ВЕЛИЧИЕТО НА ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“ ВО МАНАСТИРОТ КАЈ СЕЛОТО СЛЕПЧЕ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Посетата на манастирот „Св. Никола“ кај селото Слепче, општина Долнени, е вистинско природно, културно и естетско доживување. Особено, ако ги препознавате природните, културните и уметничките вредности и ако сте посветени, барем во некоја од нив. Овде, во околината на селото Слепче, кое се наоѓа на 23 км северозападно од Прилеп, се кријат безброј такви вредности, кои заслужуваат посебно внимание и сеопфатен пристап. Како еден од ретките манастири, кои успеале да зачуваат, барем, дел од манастирското стопанство (денес стопанската дејност во манастирот, во името на Црковниот одбор, ја води Милан Тризагароски од Прилеп) , манастирот „Св. Никола“ кај селото Слепче е сместен во понискиот дел на планината, источно од селото, покрај неколку помали извори, во живописен простор, со чудно офоремни карпи на планината од североисточната иисточната страна и зелени падини од западната страна.

Црквата „Св. Никола“ од северозапад
Црквата „Св. Никола“ од северозапад

Пред манастирот, од неговата лева и десна страна се наоѓа стопанскиот дел, во кој се одгледуваат неколку стотини овци и извесен број свињи, а во централниот дел од западната страна, во манастирскиот комплекс со црквата и конаците се влегува преку една камена порта, која била обновена пред извесно време. На сводестиот дел од портата се забележува дека таа има постаро потекло и во период на поголем развој, тој дел бил целосно насликан со претстава на патронот на манастирот, св. Никола, кој зазема централна позиција на полукружната површина над влезот. Добар дел од овој живопис е оштетен.

Црквата „Св. Никола“ од југозапад
Црквата „Св. Никола“ од југозапад

На северната страна се расположени старите конаци, на два ката, со долг чардак на предниот дел, надградени на карпестиот простор. Црквата се наоѓа во средишниот дел на источната половина на манстирскиот двор.  Таа била помала еднокорабна градба без апсида и потекнува од 17 век, односно 1672 година, а во поново време е изградена припрата, која е без живопис.

Црквата „Св. Никола“ од североисток

Приоѓајќи му на манастирот и соочувајќи се со амбиентот од стопанските објекти пред него, она што може да се види внатре, особено во старата црковна градба, навистина пријатно изненадува и вчудоневидува. Минувајќи низ простор кој, денес, е во голема економска и културна запоставеност и влегувајќи во манастирот над селото Слепче, особено во старата градба на црквата „Св. Никола“, не може да се избегне возбудата и восхитот наоѓајќи се „заробен“ во раскошот од христијанската уметност на манастирската црква. Ако влегувате првпат а, особено, ако сте малку информирани и неподготвени, ќе се почувствувате збунети и затекнати, па дури и „подизгубени“ во желбата за оспервација на богатството од сцени, ликови и разновидно украсување на целата внатрешност на ѕидовите на црквата.   

Една од зградите на манастирските конаци
Една од зградите на манастирските конаци

