ЛОКАЛИТЕТОТ „СТРАГАТА“ КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА И ТУМУЛ СО КУЛТУРЕН КОНТИНУИТЕТ ОД НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ГОДИНИ

Дека македонскиот простор бил постојано населен и дека културните слоеви се пластат едни над други, добар показател е тумулот од железно време на локалитетот „Страгата“, кој се наоѓа на околу 1,5 км источно од селото Крушевица и околу 0,5 км лево од патот за селото Чаниште. Тој во 2001 година е ископуван од екипа на Заводот и Музеј од Прилеп1 под раководство на археологот Александар Миткоски, кој веќе една деценија упорно работи на расветлувањето на културата на просторот на Мариово, особено во праисторијата. Тумулот на локалитетот „Страгата“, според својата форма, се смета за погребен објект од железното време. Археолошкото истражување покажа дека во него имало погребување уште од доцното бронзено време, продолжило погребување во раното железно време, а подоцна оваа могила била повторно користена како место за погребување, што покажуваат наодите од римско време и доцната антика, па сѐ до средниот век.2 Дел од гробовите во тумулот градени уште во железното време, биле повторно употребувани во следните периоди, а на самиот тумул се правени и нови гробови, така што тој прераснал во поголема некропола во која се пронајдени 77 гробови.3

Тумулот „Страгата“, пред истражувањето
Тумулот „Страгата“, пред истражувањето

Овој милениумски долг континуитет на погребување на исто место, односно на тумулот од железно време на локалитетот „Страгата“, според археологот Александар Миткоски, може да се должи на култот на мртвите. Во својот извештај тој вели:

Местото на кое била подигната доцноримската, а подоцна и среновековната могила не било случајно одбрано. Меѓутоа, во сегашниот степен на истраженост на Мариово, може само да се претпостави врската со оваа појава со култот на претците кај локалното население. Така, при одбирањето на простор за подигање могила, најверојатно се настојувало да се избере култен терен во кој се чувала моќта на претходните генерации. Приота, со голем пиетет и верба во силата на предците, во јадрото на новата могила биле вградувани цели тумули од железното време. Истите појави се откриени и во досега истражените сродни могили во источна Македонија.4

Тумулот за време на истражувањето
Тумулот за време на истражувањето

Значи тумулот кој егзистирал како погребен објект на жителите на некоја праисториска населба, која била во негова близина, подоцна станал погребно место (могила) на жителите на населба од доцноримското време, како и од средниот век. Тоа го покажуваат наодите кои се пронајдени на некои од скелетите во гробовите, како и самите гробови. Интересно е и тоа дека во полнетицата на самиот тумул се пронајдени и повеќе предмети и фрагменти кои потекнуваат дури од неолитот, што укажува на уште постаро постоење. Имено, во неа се пронајдени камени орудија и кремен, фрагменти од неолитска керамика, како од садови, така и фрагменти од фигури со антропоморфна и зооморфна форма. Сето тоа укажува на долг континуитет на населување на просторот на локалитетот „Падиште“, како и неговите соседни локалитети. Што се однесува до праисторијата, ние овде можеме да потсетиме на локалитетот „Ковчезите“, кој поседува керамика од енеолитот и бронзениот период, а кој е оддалечен од тумулот на „Страгата“ околу 700–800 м.5 Од друга страна, не е исклучена можноста од постоење праисториска населба и на друго место во околината на тумулот. Од неговата северна страна, на помало ритче има ретки фрагменти од праисториска керамика, но тешко е да се каже дали тие потекнуваат од организирано населување.

