АНТИЧКАТА ПРОРОЧИЦА КАСАНДРА ОД СЕЛОТО ЖИВОВО, ПРИЛЕПСКО

Областа Мариово денес е во исклучително лоша демографска состојба и голем број културни содржини се оставени на природната стихија и на случајните намерни и ненамерни посетители. Мал зрак на надеж дава се позасиленото навраќање на поранешните жители на мариовскиот крај на нивните цркви и манастири и активностите, кои ги преземаат за нивното одржување и доизградба. Токму на оваа појава се должи и откривањето на неколку експонати од материјалната култура на овој простор со потекло од антиката. Се работи за еден фрагмент од мермерна плоча со релјеф и натпис, како и еден фрагмент од мермерен столб, кои потекнуваат од просторот на обновениот манастир „Св. Петар и Павле“, кој се наоѓа во непосредна близина на селото, од неговата североисточна страна, во близина на селската чешма.

Фрагментот од плочата со релјеф и натпис 2
Фрагментот од плочата со релјеф и натпис 2

Токму од местото на обновениот манастир потекнуваат гореспоменатите експонати. Всушност, местото на кое е поставен манастирот крие постари културни траги и овие културни споменици, веројатно, потекнуваат од самото место. Покрај нив, на теренот околу малата црква се забележуваат и други остатоци, меѓу кои и гробови од типот циста, фрагменти од керамички садови и сл. Ако се знае дека гробови од типот циста – со конструкција од камени плочи среќаваме уште од праисторијата, преку антиката, па и средниот век, тешко е да се констатира од кој период потекнуваат културните остатоци на овој локалитет, но претходноспоменатите споменици не доближуваат до поточно датирање, односно не упатуваат на некои од првите векови на римскиот период.

Мермерен столб - фрагмент
Мермерен столб – фрагмент

Едниот од објектите, кој е фрагмент од оформена мермерна плоча, веројатно, од надгробен споменик, има остатоци од релјеф на кој се забележуваат нозете од два коњи, на кои имало и јавачи, од кои првиот е зачуван подобро, при што се забележуваат неговите нозе и дел од стомакот, како и една од нозете на јавачот до коленото. Во долниот дел на плочата има натпис во четири реда. На натписот се споменуваат повеќе имиња, но нивното идентификување е тешко поради оштетувањата на писмените симболи. Сепак, сосема е јасно името Касандра, кое се споменува во третиот ред, која веројатно е ќерка на покојникот во чие име го подигнала споменикот.

Натписот од Живово
Натписот од Живово

Од пишувањата на античките автори познато е дека името Касандра има митолошко потекло и, особено, е поврзано со градот Троја. Имено, Касандра е една од големиот број ќерки на тројанскиот крал Пријам и неговата жена Хекаба. Таа е близначка и се родила заедно со нејзиниот брат Хелен. Тие, според митологијата, биле меѓу најмладите деца на Хекаба и Пријам и биле надарени со пророчка моќ.1 Тоа значи дека ова име има континуитет на употреба повеќе од 3.000 години.

Касандра - Evelyn Pickering Morgan (1855–1919) – London, Anglija
Касандра – Evelyn Pickering Morgan (1855–1919) – London, Anglija

Спред митолошкото предание, пророчката моќ ја добиле при прославувањето на нивниот роденден во храмот на богот Аполон Тимбрај. Децата се умориле од игра и заспале во аголот на храмот. Нивните родители, на веселбата добро се напиле вино и, заборавајќи на своите деца, си отишле дома без нив. Кога нивната мајка Хекаба се вратила во храмот по нив, ги затекнала како свети змии им ги лижат ушите и крикнала од страв. Змиите се скриле во ловоровиот џбун во близина, но оттогаш Касандра и Хелен останале надарени со моќ за пророштво.2

Според едно друго предание, пророчката моќ Касандра ја добила еднаш кога таа заспала во храмот, а богот Аполон се појавил и ѝ ветил дека ќе ја научи на пророчка моќ ако се согласи да му се подаде. Касандра најпрво го примила дарот, а потоа одбила да му се подаде на богот. На тоа, Аполон почнал да ја моли само да го бакне и кога таа се согласила, тој и плукнал во устата и поради тоа никој не верувал во нејзините пророштва.3

Манастирот „Св. Петар и Павле“ - Живово 2
Манастирот „Св. Петар и Павле“ – Живово 2

Касандра го предвидела и паѓањето на Троја, но никој не и верувал. Кога еднаш нејзиниот татко Пријам испратил делегација за преговори со еден од кралевите во Грција, Теламон, кој ја грабнал неговата сестра Хесиона, а Касандра пророкувала дека преговорите ќе бидат неуспешни и дека Троја ќе биде нападната и ќе ја изгуби војната Пријам, за да ја избегне непријатноста, Касандра ја затворил во тврдината.4