ФАСЦИНАНТЕН АМБИЕНТ ВО ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“

Кога ќе ја поминете просторијата од припратата, над вратата од старата градба се среќавате со ликот на патронот св. Никола со мали претстави на св. Богородица и Исус Христос од двете негови страни, со основа при неговите раменици. Оваа слика е делумно избледена и упатува на извесно секундарно интервенирање. Веднаш потоа влегувате во внатрешниот дел на црквата, каде пред вас се појавува фасцинантна слика од компленто украсена просторија, со завидна ликовна естетика. Црквата е комплетно живописана, а во очи паѓа основата од црна боја на која бил насликан целокупниот живопис која, на други места, поретко се среќава. Веднаш над вратата на западниот ѕид стои ктиторски натпис на кој се споменуваат имињата на лицата од монашкото братство и тогашниот црковен одбор. Иако не се конкретизира кој се мајсторите што го изработиле живописот, ако внимателно се анализира ктиторскиот натпис, се добива впечаток дека тоа се игуменот Сергија и јеромонахот Михаил, зашто во натписот е посочено дека јеромонахот Михаил бил негов ученик. Зашто се поставува прашањето за тоа каков ученик му бил Михаил на Сергија и што учел од него, ако не извесна црковна дејност или идеологија. Веројатно е и тоа дека, на еден или друг начин, тие учествувале во изградбата и живописувањето на црквата, како што учествувале и другите, кои се споменуваат во овој натпис, а тоа се јеромонахот Никифор, монахот Кирил, монахот Петроние, монахињата Јаникиа, како и лица кои, веројатно потекнувале од селото Слепче и другите околни села, како членови на манастирскиот Одбор. Тоа се: Џоре, Михо, Тоде, двајца со име Петко, Цветко, Никола и Јосиф. На овој натпис е запишана годината 1674, како година на живописување на црквата. Поголемиот број лица од овој натпис се споменуваат и на натпис на мермерна плоча од олтарниот простор, а на него се среќаваат и нови имиња, како Јован, Јанко, јереј Неделко, Фило, Марко и Огнен. Во него се посочува дека црквата била изградена во 1673 година.

Ктиторкиот натпис над вратата на западниот ѕид

Сепак, за мајстор на живописот, односно на уметничкиот дел во црквата, се посочува зографот Коста од селото Линотопи, Костурско, кој се споменува на во манастирскиот триптих-поменик.1 Поврзувајќи ја оваа инфромација со фактот дека присуството на оваа зографска тајфа (школа) во Прилепско е потврдено и на друго место, односно во црквата „Св. Атанасие“ во селото Рилево,2 кое е од потесната област во која се наоѓа и селото Слепче, веројатноста дека фрескорезбарството од црквата „Св. Никола“ е нивно дело е уште поголема. Уште повеќе, ако се знае дека и живописот во црквата во Рилево потекнува од период близок на периодот од кој потекнува и живописот во црквата од манастирот во Слепче (Живописот во Рилево бил направен 1627 година, а во Слепче 1674 година). Токму во овој период била, посебно, активна споменатата тајфа од Линотопи, а Коста, кој се споменува во манастирот во Слепче, веројатно, е Константин (Коста), синот на Михаил, еден од големиот број зографи од ова семејство.

ФРЕСКОЖИВОПИСОТ3 ОД ЗАПАДНИОТ ЅИД

На западниот ѕид, јужно од влезот, се насликани двајца ктитори  – игуменот, јеромонах Сергија и неговиот ученик, јеромонахот Михаил, кои со по една рака ја држат макетата на црквата на чиј покрив е насликан нејзиниот светец заштитник, св. Никола. Двајцата се облечени во црна монашка облека, мантија (расо) и камилавка, но игуменот Сергија е облечен и со уште една наметка, која ја носи преку првата. Игуменот ја држи макетата на црквата во левата рака, а во десната држи бројаница, додека еромонахот Михаил макетата ја држи со десната рака, а во левата држи бројаница.

Успение Богородичино на западниот ѕид
Успение Богородичино на западниот ѕид

Северно од влезот, на истиот ѕид, еден крај друг се насликани Архистратиг Михаил и св. Петка, а на повисокиот дел, над вратата. По целата должина на ѕидот е насликана композицијата „Успение на богородичино“. Во највисокиот дел, во триаголната површина, во централниот дел има сводест отвор за вентилација, украсен со цветни форми, како своевиден влез за небесата, а од лево и десно од него излегува по една рака – двете малку свиткани во лактот и држат по еден дел од украсен чаршаф свиткан на крајот. Заедно создаваат интересна претстава на вселената, а во сводестиот фриз се насликана дванаесетте апостоли како седат на две клупи, по шестмина од двете страни.

Од повисокиот дел на живописот на западниот ѕид
Од повисокиот дел на живописот на западниот ѕид

ФРЕСКОЖИВОПИСОТ ОД СЕВЕРНИОТ ЅИД

На северниот и јужниот ѕид се насликани композиции и светци во три зони и еден фриз. На двата ѕида се распоредени и две ниши – помала и поголема.  Во првата зона на двата ѕида се претставени светци – воини, како и две композиции во големите ниши, на јужниот ѕид со Исус Христос, а на спротивната ниша св. Никола. Во втората зона на двата ѕида е пренесен Акатистот на Пресвета Богородица, а во третата зона Страдањата Христови.

