ЕДЕН НАТПИС ЗАПИШАН НА НАДГРОБЕН СПОМЕНИК ВО СЕЛОТО ПОЛЧИШТЕ, АРГУМЕНТ ЗА УБИСТВОТО НА ПОСЛЕДНИОТ СТАРЕШИНА НА МАРИОВО ВО ТУРСКИОТ ПЕРИОД, ТРАЈКО ХРИСТОВ ЧАКРЕВ

Натписот претставува вистински калиграфски експонат на македонската писменост од времето во кое бил подигнат споменикот. Да се надеваме дека еден ден тој ќе го доживее вистинскиот третман и ќе ја одигра својата улога за растајнување на историската вистина на споменатиот настан, како и за писменоста во Мариово и Македонија во тоа време.

Селото Полќиште од запад
Селото Полќиште од запад

            Според народното предание, но и според некои историски сознанија, Мариово (Мориово), до третата деценија на 19 век било област со посебни привилегии во рамките на Турската Империја. Имено, оваа област, била хас (имот во владеење) на лица блиски на султанот, па дури и имот на самиот султан1 и поради тоа имала свој домашен управник. Мариово, многу често му било доделувано како хас на турските везири, кои биле лица од најблискиот круг на султанот.2 Поради тоа, во Мариово немале право да влегуваат државни функционери од Прилеп и од другите градови, областа не била оптоварена со тешките даноци (текалифи ака) и уживала извесен феудален имунитет, во турските документи, познат како „сербестиет“,3 а жителите биле должни да му плаќаат данок само на сопственикот на феудалниот имот наречен „мутесариф“.4 Според некои автори, на чело на областа стоел тн. земски кмет или земски крсердар, кој носел титула војвода на Мариово. Негова должност била да води земска чета за самоодбрана на населението во областа, за заштита од турските и арнаутските арамии.5 Тоа им давало право, не само на главатарите, туку и на нивните блиски соработници, па и на другите мажи од Мариово, да носат оружје.6

Црквата „Св. Спас“ и училишната зграда со дел од селото
Црквата „Св. Спас“ и училишната зграда со дел од селото

            Според некои автори, земските кметови го собирале данокот од селските кметови со двајца вооружени придружници и му го носеле директно на турскиот војвода во Прилеп,7 а според други, земските кметови, во придружба на своите вооружени сејмени, секоја година на Ѓурѓовден оделе на поклонение кај султанот, носејќи му бакшиш по неколку товари масло и исто толку товари мед. Тоа бил целиот данок определен во натура, кој му го давале Мариовците на султанот.8

Плочата со крст и натпис посветен на Степан Стојков
Плочата со крст и натпис посветен на Степан Стојков

            На тој начин, во Мариово не влегувале Турците да собираат данок, туку данокот го собирале Земскиот кмет и неговата вооружена придружба. Ваквата привилегија, која ја уживале Мариовците, им била трн во окото на турските големци од Прилеп и околните градови. На разни начини, тие, се обидувале да ја укинат своевидната автономија на Мариово за да можат целосно да владеат со областа, лично да го осбираат данокот и да ја скршат гордоста на жителите на овој крај. Во тоа, Турците успеале, според едни во триесеттите, а според други во 1872 година на деветнаесетиот век, кога ги убиле Земскиот кмет Трајко Христов Чакрев од селото Полчиште и неговите придружници при едно нивно доаѓање во Прилеп.9

Горниот дел од натписот на плочата на Степан Стојков
Горниот дел од натписот на плочата на Степан Стојков

            Денес, од лозата на семејството Чакревци од селото Полчиште во Мариово потекнуваат повеќе гранки, односно семејства, кои носат различни презимиња. Меѓу нив се Пранговци, Лажовци, Гаџовци и други. Кај некои одм нив се зачувало предание, кое претставува извесно сеќавање за посебната улога, која ја имале некои постари претци. Ова предание го сретнавме кај членови на семејството Пранговци. Во преданието се вели: „Во некое постаро време, односно, во турско, извесен предок од Чакревци вршел некоја посебна улога и уживал посебен авторитет меѓу населението во Мариово, па Мариовците. Често кога имале некоја мака или проблем жителите на Мариово се обраќале кај тој предок на Чакревци и барале решение од него. Особено кога биле во опасност од нечија закана и им требала заштита. Во тоа време, онеправдените се заканувале со моќта на старешината од Чакревци со зборовите: Ќе му ставе пранги Трајко, туку, де! Од тоа време се издвоила лозата на денешното семејство Пранговци, според зборот „пранги“, кој го употребувале оние кои биле на некоја мака.“10

Средниот дел од натписот на плочата на Степан Стојков
Средниот дел од натписот на плочата на Степан Стојков

                По убиството на Трајко Христов – Чакрев и неговата придружба во Прилеп, привилегираната положба на Мариово завршила и настапол период на вистинско владеење на Турците со овој крај. Оттогаш тие почнале редовно да доаѓаат во областа, да зафаќаат имоти и да градат сопствени градби, односно турски кули.

