ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И ПРАИСТОРИСКИ ЖИВЕАЛИШТА ПОД ВРВОТ ЧАРДАК НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП

Дали Маркови Кули кај Прилеп кријат остатоци од палеолитската култура?

Врвот Чардак
Врвот Чардак

За најстариот период на цивилизацијата на во прилепскиот простор, палеолитот (старото камено време), до денес нема, речиси, никакви сознанија и за него може да се прават само претпоставки, главно поради непостоењето соодвет­ни стручни истражувања и непостоењето стручни лица за тој период во прилепските институции од областа на археологијата. Сепак, ако се земе предвид фактот дека на просторот на Прилеп и неговата околина има бројни остатоци од периодот што следува по палеолитот, неолитот (младото камено време), од неговите најстари периоди, претпоставката дека некој на овој простор живеел и во претходниот период може да биде сосема на место. Магијата на просторот кој го опкружува Прилеп, се чини, отсекогаш го привлекувала човекот. Речиси нема дел од него на кој не може да се пронајде трага од неговото постоење и активно дејствување. Трагите се присутни по површината на карпите, по површината на земјата и под неа во форма на остатоци од градби и различни предмети, во пишаните документи од различни времиња, a ce чини и самиот воздух мириса на дух на древност, дух на светост и дух на божествено присуство низ милениумите.

Остатоци од понова градба пред живеалижте бр. 1
Остатоци од понова градба пред живеалижте бр. 1

Резултат на нашите проследувања на теренот на Маркови Кули кај Прилеп се бројни забелкежувања за културен престој и културно движење. Овој исклучителен природен и културен споменик е единствен во Македонија, па и пошироко, по голем број природни и културни карактеристики. Некои од таквите вредности тешко ножат да се забележат на друг локалитет во поширокиот простор. Тоа му го овозможуваат природните карактеристики, местоположбата и геолошките особини, особено релјефот од вулканско потекло и специфичната фрома на целиот рид. Нашите севкупни проследувања и забележувања не доведуваат до исклучителни првични сознанија за користењето на овој простор од страна на старите жители на делот од Балканот кој го зафаќа Македонија. Меѓу таквите сознанија е и констатацијата за посебно присуство на населба, или дел од неа, на источните падини, веднаш под највисокиот и стратешки важен врв, Чардак. Тука, во заветен простор, заштитен од самите околни врвови и грамадните карпи, веројатно се кријат остатоци од поголем број живеалишта со потекло од подлабоката праисторија. Се разбира, без опстојни археолошки истражувања и соодветни пронајдоци, не е лесно да се докажат овие сознанија но, преку текст и фотографска документација, ќе се обидеме да објасниме за што станува збор.

