ЈУНАЦИТЕ ОД РЕКАТА АКСИЈ (ВАРДАР) ВО МАКЕДОНИЈА ВО „ИЛИЈАДА“ ОД ХОМЕР – Македонија и Македонците во најстарите пишани уметнички дела

Градот Троја во областа Троада во Мала Азија, своето име го носи по неговиот основач Трос. Тој, пак, е татко на Ил – уште еден митолошки епонимен јунак на Троја – според чие име овој град бил нарекуван и Илиј или Илион. Ил е и името на богот на сонцето, татко на славниот предок на Тројанците, кралот Лаомедонт и дедо на познатиот тројански крал Пријам. Троја ја нападнале Ахајците или Данајците, познати и како Аргејци. Причина за нападот е грабнувањето на убавата Елена, жена на славниот ахајски јунак и спартански крал, Менелај, брат на кралот на Микена, Агамамнон, кој е врховен заповедник на опсадата на градот Троја.

Акрополата на градот Троја VII, која се смета дека е од времето на Тројанската војна
Акрополата на градот Троја VII, која се смета дека е од времето на Тројанската војна

 За погореизнесеното пее славниот антички поет Хомер во уште пославниот еп „Илијада“, кој е напишан пред околу 3.000 години. Авторот на овој еп, како и на уште голем број други дела, од кои, главно, е познат епот „Одисеја“, го знаеме како слепиот поет Хомер или Омир, кој како историска личност, и денес, претставува голема загатка. Епот „Илијада“ е „набиен“ со богатство од митолошки личности и митолошки настани, наспроти големиот број личности и настани поврзани со смртните претставници од времето на Тројанската војна, која траела цели десет години и, според некои стихови во самиот еп, завршила дваесетина години по грабнувањето на Елена од Спарта од страна на Парис, познат и под името Александар, еден од синовите на кралот на Троја, Пријам, од нејзиниот маж, спартанскиот крал, Менелај.

Ископини од градот Троја од времето на Хајнрих Шлиман
Ископини од градот Троја од времето на Хајнрих Шлиман

Префинетиот стил и високиот уметнички набој „Илијада“ од Хомер ја прави фасцинантно литературно остварување, исполнето со содржини, кои упатуваат на историските, политичките, социјалните, религиозните и културните особини на, толку, далечното време и на народите, кои живееле на просторот на Балканскиот Полуостров и Мала Азија. Таквата содржина, ва дело го вознесува до ниво на споменик, сведок и темел на осознавањето на народите, кои живееле на овие простори. Начинот на пренесување на тоа богатство од информации не го остава рамнодушен ниту обичниот читател.

Троада - областа во која се наоѓа Троја
Троада – областа во која се наоѓа Троја

Меѓу мноштвото војски кои учествувале на двете страни на Тројанската војна, односно во битката за градот Троја, за кои Хомер пее во Втората песна обележана како „Рапсодија Бета“ и насловена како „Сениште. Бунт. Бојотија или список на корабите“, во стиха говори за Пајонците, кои потекнуваат од реката Аксиј (Вардар).

А криволаките Пајонци пак си ги водел Пирајхме,

Одскраја од Амидόн, од широкострујниот Аксиј,

Аксиј што прекрасна вода по земја разлева ширум,

……………………………………………………..

Стиховите се наоѓаат при крајот на песната означени со броевите 848 – 850. Освен Пајонците, кои се народ кој живеел на просторот на денешна Македонија, по долината на реката Вардар, Хомер го споменува и нивниот водач Пирајхме, како и градот од кој доаѓал, Амидон. Пајонците ги опишува како криволаки, што значи дека носеле криви лакови, а реката покрај која живееле ја опишува како широка, нарекувајќи ја „широкострујна“, која „прекрасна вода … разлева ширум“.

Реката Вардар (Аксиј) кај Демир Капија
Реката Вардар (Аксиј) кај Демир Капија

                Уште на едно место во „Илијада“, Хомер Пајонците ги поврзува со фактот дека тие носеле криви лакови. Тоа се среќава во стиховите под број 428 и 429 во песната под број X обележана како „Рапсодија Капа“ и под наслов „Долонеја“. Во овие стихови, во раскажувањето на јунакот Долон, син на Егмед, кој бил на страната на Ахајците, се среќава:

Јас ќе ти искажам тебе по правина соосем за ова.

