Информбирото повторно е гонет од тогашната комунистичка власт, та одлежал затвор од 5,5 години во длабока старост. Дури и неговата смрт како старец е мистериозна. Од гонењата на власта во комунизмот не биле поштедени ниту неговите синови и целото семејство.

Селото Прилепец денес
Селото Прилепец денес

Прилеп и Прилепско обилуваат со личности кои со својата активност на разни начини се вклучиле во историските настани на овој крај. Многу од нив се или сосема малку споменати или воопшто никој не ги споменал во историскта литература. Еден од нив е и војводата Атанас Џамот од селото Прилепец кај Прилеп кој како војвода се појавува по Балканските војни, но како што раскажува неговиот внук од син Павле Богоески – Џамот неговата комитска кариера започнала уште пред Илинденското востание. Семејството на Џамот, денес со презиме Богоески, води потекло од Ресенско, каде нивниот предок дошол во судир со Турците. Имено, Турчинот ја посакал ќерката на стариот предок на Џамовци за жена за својот син. Дотогаш тие биле пријатели, но кога овој се спротиставил на желбата на Турчинот пријателството завршило и морал да бега од селото. Дошол во тогашното село Заград кое се наоѓало во близина на селото Варош кај Прилеп, од јужната страна на Маркови Кули. Заград било населено со неколку семејства од Мариово (според некои раскажувања од селото Вепрчани во Мариово) и тие го прифатиле бегалецот. Турчинот од Ресенско не му простил на стариот Џамот и тргнал по неговите траги. Така овој повторно морал да бега и да се преселува. Дошол во близина на селото Прилепец и тука јужно од Манстирот „Св. Никола“ успеал некако да го помине зимото со семејството и добитокот, а подоцна биле прифатени од жителите на Прилепец и Џамовци станале жители на ова село кое, според кажувањето на Павле Богоески, тогаш не било големо. Како што раскажува тој Атанас Џамот бил роден 1869 година и уште како млад дошол во судир со беговите познати како Мутишовци, кои имале своја кула во Прилепец. Имено, Атанас еднаш, во друштво со свои соселани гледајќи ги турските жени преку оградата со која била заградена кулата, искоментирал: Видете ги анките во оградата на кулата, како гуски се! “ Некој од неговите соселани, можеби заради некаква омраза, му кажал на Мутишовци за ваквиот коментар и, по извесно време, тие му пратиле потера за да го убијат.

Војводата Атанас Богоески - Џамо
Војводата Атанас Богоески – Џамо

Го пресретнале заедно со неговиот соселанец Саботко, домазет дојден од селото Марул, кај местото Крива Река“ или Гробот“. Прашале кој од двајцата е Атанас и дедо ми прснал да бега – раскажува внукот Павле Богоески – припукале по него, но за среќа, само еден куршум лесно го гребнал на лицето и носот. Знам дека дедо ми имаше лузна на тоа место. Потоа за него немало живот во селото и почнал да се дружи со комитите. Во тоа време во Прилепец биле убиени од Турците еден возрасен човек со име Толе и едно дете на возраст од 13-15 години.“

УЧЕСНИК ВО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ И ВОЈВОДА ВО МАРИОВО

ПО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

Како што раскажува Павле Богоески неговиот дедо Аатанас Џамот во својата комитска кариера бил и еден од учесниците на Илинденското востание. Од Прилепец имало уште еден Илинденец, Трајан Вишиноски, од семејството Вишиновци, кои биле староседелци во селото. Тоа значи дека Атанас Џамот имал долга комитска кариера. Во пишаната литература со историска содржина го среќаваме дури во 1914 година како војвода на чета во Мариово за време на српското владеење во Македонија. Како што пишува Георги Трајчев во неговата книга Град Прилеп“, пред Велигден во 1914 година била формирана чета од младинци кои бегале од воената обврска под раководство на војводата Атанас Џамот. Во неговата чета влегле Младен од селото Кокре, Цветан од селото Пештани и двете во Мариово и др.1 Како комити во четата на Атанас Џамот неговиот внук Павле Богоески ги набројува: еден комита од Ќосевци од Кокре (веројатно Младен кој е споменат и кај Георги Трајчев), еден од семејството Ѓорговци од Крушевица, двајца браќа од селото Будимирци, и двете во Мариово, еден од семејството Јовевци или Боневци од Кадино Село и уште еден комита од Прилепец, Крсте Каранде. Четата ги обиколува селата и набљудува на каков прием ќе наиде кај населението, кое имало позитивен однос кон револуционерното движење. Многу брзо четата била откриена од српската власт во планината над селото Прилепец и била нападната. Четата располагала и со бомби и фрлајќи повеќе од нив на потерата успеала да се повлече без последици.2

