ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ЕНЕОЛИТОТ И БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА, ПРИЛЕПСКО, РАСКОПАНА СО ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА ГРАНИТ

– На локалитетот „Големи Камен“ на околу 500 метри северно од сел­ото Лопатица, во подножјето на Селечка Планина со рудник за гра­­нит е нападната голема населба од камено време. Со експлоа­та­ци­ја­та на каменот се растурени културни слоеви и по неколку метри дла­­бочина и со тоа се извадени фраг­мен­ти од праисториски керамички садови, камени орудија и печен лепеж од пра­ис­ториски куќи. Локали­те­тот е посетуван и од екипи на Заводот и музеј од При­леп уште пред неколку години. Источно од овој локалитет во голема кар­па на лока­ли­тетот „Црвеница“ се наоѓаат пештери во кои се среќаваат црте­жи во карпа со непозната старост. Огромната карпа во која се наоѓа една од пеш­те­­рите е, исто така, нападната од рударски маши­ни за екс­пло­атација на камен.

Селото Лопатица со л. „Голчеми Камен“ - лево, „Висока“ во позадината и локалитетите „Куклајца“ и „Црвенбица“ - десно.
Селото Лопатица со л. „Голчеми Камен“ – лево, „Висока“ во позадината и локалитетите „Куклајца“ и „Црвенбица“ – десно.

Работ на Пелагонија е преполн со наоди од населби, некрополи, култни објекти и дру­ги археолошки остатоци од различните периоди од развојот на цивили­за­ци­јата. Најголемиот дел од нив не се археолошки истражувани, а има архе­олошки локали­тети кои не се ниту регистрирани како такви, иако со сво­ите содржини укажуваат на исклучително значење за археолошката наука и откривањето на идентитетот на етничките носители на населбите во овој простор. Се разбира, овие остатоци имаат и свое значење како дел од културното наследство на Македонија и воопшто, како дел од културата на човекот. Голем број од архео­лош­ки­те локалитети во овој реон се лоцирани околу специфични форми на кар­­пи или комплекси од карпи, кои сами за себе претставуваат и свое­вид­ни природни реткости од исклучително значење. За жал, голем број од нив се нападнати со отворање на рудници за гранитен камен, со што се уни­штуваат и културни слоеви со богати археолошки наоди.

Селото Лопатица - денес
Селото Лопатица – денес

Селото Лопатица се наоѓа на самиот раб на Пелагонија покрај Лопа­ти­чка Река која се спушта од Селечка Планина. Во неговиот атар се нао­ѓа­ат неколку значајни архео­лошки локалитети кои, за жал, до денес се над­вор од вниманието на инсти­ту­циите1 кои се занимаваат со оваа област на науката и културата.

Локалитетот „Големи Камен“ со дел од селото во преден план
Локалитетот „Големи Камен“ со дел од селото во преден план

ПРАИСТОРИСКИ КУЌИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГОЛЕМИ КАМЕН“ НАПАДНАТИ ОД РУДНИК ЗА ГРАНИТ

Изобилство од печен куќен лепеж (делови од ѕидови на праисториски куќи) со силна црвена боја лежи растурен во куповите земја, направени при рударската актив­ност на локалитетот „Големи Камен“, на околу 500 m северно од селото Лопатица, на падините на Селечка Планина околу една голема каменеста тумба, со фасци­нан­тен релјеф од карпи во чиј центар се наоѓа огромна карпа со форма на купола и впечатливи бои. Во ваков амбиент, меѓу грамадните карпи и на земните платóа на гор­ните површини на каменестата тумба, во енеолитот, односно металното време (пред повеќе од 4000 години), се формирала поголема населба.

