115 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ЛЕГЕНДАРНИОТ МАРИОВСКИ ВОЈВОДА ТОЛЕ КУЛИЌОВ, ПОЗНАТ КАКО ТОЛЕ ПАША ОД СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Легендарниот војвода Толе Паша (Стојан Кулески) роден е во с. Крушевица – Мариово, во 1863/64 г., во семејството на Трајко од Кулиќовци. Неговото семејство аргатувало на чифлигот од еден од турските големопоседнициво ова село, Адем-бег. Растејќи во услови, кои биле рамни на ропски, во семејство кое им робувало на турските властодршци, Толе израснал во момче со немирен и бунтовен дух, кој не можел да го поднесува ропскиот живот и да ги гледа страдањата и понижувањата на своите најблиски. Неговиот револт кулминирал кога Адем-бег, пред неговите очи зел да ги тепа и малтретира неговиот татко Трајко и чичко му Куле, на една од нивите на која работеле, а посебно кога бегот, на релативно млада возраст, го присилил да се ожени со неговата млада прислужничка и миленичка Ката, која му слугувала на бегот. Веднаш по свадбата, по Велигден, Толе ја напуштил жена му, се одметнал и се заортачил со познатиот арамија Јован Мачникот од с. Полчиште. Додека престојувал во ова село тој се засолнил во куќата на Трајко Брле со кого се побратимил. Набргу потоа, стапил во интимна врска со неговата жена Митра, која фатално се вљубила во младиот Стојан.

На гробот на војводата и неговиот син во Крушевица
На гробот на војводата и неговиот син во Крушевица

Зимата 1886/87 г. Толе се вработил во рудникот Ал-Шари, близу с. Рожден, каде, при една расправија, во самоодбрана, го убил заптијата Акиф. Извесно време поминал во прилепскиот затвор, но со одреден поткуп успеал релативно брзо да се ослободи. По излегувањето од затворот продолжил да ајдукува. Убил и ограбил повеќе аги, бегови и други зулумџии. Запленетите пари и стока им ги делел на сиромасите и јатаците. Жителите на селата во Мариово и Пелагонија го прифатиле како свој заштитник и често го повикувале да ги ослободи од силниците, кои им правеле разни зулуми. Подоцна, Толе почнал да дава пари и за Револуционерната организација за набавка на оружје и сл. Според некои пишани текстови тој уште во 1897 година се заколнал во делото на Револуционерната организација и учествувал во растурањето на оружје меѓу населението во Мариово.

Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица - на гробот на војводата во неговото родно село 3
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица – на гробот на војводата во неговото родно село 3

Славата на овој самороден војвода брзо се прочула низ Мариово и во поширокиот крај и во неговата чета почнале да се прибираат лица со судбина слична на неговата, па така неговата чета во еден момент достигнала и до 20 комити, повеќето од мариовските села. Вешт во избегнувањето на потерите, со добри јатаци, не само во Мариово, туку и во Пелагонија, Војводата Толе Паша успеал да се наметне како заштитник на населението во двете области. Тоа му дало „право“ да се почувствува како господар на ситуацијата на овој простор и така да се однесува. Поради самоволното однесување, пролетта 1903 година, Битолскиот окружен комитет на Толе Паша му изрекол смртна пресуда. По остварените контакти на Шаќир Војвода и Петре Ацев со него, тие увиделе дека неговото ликвидирање ќе биде вистинска штета за револуционерното дело и, објаснувајќи му ги целите и задачите на Револуционерната организација, успеале да го придобијат да се вклучи во нејзините редови.

Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица - на гробот на војводата во неговото родно село 2
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица – на гробот на војводата во неговото родно село 2

Толе Паша присуствувал на Смилевскиот конгрес каде пристигнал во друштво со Петре Ацев и тројца комити, како дел од неговото обезбедување.

За време на Илинденското востание тој, со неговата чета, учествувал во нападот на мудурлакот во с. Витолиште, кој се случил на 02 или 04.08.1903 г. По завршувањето на востанието, тој им помагал на голем број комитски чети кои се движеле низ Мариово, отстапуваќи пред турскиот аскер.

Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица - на гробот на војводата во неговото родно село
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица – на гробот на војводата во неговото родно село

По битката на врвот Маргара кај с. Чаниште, која се одиграла на 02.10.1903 г., во четата на Толе Паша извесно време претстојувал и големиот македонски револуционер Ѓорче Петров.

Од едно Чествување за легендарниот војвода

На 03.02.1904 г. Толе Паша со неговата чета бил опколен од триилјаден турски аскер кај с. Гудјаково. Загинал во месноста „Кленски Дол“, заедно со уште девет комити од неговата единаесетчлена чета, меѓу кои бил и неговиот син Велјан.

Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица

На 04.11.1999г. извршена е ексхумација на посмртните останки на Толе Паша и неговиот син Велјан во месноста „Кленски Дол“. На 13.05.2001 г. нивните посмртни останки се пренесени и положени во заедничка гробница во с. Крушевица.

Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица 2
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица 2
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица 3
Од Чествувањето во 2011 година во селото Крушевица 3
Најдо Кулески - потомок на Толе Паша - на гробот на војводата и неговиот син Велјан кај селото Гудјаково во далечната 1999 г.
Најдо Кулески – потомок на Толе Паша – на гробот на војводата и неговиот син Велјан кај селото Гудјаково во далечната 1999 г.