Поголем дел од тумулот со гробовите
Поголем дел од тумулот со гробовите

Организирано населување имало од југозападната страна на тумулот на само неколку десетици метри, но овој пат од доцната антика и средниот век. Токму на оваа населба се должат наодите во могилата, како што се некои фрагменти од керамика од IV и V век на н.е., едно грнче датирано во VII век, како и некои наоди на скелетите кои укажуваат на XI и XII век заедно со неколку камени плочи на кои постојат издлабени крстови кои укажуваат на христијанскиот период и на прифаќањето на христијанската вера во овој простор. Населбата која е расположена речиси веднаш до тумулот од југозападната страна, се простира на околу 2 ха површина на кои се наоѓаат голем број фрагменти од керамички садови, питоси и градежна керамика, како и остатоци од стари градби од камен. Населбата е расположена лево од Крушевичка Река и некои од градбите биле во нејзина близина. Интересно е дека од другата страна на реката (десната), исто така се наоѓаат ретки фрагменти на керамика, а на тој простор уште пред Втората светска војна биле откопани надгробни стели, статуетка во бронза со која е претставен богот Хермес (Меркур), ламба и други наоди што потекнуваат од некоја поголема некропола од римското време.6 Овде е интересно да се напомне дека бројот на бронзените статуетки со потекло од антиката пронајдени во Крушевица е навистина впечатлив, а меѓу нив има и такви кои посебно го привлекуваат вниманието со својата уметничка изработка. На околу 500 метри од реката се наоѓа манастирче со црква „Св. Недела“, во кое има неколку елементи од постара градба кои укажувааат на фактот дека истото место имало црква и во раното христијанство, на што укажува една профилирана база во олтарот на Чесната трпеза7, како и еден мермерен елемент со погруба фрактура, кој се наоѓа пред црквата. Новата црква, според тврдењето на жителите на селото Крушевица, е изградена на темели од постара градба. Просторот на кој се протега западно од црквата крие исто така археолошки материјал, кој веројатно потекнува од римското време и доцната антика, бидејќи на околу 100 м западно од манастирчето се наоѓаат фрагменти од керамика, кои укажуваат на тоа. Сето тоа укажува на непобитна врска меѓу сите наброени наоди на поширокиот простор, при што се насетува неговиот културен амбиент од времето на активното егзистирање на објектите. Некои од нив, како манастирчето „Св. Недела“ и денес е во активна верска употреба, со што на своевиден начин продолжува милениумскиот континуитет на културна егзистенција на овој простор.

Поголем дел од тумулот со гробовите 2
Поголем дел од тумулот со гробовите 2

На просторот кој се протега по ридот североисточно од тумулот „Страгата“, бројни наоди, исто така го привлекуваат вниманието. Тука, на површината на карпите се забележуваат разни длабени форми со алат, како што се многу кружни дупки, но и едно големо корито издлабено во карпа оддалечена од тумулот околу 100 м, кое веројатно било стар гроб. На околу 500 м погоре по сртот на ридот се наидува на неколку двојни корита во карпа  кои служеле за правење вино, односно за гмечење грозје. Посебно е интересна една ниска карпа која е своевиден споменик за винарството со две издлабени двојни корита поставени нормално едно на друго, со тоа што целата карпа е преработена од стариот мајстор во културен објект.8 Во поблиската околина има уште едно двојно корито за вино, а со своите антропоморфни и зооморфни форми, во овој простор, посебно внимание привлекуваат голем број карпи со изглед на своевидни мегалити, кои асоцираат на праисториски амбиент.

[1] Александар Миткоски, Извештај од археолошко ископување на тумул од железното време на локалитетот „Страгата“ село Крушевица, Мариово, Завод и Музеј – Прилеп, 2001 година.

2 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА бр. 19, Скопје 2010, 58 – 60.

3 Исто.

4 Александар Миткоски, Извештај од археолошко ископување….

5 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР – КОМ, Прилеп 2002.

6 Археолошка карта на Република Македонија, Вулиќ Н. Споменик, XXI, 57, Вулиќ Н. 1937, 28; (Б.К., Л.К., К.К.)

7 Исто, (Б.К., Л.К., К.К.)

8 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР – КОМ, Прилеп 2002.