РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО СЕМЕЈСТВО ПЕШКОВИ ОД ПРИЛЕП (1)

Браќата Пешкови од Прилеп се споменуваат во повеќе историски текстови како големи борци за ослободување на Македонија, кои на разни начини биле вклучени во револуционерната борба. Сепак, ова револуционерно семејство од Прилеп до денес не добило соодветен третман од историската наука и поради тоа не можат да се најдат поопстојни и сеопфатни информации за тројцата браќа Пешкови и за нивната револуционерна дејност. Во историската литература се среќаваат како Ѓорѓи, Рампо (Харалампие) и Никола Пешкови. Во постарите текстови и документи се среќаваат имиња на неколку постари членови на семејството Пешкови. Адамче Пешков(иќ) бил познат прилепски трговец од средината на 19 век, со трговски врски во Солун и Белград. Спиро Д. Пешков бил еден од прилепските градски првенци и член на училишното управителство, како и член на Прилепската општина и црковно–училишната општина во Прилеп од 25 март 1869 година. Се среќава и Стефан Пешков, исто така од 19 век, еден од богатите прилепчани, член на прилепската општина и учесник во организирањето на црковните и училишните активности во Прилеп.

Тројцата револуционери, Ѓорѓи, Рампо и Никола Пешкови се синови на Спиро и Вида Пешкови, богато и угледно семејство од Прилеп. Тие имале и четврт брат, Тодор, кој помалку се споменува, но исто така бил дел од големото револуционерно семејство. 1

Спиро бил богат трговец со јажиња и јажарски производи и тргувал низ цела Македонија, како и во врањската околија. Фирмата „Пешкови“ свој дуќан имала и во градот Солун. Спиро Пешков долго време бил и советник во црковната општина во Прилеп.

ЃОРЃИ ПЕШКОВ

(1872, Прилеп – јуни 1913, с. Лахна, Солунско)

Ѓорѓи Пешков
Ѓорѓи Пешков

Кога Пешкови отвориле претставништво на својата фирма во Битола најстариот син на Спиро Пешков, Ѓорѓи, отишол таму.2 Тој бил особено надарен и претприемчив човек.

Ѓорѓи Пешков, родум од Прилеп, трговец јажар, беше еден од најстарите работници, посветени во делото. Тој се одликуваше со својата способност како агитатор и организатор меѓу трговската и еснафската класа. Имаше спокоен дух и извонредна самоконтрола. Тој умееше да ја заблудува полицијата и таа никогаш не можеше да го открие дека и тој е во делото (револуционерното). Тој секогаш дознаваше од неа, зашто и ги познаваш е слабостите, не даваше таа да искубе нешто од него. Пешков беше целосно предаден на делото, бидејќи најпосле ја заложил и својата трговија. Тој ми беше најдобриот советник при среќавањето на раководителите и куририте од околиите. Тој до крај остана една голема раководна сила во Битола.“ 3

Висок на раст, сложен, со сини проникливи очи, со своето држење на роден аристократ, Г. П. предизвикуваше респект пред општеството и власта.“ 4 Ѓорѓи Пешков развил голема трговија во западна Македонија и Албанија и во исто време бил комплетно предаден и активен во организирањето на народните маси за револуционерното дело.5

