114 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА ПЕТРЕ ЖЕЛЕЗАРОТ ВО СЕЛОТО ДРЕН, ПРЕКУРИДСКО

Петре Георгиев - Железаро
Петре Георгиев – Железаро

На 20 март 1905 година, во голема битка со голем турскиот аскер, кај селото Дрен, Прилепско, загинале битолскиот војвода Петре Георгиев – Железарот и секретарот во четатата на Крсте Гермов – Шакир, Георги Воденчето, како и двајца жители на селото Дрен. Митко Касапчето бил ранет и одвлечен од комитите кои успеале да преминат во Мариово и да се спасат. Убиените борци за слободата на Македонија, биле погребани во гробиштата на селото Дрен, во кругот на црквата „Св. Никола“.

По тој повод, секоја година, мала делегација организирана од КИДЦМ „Калеш Анѓа и еден од потомците на војводата Петре Железарот, Благоја Ѓорѓиевски – Бајата ги посетува гробовите на загинатите македонски борци и прави мало чествување. Иако датумот на загинувањето е 20 март, малото чествување се прави на 22 мај, во рамките на празнувањето по повод патронот на црквата „Св. Никола“ во с. Дрен.

Внукот Благоја на гробот на војводата
Внукот Благоја на гробот на војводата
Внукот на војводата, Благоја Ѓеорѓиевски - Баја (во средината), со двајца другари на гробот на војводата
Внукот на војводата, Благоја Ѓеорѓиевски – Баја (во средината), со двајца другари на гробот на војводата

Војводата Петре Железарот е роден во Прилеп, а подоцна, неговото семејство, се пре­селило да живее во Битола. Таму, Железарот станал активен член на Револуционерната орга­низација и бил војвода на чета со која учествувал во голем број битки. Извесно време бил и член и на Окружниот комитет во Битола.

Петре Георгиев - Железаро (десно) со неговиот брат Стојче (лево)
Петре Георгиев – Железаро (десно) со неговиот брат Стојче (лево)

Во март 1905 година, Петре Железарот со својата чета бил испратен во селото Царевиќ, Прилепско за да преземе и да ги донесе во Битола 20 пушки манлихери, кои биле скриени таму, а биле наменети за битолската месна организација. Аскерот го следел движењето на четата на Петре Железарот и го стигнала кај селото Дрен. Битката се случила на 20 март 1905 година. Во неа учевствува и војводата Крсте Гермов – Шакир со својата чета која дејствувала во Мариово. Ангел Динев пишува дека четите на Железарот и на Шакир Војвода биле нападнати при излегувањето од селото кога уште при првиот плотун бил погоден Петре Железарот кој паднал „речиси во нозете на Шакира“. Во оваа битка биле погодени уште двајца комити. Едниот е учителот Ѓорѓи Воденчанчето кој бил секретар во четата на Крсте Гермов – Шакир. За другиот кај Динев се вели дека бил Митко Касапчето од Битола кој бил ранет и комитите го однесле со нив. Според кажувањето на лица, кои потекнуваат од село Дрен, споменот за битката бил многу жив меѓу постарите жители на селото. Тие раскажувале дека дел од комитите заедно со Железарот фатиле да се повлекуваат по еден дол кој доаѓа во Дрен од југоисточната страна и влегувајќи во него им била загрозена позицијата, та така загинале споменатите комити. Другиот дел од комитите со Шакир Војвода фатиле по ритчето источно од овој дол и се повлекле преку планините во Мариово спасувајќи ги своите животи.

Војводата со сопругата Софија
Војводата со сопругата Софија

По завршувањето на битката Турците ги довлечкале телата на убиените комити на една мала полјанка на источниот дел на селото и ги оставиле извесно време тука. Подоцна тие биле погребани во гробиштата на селото кај црквата „Св. Никола“. Таму и денес можат да се видат гробовите на комитите иако во руинирана состојба. Гробот на Петре Железарот се наоѓа покрај еден голем даб во близина на црквата. На мермерниот крст може да се прочита датумот на смртта на овој голем македонски војвода, 20 март 1905 година. Во уште еден гроб на околу 10 метри од дабот биле погребани Ѓорѓи Воденчанчето. И овој гроб е, речиси, целосно руиниран. Турците го знаеле местото каде што биле скриени пушките по кои бил испратен со четата Петре Железарот и ги прибрале. На тој начин акцијата за снабдување со оружје на месната организација во Битола завршила неуспешно, а Организацијата останала без еден од поспособните војводи и уште еден драгоцен борец, каков што бил Ѓорѓи Гешков Воденчанчето (од градот Воден), кој бил прекален борец на Организацијата.

Надгробниот крст на гробот на војовдата
Надгробниот крст на гробот на војовдата

Петре Железарот е голем војвода, кој учествувал во голем број битки во битолскиот и прилепскиот крај. Тој е силен и храбар војвода, кој со својата чета, беспоговорно ги извршувал наредбите на револуционерниот комитет.

Гробот на Ѓорѓи Воденчето
Гробот на Ѓорѓи Воденчето

Денес, голем број потомци на војводата Петре Георгиев – Железарот живеат на разни места во Македонија, Бугарија и други земји во светот. Неговиот потомок, Благоја Ѓорѓиевски – Бајата е првиот од семејството на војводата, кој го посетил гробот на својот значаен предок. Тој е правнук од лозата на братот на војводата, Стојче Георгиев, исто така, член на Организацијата, нејзин помагач и учесник во голем број акции. Реконструкцијата на гробовите на на Петре Железарот и Ѓорѓи Воденчето, кои го дадоа својот живот за Македонија, чека погоден момент и разбирање!