Поголемата ниша на северниот ѕид - десно Исус Христос на трон, св. Богородица од неговата десна страна и св. Јован од неговата лева страна, лево, св. Мина и св. Ѓорѓи
Поголемата ниша на северниот ѕид – десно Исус Христос на трон, св. Богородица од неговата десна страна и св. Јован од неговата лева страна, лево, св. Мина и св. Ѓорѓи

Тргнувајќи од запад кон исток, во првата зона на северниот ѕид, во помалата ниша се насликани, најпрво, св. Константин и св. Елена – двајцата во свечени кралски облеки и со круни на главите, при што, зад нивните тела има голем крст, кој св. Константин го држи со левата, а св. Елена со десната рака. Во продолжение на нишата се насликани св. Врачи – св. Кузман и св. Дамјан. Над овие четири фигури, во полукружниот дел на нишата, насликана е сцена со младиот Исус, седнат во средината и издвоен во кружна форма, опкружен од ангели. На левата страна на нишата, на столбестиот дел е насликана св. Недела, а на десната св. Меркурие, двајцата во исправена положба. Над св. Недела, во аголот од рамката со која е врамена целата ниша, е насликано Најавувањето на христовото раѓање, а над фигурата на св. Меркурие сцената со Христовото слегување во пеколот.  Целата површина на арките од нишите се насликани со голем број ликови и сцени од библијата. Во првата зона продолжуваат фигури на светци – воини. Покрај споменатиот св. Меркурие, во поголемата ниша на истиот ѕид се насликани св. Мина и св. Ѓорѓи, потоа, во неа е претставен Исус Христос како седи на трон, а од двете страни го придружуваат Пресвета Богородица и св. Јован.

Рапетието Христово
Рапетието Христово

Во втората зона, по фризот, следат Христовото носење на крстот, Кревањето Христово на крстот, како и следните сцени од Акатистот, меѓу кои и Симнувањето од крстот, Пренесување во гробот и Појавувањето Христово на Галилејската Гора. Во третата зона на истиот ѕид, од Христовото страдање ќе ги споменеме: Молитвите господови, Предавањето Христово, Распетието Христово, Симнувањето од крстот и Христовиот гроб.

ФРЕСКОЖИВОПИСОТ НА ЈУЖНИОТ ЅИД

На јужниот ѕид, во првата зона, тргнувајќи од иконостасот кон запад следат св. Никола на Трон, со вообичаените мали претстави на Исус Христос и св. Богородица од двете наего страни, како и св. Атанас и св. Димитрија – сите во големата ниша. Во малата ниша, која е на западната половина на јужниот ѕид се претставени светите воини, св. Теодор Тирон, св. Теодор Стратилат и св. Никита. Сосема до западниот ѕид, во мал простор е насликан св. Антоние

Св. Теодор Тирон, св. Теодор Стратилат и св. Никита во помалата ниша на јужниот ѕид
Св. Теодор Тирон, св. Теодор Стратилат и св. Никита во помалата ниша на јужниот ѕид

Во втората зона, во наосот, од исток кон запад следат: Тајната вечера, Приведувањето Христово, Петровото одрекување, Тепањето Христово, Ругање на Христа и Судењето Христово од Пилат.

Во третата зона, во наосот, по истиот редослед се претставени 6 сцени, меѓу кои, Раѓањето Христово, Воскреснувањето на Лазар, Цветници, Тајната вечера и Умивание.

Две композиции од северниот ѕид
Две композиции од северниот ѕид

Освен набројаните сцени и ликови, голем број сцени и ликови се насликани на помали површини, на сводовите на нишите, на фризевите на двата ѕида и на други места.