ЖИВЕАЛИШТЕ БР. 1

Набљудувањето на специфичните форми на карпите, интервенциите по нивните површини, оформените делови за конструктивна намена, разновидните археолошки остатоци по површината на теренот и сличните културни појави на делот на Маркови Кули од источната страна, под највисокиот врв Чардак, не наведоа да констатираме дека се работи за дел од овој рид, кој бил населен во извесен праисториски период, односно за простор во кој биле расположени поголем број живеалишта во кои престојувале, односно живееле старите жители. Овој дел од Маркови Кули е простор заштитен од северниот и западниот ветер, дел од него гледа кон југ, а целиот простор е изложен на истокот и изгрејсонцето. Токму во тој дел се среќаваат неколку специфични форми карпи, како и заштитени простори под некои од нив, податни за заштита од атмосферските влијанија. Некои од нив, покажуваат форми, кои се специфични за познатите мегалитски објекти, особено долмените. Еден таков простор, кој се карактеризира со една голема правоаголна карпа, со горната страна налегната на падината, а со долната на два големи столбести камени блокови, упатува на извесна интервенција и намерно конструктивно оформување. Просторијата под големата карпа – огромен правоаголен блок со плочеста форма, има влез од североисточната страна, а долниот дел од покривната карпа е налегнат на камен столб со конусоидна форма, при што врвот на конусот е свртен надолу, забоден во теренот, а со основата е свртен нагоре, покажувајќи релативно рамна хоризонтална површина со која ја држи покривната карпа. Внатрешниот простор зафаќа површина од 10 до 15 м2 и, денес, во него има можност за движење во поднаведната положба. Земајќи го предвид поминатиот период и движењето на земјиштето, може да се претпостави дека таванот на оваа просторија, како и целиот внатрешен простор, во некој дамнешен период, биле во поинаква и поприлагодена форма. Во внатрешниот дел од просторијата и денес можат да се забележат разновидни археолошки остатоци, како оформени или делумно оформени камени објекти, со столбеста форма или рамни површини, фрагменти од камени орудија, фрагменти од керамички садови од различни периоди и сл. Имајќи предвид дека се работи за движен материјал и за ерозијата на теренот, сепак не може да не се забележи, дека поголем број од археолошките предмети му припаѓаат на праисторискиот период. За потврдување на било какви претпоставки одколу можноста дека се работи за праисториско живеалиште, хендикеп претставува и фактот што просторот од североисточната страна на објектот доживеал сериозни интервенции во некои ппонови периоди, односно, сосема бил раскопан и оформен во поголем тераса, на која се правеле објекти за различна намена и во различни периоди. Меѓу нив, денес се уште се гледаат остатоци од поголема градба од камен, од време блиско до денешнината.

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД ЖИВЕАЛИШТЕ БР. 1 И ОД НЕГОВА НЕПОСРЕДНА ОКОЛИНА

ЖИВЕАЛИШТА БР. 2 И 3

Дека овој простор, сепак е дел од населбениот простор на Маркови Кули во праисторискиот период, упатуваат уште неколку слични простории во карпи или поткарпи во близина на претходно опишаниот. На само десетина метри јужно од него, се наоѓа една голема карпа со наткрилен дел, кој заштитува поголем простор нејзината јужна страна, а во основата на заштитениот простор, по карпестата површина се забележуваат правоаголни или кружни форми, кои служеле за конструктивна намена, веројатно за затворање на просторот во поткарпата и негово прилагодување за извесна намена.

При ваквото анализирање на просторот , особено паѓа во очи еден друг објект, малку повисоко од првоопишаниот, од неговата западна страна. Тука среќаваме поголема просторија под грамадна карпа, која била користена и во совремието, односно пред неколку децении, кога нејзиниуот под бил дооформуван, влезот затворен со ѕид од камен и цемент и метална врата. На горната површина на грамадната карпа се забележуваат голем број интервенции, меѓу кои, скалести форми, разновидни долги канали, кружни и правоаголни форми и сл.

СЛИЧНИ ПОЈАВИ И  ВО БЛИСКИОТ ПРОСТОР

Освен претходноопишаните објекти, на овој дел од Маркови Кули, можат да се забележат и голем број слични простори, објекти и обработени делови по карпите, кои наведуваат на констатација дека во подалечното минато, овој простор од ридот бил експлоатиран од старите жители, особено во праисторијата. Земајќи го предвид фактот што овој дел од ридот зафаќа површина со благопријатни услови, заштитен од сверниот ветар и изложен на сонце, како и фактот што располага со специфични форми карпи и простори меѓу нив, кои нудат можност за заштита и престој, како и можност за дооформување на простори за безбеден престој, може да се претпостави дека токму тука треба да се бараат остатоците на најстарата населба на Маркови Кули. Освен погоренаведеното, треба да се има предвид и фактот што овој дел од ридот е на релативно поголема височина и оттука може да се следи поширокиот простор и можат да се забележат движењата во рамниот дел на Пелагонија, во немирните времиња.

