МАНАСТИРИТЕ „СВ. ПЕТКА“ КАЈ СЕЛОТО БЕШИШТЕ И „СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН“ КАЈ СЕЛОТО ПОЛЧИШТЕ ЈА ОДДРЖУВААТ ВОНВРЕМЕНСКАТА ВРСКА МЕЃУ НЕБОТО И ЗЕМЈАТА

Може да се каже дека ништо не е случајно и сѐ е во извесна врска – подалечна или поблиска. Случајот со локалитетот Сатока, во долината на реката Сатока, во атарот на селото Бешиште каде е подигнат манастирот „Св. Петка“ и ридот Скрка, односно популарниот врв Панделе меѓу селата Полчиште и Бешиште каде е подигнат манастирот „Св. Пантелејмон“, е особено поттикнувачки, полн со возбудна енергија и небесен вознес. Длабоката долина, покрај реката Сатока, во која денес е сместен манастирот „Св. Петка“, претставува своевидно „грло“ на Земјата од кое зрачи нејзината божествена енергија, а ридот Скрка со врвот Панделе, со манастирот „Св. Пантелејмон“, кој се издига северно од неа, на надморска височина од 1344 метри, доминира со околината на областа Мариово, „ја контролира“ и „бдее“ над неа и со својата возвишеност е своевиден приемник и емитер на божествената небесна енергија. Двата локалитети се во визуелна врска и функционираат во своевидна заемност.

Новата црква во манастирот „Св. Петка“
Новата црква во манастирот „Св. Петка“

Тоа биле отсекогаш, односно, од нивното настанување во некое сосема далечно и урнебесно време на создавање на земјата, природата и релјефот на овој простор. Тоа, секако, го забележале луѓето уште во далечните времиња на праисторијата и го искористиле за своите животни цели, да се доближат до божеството, односно до земното и небесното со кое господарат божествените сили и од нивната милост зависел опстојот на човекот. Трагите од овој настан се присутни и денес, преку остатоците од творечката дејност од тие времиња. Во долината на реката Сатока, односно, на истоимениот локалитет, и денес се среќаваат остатоци од старата култура. Меѓу кои, остатоци од стари градби, наоди на фрагменти од керамички садови, добро оформени архитектонски елементи и сл. На местото на денешниот манастир се пронајдени неколку фрагменти од столбови, како и други слични остатоци, кои упатуваат на подлабокото културно минато на овој простор. Тука, уште пред турскиот период се наоѓало селото Сатока, кое се испустило по избувнувањето на Првата буна против турското ропство на Блаканот, Прилепско-мариовската буна од 1564/65 година, а еден од нејзините водачи, Димитри Стале, потекнувал токму од него.1

Поголемата црква на Панделе
Поголемата црква на Панделе

Познато е преданието дека на просторот меѓу селата Бешиште и Градешница и Старавина, во некое старо време имало, дури 70 цркви2 од кои денес, на многу места има разновидни остатоци од градби, познати како црквишта. Се споменуваат места со остатоци од цркви посветени на св. Ѓорѓија, св. Димитрија, св. Катерина и други. Во блиската околина на Сатока има и голем број остатоци од разни селишта, на кои им се познати и имињата, како Дрен, Костеник, Крлигово, Елешац и др.3

Од „Св. Петка“ кон „Св. Пантелејмон“
Од „Св. Петка“ кон „Св. Пантелејмон“

 Големото плато на врвот Панделе, кое зафаќа простор од околу 1 xa, било утврдено со  камен, без малтер, кој се протега по целиот раб, пред неколку илијади години. Веројатно е дека на ова место човекот бил присутен најмалку во бронзениот период, па и самото утврдување потекнува од тоа време. Примери на локалитети со слични остатоци, односно, утврдувања од бронзеното и железното време има на повеќе места во Мариово и пошироко. Нам ни е познато Градиште кај селото Вепрчани, Милошова Тумба кај селото Дуње, Лаштигерот и Градиште кај селото Манастир, Богданова Нива кај селото Чаниште,4 Големи Камен кај селото Лопатица, Веслец кај селото Бонче,5 Казан и Маркови Кули кај селото Кален6 и многу други. На овој начин добиваме почетна слика за тврдините и населувањето во бронзениот и железниот период во овие простори, односно, една слика на инфраструктурата на населување со тврдини, кои служеле за заштита на населението во немирните времиња, но и за односот кон природните вредности и „божественоста“ на овие места, кои доминираат со околината, „се доближуваат“ до небото и божествата и преку нив се воспоставува нераскинливата врска меѓу човекот, како земно суштество и божествата, како надземни и семоќни суштества. Оваа врска, меѓу земјата и небото, е постојан стремеж на човекот и таа на разни начини се остварува. Пред сѐ со духот, кој е нескршлив и незапирлив и кој ги материјализира своите намери и своите цели.

