ЈАСЕН (Fraxinus)

Вака со закана рекол, а дивниот Ахил му кренал

Копје од пелијски јасен, …………..

………………………………………………………………………….

Дополу в брег зар се закачило јасеновото копје.1

9
9

Јасенот (Fraxinus) е многу распространето дрво и претставува вистински украс на природата, како во планинските, така и во рамнинските предели. Неговиот природен раскош најдобро може да се забележи во пролет, односно во месеците мај и јуни, кога расцветува со убави бели и жолтеникави широки цветови, кои ја покриват, речиси, целата крошна на растението.  Можат да се сретнат десетици видови јасен со различна големина на крошната и дебелина на коренот. Може да достигне височина и до 35 м, па дури и до 60 м. Има силен корен и цврсто се држи на различни геолошки подлоги. Неговото  дрво е цврсто и жилаво, но свитлив состав, а кората на дрвото е мазна и со сива боја, слична на бојата на пепета. Плодовите на јасенот се крилести оревчиња кои содржат семе. Плодовите зреат во септември-октомври, но паѓаат на земјата само во зима или во рана пролет. Поради големата количество на масти и протеини плодовите на јасенот ги користат во исхраната многу видови птици и глодари.

8
8

На плодни почви расте брзо и е отпорен на мраз, а понекогаш страда од доцни пролетни мразеви. Листовите на јасенот паѓаат во доцна есен и подолго време се зелени.

7
7

Во Македонија се среќаваат три вида јасен – бел или обичен јасен (F. excelsior), полски јасен (F. angustifolia) и црнјасен (F. ornus). Фотографиите, кои се дел од овој прилог се од Мраморски Рид, од атарот на селото Мраморани, Прилепско.

Поради неговите специфични својства и систавот на дрвото, јасенот има разновидна примена. Дрвото, кое има соодветна свитливост се користи за правење копја (види: стихови од Илијада на Хомер на почетокот), лакови и слични орудија, а од него се изработуваат и музички инструменти, како електрични гитари, тапани, столарија, фурнир за канцелариски мебел и сл. Во минатото од ова дрво се изработувале трупови и каросерии за кочии и автомобили, а во почетниот период на воздухопловството, поради неговите својства, ова дрво било особено важно во изработката на авиони. 

6
6

Јасенот има голема примена и во медицината, особено при лечење на хронични респираторни болести, а се користи и како диуретик и лаксатив, за лечење рани и е добра замена на кининот. Познато е дека јасенот го користел римскиот лекар Квинт Сорен Самоник, кој во својата Медицинска книга пишува за семиња од јасен од кои се произведувал лек за лечење кашлица и болести на црниот дроб. Античките народи верувале дека сокот од јасен лекува и каснување од змија.

5
5

Како лек се користат плодовите, кората и лисјата на јасенот. Лисјата се собираат во почетокот на летото, а кората во пролет. Листовите содржат јаглени хидрати, органски киселини, етерични масла, сапонини, каротин, витамин Ц, флавоноиди и танини. Во кората се наоѓаат јаглехидрати, феноли, алкалоиди, кумарини, флавоноиди. Прехранбените препарати имаат хемостатична, тонична, антипиретична улога, заздравуваат рани и дејствуваат лаксативно, диуретично, антимикробно, антиспазматично, антитоксично и антиревматично.

4
4

Тинктура добиена од плодовите на јасенот се користи за лечење проширени вени. Сув, јасеновиот цвет, се користи и во исхраната на дијабетичари како замена за шеќер. Треба да се внимава при употребата на поленот од јасенов цвет, бидејќи тој е силен и може да предизвика алергија, со појава на дерматитис.

1 Хомер, Илијада, песна XXI означена како „Рапсодија Фи“ и насловена како „Бој покрај реката“