ОДБЕЛЕЖАНА 114-ГОДИШНИНАТА ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА ПЕТРЕ ГЕОРГИЕВ – ЖЕЛЕЗАРОТ И ЃОРЃИ ВОДЕНЧЕТО

Во организација на КИДЦМ „Келеш Анѓа“ од с. Крушевица – Прилеп во селото Дрен, Прилепско

                Со мало чествување на гробовите на војводата Петре Георгиев Железарот од Битола и Ѓорѓи Воденчето во селските гробишта на селото Дрен, Прилепско, денеска беше одбележана годишнината од нивното загинување. Двајцата борци за слободата на Македонија загинале на 20 март 1905 година во близина на селото. Битката се одвивала меѓу многуброен аскер и малите чети на Петре Железарот од Битола и Крсте Гермов – Шакир од Прилеп. Во битката загинале Петре Железарот, Ѓорѓи Воденчето и еден жител на селото Дрен, а биле ранети неколку други комити. Имало загуби и на страната на турскиот аскер.

Гробот на Воденчето шека на реконструкција

                До битката дошло, кога во селото Дрен се нашла четата на Железарот, испратена од страна на Окружниот комитет во Битола да преземе извесни пушки за Организацијата, кои доаѓале од Бугарија. Според историските пишувања, четата била предадена од членови на Окружниот комитет, кои сакале да се ослободат од војводата Петре Железарот, кој бил централист и беспрекорен борец и, како таков, им пречел на некои членови на Комитетот, како Петре Лигушев. Намерно бил испратен во акција во друг реон (прилепскиот) за да се покријат трагите на предавството.

На гробот на Петре Железарот, под столетниот даб
На гробот на Петре Железарот, под столетниот даб

                Чествувањето беше направено во рамките на црковната прослава на празникот „Св. Никола“ во црквата во Дрен, која го носи истото име.

Благоја Ѓорѓиовски - Баја и Никола Гулески на гробот на војводата
Благоја Ѓорѓиовски – Баја и Никола Гулески на гробот на војводата

За војводата Петре Железарот повеќе можете да прочитате на линковите:http://www.pelagon.mk/2019/03/19/ и http://www.pelagon.mk/2018/05/07/