Крај море Карците се и Пајонците с′кривите лакои,

……………………………………………….

                На тој начин, во својата „Илијада“, Хомер (Омир) пее и за Пајноците како активни учесници во Тројанската војна, кои се вешти во воената техника и добро опремени со оружје, кое знаат да го употребат. Нивните водачи, пак, се потомци на божествени родители што може да се види од пеењето дека тие потекнуваат од „широкострујниот“ Аксиј (реката Вардар), односно, реката претставена како божество. Пајонците се во првите редови во одбраната на градот Троја, рамо до рамо со најдобрите јунаци – Тројанци, Дарданци, Ликијци, Карци и др. На тој начин, тие постојано се изложени на погибија од оружјето на Ахајците, кои по секоја цена решиле да ги срушат цврстите бедеми на древниот град Троја.

Клисурата кај Демир Капија. Некои од археолозите градот Амидон го лоцираат во овој простор
Клисурата кај Демир Капија. Некои од археолозите градот Амидон го лоцираат во овој простор

                Така, веќе во следните стихови во кои се споменуваат Пајонците, се споменува убиството на нивниот водач Пирајхме, кој според Хомер е „првенец“ на Пајонците „во бојот“. Него го убил Патрокло, големиот Ахајски јунак и најдобриот другар на главниот и најсилен јунак на страната на опсадата на Троја, Ахил, синот на морската нимфа Тетида, една од Нереидите, и на Пелej. Во стиховите од број 284 до 293 од песната „Патрокловото одликување“, обележана како „Рапсодија Пи“ под број XVI, следи пеењето за погибијата на славниот Пајонски водач Пирајхме. Почетните три стиха се посветени на моментот кога Патрокло замавнува со своето „блескаво копје“ кон првенецот на Пајонците, каде што имало најмногу мажи, во самата средина:

Патрокло замафна прв со своето блескаво копје

В самата средина, баш, кајшто најмногу мажи се туркаа

Покрај корабната крма на срчниот Протесилај.

                Следат два стиха во кои поетот со зборови полни значење искажува неколку податоци за Пајонците, чиј водач бил погоден од копјето на Патрокло:

..та што го згодил Пирајхма, што Пајонци, коњици добри,

Од Амидон беше довел од широкострујниот Аксиј;

Ахил во борба - Memnon_Leiden_Rijksmuseum_voor_Oudheden
Ахил во борба – Memnon_Leiden_Rijksmuseum_voor_Oudheden

                Овде, повторно, го споменува градот покрај реката Аксиј, од каде доаѓале Пајонците, нарекувајќи ја реката „широкострујниот Аксиј“, а Пајонците „добри коњици“, односно, давајќи ни информација дека Пајонците биле вешти во јавање и војување со коњи.

Ахил со неговиот другар Патрокло - Akhilleus_Patroklos_Antikensammlung_Berlin_F2278 - v2
Ахил со неговиот другар Патрокло – Akhilleus_Patroklos_Antikensammlung_Berlin_F2278 – v2

                Пирајхме, погоден, паѓа во прашина, а неговата дружина е потресена од загинувањето на нивниот водач и „стрпна“ бидејќи Патрокло го усмртил најдобриот меѓу нив. Стиховите, кои следат потоа, се силни, набиени со драматика и силни чувства:

г′удри по десното рамо, што на теме овој офкајќи

падна во праот, а дружбата пајонска за него стрпна;

Патрокло зар на сите им спотерал страв, штом го убил

Нивниот војвода прв, што бил најарен јунак во бојот;

                Пајонците и нивните водачи и јунаци Хомер и натаму ги опејува во следната песна под број XVII, означена како „Рапсодија Ро“ и насловена како „Менелајево одликување“. Во неа, во стиховите од реден број 346 до 355, Хомер пее за загинувањето на уште еден Пајонски јунак по име Аписаон. Во првиот дел од овие стихови, поетот најпрво го опејува неговото загинување, а во вториот дел објаснува за каква личност се работи, со каков авторитет, од каде доаѓа, како и за тоа, како реагира на неговото убиство уште еден голем јунак и негов соборец од војската на Пајонците. Аписаон бил син на Хипас, втор по јунаштво по Астеропај, водашот на Пајонците после загинувањето на Пирајхме. Во овие стихови, Хомер Пајонија ја нарекува „грутчеста земја“.