Долниот дел од натписот на плочата на Степан Стојков
Долниот дел од натписот на плочата на Степан Стојков

            Еден документ, односно натпис на надгробен споменик, кој го документиравме во кругот на црквата „Св. Спас“ во селото Полчиште, претставува вистински споменик, кој упатува на времето на убистовото на последниот земски кмет на Мариово, Трајко Христов – Чакрев и неговите другари, во втората половина на деветнаесеттиот век во Прилеп. Запишаното, речиси, се совпаѓа со времето за кое старите автори тврдат дека се случило спомнатото убиство. Имено на крстот, приближно, вака е запишано:

„Овде лежи блажени раб божји Степан Стојков кого го убија во град Прилеп на први април 1873 година. Овде се (погребани, з.м.) и неговиот татко и неговата мајка, Петра и Степан.“

            Како што се гледа од натписот, името на покојникот е Степан Стојков, а тој бил убиен на први април 1873 година, односно, многу блиску до времето на убистовото на Трајко Христов – Чакрев и неговата придружба во Прилеп, како што наведуваат некои од постарите автори. Имено, во некои од нивните пишувања е наведена 1872 година, како година на злосторството во Прилеп, што значи дека разликата кај нив и на натписот е една година. Ова наведува на претпоставка дека авторите имале, релативно, точен податок за времето на убиството и можно е дека само е направен превид за точниот датум, кој на натписот прецизно е наведен „I април, 1873“. Крстот со натписот денес се наоѓа дислоциран од гробното место, поставен покрај источниот ѕид на камената ограда на црквата. Гробното место, веројатно, било во близина

            Може да се каже дека ова е прв документ, кој на ваков начин упатува на времето на убиството во Прилеп и, е можна потврда на веродостојноста на тој настан. Доколку е така, Степан Стојков, веројатно, бил еден од вооружените придружници на земскиот кмет Трајко Христов – Чакрев. Самиот факт, што неговите потомци му подигнале ваков споменик, односно добро изработен крст од мермер со убаво испишан натпис, упатува на извесен повисок статус на Степан Стојков и неговото семејство. Ваквиот споменик, освен документ за споманатиот настан во Прилеп, претставува и своевиден писмен споменик од втората половина на деветнаесеттиот век, кој заслужува посебно внимание и од филолозите. Натписот претставува вистински калиграфски експонат на македонската писменост од времето во кое бил подигнат споменикот. Да се надеваме дека еден ден тој ќе го доживее вистинскиот третман и ќе ја одигра својата улога за растајнување на историската вистина на споменатиот настан, како и за писменоста во Мариово и Македонија во тоа време.  

Гробот на Спиро Степанов со метална ограда

            Во рамките на оградата на црквата „Св. Спас“ во селото Полчиште сретнавме и еден гроб на борец за татковината, кој бил убиен од „поткупена рака“. Тој потекнува од малку понов датум, односно од 1909 година. Во него почива Спиро Степанов, кој според натписот бил една од жртвите во борбата за ослободување на татковината од ропството и создавање сопствена држава. На мермерната плоча на гробот на овој борец за Македонија пишува:

„Спиро Степанов, роден 21 февр. 1882 г.

убит 5 февр. 1909 г. от поткупена рака.

СПИРО живеа за татковината си (отечеството си) и умре за неа (него).

Духот ќе се носи над нас и ќе буди спомени

мили за изгубеното чедо на татковината ни (отечеството ни).

Вечна ти памет бесмртни

Март 15, 1909 г.“

Плочата со натпис на гробот на Спиро Степанов 2
Плочата со натпис на гробот на Спиро Степанов 2

За неговата личност и делото немаме посебни податоци, но според кажување на лица со потекло од селото, тој бил комита и војвода, кој делувал на почетокот на дваесеттиот век. Негови потомци денес има на многу места во Македонија, како Прилеп, Битола и други градови. Еден од нив е и Ристо Паргоски, еден од блиските соработници на големиот борец за создавање независна македонска држава, Драган Богданоски. Ристо Паргоски, денес, живее во Битола.

1 Александар Стојановски, Македонија во турското средовековие, XIV – XVII век, 393. (Во пописот од 1528/29 година селата во Мариово се регистрирани како хас на падишахот, односно, султанот).

2 Исто.

3 Александар Матковски, Отпорот во Македонија, книга 4, Мисла, Скопје 1993, 177, 178.

4 Исто.

5 Воислав Радовановиќ, Народна ношња у Маријову, Гласник скопског научног друштва, књ. XIV, Оделење друштвених наука 8, Скопље 1935, 107 – 179, књ. XV – XVI/ 9 – 10, Скопље 1936, 127 – 208; А. П. Стоилов, Мариово, Периодическо списание на Българското книжевно дружество, год. IX. кн. XLVII, Средец 1894, 750 – 757; Никола Ганчев Еничеревъ, Възпоминаниа и бележки, София 1906 и Георги Трајчев, Мариово, София 1923. Nikola Gan~ev Eni~erevÍ, VÍzpominani® i bele`ki, Sofi® 1906 i Georgi Traj~ev, Mariovo, Sofi® 1923.

6 Трајчев, Мариово, София 1942, трето непременено издание, 11.

7 Исто. – Трајчев пишува дека самиот помни како „пред 40 години“, многумина Мариовци доаѓале на пазар во Прилеп со пушки „кремењарки“.

8 Воислав Радовановиќ, Народна ношња у Маријову, 120.

9 Трајчев, Мариово, София 1942, трето непременено издание, 10 и 11. Прилеп и Прилепско низ историјата, книга прва, Институт за национална историја – Скопје, Прилеп 1971, 126.

                Во книгата „Прилеп и Прилепско низ историјата“ е запишано: „По наредба на тогашниот кајмакам на градот, Расим, била ликвидирана тогашната Земска самоуправа на Мариовците, чијшто земски кмет Трајче Христов чакрев, заедно со четири маривоски кметови, сред бел ден бил убиен во градот во 1872 година, заради тоа што откажал да плати 200 лири противзаконски такси за сечење дрва, потребни за правење штици, од што се прехранувале Мариовците“.

10 Преданието ни го раскажа Ристо Пранговски, еден од потомците на споменатото семејство, Пранговци од селото Полшиште, педагог во Основното училиште „Блаже Конески“ во Прилеп, денес пензионер.