АНТИЧКА НАСЕЛБА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ОГРАДИТЕ“ КАЈ СЕЛОТО КАНАТЛАРЦИ КОЈА БИЛА ВО ВРСКА СО „ЕРЕКОВСКО КАЛЕ“ – КАЈ СЕЛОТО ЕРЕКОВЦИ, ПРИЛЕПСКО

Неодамна го посетивме селото Канатларци, Прилепско и локалитетот „Оградите“, кој се наоѓа на околу 300 m североисточо од селото, каде се гради нова црква „Св. Никола“. Христијаните део денес немале црква во селото Канатларци, па затоа решиле да ја изградат. Според предание, стара црква „Св. Никола“ имало на местото на денешното теќе, кое се наоѓа на таа страна на селото, но таа била заменета со изградба на теќето уште во турксиот период. Токму затоа и новата црква го носи името на св. Никола. Новата црква се гради на локалитето познат како „Оградите“, во близина на христијанските гробишта – од западната страна. Од источната страна на новата градба се расположени големи обработливи површини. Токму на површината на теренот со обработлива земја, на еден дел, кој има и благо возвишение, забележавме изобилство од керамика – фрагменти од керамички садови, тегули, имбрекси, питоси, како и извесни фрагменти од метални предмети, меѓу кои и бронзени. Освен тоа, на многу места се среќаваат и грамади од камен, кои веројатно биле дел од градбите на старата населба. Сето тоа упатува на населба од значителни размери, но за поконкретни заклучоци потребни се поопстојни истражувања.

Локалитетот „Оградите“ со поглед на „Ерековско кале“
Локалитетот „Оградите“ со поглед на „Ерековско кале“

Локалитетот зафаќа површина од неколку ha и визуелно е поврзан со два интересни локалитети со остатоци од стари тврдини. Од источната страна се извишува врвот веслец, меѓу селата Штавица, Марул, Подмол и Бонче, а од северозападната „Ерековско Кале“,1 кое е и на помало растојание од „Оградите“. Токму затоа, сметаме дека населбата од локалитетот кај Канатларци била во извесна врска со утврдувањето на „Ерековско Кале“. На тоа упатуваат и првичните наоди, кои упатуваат на македонско-римскиот период, кој е присутен и на споменатото кале.

Поголемиот дел од локалитетот „Оградите“ со Веслец во позадина
Поголемиот дел од локалитетот „Оградите“ со Веслец во позадина

Локалитетот „Ерековско Кале“ се наоѓа северозападно од селата Канатларци и Ерековци, тој дел од атарот на Ерековци и е расположен на повисок рид, во близина нај највисокиот врв на ридот Алинска Корија со 924 m н.в. познат како „Каракамен“. „Ерековско Кале“ е врв расположен од југоисточната страна на ридот, истурен кон југоисточниот дел на Пелагонија и е поблиску до селото Шелеверци.

Надгробен споменик од мермер со потекло од селото Канатларци
Надгробен споменик од мермер со потекло од селото Канатларци

На него се наоѓа поголемо рамно платó, на кое се среќаваат остатоци од помало утврдување, за кое се добива впечаток дека имало цврсти ѕидишта. Наместа јасно се забележуваат остатоците од стариот ѕид, но голем дел од него бил уништен за време на Првата светска војна, кога по целата површина на утврдениот простор биле раскопани ровови, а градежниот камен бил разместен за потребите на рововите.

Локалитетот „Оградите“ со поглед на врвот Веслец
Локалитетот „Оградите“ со поглед на врвот Веслец