Касандра, заедно со Лаокоонт, синот на Антенор, ги предупредувале Тројанците и за тоа да него внесуваат дрвениот коњ во градот бидејќи во него има вооружени луѓе, но никој не поверувал на тоа и дрвениот коњ бил внесен и поставен на тврдината.5

Кога Ахајците кои биле скриени во дрвениот коњ излегле и почнале да убиваат во градот, Касандра избегала во храмот на Атина и се залепила до дрвениот лик на божицата, кој се наоѓал на местото на Паладиумот. Тука ја нашол Малиот Ајант и се обидел да ја одвлечка, но таа толку силно го прегрнала дрвениот лик, па морал да ја однесе заедно со него во харемот во кој ги собирале тројанските жени. Неа, како награда за своите заслуги ја побарал Агамемнон. Хермес го предупредил дека, при изнесувањето од Храмот, Ајант ја силувал, но Агамемнон, сепак, ја зел за себе.6

Селото Живово
Селото Живово

Касандра на Агамемнон му родила и два сина, близнаци, Теледам и Пелоп. На враќање од војната, Агамемнон ја довел во Микена каде, заедно со него, на специјално организирана гозба, била убиена од неговата сопруга Клитајмнестра и Егист, за одмазда.7 По убиството на Агамемнон и Касандра Егист ги заклал и нивните деца – близнаци, Теледам и Пелоп.8

Се знаело и за тоа каде биле погребани Касандра и нејзините деца. Нивните гробови биле во подземните одаи на Атреј и неговите синови. Тука се наоѓале гробот на Атреј и гробовите на оние кои, по враќањето од Троја, биле убиени од Егист, односно, на Агамемнон, Касандра и близнаците Теледам и Пелоп. Близнаците биле погребани во заеднички гроб.9

Една од преостанатите куќи во Живово
Една од преостанатите куќи во Живово

Касандра, веројатно претставувала посебен култ во некој од постарите периоди, во кои се случила и Тројанската војна. Според извесни информации, во Амикла, во Лаконија постоел храм и статуа на извесна Александра, за која жителите на Амикла кажувале дека таа е ќерката на Пријам, Касандра.10 Всушност, шителите на Амикла имале друго име за Касандра, односно, Александра. Нејзин храм бил подигнат и во градот Леуктра, во близина на границата на Лаконија со Месенија.11

За фактот што Касандра била своевиден култ, постојат голем број податоци. Еден од нив се наоѓал и во храмот на божицата Хера во Елида на Пелопонез, каде на ковчегот на коринтскиот тиранин Кипсел, меѓу другото, прикажан е Ајант, како ја одвлекува Касандра од храмот на Атина, а кај овој приказ стоел натпис:

„Касандра, Локранинот Ајант ја одвлекува од Атина на сила.“12

            Слични прикази има и на други места, особено на Пелопонез. Таков приказ има и во Фокида, во еден храм на Аполон, каде има приказ на грабнувањето на Касандра од Ајант.13

            Интересно е дека во истиот храм се наоѓа претстава на Кореб, синот на Мигдон, кој требало да се ожени со Касандра, но бил убиен од Неоптолем,14 синот на Ахил. За Мигдонците, пак, се знае дека биле сметани за македонско племе, кое живеело околу Термајскиот залив.15

Фрагментот од плочата со релјеф и натпис
Фрагментот од плочата со релјеф и натпис

            Името на Касандра се зачувало и на Халкидичкиот полуостров, кој завржува со три помали полуострови – „прсти“, од кои најзападниот е наречен Касандреја. Истиот полуостров во постарите периоди бил познат како Флегра и Палена,16 а овие негови имиња се поврзани со прастари геолошки превривања на овој простор. Интересно е што името Палена е поврзано со митолошко предание за борбата меѓу Ѕевс и Титаните, кога во борбата бил употребуван и оган, односно, палење со оган што, според македонската етимологија, нѐ доближува до потеклото на ова старо име на Касандреја.             На овој начин, појавата на овој епиграфски споменик, преку името на Касандра за која е извесно дека е жител на овој простор пред околу 2000 години, денес испустеното село Живово, го поврзува со триилјадната историја и култура на Медитеранот. Употребата на ова име во Македонија во античкиот период е засведочено на многу места, а познато е дека и еден од македонските кралеви, по смртта на Александар Македонски, го носел името Касандар. Тој бил зет ќерка на Филип Втори, а за сестра на Александар Трети.

1 Robert Grevs, Grčki mitovi, Familet, Beograd 1990, 480.

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто.

5 Исто, 529.

6 Исто, 533 и 534.

7 Исто, 324 и 325.

8 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 111.

9 Исто.

10 Исто, 174.

11 Исто, 184.

12 Исто, 269.

13 Исто, 533.

14 Исто, 534.

15 Херодотова историја, Матица српска, Нови Сад 1988, 171.

16 Исто.