… падна тој Ликомѐд воинствениот ужален мошне

Близу баш сосем стоејќи го исфрли сјајниот џилит

Што полководецот прв, Аписаона Хипасов г′удрил

Под гради в црниот дроб и му пресекол колења веднаш;

Колежот на реката Скамандар - предизвикувањето на Астеропај 2
Колежот на реката Скамандар – предизвикувањето на Астеропај 2

                Во овие стихови, големиот антички поет, персонифицирајќи, внесува драматика во убиството на Аписаон преку поетската формулација „му пресекол колења веднаш“. Натаму следи податокот за земјата од која потекнува јунакот и неговата положба во редот на Пајонските јунаци:

Што од Пајонија тој од грутчестата земја дошол,

А што по Астеропаја бил најарен јунак во бојот.

Интересно е деке на просторот на денешна Македонија среќаваме и мал антички град (полисма) со име, кое потсетува на споменатиот пајонски јунак, Аписаон. Се работи за населба со име Писајон, која ја споменува Полибије во своите Истории (V, 108, 1) и која не е точно лоцирана и идентификувана, но се смета дека се наоѓала на западниот раб на областа Пелагонија каде што оваа област се граничела со Дасаретија. (Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика – посебна издања, књига I, Скопје 1957, 211.)

Колежот на реката Скамандар - предизвикувањето на Астеропај
Колежот на реката Скамандар – предизвикувањето на Астеропај

                Астеропај, кој по Пирајхме е следниот врховен водач на Пајонците, Хомер го споредува со богот на војната Арес упатувајќи на неговата сличност со него со нарекувајќи го „арејскиот“. Астеропај, мошне натажен поради убиството на неговиот другар и соборец, со голема жестина се впушта во бојот против Данајците (Ахајците), но опкружен со штитови од спротивната страна, тој е спречен било што да направи. Сето ова, заедно со убиството на Аписаон се случува по загинувањето на најдобриот другар на славниот јунак Ахил, Патрокло:

Астеропај арејскиот пак него г′ожали паднат,

и кон Данајците право во бој и овоој се пушти,

туку не можеше тој, зар′ г′опколиле штитој од сегде,

околу Патрокла тие со копјата напред стоејќи.

Дека пајонскиот водач Астеропај ја заслужува споредбата со богот на војната Арес многу сликовито е прикажано во песната XXI означена како „Рапсодија Фи“ и насловена како „Бој покрај реката“. Имено, тој покажува исклучителна смелост и застанува лице в лице со најголемиот јунак на страната на Ахајците, Ахил, кој е син на морската нимфа Тетида, а по татко му Пелеј води потекло од врховниот бог Ѕевс. Пелеј бил син на Ајак, кој е Ѕевсов син. По убиството на Патрокло, силно натажен, но и разгневен, Ахил се нафрлил на Тројанците убивајќи ги редум. Убивајќи го и најсилниот бранител на Троја, Хектор. Многу Тројанци настрадале во немоќта да му се спротистават на „божескиот“ Ахил. Токму во таквиот гнев Ахил налетал на Астеропај со намера да го убие:

Тогаш синот Пелејев со своето предолго копје

н′ Астеропаја се фрлил да г′убие сега пекајќи,

Овде Хомер проодолжува да пее за потеклото на Пајонскиот јунак Астеропај:

синот на Пелегόна, што широкострујниот Аксиј

г′еднаш с′ Перибоја родил, најстарата ќерка од оној

Акесамен, зар Токот ја обљубил длабок и вирест.

Ахил - Achilles_by_Lycomedes_Louvre_Ma2120
Ахил – Achilles_by_Lycomedes_Louvre_Ma2120

                Значи, Астеропај бил син на Пелегон (Пелагон), а овој пак син на Аксиј (Вардар) и Перибоја, ќерка на Акесамен, кој бил крал на Пиерија, македонска област во најужниот дел на Македонија. Перибоја ја обљубил решниот бог на реката Аксиј, кого Хомер го нарекува Токот, кој пак бил „длабок и вирест“. На тој начин, во во овие три стиха, Хомер роднински ги поврзува трите македонски области, Пелагонија, Пајонија и Пиерија, кои во определени периоди биле посебни кралства.