Куќите на Џамовци во селото Прилепец
Куќите на Џамовци во селото Прилепец

Во 1914 година имало големо незадоволство од повикувањето за служење на Македонците во српската војска и тие криејќи се од ваквата обврска оделе во планините во четите кои се формирале во тоа време. Освен четата на Атанас Џамот во тоа време група младинци се кријат и во месноста Шаторов Камен североисточно од Прилеп под раководството на Ѓорѓи Иванов Петрушев. Овие младинци биле невооружени, биле откриени од српската власт и брзо биле сите фатени.3 Организатор на неприфаќањето на поканите за служење во српската војска во тоа време бил војводата Даме Попов од селото Долнени кој го среќаваме уште 1900 година во четата на Војводата Мирче Ацев Симоноски од селото Ореовец кај Прилеп кога учествува во убиството на силникот Асан Суљо Пушка4 од кога постојано е активен комита и војвода. Револуционерниот комитет од Прилеп го повикува Даме Попов и му ветува голема поддршка за него и за неговите четници. Тој ја прифаќа поддршката и започнува активно да работи на прибирањето на забеганите младинци со што четата станува многубројна. Тоа се случува околу Велигден 1914 година. Се создаваат врски со четата од Тиквешко и движењето се шири дури до реката Вардар. Со нараснувањето на бројот на младите кои се прибрале во четата се врши поинаква организација и притоа се одредуваат чети по реони при што Атанас Џамот е одреден за војвода на четата во Мариово, а слични чети има и во Прекурид и во други реони. Сите тие биле под раководството на околискиот војвода Даме Попов од селото Долнени.5 За време на Првата светска војна четите ја поддржале бугарската војска и биле вклучени во нејзините единици главно со разузнавачка дејност, но често учествувале и во самите борби кои ги водела бугарската војска со спротивната Англо-Француска војска. Во 1915 година четата на Атанас Џамот е испратена во Мариово за поддршка на бугарската војска.6

ПЕТИПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЈВОДАТА ЗА ВРЕМЕ НА

ИНФОРМБИРОТО

По завршувањето на Втората светска војна војводата Атанас Џамот не е оставен мирен. Ако во тоа време тој е веќе стар човек новата власт постојано го набљудува и го става во редот на „сомнителните“. Најпрво е сомничен како издајник на група партизани кои загинале кај манастирот Св. Никола“ над селото Прилепец.7 Бил заробен и одведен во селото Ореов Дол заедно со другите заробеници кои се сомничеле за реакционерство и предавство. Од казна го спасил еден од партизаните кои при судирот кај Прилепец се спасил и успеал ранет да избега пред потерата. Тоа бил Петко Велкоски кој е роден исто така во Прилепец. Со неговата изјава: Немојте да си играте со народот, ние знаеме кој нѐ предаде, да го спроведете човекот безбедно до дома!“, Атанас Џамот бил спасен од казнување за ненаправено дело.8 Казна затвор сепак го стигнала за време на Информбирото. Како што тврди неговиот внук Павле Богоески тогаш Атанас Џамот е ставен под надзор како командант на некаква војска, бил притворен, а потоа осуден на 6 години затвор од кои одлежал 5,5 години. Внукот Павле смета дека казната, веројатно, ја издржувал во градот Параќин.9

Гробот на војводата Атанас Џамо кај манастирот „Св. Никола“ - Прилепец
Гробот на војводата Атанас Џамо кај манастирот „Св. Никола“ – Прилепец

Атанас Џамот својот живот го завршил во планината над Селце во близина на местото Скала“ кога еден ден во 1957 година отишол да бере дрва со својот добиток и оттаму не се вратил. За семејството Џамовци и овој настан не е докрај „случајност“. Телото на стариот војвода го пронашол некој жител (Тоде) од селото Селце и ја информирал службата за внатрешни работи. Полицијата ги повикала синовите на Атанас, Марко и Ѓорѓија и ги убедувале дека се работи за несреќен случај. Не се ни потрудија да извршат истрага“ – вели Павле Богоески Џамот. Телото на војводата, иако стоело 3‡4 месеци во планината, било пронајдено нераспаднато, цело.

