45-ти фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ – Прилеп – Долнени

Малку летаргично, во голема мерка мерка игнориран, со несфатливи постапки околу неопходната подршка за подготовка и организирање, во положба меѓу чеканот и наковалната, сепак, со ентузијазам и верба во општочовечките вредности, активистите од Советот на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ во текот на два дена – 5 и 6-ти јули, во Прилеп и Долнени, го рерализираа и 45-тото издание. Наше убедување е дека овој фестивал заслужува целосно внимание од сите надлежни институции во државата (кое, за жал; не го добил до денес) зашто негува културни вредности од општоцивилизациско значење и се случува во срцето на една област, која е ризница на прастара култура, би рекле; од судбинско значење за човештвото. Филклорот, пак, во себе ги содржи корените на таа култура, симболите на времињата во која е создавана и елементите на безвременските културни достигнувања, кои денес се во служба на човештвото.   

Санде Николов од Кочани - добитникот на „Гајдата на Пеце“
Санде Николов од Кочани – добитникот на „Гајдата на Пеце“

На фестивалот учествуваа околу 300 учесници – со народни инструменти и песни од Македонија и други балкански земји, покажувајќи дека творештвото е вистинскиот оправдан аргумент за постоење, но и вистинскиот начин на живот.  Можеше да биде вистински фестивал, со широка афирмација и заслужена популаризација, која може да донесе безброј благодети, но тоа во некое идно време, кога ќе го ослободиме духот од приземностите, банализмот и заблудните амбиции и кога комплетно ќе се посветиме на разумното и едноставното, без непотребното оптоварување на основните вредности со фрустрациите на времето, со себичноста и лицемерието и кога на овчарот ќе му го оставиме крлукот, на жетварот српот, на ковачот чеканот и наковалната.

Нинатогодишниот добитник на „Гајдата на Пеце“, Кире Ризоски од селото Боротино, Прилепско
Нинатогодишниот добитник на „Гајдата на Пеце“, Кире Ризоски од селото Боротино, Прилепско

Учесниците ја вложија својата енергија во сопствените дарби и вештини и, оние кои успеаја да го проследат фестивалот, ги „почестија“ со безвременски народни творечки вредности.

КУД „Пенка Котеска“ од Прилеп
КУД „Пенка Котеска“ од Прилеп

Оваа година, наградата „Гајдата на Пеце“, која ја доделува општина Долнени, ја понесе гајдаџијата Санде Николов, член на Фолклорниот ансамбл „Мугри“ од Кочани, а КУД „Панче Пешев“ од Куманово ја доби наградата Гран-при, за најдобра изведба.  Наградите беа доделени на завршниот настан, кој се одржа на Рудина, во село Долнени, на 6-ти јули, со почеток во 19 часот. Во рамките на фестивалот беше одржан и симпозиум, беше промовиран Зборникот со научни трудови „Фолклорот во минатото и денес“, а под раководство на Горан Василески, магистер по фолклористика, беше направено и едно теренско истражување со млади истражувачи, кои на терен во Пелагонија, односно, околината на Прилеп и селото Долнени, изучуваа народни песни и иснтрументи, запознавајќи се изворно со народното творештво.