СВОДОТ ВО НАОСОТ

Црковниот свод во наосот располага со повеќе претстави. На почетокот, од западната страна го среќаваме Светиот дух во интересна претстава со гулаб во сончев диск со долги зраци, а по него следува Исус Христос како Цар на небото. Потоа следи Бог Саваот некаде во центарот на сводот, а натаму Исус Христос Пантократор (Седржител) опкружен од херувими, серафими и други божји суштества. Веднаш над големиот крст од иконостасот се наоѓа претстава на Исус Христос како ангел, а сосема на крај до источниот ѕид во олтарниот простор, го среќаваме Исус Христос Емануил, кое е друго име за Исус што, на еврејски, значи „бог е со нас“. Може да се каже дека ваквите содржини на сводната површина во наосот на црквата „Св. Никола“ од манастирот кај селото Слепче, општина Долнени, претставува своевидна специфика, која поретко се среќава со ваков редослед и божествени претстави.

Бог Саваот
Бог Саваот

ФРЕСКОЖИВОПИСОТ ОД ПОВРШИНИТЕ НА ЅИДОВИТЕ ВО ОЛТАРОТ

            Иако претставите кои ги среќаваме на ѕидните површини во олтарот се само продолжение на христијанските претстави од целокупните ѕидни површини во црквата, овде решивме посебно да ги претставиме како фрескоживопис во олтарот, кој е издвоен со иконостасната преграда. Во средината на источниот ѕид се наоѓа вообичаената претстава на св. Богородица Ширшаја со малиот Исус, а под неа четири свети сослужители. На северниот ѕид, најдолу се наоѓа претстава со Св. Петар, кој со наклон и испружени раце му се обраќа на Исус Христос, кој е претставен како богомаладенец на олтар, а над оваа претстава следи зона со две полиња во која се претставени сцени од Христовото Раѓање со Мајката Божја. Следи фризот со неколку светители, а над него Христовото воскресение од гробот и Томината молба за простување. Во највисокиот дел, пред претставите од сводот, среќаваме уште две претстави поврзани со христовото патешествие – Воскресението Христово и Христовото појавување.

Централниот дел на источниот ѕид со св. Богородица Ширшаја
Централниот дел на источниот ѕид со св. Богородица Ширшаја

            Имајќи предвид дека површините на ѕидовите во олтарот се комплетно насликан, односно исполенети со христиајнски претстави, тешко сите да бидат пренесени во еден ваков текст. Сепак ќе се обидеме да прикажеме уште дел од нив. На површините на источниот ѕид, лево од претставата на св. Богородица Ширшаја, во проскомидијата го среќаваме Исус Христос Агнец, како и поголема композиција со централна фигура на Исус Христос.

Св. Петар со Исус на северниот ѕид во просторот на олтарот
Св. Петар со Исус на северниот ѕид во просторот на олтарот

На јужниот дел од ѕидот во олтарот, во првата зона ги гледаме ликовите на два светци во свечена облека, св. Спиридон и св. Герман, од двете страни на малиот прозорец кој се наоѓа на тој дел, а над нив, во две полиња се претставени сцената со Осветлението на смоквата и сцената со фарисеите. На овој дел од ѕидот, во третата зона, се среќаваат уште две сцени од Патешествието Христово – Раѓањето и Сретението.

Источен ѕид - дел од олтарот под претставата на св. Богородица Ширшаја
Источен ѕид – дел од олтарот под претставата на св. Богородица Ширшаја

На Источниот ѕид, десно од Богородица Ширшаја, на делот со ѓакониконот, се соочуваме со претстава на поголем број светци, каде во централниот дел е нишата на ѓакониконот, а на поголемата површина се претставени св. Роман, св. Ахил и св. Кирил Александриски.

Источен ѕид - јужниот дел од олтарот со св. Роман, св. Ахил и св. Кирил Александриски
Источен ѕид – јужниот дел од олтарот со св. Роман, св. Ахил и св. Кирил Александриски

Со ова не завршуваме со големиот бро претстави од фрескоживописот на црквата „Св. Никола“ од манастирот кај селото Слепче, зашто  тие се премногу и недофатливи за нас. Набљудувајќи го целокупниот живопис малку попродлабочено, се соочуваме со чувство дека се тие недобројни и тешко опфатливи за нашето око и нашето скромно познавање на оваа уметност.