КОМУНИСТИЧКИОТ РЕЖИМ ГИ ПРОГОНУВА И ПОТОМЦИТЕ НА ВОЈВОДАТА

Како член на ВМРО е прогонуван од властите и синот на Атанас Џамот, Коста. Тој имаше воен чин за предвојничка обука – вели Павле Богоески но како син на стар член на ВМРО и самиот беше малтретиран од комунистичката власт. Неколку пати е претепуван, речиси, до смрт и ложен со овчки кожи за да заздрави. Го притвораа и го претепуваа во полицијата. Еден ден во 1949 година во нашето семејство повторно дојде полиција за да го приведе чичко ми Коста. Дојде со селскиот полјак на 14 мај пред Св. Атанас и му нареди на чичко ми да оди со нив. Тој им рече дека таа вечер не сака да оди со нив, дека никаде нема да замине и нека дојдат да го приведат утре. Тука беа баба ми, неговата мајка, неговите сестри. Мораше да оди со полицијата. На еден километар од селото (не знам дали таму му се токмеле да го убијат) чичко ми летнал да бега. Пукале по него и го раниле во ногата, но не многу тешко и успеал да избега. Потоа фатил врска со некој во Мариово и успеал да избега во Грција. Од Грција чичко ми заминал за Нов Зеланд и таму остана да живее до денес. Од комунистичката власт беа гонети и другите членови на семејството“ – вели Павле Богоески.

Павле Богоески - внук на војводата Атанас Џамо - на гробот на својот татко Марко
Павле Богоески – внук на војводата Атанас Џамо – на гробот на својот татко Марко

Откако избегал од полицијата Коста Џамот извесно време се криел по селата во Мариово, а со него биле уште двајца луѓе, од кои едниот сосема млад, по име Илија, негов соселанец. Кога тргнале да бегаат во Грција младиот Илија посакал да се врати дома и така и постапил. Меѓу жителите на Прилепец и околните села се ширеле разни приказни за бегството на Коста Џамот. Полицијата сметала дека со него има многу поголем број луѓе. Кога се вратил младиот Илија го испитувале за да каже колку лица имало со Коста. Исти испитувања им правеле и на браќата на Коста, Марко и Ѓорѓија. Како што раскажува Павле Богоески Џамот, внук од брат на Коста, познат е еден случај во селото Кокре каде Коста Џамот со својот другар влегле во канцеларијата на тамошното комунистичко раководство и Коста им се обратил со зборовите: Зошто го лажите народот со вашите комунистички идеи? “

Стара фотографија од манастирот „Св. Никола“ со гробиштата кај селото Прилепец
Стара фотографија од манастирот „Св. Никола“ со гробиштата кај селото Прилепец

Коста Џамот во Грција останал 7-8 месеци додека да фати врски за да замине во Нов Зеланд. Југословенската полиција преку своите агенти успеала да му влезе во трагата и еден од агентите со измама го довел Коста Џамот до Гевгелиско каде требало да биде фатен од полицијата или ликвидиран. Тој ја забележал измамата и повторно избегал во Грција.10

Манастирот „Св. Никола“ кај Прилепепц
Манастирот „Св. Никола“ кај Прилепепц

На три години затвор е осуден и татко му на Павле Богоески, Марко Богоески. Ова се случува во 1949 година и казната ја издржувал во Идризово. Одлежал 2,5 години затвор. На тој начин, речиси, целото семејство Џамовци ги поднесувало тортурите на разни власти, на крајот и на домашната комунистичка власт и тоа само поради „гревот“ на стариот војвода Атанас Џамот. Овој војвода до денес не добил соодветно внимание на историчарите и на официјалната власт. Неговиот внук Павле Богоески се обидел да издејствува изградба на посебен надгробен споменик за војводата, но не наишол на соодветна поддршка.

Кула од турскиот период во Прилепец
Кула од турскиот период во Прилепец
Планината над селото Прилепец со врвот Коњарник
Планината над селото Прилепец со врвот Коњарник

1 Георги Трајчев, Град Прилеп, историско–географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 334.

2 Исто.

3 Исто.

4 Види во книгата „Војводите Коне Павлев и Мирче Ацев“.

5 Г. Трајчев, Град Прилеп, 334, 335.

6 Исто, 336.

7 На 19 декември 1942 година во близина на манастирот „Св. Никола“ кај Прилепец загинале 9 партизани, меѓу кои и народниот херој Киро Фетак од Куманово. Денес на тоа место е подигнат споменик во чест на загинатите.

8 Според раскажувањето на Павле Богоески – Џамот.

9 Атанас Џамот бил обвинуван за бугароманство, за што Никола Карандески од Прилепец вели: „Кога дојдоа Бугарите 1941 година во Прилепец Атанас Џамот прв беше претепан од нив. Тие наредија никој да не ги пушта коњите на пасење, а Џамот ги пушти и го фатија, го претепаа.“

10 Според Павле Богоески – Џамот од Прилепец и Тоде Бошески од селото Чумово.