Локалитетот „Големи Камен“
Локалитетот „Големи Камен“

Денес, во куповите земја и профилите на раскопаните јами се среќава изобилство од археолошки материјал, како различни фрагменти од керамички садови, антропоморф­ни и зооморфни фигури, фрагменти од камени орудија, прешлени, жртвеници и сл. Меѓу керамиката има и фрагменти со различна орнаментика правена со дупчење и со канал­чи­ња, но и фрагменти премачкани со боја. Според археолозите од Завод и музеј од Прилеп, кои во 2002 година извршија увид на овој локалитет се работи за керамика од т.н. јадран­ски тип, а наодите потекнуваат од каменото и бронзеното време. Значи, се работи за ло­ка­литет со богати наоди од праисторијата, а кој е на удар на рударска активност со што значаен дел од праисторис­ката населба е уништен со коповите и цепењето на каменот.

Локалитетот „Големи Камен“ - од југ
Локалитетот „Големи Камен“ – од југ

„Големи Камен“, пред неколку години, по добиените информации дека има архе­о­лошки наоди, го посети екипа на Завод и Музеј од Прилеп и притоа се конста­ти­рани остатоци од праисториска населба од енеолитот и бронзеното време.2 И покрај тоа, локалитетот е нападнат од рударите. Овде по којзнае кој пат се среќаваме со немоќта на надлежните институции да го заштитат културното наследство на Маке­донија. Колку значајни културни остатоци и споменици заминуваат во неповрат на овој начин, е друга приказна. При посетата на споменатата екипа на локалитетот „Големи Камен“ на површината на теренот, која опфаќа неколку ха, се пронајдени голем број фрагменти од керамички садови од праисторијата, фрагменти од жртвеници, како и една нога од статуа изработена од керамика.3

Културни траги - обработени форми по карпите од блиската околина
Културни траги – обработени форми по карпите од блиската околина

Освен богатите наоди од праисториската населба на „Големи Камен“, која по сè изгледа била со значителни димензии, самиот локалитет со комплексот од фасцинантни карпи претставува ретко природно богатство.4 Ова е уште еден пример дека праисто­риските жители на овој простор биле силно привлекувани од грамадните карпи со фас­цинантни, дури мистични форми и тука ги формирале своите населби. Притоа, своите живеалишта ги вклопувале во самите карпи и денес по нивните површини има траги од таквите интервенции. По површините на карпите денес се среќаваат голем број длабени форми кои служеле за поставување на столбови и греди, а се среќаваат и камари кои, веројатно, служеле во просториите на живеалиштата. Некои од карпите со своите форми и денес предизвикуваат силна фасцинација и, според големиот број наоди на керамички материјал, може да се претпостави дека служеле како култни објекти или светилишта. Меѓу самите карпи често се наидува и на пештерски простории кои, исто така, биле ста­вани во функција на праисториската населба. Времето во кое егзистирала оваа населба се поклопува со времето на потврденото присуство на старата етничка група Бриги, чија територија на населување во каменото и бронзеното време била токму етничка Маке­донија од каде во подоцнежните периоди се раселиле во Мала Азија, но и на северното крајбрежје на Јадранското Море.5 Познато е, исто така, дека со оваа етничка група сличности во јазикот и културата имале и Пеонците кои, всушност, се сметаат за бригиско племе,6 како и Македонците кои на истата територија на Балканот се појавуваат подоцна, во железното време.7

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „ГОЛЕМИ КАМЕН“

1 Со Археолошката карта на Република Македонија во атарот на с. Лопатица е регистриран само еден локалитет „Неделска Вода“ од раното христијанство. Археолошка карта на Република Македонија, 302.

2 Александар Миткоски, Извештај од извршен увид на локалитетите “Големи Камен” и “Ѓупска Пештера” кај с. Лопатица, Завод и Музеј Прилеп, 1.

3 Исто.

4 Овде мораме да го истакнеме високосвесниот коментар на еден жител од селото, Ѓорѓи Шијакоски, кој својот коментар за уништувањето на реткиот природен амбиент од гранитни карпи го формулира вака: – “Му велам на газдата на рудникот, а, бре, Славе, јас овде израснав со овие карпи, со нив сум навикнат и не знам колку се стари. Гледам ти сега ги уништуваш без око да ти трепне, а, бре не е дрво да го посадиш да порасне. Карпите не се обновуваат” – со жалење искоментира шијакоски.

5 Елеонора Петрова, Бриги. Наде Проева, Студии за античките Македонци.

6 Исто.

7 Исто.