ОД ЧЕСТВУВАЊЕТО ЗА ВОЈВОДАТА ТОЛЕ ПАША ВО СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Во организација на Културниот истражувачко-документациски центар „Калеш Анѓа“ од селото Крушевица, Прилепско, во соработка со Планинарското друштво „Јане Сандански“ од Прилеп, денес – недела 12 мај 2019 година се одржа Чествувањето по повод 115 години од загинувањето и 18 години од пренесувањето на моштите на легендарниот војвода Стојан Кулиќов – Толе Паша и неговиот син Велјан во нивното родно село Крушевица.

Од „Комитскиот марш“
Од „Комитскиот марш“

Настанот беше одбележан со симболичен комитски марш – „Толе Паша“ во кој учествуваа дваесетина планинари и почитувачи на ликот и делото на овој легендарен војвода, кои изодија дванаесетина километри на релација Писокал – чешма Чашица – село Крушевица. На гробот на војводата и неговиот син во гробиштата кај селската црква „комитите“ беа пречекани на традиционален начин со леб и сол, а потоа настанот продолжи со палење свеќи на гробот, беседа за војводата, како и пригодни песни со комитска содржина, кои ги исполнија двајца гајдаџии со потекло од селото пештани Мариово, Мате Маркоски и Стеван.

Прослава со традиционален инструмент - гајда 2
Прослава со традиционален инструмент – гајда 2

Настанот продолжи со општонародна веселба и „комитски“ ручек во тремот на селската црква „Св. Архангел Михаил“.