Во Битола Ѓорѓи Пешков го сретнал Даме Груев, при неговото обиколување на македонските градови, летото 1894 година за да формира месни комитети на Револуционерната организација и притоа во овој комитет влегол и Ѓорѓи Пешков.6 Заедно со Глигор Стефанов Попев, Христо Чемков и ѓаконот Тома Николов, Ѓорѓи Пешков ги направил првите обиди за проширување на револуционерниот кружок во Битола и привлекување на младите битолчани во Организацијата. Со Ѓорче Петров и Глигор Попев, Пешков работел на проширувањето на Револуционерната организација по битолските села.7 Тој е особено активен и го среќаваме на голем број средби и активности на Револуционерната организација во Битолско и Прилепско. Како делегат учествува уште на револуционерното советување одржано во Ресен на 15 август 1894 година, за време на осветувањето на новоизградената црква во овој град.8 По враќањето од Ресен, по одлука донесена на советувањето, бил формиран Револуционерен комитет во Битола. Всушност, тој го претставува првиот Окружен комитет на МРО, чие формирање било направено во присуство на Даме Груев во состав: Пере Тошев – претседател, Анастас Лозанчев – секретар, Глигор Попев – касиер и Ѓорѓи Пешков – советник.9 Веднаш потоа Ѓорѓи Пешков активно учествувал и во печатењето на весникот „На оружје“, кој го уредува Ѓорче Петров. Уште првите времина на агитацијата во Битола почнав да издавам хектографиран весник ’На оружје‘ ! Излегоа 9 броја. Го распратувавме во 30–40 примероци. Го уредував и заедно го вадевме по цели ноќи со Попето и Пешков“10 – пишува Ѓорче. Во 1895 година за време на т. н. Мелничка провокација,11 Пешков го среќаваме на средба на Окружниот комитет во Битола кој се состанал во кафеаната „Цариград“, на широк Сокак.12 Ѓорѓи Пешков бил еден од истакнатите членови и на Окружниот комитет во Битола и бил во постојан судир со Анастас Лозанчев. Додека Лозанчев бил „нервозен и избувлив“, Ѓорѓи Пешков бил „спокоен и ладнокрвен“.13 Лозанчев извесно време дури и се откажал од работата во комитетот поради конфликтот со Пешков. Нивниот конфликт дошол до израз, посебно, по заминувањето на Пере Тошев од Битола.14

Ѓорче Петров
Ѓорче Петров

Во април 1896 година, за време на аферата со откривањето и притворањето на Доне Стојанов Тошев од селото Ерџелија, штипско, кој пренесувал бомби за Организацијата во Битола, Пешков, заедно со Пере Тошев се засолниле, а истражните органи ја претресле куќата на Пешков, но во неа не нашле ништо.15 Како член на Окружниот комитет во Битола во 1898 година Ѓорѓи Пешков наложил формирање чета, чија главна сила требало да бидат неколку терористи на Организацијата од Прилеп, Јордан Гавазов, Стојан Лазов, Никола Мрсев и Јованче Кафеџијата. Обидот за нејзино формирање не успеал бидејќи во меѓувреме ненадејно бил погубен планираниот војвода на четата Делјо Лесковски, ајдучки војвода од Леринско.16 Истата година Пешков му наредил на Ѓорѓи Поп Христов со погореспоменатата група прилепски терористи да го киднапира рускиот конзул во Битола Ростковски, при неговата обиколка на Буковскиот манастир, но оваа акција не успеала.17

Пере Тошев
Пере Тошев

По избувнувањето на т.н. поп Ставрева афера во Битола, Ѓорѓи Пешков со изговор дека оди по трговска работа морал да замине за Бугарија. Уште еден член на Окружниот комитет, Аце Дорев заминал за Виена и со тоа работата на Окружниот комитет видно ослабнала. Нормализирањето на комитетот станало со враќањето на Пешков во Битола доцна есента.18 Набрзо потоа Ѓорѓи Пешков, како член на Окружниот комитет во Битола, заедно со Ѓорѓи Поп Христов и Анастас Лозанчев, учествува и во преговорите со групата социјалисти на Н. П. Русински и Веле Марков, со што во март 1901 година доаѓа до влегување на социјалистите во рамките на Револуционерната организација.19

Никола Петров - Русински
Никола Петров – Русински

При крајот на 1901 година во својата обиколка на Револуционерната организација, во Битола доаѓа Гоце Делчев, при што наголемо е разговарано за проблемите на организирањето на револуционерната борба во овој крај. Истакнувајќи ги слабостите и потребите на револуционерната борба во Битола и Битолско во присуство на Делчев било извршено и реорганизирање на Окружниот комитет во Битола во кој, како прекален револуционер и искусен организатор, повторно влегол Ѓорѓи Пешков. Покрај него во овој комитет влегле и Ѓ. П. Христов, Ѓорѓи Сугарев, Аце Дорев, Анастас Лозанчев и Неделко Дамјанов. За време на престојот на Гоце Делчев во Битола, во разрешувањето на големиот број проблеми на Организацијата во овој крај, како соработник, меѓу другите, го имал и Никола Пешков.20 Заедно со Марко Лерински и Коте од Рулја го среќаваме во селото Кономлади, Костурско, како близок соработник на Гоце Делчев, при неговата обиколка, која ја продолжил во Костурско и Леринско. Тоа го потврдува Славејко Арсов во своите спомени: … кога дознав каде е Марковата чета заминав со еден курир за Кономлади (костурско). Таму го затеков Делчев. Четата беше околу 37 души. Таму бева сите реонски раководители од костурско (Пешков, Марко, Коте и други).“21