                Изедначувањето на реките и другите природни појави со божества кај Хомер е мошне често. Така, битката во која се среќаваат Ахил и Астеропај се случува во реката, која тече во близина на Троја. Токму оваа река му влеала „смелост“ на Астеропај да се соочи со Ахил, негодувајќи поради големиот број млади момчиња убиени во реката од него без милост. Астеропај застанал пред реката со две копја во рацете да го дочека Ахил и да се соочи со него:

На него навалил Ахил, а тој пред реката стоел

Напред со две копја в раце; во срцето смелост му влеал

Ксант зар негодувал тој за убиени момчиња многу,

Што му ги убивал Ахил низ рекана без милост сите.

Реката за која станува збор боговите ја викаат Ксант, а луѓето Скамандар. Првото име е нејзината божествена форма, а другото е име на реката.

                Кога јунаците се доближиле еден до друг, меѓу нив настанал дијалог, кој го започнал Ахил кого Хомер го нарекува „брзоног“ и „божествен“:

Кога пак еден до друг се приближиле двајцата мажи,

Тога му прозборил прв брзоногиот и бествен Ахил:

– Кој и од каде си ти, што си м′ излегол пред мене смело?

Чеда од несреќни зар ја обидуваат мојата смелост?

Астеропај, кого Хомер го нарекува „светлиот син Пелегόнов“ реагира на прашањето на Ахил за неговото потекло, со одговор дека потекнува од Аксиј и од Пајонија, која и овде е „грутчеста земја“.

Светлиот син Пелегόнов му одвратил потоа нему:

– Зошто за рода ме прашаш еј пресрчен сине Пелејев?

Јас од Пајонија сум, од далечната грутчеста земја;

Пајонци мажи си водам со предолги копја, што сега

Единаесетта зора ми е, како дојдов во Илиј.

Родот пак мене ми е од широкострујниот Аксиј,

Аксиј што нашата земја со красните води ја кваси,

Што Пелегόна го родил, по копјето славен што вељат,

Мене ме родил, но сега да с′удриме, Ахиле славен.

Споменик на Ахил од островот Крф (Dr.K)
Споменик на Ахил од островот Крф (Dr.K)

Следи пеењето за дуелот меѓу двајцата смелли јунаци, која не завршува брзо, туку по неуспехот со копјата од двете страни борбата продолжува со мечеви. Ахил успева да го погоди Астеропаја со мечот во пределот на стомакот, во близина на папокот. Хомер создава жива поетска слика за борбата меѓу јунаците, доближувајќи ја сцената до читателот со необична јасност и предизвикувајќи потресни чувства:

Вака со закана рекол, а дивниот Ахил му кренал

Копје од пелијски јасен, но две истовремено копја

Исфрлил Астеропај, што бил вешт во рацете мошне;

С’едното копје го згодил, но не го продупил овој

Штитот, зашт’ златото негде го задржа, дарот на бога,

А пак со другото г’удрил во десната рака под лактот,

И му го драснал, та црна крв прснала; копјето летна

Преку, се закачи в земја, да изеде снага сакајќи;

Втор јасеновото копје, што летнало право го пушстил

напред кон Астеропаја, да г’убие него пекајќи;

Туку го промашил него, а погодил висока карпа,

Дополу в брег зар се закачило јасеновото копје.

Синот Пелејев меч остар крај бедрото извлекувајќи,

Рипнал на онега бесен: тој не можел џилитот на Ахил,

Да му г’ од стрмниот брег со дебелата извлече рака.

Триш го стресол и тргнал, да г’извлече него сакајќи,

Триш не му стигнала сила, а четврти пат кога сакал,

Да н’ Ајаковиот внук му го копјето свитка и скрши,

Туку со мечот прв Ахил му одзеде одблизу душа,

Кога го удрил по меот крај папопкот, цревата в земји

Му се истуриле нему, а очите мрак му ги покрил.

