СПОМЕНИЦИ ОД СТАРА КУЛТУРА СО НАГЛАСЕНА ЕСТЕТИКА КАЈ СЕЛОТО ТОПЛИЦА, ПРИЛЕПСКО

Остатоците од материјалната култура во областа Прекурид, Прилепско и Кавадаречко се предизвик за истражувачка работа. Нема атар на село во кој нема по 5 до 10, па и поголем број локалитети со културни остатоци од различни периоди. При посетата, особено внимание привлекуваат архитектонските остатоци, како и надгробните споменици со разновидни релјефни украсувања со впечатливо естетко ниво. Не помалку значајни се и натписите на голем број споменици, со разновидни ономастички појави, кои даваат можност за своевидна анализа и објаснување на животот, обичаите и традицијата на жителите на овој простор во времето од кое потекнуваат овие споменици.

Голем број разрушени куќи во Топлица
Голем број разрушени куќи во Топлица

Селото Топлица Прилепско, кое денес е во крајно лоша демографска положба, речиси напуштено и со разрушени градби, изнененадува токму со нагласениот броj споменици со релјефни претстави и натписи. Тие потекнуваат од неколкуте локалитети во атарот на ова село, кои содржат остатоци од стара култура. Во Археолошката карта на Република Македонија се регистрирани следните локалитети:

Зачувана куќа во селото
Зачувана куќа во селото

Градиште – на 1 km североисточно од селото каде Ордан Војчески во својата нива пронашол питос висок 1 m и го донесол во неговиот двор во селото.1

Грамаѓе – локалитет со населба од римското време, кој е расположен на блага падина на 1 km источно од селото на местото каде се делат патиштата Топлица – Ракле и Топлица – Радобил. На овој локалитет биле пронајдени и монети од четвртиот век на нашата ера.2 

Дукова Вода – локалитет со населба од римскиот период, кој се наоѓа на помала височинка, во близина на селото од неговата северозападна страна.

Канда – локалитет од кој потекнува камена секира  долга 17 sm, која ја пронашол Данаил Темелкоски во својата нива.3

Река – локалитет со населба од римското време, кој се наоѓа на 3 km југоисточно од селото меѓу Царевичка Река и патот Прилеп – Градско. На овој локалитет се пронајдени и монети на императорот Валенс4 (роден 328, а владеел 364 – 378).

Црквата Св. Никола во селото каде се наоѓаат три интересни споменици од мермер – една ара со релјеф и натпис, која служи како чесна трпеза во олтарот и две мермерни стели, исто така со релјеф и натписи.5

 Чардак – локалитет со остатоци од населба од римскиот период, кој се наоѓа на 3 km североисточно од селото, на падините на ридот Курилово.6

Црквата „Св. Никола“
Црквата „Св. Никола“

При нашата посета на селото, забележавме остатоци од грамади, керамички садови и питоси, како и тегули на локалитетот Манастирот, на површините крај патот, на околу 300 m источно од селото. Ваквите наоди се среќаваат на површина поголема од 1 ha. Наоди има на самиот пат, како и на површините северно од него. На теренот има поголем број грамади од градежен камен, веројатно остатоци од некогашните градби. Според 89-годишниот Крсте, кој до скоро живееше во селото, тука имало манастир и поради тоа така го викале местото. Други го викале Подвода, а имало и уште некое друго име.

Стела од мермер со релјефна претстава и натпис во црквата во Топлица
Стела од мермер со релјефна претстава и натпис во црквата во Топлица

Особено внимание привлекуваат четири споменици од мермер,7 кои потекнуваат од селото, како и еден надгробен споменик со антропоморфна форма во селските гробишта. Само за еден од нив се знае на кој локалитет е пронајден.

Мермерна ара ос чесната трпеза во црквата „Св. Никола“
Мермерна ара од чесната трпеза во црквата „Св. Никола“

Споменик бр 1

Една интересна ара од мермер била искористена како чесна трпеза при изградбата на црквата „Св. Никола“ во селото.8 На има изработено релјеф во две полиња. Во повисокото поле оформено како ниша со полукружен горен дел се наоѓа коњаник зад кој е изработен и помал лик во стоечка положба со подигната лева рака. Во полето под оваа претстава, кое зафаќа правоаголна форма има изработено три бисти во плиток релјеф, а веднаш под нив има натпис во еден ред на кој се споменува Дајбас Овалетос Маркон. Споменикот е датиран во вториот век на нашата ера.9

Споменик бр. 2

Натписот од стелата во црквата во Топлица
Натписот од стелата во црквата во Топлица