Анастас Лозанчев
Анастас Лозанчев

Во февруари 1902 година во Битола бил уапсен курирот на Организацијата Јосиф Петков од селото Жабјани, кој не издржал на мачењето на турската власт и извршил провала во Организацијата, по што се случиле голем број апсења и затворање. Биле затворени околу 70 лица од Битола и Битолско, а меѓу нив и Ѓорѓи Пешков, кој заедно со Ѓорѓи Поп Христов, Ристе Каранфилов, Филип Терзиев, Јане Скаев и Никола Скаев бил осуден на смрт. Овие апсења и затворање, посебно на Ѓ. Пешков и Ѓ. П. Христов биле силен удар за револуционерната дејност на Окружниот комитет во Битола.22

Црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп пред околу еден век
Црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп пред околу еден век

Со затворањето и осудувањето на Ѓорѓи Пешков престанува неговото членување во Окружниот комитет во Битола, во кој на неговото место и на местата на Ѓорѓи Поп Христов и Ѓорѓи Сугарев дошле Лука Ѓеров, Михаил Ракиџиев и Петре Железарот.23 Иако немаме податоци за излегувањето на Ѓорѓи Пешков од затворот, од споменувањата на овој прекален револуционер во подоцнежни активности на Организацијата во Битолско и Прилепско, очигледно е дека споменатата смртна пресуда не била извршена над него. Меѓу другото, Пешков го споменува во своите спомени и Борис Сарафов, кој прави обиколка со чета во Македонија пролетта 1903 година: Оттука испративме писмо до Битола – ни јавија дека ќе се сретнеме во с. Паралово. Се упативме преку еден чифлик, и на 9 март стасавме во Паралово. Тука дојдоа Лозанчев и Пешков – битолското окружно раководство. Не прифатија љубезно.“24 На почетокот на јули 1903 година, пред востанието, Ѓ. Пешков го среќаваме во Мариово, на просторот меѓу селата Крушевица и Дуње, каде што заедно со Стојо Христов, Илија Чкорев и Славчо Ололчев доаѓа во четата на Никола Петров Русински, кој во тоа време закажал средба со Петар Ацев, кој со четата се наоѓа во Беловодичко за да се договорат за идните активности, како членови на Горското началство, заедно со Тале Христов и Јордан Тренков. Според пишувањето на Русински, Ѓорѓи Пешков и Илија Чкорев требало да заминат за Поречието.25 Всушност, Ѓорѓи Пешков го обиколил Поречието, кое било вистинско гнездо на српската пропаганда.26 Го среќаваме и како делегат на Прилепскиот конгрес, кој се одржал со постојано селење во неколку прилепски села во мај 1904 година.27 По конгресот Ѓорѓи Пешков заедно со Ѓорче Петров заминува за Бугарија.28 Ѓорѓи Пешков учествувал во Македонско–Одринското движење и умира од истоштеност на 21 јуни 1913 година кај селото Лахна.29

Пред загинувањето на Ѓорѓи, веќе биле загинати неговите помлади браќа, Харалампие и Никола. Нивните родители, Спиро и Вида, умираат од тага по загубата на своите деца, а набрзо потоа починал и четвртиот брат Тодор.30 На тој начин, семејството Пешкови од Прилеп станало вистинска жртва на олтарот на слободата на Македонија и македонскиот народ.

1 Тодор поп Адамов, Прилеп во револуционните борби, Илустрација Илинден, год. XII, кн. 5 (115), Софија, 1940, 7.

2 Албум-алманах „Македониа“, Софија 1931, објаснителен текст, оддел IX, 62-63. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава, том I, Редакција: Христо Андонов Полјански, Универзитет „Кирил и Методиј“, Скопје 1981-3, 205.

3 Ѓорѓи Поп Христов, Зборник „ Освободителното движење во Македонија и Одринско, Софија 1983.