Продолжувајќи со успешен хексаметарски (од шест стапки) стих, Хомер го опејува обраќањето на Ахил над, се уште, живиот Пајонски јунак Астеропај, кој со копја „бил вешт во рацете мошне“. Ахил, со гордост, говори за својот висок род, кој води потекло од синот на Крон, врховниот бог Ѕевс, преку Ахиловиот дедо Ајак и неговиот син Пелеј, татко на Ахил и „цар на огромен број Мирмидонци“. Тој надмено говори за неговата надмоќ, која е иманентна на божественото потекло од најмоќниот бог на Олимп, громовникот Ѕевс. Го спротиставува неговото високо божествено потекло со божественото потекло на Астеропај, кој по род потекнува од богот на реката Аксиј во Пајонија.

дур’ уште дишел; но Ахил на градите нему му рипнал,

оружје светло му свлекол и вака фалејќи се рекол:

– Лежи ти овде, заш’ тешко е бој со деца од синот

семоштен Кронов, да биеш, при сè што те родила река;

зашто ти бил, рече, родот од широкострујниот Аксиј,

но од великиот Ѕевс ми е родот мој, вељам со гордост:

син сум од маж, што е цар над огромен број Мирмидонци

синот на Ајак, Пелеј, оној Ајак од родот на Ѕевса.

Колку е појак Ѕевс од реките, в море што течат,

Толку е појак и родот на Ѕевс од оној на Аксиј;

                Истовремено Ахил му оддава и почит на божеството од кое потекнува Астеропај, реката Аксиј, повторно укажувајќи на надмоќта на врховниот бог Ѕевс:

секако и твојот бог речен е јак, ако може да нешто

помогне, туку е послаб с’Кроновиот син да се бори.

Со него ни Ахелóј, што е посилен, не би се мерел,

Ниту великата мошт на длабокиот ток Океáнов,

Зашто и реките сите и секое од него море,

и извориштата сите и кладенци длабоки течат,

туку и тој од громот на велјаго Ѕевса се плаши

и од ужасниот грмеж, штом од небо згрми овој.

Хомер - VIII век п.н.е. - Од книгата Античките театри во Македонија од Т. Јанакивески
Хомер – VIII век п.н.е.- Од книгата Античките театри во Македонија од Т. Јанакивески

По искажаната надменост, која доаѓа од потеклото од Ѕевс од кој, дури, и поголемите реки – богови, каква што е Ахелој (река во Грција), па и големиот Океан се плашат, Ахил го извлекол своето копје од Пелијски јасен (Пелиј е планина во Тесалија од каде потекнувал Ахил) со врв од бронза, оставајќи го мртвото тело на Астеропај на јагулите и рибите, кои се бореле околу него. Хомер создава жива, речиси, натурална сликана настанот.

Рече и бронѕовото копје од стрмего откорна брега;

онега г’оставил, штом мила му одзеде душа,

в песок, а црната вода му плиснала неговата снага;

јагули многу и риби се бореле околу него,

салото да му го јадат и бубрежен лој да му кинат.

Хомер и понатаму пее за Пајонците под Троја, опишувајќи ја нивната тешка судбина по убиството на нивниот најдобар јунак и водач Астеропај, кој паднал од раката на Ахил. Ахил се впушта во натамошна борба и убива уште неколку пајонски борци со својот меч. На тој начин, Хомер ни ги пренесува имињата на Терсилох, Астипил, Мидон, Трасиј, Мнес, Ајниј и Офелест, сите Пајонци, кои паднале од мечот на Ахил. На ваквиот масакр се спротиставила, дури и самата река во чии води и околу неа се случува битката, рзгневена поради безмилосното убивање од страна на Ахил. Претворена во човечки лик, таа му се обраќа на Ахил да прекине со убиствата зашто со крв и тела се преполнила нејзината вода. Всушност, реката, спасила многумина од Пајонците да не настрадаат од мечот на Ахил, кој разгневен, убивал на сите страни.

Тој, по Пајонците после, по бојните коњици пошол,

што покрај вирната река растурени уште си биле,

штом си го вишле најарниот свој дека  вљутата борба

соборен паднал под мечот од рацете силни на Ахил.

Овој Терсилоха потем, Астипила, Мидона г’убил,

потоа Трасија, Мнеса, па Ајнија и Офелèста;

повеќе Пајонци уште ќе убиел брзион Ахил,

да не му викнела гневно длабоката виреста река,

сторена слична на човек што викал од длабока вира.

