АКО САКА ВОДАТА ДА ТЕЧЕ ПО ПРАВ ПАТ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ТЕЧЕ!!!

Треба ли објаснување? Има ли река или вода која тече по права линија?

Тешко! Дури и водата во правите канали, мора да прави извесни свиоци, или бранови, под дејство на разни физички влијанија. Ако е рамно дното, може да се појави воздушно струење и повторно да направи крива линија од водениот тек. Значи, за да тече право, потребни се идеални физички услови!!?

Тогаш, од каде ни е правото да очекуваме или, уште поконкретно, да бараме нештата да се одвиваат праволиниски, без заобиколување, без „кривини“, односно, сосема лесно, без никакви пречки, да водат кон целта?

Тешко дека тоа е можно! Дури и во најдобриот случај мора да има извесно „закривување“, можеби некое мало „бранче“ или мал прекин или слично.

Ова, особено, важи за големите процеси, кои опфаќаат голем простор, голем број субјекти, мораат да се одвиваат во подолг рок и содржат разновидни елементи, развојни фази и подпроцеси за кои се потребни посебни услови. Во овој контекст, општествените процеси се особено интересни и се одвиваат под влијание на разновидни фактори: природни, социолошки, технолошки, психолошки и многу други. Во сето тоа, треба да се има предвид дека севкупната реалност е во постојано движење и, речиси, е невозможно толку прецизно да се пресметаат големиот број непредвидливи случувања и фактори, кои можат да влијаат на процесите.

Тогаш, сосема е чудно, па дури и смешно, кога ние се тревожиме, па и стресно се трауматизираме поради непредвидениот тек на одредени случувања за кои очекуваме определен тек или определена разврска. Притоа, особено е важно очекуваните резултати да бидат остварени иако процесот не се одвивал според нашите предвидувања и очекувања. Токму во тој контекст е и горната мисла да објасни дека сè што се содржи во видливиот и невидливиот свет е настанато спонтано, според природни законитости и така продолжува да се движи и да се развива. Всушност, се работи за еден сеопшт процес, кој содржи сè и влијае на сè, односно, сè друго е зависно од него.

Некои „интелектуални“ сили се обидуваат да влијаат на општите процеси, да ги контролираат и насочуваат според сопствените интереси и, често, успеваат во тоа до определена мерка. Сепак, порано или подоцна, нивната „контрола“ ќе стане безначајна, ќе ја изгуби енергијата и контролираните процеси ќе се вратат на исконскиот пат, односно на патот кој е определен од сеопштиот процес.