Освен остатоците од ѕидот кој го утврдувал платóто на ридот, по површината на теренот можат да се пронајдат и ретки фрагменти од керамички садови, кои според белезите потекнуваат од раната антика и римскиот период, односно, македонско-римскиот период. Овој дел од ридот е издвоен и вовлечен кон југоисточниот дел на Пелагонија, над кој доминира и има добра прегледност над прос­то­рот. Веројатно, од ваквата негова позиција произлегувала и намената на старото утвр­ду­вање, во кое се влегувало од североисточната страна, а другите делови на овој врв паѓаат стрмно надолу и се тешки за освојување. Во атарот на селото Шелеверци, во под­ножјето на споменатото кале, исто така се среќаваат остатоци од археолошки материјал. Се споемнуваат наоди на гробови, како и остатоци од градби. Веројатно на ова место, во времето на царот Стефан Душан (1333 – 1355), постоело селиште со име Комарчане. Ова селиште се споменува во повеќе грамоти од вој цар издадени на манастирот „Св. Успение Богородичино“ – Трескавец кај Прилеп. Со овие грамоти имотот на селиштето му е доде­лен на манастирот. Во третата грамота на цар Душан се споменува само селиштето Комарчане,2 а во четвртата се споменува и дарителот на имотот извесен Драгоман, со служ­ба кастрофилак.3

По површината на локалитетот - фрагменти од керамички садови на секој чекор
По површината на локалитетот – фрагменти од керамички садови на секој чекор

Во подножјето на „Ерековско Кале“ е познат еден локалитет „Клеко­пер­ци“ со кој е поврзано старо предание за постоење на населба (село) со истото име.4 Тоа упатува на претпоставката дека оваа населба била во тесна врска со споме­натото утврдување кое, веројатно, служело за заштита на нејзините жители, како и на жителите на другите блиски населби, за време на бурните времиња проследени со напади на воинствените племиња, кои често им се случувале на овој простор во древните времиња. Според преданието селото Клекоперци било испустено за време на турското освојување на овој простор.5

Локалитетот „Оградите“
Локалитетот „Оградите“

Сосема е веројатно дека ова утврдување има временска комуникација и со претходноопшаниот во овој портал, локалитетот „Ушите“, особено, со оглед на сличноста на кера­ми­ката и блиското растојание меѓу нив. Локалитетот „Ерековско Кале“ се наоѓа на околу 1 km северозападно од „Ушите“. Неговата географска местоположба укажува и на извесна спрега со многу повисокиот локалитет со тврдина „Веслец“, кој се наоѓа на околу 3 km североисточно од него. Всушност, и двете тврдини служеле како појас на одбра­ната на Пелагонија во антиката, посебно за време на раноантичките напади на север­ните и западните племиња, како што се Дарданците, Илирите и други воинствени племиња. Овој локалитет има одлична визуелна комуникација и со подалечните места со помали и поголеми антички населби, како со големата античка населба на висо­киот врв Висока меѓу селата Бонче и Крушевица, на источната страна, како и со лока­ли­тетот „Еленик“ кај селото Мојно, на кој постоела голема античка населба со тврдина во истиот период.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД Л. „ОГРАДИТЕ“

ОД АМБИЕНТОТ

ЕРЕКОВСКО КАЛЕ

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, РИЗНИЦА – Прилеп, КИДЦМ „Калеш Анѓа“, с. Крушевица, Прилепско, Прилеп 2009, 121 и 122, (Во книгата, локалитетот погрешно е наведен како кале „Комарчани“).

2 Лидија Славева, Владимир Мошин, Третата Душанова грамота за манастирот Трескавец од околу 1344 – 1345 година, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 146.

3 Лидија Славева, Владимир Мошин, Увод кон четвртата грамота на Стефан Душан за манас­тирот Трескавец, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 184.

4 Томе Велјановски, Жива историја, раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места, КИДЦМ “Калеш Анѓа”, с. Крушевица 2004, 362, 363.      

5 Исто – Според запишаното предание, селото било сосема запустено, “населението истепано, доби­то­кот земен, а успеало да преживее само едно семејство. Тоа се поделило на три дела, еден дел од семеј­ството дошол во нашето село Марул, вториот дел во Штавица, а третиот дел отишле во Чумово”. – Во кодикот на манастирот Трескавец, кој потекнува од 16 до 18 век се среќава селото Кракопетци, од кое во кодикот се запишани 24 имиња на лица со потекло од ова село, но тешко е да се каже дали ова село има каква било врска со испустеното Клекоперци. (Види: Славица Николовска, Кодик на манастирот Трескавец, Споменици од средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 229.)