                Всушност, делот од епот „Илијада“ во XXI-та песна во која Хомер пее за Пајонците, народ кој доаѓа од просторот на Македонија и кој живеел по долината на реката Вардар (Аксиј)  е најдолг спореден со другите во кои Хомер пее за дојденците во битката за Троја, а кои се по потекло од просторот на Македонија.

                Веќе опеаниот Пајонски јунак Астеропај во останатите песни на „Илијада“ е споменат уште на две места во XXIII-та песна означена како „Рапсодија Пси“, а со наслов „Натпревари во чест на Патрокла“, при доделувањето на наградите. Антилох, син на најстариот борец на страната на Ахајците, Нестор, му забележува на Ахил за малиот подарок кој решил да му го даде на еден од натпреварувачите со име Евмел. Тогаш Ахил решил на Евмел да му го даде оклопот на Астеропај, кој му го одзел откако го убил. Хомер многу детално го опишува оклопот преку устата на Ахил. Оклопот бил целиот од бронза и опточен со калај, дотолку, што целиот е бел и силно светел:

Ако ми повељаш веќе, Антилоху, друго од домот

Јас да му дадам на Евмел, ќе г’исполнам радо и тоа;

оклопот ќе му го дадам, од Астеропаја што го пленив,

бронѕан, што околу него се истурил и истопен калај,

целиот блескав и бел, што за онега многу ќе вреди.

Рече и на Автомедонт, на милиот другар му викнал

да му г’ од чадорот даде; тој отишол и му го донел;

Евмелу враце го ставил, а тој си го примил со радост.

                Тоа се стиховите од број 558 до 565 во споменатата песна, а веќе во стиховите од број 805 до 808 во истата песна, двајца ахајски јунаци, Ајант, син на Теламон и Диомед, син на Тидеј, се борат за мечот на Астеропај кој, исто така, претставувал значаен трофеј.

Кој ќе ја досегне прв и ја пресече красната кожа

и ќе го допре дробот и крв појде црна низ мечот,

мечов со сребрени клинци јас нему ќе му го дадам,

опкован, тракијски, убав, што н Астеропáја му г’ отмеф.

Ова се главните места во древниот еп „Илијада“ на, до денес неидентификуваниот автор Хомер или Омир, за чија татковина се борат повеќе од десетина области на јужниот дел на Балканскиот полуостров. Споменувањето на народи и места од македонскиот простор, односно, од Македонија, во „Илијада“ укажува за развиена цивилизација и култура во него уште во тоа време. Освен Пајонија, накратко се споменуваат и други области во Македонија од времето на Тројанската војна. Така, во XIV-та песна, означена како „Рапсодија Кси“, под наслов „Ѕевсова измама“, во стихот под број 226 сеспоменуваат двете македонски области од оваа страна на планината Олимп, на чиј врв, според тогашното верување, престојувале боговите. Тоа се областите Пиерија и Ематија, кои ги „посетува“ сетрата и жена на Ѕевс, божицата Хера:

Хера со брзина потем олимпискиот врх си го трати

И на Пиерија вишна и во свидна Ематија појде.

Старо издание од „Илијада“ - Iliad_VIII_245-253_in_cod_F205,_Milan,_Biblioteca_Ambrosiana,_late_5c_or_early_6c - v2
Старо издание од „Илијада“ – Iliad_VIII_245-253_in_cod_F205,_Milan,_Biblioteca_Ambrosiana,_late_5c_or_early_6c – v2

                Епот „Илијада“, по својата содржина, форма и поетскиот израз заслужува посебно внимание, препрочитување и анализа од повеќе аспекти – литературно-уметнички, историски, етнолошки, антрополошки и сл. Ова потенцирање на местата во него, кои се поврзани со просторот и народите кои живееле во времето на Хомер, односно, на Тројанската војна е само обид да се укаже на значењето на овој еп, како најстар пишан споменик, кој има исклучително значење, меѓу другото, и за Македонија, како земја со многу стари цивилизациски корени. Тоа посебно го нагласува и еден од најзначајните преведувачи на ова дело на македонски јазик, како и на уште еден познат еп од Хомер „Одисеја“, Михаил Д. Петрушевски, кој превел бројни изданија од античките писатели на јужниот дел од Балканот.