            Се наоѓа во припратата на црквата, и претставува надгробен споменик од мермер, кој бил донесен тука од локалитетот Грамаѓе.10 Тој во горниот дел има три ликови во релјеф, а во централниот дел натпис. Делот со релјефот е оштетен во горниот дел, односно, има откршен дел од плочата, но може да се препознаат три човечки фигури од кои првата е останала само во долниот дел – нозете и дел од тогата, а другите две фигури останале до вратот, односно, се без глави. Релјефот оддава впечаток на нагласена естетика. Натписот се наоѓа во горната половина на натписното поле и содржи име на извесен Аврелиј Јулиј Гајан за кого бил поставен и надгробниот споменик кој се датира во третиот век на нашата ера.11

            Споменик бр. 3

Надгробен спокменик од мермер со релјефна претстава и натпис - денес во Музеј на Македонија
Надгробен споменик од мермер со релјефна претстава и натпис – денес во Музеј на Македонија

            Се наоѓа во Музејот на Македонија и претставува стела со релјефна претстава и натпис. Релјефот е особено интересен. На најгорниот дел има претстава во форма на борова шишарка, а под неа, во едикулата се претставени четири фигури, двајца мажи и една жена, сите облечени и во стоечка положба. Првиот маж изгледа како да држи меч во десната рака. Под нив има коњ, а до него фигура на човек во ан-фас, кој со десната рака го држи водилото од коњот, а на левото рамо држи чекан, а до него, во помала ниша, која е направена малку повисоко, се наоѓа фигура на жена.12

            Во натписот, кој се наоѓа десно од долната претстава, се среќаваат неколку имиња: Аврелија, Маркелин, Аврелиј, Масимо, повторно Аврелиј, па Јулијан и во крајниот дел го среќаваме името Александро. Овој споменик е датиран во третиот век на нашата ера.13

            Споменик бр. 4

Надгробен споменик со релјефна претстава и натпис - денес во Музеј на Македонија
Надгробен споменик со релјефна претстава и натпис – денес во Музеј на Македонија

            Четвртиот споменик од Топлица, исто така, се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Тој претставува стела (надгробен соменик) со, дури, 14 човечки фигури во два реда на предната површина на плочата од мермер. Меѓу претставите има жени и мажи, но поради оштетувањето тешко е да се идентификуваат сите фигури. На долниот дел од плочата има и натпис, но голем број од знаците се оштетени или сосема избришани, па тешко е да се прочита нешто конкретно. Потекнува од третиот век на нашата ера.14

            За сите четири споменици, може да се каже дека се изработени со нагласен квалитет, со добро оформени фигури, со добар приказа на нивната облека и анатомска сразмерност на фигурите, што упатува на фактот дека биле изработени од добар мајстор.

Антропоморфен надгробен споменик во гробиштата
Антропоморфен надгробен споменик во гробиштата

            Кога се работи за надгробните споменици, еден таков, поставен на современите гробишта во кругот на црквата „Св. Никола“ привлекува посебно внимание, поврзано со традицијата на обележување гробови од минатото. Еден споменик од локалтен камен, изгледа како да бил споменик на некој многу стар гроб, а денес стои до современ гроб и на него е изработен натпис со името на покојникот. Тој има антропоморфна форма со глава и нагласени раменици, што потсетува на традиција од многу постаро потекло. Имено, со вакви надгробни споменици се обележувале гробовите уште во архајскиот период, па и порано, односно, се работи за традиција, со старост од 2500 до 3.000 години, која во некои делови се зачувала и во римскиот период. Најмногу антропоморфни стели среќаваме по работ на Пелагонија и во областа Мариово, но и во рамнинскиот дел на Пелагонија.  Појава слична на оваа од селото Тилица имаме во гробиштата во селото Пештани, каде еден таков споменик од старо потекло бил прилагоден за современ гроб. На тој начин, експонатите на материјалната култура од различни периоди упатуваат на долг културен развој на овие простори, кој зафаќа корени уште од праисторијата.  

1 Археолошка карта на Република Македонија, 312.

2 Исто.

3 Исто, 313.

4 Исто.

5 Исто.

6 Исто.

7 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 165. Маријана Рицл, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae …, 114 – 116, Tabula XXXIV.

8 Археолкошка карта…, 313.

9 Маријана Рицл, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae …, 114, 115.

10 Исто, 115.

11 Исто. Никола Вулиќ, Споменик, 165.

12 Исто.

13 Маријана Рицл, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae …, 115, 116.

14 Исто, 116.