Поранешната градба на црквата „Св. Петка“

Токму на овој дух се должи подвигот кој го постигнуваат жителите – сегашните и поранешните –  на селото Бешиште, кои во долината на Сатока изградиле убав храм посветен на св. Петка, со придружни објекти, неопходни за вистинско посветување на празникот, за достојно изразување почит кон светицата и Исусовата вера. Истиот „божествен“ дух ги води и сподвижниците од високиот и доминантен врв Панделе, кои изградиле две цркви посветени на св. Пантелејмон, две поголеми згради, како и уште неколку помошни објекти, како што е малата, но фасцинантна кујна, делумно вдлабена во карпа.

Реката Сатока 2
Реката Сатока 2

            Денес, во времето кое е многу далечно од првичните контакти на човекот со овој простор, жителите – малкуте сегашни и поранешните – на селата Бешиште и Полчиште, со својот самопрегор и силна волја за постигнување, повторно, на сличен начин не воведуваат во амбиентот на единството на човекот и природата, на човечкото и божественото и на нераскинливата врска помеѓу небото и земјата. Длабоко во долината на реката Сатока, која тече од југоисточната и јужната страна на селото Бешиште, на стари корени на населување и свети храмови, е издигнат манастирот „Св. Петка“, а на врвот Скрка, популарен како Панделе, од јужната страна на селото Полчиште, а од северната на селото Бешиште со две помали цркви и неколку поголеми и помали придружни градби изградени со многу труд, љубов и волја, особено верба, се наоѓа манастирот посветен на св. Пантелејмон. Двете светилишта, денес, на своевиден начин го привлекуваат вниманието и со невидена енергија ги поттикнуваат на подвиг, на восклик и вознес, потсетувајќи ги на изворното, на коренското, на традиционалното, прататковското, кое не смееме да го заборавиме ако сакаме да опстоиме и да ја надживееме нереалната сегашност, која ни ја наметнаа непознати, пред се недобронамерни сили, кои влегоа во партнерство со нелогичното и неостварливото и ни го наметнаа како неодминлива реалност. Човекот опстанал со милениуми, воден од внатрешниот инстинкт и поривот за опстанок и тоа и сега ќе го направи повикувајќи се на своите внатрешни сили и енергии, кои се во допир со природното и божественото.

Ридот Скрка со врвот Панделе
Ридот Скрка со врвот Панделе

            Ова можеше да се доживее со присуството во двата манастири во атарите на селата Бешиште и Полчиште во Мариово под патронатот на мачениците за христијанството и човештвото, двата светци, св. Петка и св. Пантелејмон. Спонтаното чувство на почит кон светците, како и напливот на изворна животна енергија во божествениот простор ги поттикна присутните на своевиден восклик и препуштање на чистите чувства и вонземската радост, па така, и овојпат, преку молитва, песна и оро, беше воспоставен надземскиот и небесниот контакт, хармонијата меѓу земното и небесното по која човекот отсекогаш копнеел. Долу, во долината на реката Сатока и на св. Петка, како и горе на светиот врв Панделе, врвот на св. Пантелејмон.

„СВ. ПЕТКА“ – ПРОСЛАВА 08.08. 2019

АРХЕОЛОШКИ ОСТАТОЦИ

„СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН“ – ПРОСЛАВА 09.08.2019

ОСТАТОЦИ ОД СТАРАТА ТВРДИНА

1 Александар Стојановски, Македонија во турското средновековие XIV – XVII век, Култура, Скопје 1989.

2 Георги Трајчев, Мариово, Софија 1923. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, Растер – ком, Прилеп 2002.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, … .

4 Исто.

5 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија II, Ризница, Прилеп 2009.

6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, … .