Исус Христос на трон во ниша на јужниот ѕид од надворешната страна
Исус Христос на трон во ниша на јужниот ѕид од надворешната страна

Од надворешната страна на црквата, особено пријатно не изненади една ниша на западната половина на јужниот ѕид со претстава на Исус Христос на трон со наклонети фигури на св. Богородица од неговата десна страна и на св. Јован од неговата лева страна. Овој фрескоживопис се издвојува по неговата експресивност, со свежи и чисти бои, како и со јасно и хармонично украсување кое посебно го привлекува вниманието и го облагородува чувството кај набљудувачот.  

Дел од иконостасот со големиот крс во централниот дел
Дел од иконостасот со големиот крс во централниот дел

Знаејќи ја општата состојба на спомениците на културата во Македонија, како и немоќта на институциите за соодветна заштита и оддржување, овде ќе го изнесем фактот дека во 2005 година стручна екипа на Заводот и Музеј од Прилеп извршила реставрација на живописот и на тој начин е сочуван најголемиот дел од него, па доживувањето е комплетно и раскошно.

Св. Христофор со малиот Исус
Св. Христофор со малиот Исус

При набљудувањето на живописот се забележува нагласена ликовност со анатомска сразмерност и своевиден психолошки израз на ликовите, со сериозна божествена естетика, како и умерена драматика и полнота на приказот на сцените. Особено е забалежлив моментот на свечен израз на ликовите, со посебно избрана облека, која има вистински свечен изглед и оддава впечлаток на своевидно богатство и божественост. Зографите внимателно ги сликале ликовите и сцените, посветувајќи сериозно внмание на секој детал, со украсни елементи, кои не можат да не бидат забележани со својата исклучителна привлечност и „наметливост“. За жал, некои делови и сцени се реалитвно избледени и оштетени, па се губи нивната експресија. Помали делови од некои сцени се среиозно оштетени со отпаѓање на делови од малтерот со живопис што упатува на потребата од постојан надзор и оддржување на ова исклучително христијанско богатство и уметност.

ХОРОСОТ ОД ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“ И ВЕЛИЧИЕТО НА МАНАСТИРОТ

            Сознанијата за црквата „Св. Никола“ од манастирот кај селото Слепче се изненадувачки. Фактот што во неа пред 4 века имало поголемо монашко братство упатува на развиен монашки и црковно-христијански живот чиј резултат е непроценливо христијанско творештво од тоа време. Според малиот број записи и документи со потекло од овој манастир, се добива впечаток дека во еден период, односно во периодот во кој во манастирот престојувале, богослужеле и твореле еромонасите и монасите споменати погоре во овој текст, во него била развиена вистинска црковно-уметничка дејност. Освен живописот, кој и денес можеме да го видиме, да го анализираме и вреднуваме, овде се создавале и развивале и други уметнички форми. Особено внимание привлекува творештвото кое се работело со резбарство и позлатување, од кое и денес има значителни траги, иако со извесна имитација на позлатата. За ова, посебно говори еден запис на непознат монах од манастирот, кој го оставил на манастирското евангелие:

„СИЕ ІЕВЪНГЕЛИœ — МАНАСТИРЪ СТИ НИКОЛА СЛЭПЧЕ ПРИЛЭПСКW ПОДЪ СТЕНА ГОЛЭМА И ЦРЪКВА НОВА ХОРW ДРВЕНО ХУБАВО СW ВОДНО ЗЛАТW ШИКОСАНW”4

(Ова евангелие – манастир „Св. Никола“ Слепче Прилепско, под голема карпа и нова црква, хоро (оро) дрвено убаво со водено злато шикосано).

