ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД НОВОТО КАМЕНО ВРЕМЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ КАМЕНИЦА ВО БЛИЗИНА НА ПРИЛЕПСКАТА КАСАРНА

Уништувањето на материјалната култура на разни локалитети во Прилепско, како и во Македонија не доведува во незавидна положба со неповратно губење на голем број информации за културата од минатото, како и губење на значајни музејски експонати. За жал, таквите примери се безброј, како во подалечното минато, така и денес, кога со разновидни активности се уништуваат цели културни слоеви. Таквата судбина ја доживеал и еден локалитет откриен во близина на Прилепската касарна каде се соочуваме со постар каменолом на ритче кое располага со завидни остатоци од материјална култура. Местото е познато како Каменица.1 Co каменоломот од кој е кршен камен и во последните децении, веројатно, се уништени значителни делови од праисториската населба, која егзистирала пред повеќе од 5 илјади години. На просторот на локалитетот, сепак, се среќаваат безброј остатоци од населбата, пред се неолитска керамика, но и голем број на траги по гранитните површини правени по карпите со што тие се приспособувале за животните потреби на луѓето од оваа населба, било за простор за живеење, било за други потреби поврзани со опстанокот на овие прастари жители. Интересно е да се спомене и случајното откривање на еден гроб од развиеното железно време (VIII и VII век пр. н.е.) во рамките на Прилепската касарна, која се наоѓа на околу 500 метри југоисточно од локалитетот Каменица. Тука е пронајден еден гроб направен од камени плочи, а во него се пронајдени еден керамички сад и два висулци во форма на очила.2

Каменица од северозапад 2
Каменица од северозапад 2

          Големиот број карпи, кои останале недопрени од кршачите на камен, на своите површини чуваат голем број обработки, како правоаголни и кружни јами за столбови и греди, како и разни длабени садови и ниши кои упатуват дека некои од карпите служеле и како ѕидови во посебните живеалишта од населбата. На горниот дел на една карпа, која од едната страна е во голема мерка искршена се среќава и едно дводелно корито за кое се смета дека служело за гмечење грозје за правење вино. За разлика од голем број слични објекти во прилепскиот крај ова дводелно корито–винарник изгледа значително постаро и погрубо со можност дека тоа има многу постар датум од вообичаените кои се сметаат за објекти кои потекнуваат од времето на антиката. На дел од карпите од погорниот дел на локалитетот се среќаваат и гробови длабени во карпа, како и некои други делкани форми за кои често е тешко да се каже за што служеле во древните времиња. Посебно зачудуваат четири кружни испупчени форми со пречник од околу 70 cm кои се наоѓаат на закосениот дел на една ниска карпа на чиј горен зарамнет дел се наоѓаат неколку гробови издлабени во карпата. Кружно оформените делови на карпата меѓусебно градат ромбоидна форма, што, исто така паѓа во очи иако е тешко да се каже за што служел целиот добро истакнат комплекс од такви форми. Керамика и длабени форми по карпите кои ги има во изобилство се среќаваат на поширок простор што, од своја страна, значи дека населбата не била расположена само на горната површина на малото ритче, туку веројатно зафаќала простор и во околниот простор на кој денес се наоѓаат ниви. Фрагменти од праисториска керамика и длабени форми по карпите може да се сретнат и на повисоките делови од ридот во правец на локалитетот Баба што не упатува на констатција дека се потребни опстојни археолошки истражувања и на тие делови од ридот со цел поконкретно да се утврдат посебните цивилизациски слоеви кои очигледно се присутни почнувајќи од праисторијата, па кон поновите културни периоди.

Неколку карпи од повисокиот дел, кои биле дел од старите градби
Неколку карпи од повисокиот дел, кои биле дел од старите градби

          На површината на Каменица можат да се забележат разновидни фрагменти од предмети, поголемиот број од праисторискиот период, односно средниот неолит, но и и од подоцнежните периоди, се до антиката, па и подоцнежните периоди. Меѓу нив, посебно ќе ги истакнеме големиот број фрагменти од керамички садови од праисторијата, фрагменти од камени орудија во разновидни форми и сл. На овој простор, можат да се констатираат и места на кои биле лоцирани градбите и живеалиштата, како и профили на карпи, кои биле искористени при оформувањето на конструкциите на градбите. На некои места се забележуваат им остатоци од своевидни ѕидови, а особено остатоци од куќен лепеж, кој бил употребуван при градбата на живеалишта од дрво, ѕидови со плетење на потанки и подебели прачки, како и употреба на дрвени столбови и греди.

Остатоци од ѕид со големи камени блокови 2
Остатоци од ѕид со големи камени блокови 2

          Старата населба била расположена на самиот врв на Каменица, како и на падините и земните тераси од западната, источната и југоисточната страна. На највисокиот дел на локалитетот се наоѓа и еден винарник во камен, а уште еден таков среќаваме на најдолниот дел на локалитетот, односно на југоисточната страна, во близина на една грамадна карпа со специфична форма, која го обележува локалитетот. За разлика од првиот, вториот винарник е зачуван само делумно поради тоа што карпата на која бил направен била употребена за кршење камен за градба.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ – КЕРАМИЧКИ ФРАГМЕНТИ 

ОД ЛОКАЛИТЕТОТ

1 Б. Китаноски, Прилеп и Прилепско низ историјата.

2 Археолошка карта на Република Македонија, 308.