Врвот „Мало Тапанче“ – јужно

Се разбира, нашите анализи за културното движење на овој простор се резултат на теренското набљудување, поткрепено со сознанијата добиени од археолошките истражувања на делови околу врвот Чардак пред неколку децении (1980 г.)1 кога, меѓу другото, е истражувано и едно праисториско живеалиште, односно, праисториска куќа во повисоките падини на Маркови Кули, повторно во близина на споменатиот врв, од неговата северна страна, на падините, под една од терасите, која подоцна се нашла во утврдениот дел. Живеалиштето е документирано со соодветно археолошко истражување и е констатирано дека било користено во доцниот неолит и раното бронзено време.2 Според описот даден од археолозите кои учествувале во истражувањето, ова живеалиште е сериозна потврда на нашите констатции за слични праисториски објекти на источните падини на Маркови Кули, под врвот Чардак.    

МОЖЕ ЛИ ДА СЕ ПРЕТОПСТАВИ ДЕКА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП РАСПОЛАГААТ СО ОСТАТОЦИ ОД НАЈСТАРИОТ ПЕРИОД НА КУЛТУРАТА НА ЧОВЕКОТ – ПАЛЕОЛИТОТ

За Маркови Кули, познати се наодите на археолошки остатоци, кои потекнуваат од новото камено време, додека не постои никаков податок за постариот период, старото камено време (палеолитот). Наодите од новото камено време можат да бидат само претпос­тав­­ка за можно постоење на наоди од постариот период палеолитот (ста­рото камено време). Тоа значи дека на овој простор е можно да се кријат пронајдоци од самите корени на човечкатата култура, од нејзиниот заче­ток од елементарна биолошка егзистенција кон култивирана форма на постоење. Извесни забележувања на фрагменти од погрубо обработени камени орудија и разновидни откршоци при нивната обработка не наведуваат на вакви претпоставки.

          Според направените научни анализи на коски пронајдени во близина на врвот Чардак на Маркови Кули тие датираат од 6680 год.3 п.н.е. Овие наоди покажуваат дека на Маркови Кули постоела праисториска населба уште во длабоката праисторија што за археолозите претставувало изненадување бидејќи дотогаш сметале дека каменото време е присутно, главно, во пониските простори, посебно во Пелагонија. Слични наоди се констатирани и на други делови од просторот на Маркови Кули и неговата околина, посебно на неговите падини и на просторот на Варош.

Според пишаните извори, кои често се потврдувани и од археолошки наоди на Балканот, најстари познати жители биле Бригите, Дарданците, Пелазгите и Илирите, а за кои се смета дека имале блиски меѓусебни врски од етнички и културен карактер.4 Во тесна врска со Бригите кои посебно го населувале просторот на Македонија во постарите периоди се и Пајонците кои, како народ кој живее покрај долното течение на реката Аксиј (Вардар) се споменува во еповите на Хомер, посебно во Илијадата.5 Освен тоа, од митологијата, историјата и археологијата се познати и некои постари преселби од Мала Азија во Македо­нија и обратно. Токму во овој круг на етничко присуство на просторот на Македонија би требало да ги бараме жителите од живеалиштата на просторот под врвот Чардак на Маркови Кули кај Прилеп кој, за жал, не е научно истражен за посериозна анализа и реконструкција на културното живеење на овој простор.

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД ПРАИСТОРИСКО ПОТЕКЛО ОД ПОШИРОКИОТ ПРОСТОР НА МАРКОВИ КУЛИ

1 Еугениуш Цнотливи, Праисториското карпесто живеалиште на падините на Маркови Кули, Тврдината Маркови Кули, извеш­таи … Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, 62.

2 Исто, 66.

3 Миечислав Паздур, Датирање на органските примероци …, Тврдината Маркови Кули, извеш­таи … 1984–1988 Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, стр.70

4 Елеонора Петрова, Палеобалканските популации во II и I милениум пред н.е. на просторот на Македонија, ЦИВИЛИЗАЦИИ НА ПОЧВАТА НА МАКЕДОНИЈА, Книга 2, МАНУ 1995 г. стр.47. Викторија Соколовска, Етничките носители на Требенишката некропола, Македонија Прима – 1997, Охрид.

5 Хомер, Илијада, превод Михаил Петрушевски, Скопје.