4 Тодор поп Адамов, Прилеп во револуционните борби, Илустрација Илинден, год. XII, кн. 5 (115), Софија, 1940, 7..

5 Исто.

6 Даме Груев, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950, 100.

7 Ѓорче Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950., 22. („Првиот обид по селата го направив јас со уште еден–двајца од трговците младинци Глигор Попето и Пешков“).

8 Христо Татарчев, Спомени, И. Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995 …, 333.

9 Димитар Димески, Македонското национално ослободително движење во Битолскиот вилает (1893 – 1903), НИО „Студентски збор“, Скопје 1982, 174, 175.

10 ѓ. Петров, Спомени, 23.

[1]1 Се работи за напад на градот Мелник во Пириниска Македонија од страна на 65 комити на чело со Борис Сарафов, летото 1895 година. (Види: Борис Сарафов, Спомени, И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995, 132, 133.)

12 Димитар Димески, Револуционерната дејност на Пере Тошев во Битолскиот округ на МРО (1894 – 1898 г.), Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), 98

13 Коста Црнушанов – Ради Каранджулов, Никола Каранджулов, Златоврх, Софија 1993, белешка 24, 96.

14 Исто. Д. Димески, Македонското …, 255.

15 Д. Димески, Македонското …, 234, 235.

16 Исто, 253.

17 Исто.

18 Исто, 358. Георги Поп Христов, К’м борбите во југозападна Македонија (Кичевско, Битолско, Леринско, Преспанско, Дебарско), по спомени на Лука Џеров, Георги Поп Христов, Ангел Андреев, Георги Папанчев и Лазар Димитров, Македонски научен институт, Софија 1926, 33. Поп Ставревата афера се однесува на убиството на поп Ставре од терористите на Организацијата, кој бил непријателски расположен кон револуционерната работа и работел против неа. По неговото ликвидирање следеле голем број апсења и истражни дејства од турската власт во Битола.

19 Д. Димески, Македонското …, 347 и 358.

20 Исто. 399.

21 Славејко Арсов, Востаничкото движење во Југозападна Македонија по спомени на, книга II, Материјали за македонската национал–револуциона историја, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје, 12.

22 Исто, 418, 419. Јосиф Петков, кој од Жабјани се преселил во Битола бил сметан за верен и добар борец на Организацијата, а во крајот 1901 година бил курир и на Гоце Делчев на релација Битола – Леринско. (Д. Димески, Македонското …, 416.)

23 Исто, 472.

24 Борис Сарафов, Спомени, 171.

25 Никола Петров Русински, Спомени, Институт за национална историја, Скопје 1997, 287 и 332.

Кон средината на јули Ѓорѓи Пешков повел чета од 30 луѓе и го напуштил градот Битола. За ова пишува австрискиот конзул во Битола, Аугуст Крал, во извештајот од 19 јули 1903 година, и притоа истакнува: Пред три дена еден од најважните тукашни членови на комитетот, трговецот Ѓорѓи Пешков, го напушти градот на чело на една нова чета…“ (Види: Извештаи од 1903 – 1904 година на австриските претставници во Македонија, превод, редакција и коментар Данчо Зографски, ИНИ, Скопје 1955, 43.)

26 Албум–алманах Македонија“, објаснителен текст, оддел IX, 63.

27 ѓ. Петров, Спомени, 158 – 161. Владо Поповски, Прилепскиот конгрес – контекст и значење, Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), Друштво за наука и уметност, Прилеп 1991, 179. По пристигнувањето на Даме Груев на конгресот, кој доаѓал од Тиквешко, настанал остар конфликт меѓу него и ѓ. Пешков, при што Груев изјавил дека ќе го напушти конгресот доколку на него присуствува и Пешков, но со залагање на помладите делегати, посебно на Никола Каранџулов, било постигнато нивно помирување. (Види: К. Црнушанов – Р. Каранджулов, Никола Каранджулов, 37.)

28 Тодор поп Адамов, Прилеп во револ…, 7. К. Црнушанов – Р. Каранджулов, Никола Каранджулов, 40.

Според Тодор поп Адамов, Г. Пешков загинал во август 1913 година, при повлекувањето на бугарската војска од Серес.

29 К. Црнушанов – Р. Каранджулов, Никола Каранджулов, белешка 24, 96.

30 Тодор поп Адамов, Прилеп во револ…, 7.