Елемент од Хоросот на левата страна на иконостасот
Елемент од Хоросот на левата страна на иконостасот

Во записот убаво се забележува дека монахот сакал да истакне еден посебен културен и уметнички момент поврзан со животот и дејноста во манастирот, односно, да посочи на еден значаен предмет, кој бил дел од вкупниот ентериер и украсување на храмот. Се работи за еден впечатлив предмет наречен Хорос, кој во времето на процветот на овој манастир ја красел манастирската црква. Неговата изработка не може да се датира точно, но се претпоставува дека е поврзана со датумот на изработка на иконостасот, кој се датира во 1664/65 година5 или со подигнувањето и живописувањето на црквата 1974 година.6

Дел од иконостасот со надвратникот на портикот со позлата
Дел од иконостасот со надвратникот на портикот со позлата

Хоросот или полилејот претставувал кружно оформен предмет од повеќе делови направени од дрво или метал и со убава резба, а потоа позлатени со злато растворено во вода. Денес таквата позлата е заменета со златна боја. Не се знае каде, точно, стоел овој интересен предмет, но два дела од него денес стојат на иконостасот – по еден од двете негови страни. Во Македонија се документирани хороси во 14 цркви, изработени од дрво или бронза, а нивната примена е датирана во перидот од XIV до почетокот на XX век7 и се знае дека заземале централно место во наосот, закачени на куполата. Во почетокот, хоросите, освен литургиската намена, служеле за осветлување на просторијата, а во подоцнешниот период практичната намена за осветлување на просторијата ја изгубиле и останала само нивната симболична, односно, литургиска намена.Во таа група хороси спаѓа и хоросот од манастирот кај селото Слепче, општина Долнени.8

Портикот на иконостасот
Портикот на иконостасот

„Полигоналното тело, кое како во оро поврзува метални или дрвени подвижни делови што можат да бидат различни по број, форма и украс, е носач на свеќи и кандила, честопати на икони и ноеви јајца. Комплексната богословско-симболичка итерпретација на полиелејот, во чија основа е Христос Светлина, се преплетува во неговата литургиска функција како олицетворување на воскресното празнување, величајќи ги Господ Многумилостив и Небесниот Ерусалим.“9   

Оштетен дел од живописот на северниот ѕид
Оштетен дел од живописот на северниот ѕид

Иконостасот, исто така, претставува интересен дел од ентериерот на црквата „Св. Никола“, а на него вниманието го привлекуваат иконите, позлатените делови, како што се големиот крст на врвот, змејот во основата на крстот, портикот, надвратникот на портикот и други делови. Богатството од живопис, како и другите црковно-уметнички творби упатуваат на особено високо достоинство на манастирот, како и на неговото црковно величие. Дел од таквото величие тој и денес го зачувал и поради тоа посетата во него е вистинско доживување за намерникот.

Христовиот гроб
Христовиот гроб

Сето ова, како и присуството на монаси, кои биле упатени и во фрескорезбартвото, упатува на исклучителна христијанска активност во овој манастир, како и на висок стопански, културен и духовен развој во 17 век. Сосема е веројатно дека во тоа време, освен црквата, биле изградени и конаците, каде што престојувале и работеле монасите. Извесни објекти од камен, меѓу кои и од мермер, упатуваат на старите градби.

1 Иванка Гергова, ХОРОСЪТ ОТ МАНАСТИРА „СВ. НИКОЛА” ПРИ СЛЕПЧЕ ПРИЛЕПСКО, 143.

2 http://www.pelagon.mk/2018/05/

3 За живописот од црквата „Св. Никола“ во манастирот кај селото Слепче, општина Долнени, пишуваат повеќе автори, меѓу кои Никола Митревски од Прилеп (Манастирот Слепче кај Прилеп, Прилеп 2001).

4 Иванка Гергова, ХОРОСЪТ ОТ МАНАСТИРА „СВ. НИКОЛА” ПРИ СЛЕПЧЕ ПРИЛЕПСКО, 139.

5 Исто.

6 Исто, 140. Викторија ПОПОВСКА-КОРОБАР, НАВРАЌАЊЕ НА СТАРИТЕ ХОРОСИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ПАТРИМОНИУМ.МК, година 11, брoj 16 / 2018 УДК: 745.51(497.7), 294.

7 Исто,

8 Исто, 294. Иванка Гергова, ХОРОСЪТ ОТ МАНАСТИРА „СВ. НИКОЛА” ПРИ СЛЕПЧЕ ПРИЛЕПСКО, 141.

9 Викторија ПОПОВСКА-КОРОБАР, НАВРАЌАЊЕ …, 269.