Во организација на Културниот истражувачко-документациски центар „Калеш Анѓа“ од с. Крушевица, Прилеп

Предавање со видео-презентација: СЕЛОТО НЕБРЕГОВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ – ОД ПРАИСТОРИЈАТА ДО ДЕНЕС

 

Ова е четврто предавање на КИДЦМ „Калеш Анѓа“ за 2018 година во рамките на поголемиот проект со општ наслов „Древна цивилизација“, а од кампањата „Запознавање со културата и историјата на Пелагонија, Мариово и Прекурид“, која се одвива во текот на повеќе години наназад. Денешниот настан ќе биде реализиран со видео-презентација, која ја подготви предавачот Тренчо Димитриоски, новинар и писател, кој веќе со децении работи на истражување на културата и историјата на споменатите области.

На денешното предавање со видео-презентација ќе бидат изнесени голем број содржини поврзани со атарот на селото Небрегово. Предавачот ќе ни пренесе информации за долгиот културен и историски континуитет на долината во која е сместено селото, започнувајќи од праисторијата, која е застапена на неколку локалитети во оваа долина, како Лечиште и малку подалечната Вета Стена. Во атарот на селото, се констатирани голем број остатоци од културата во римскиот период, па дури и траги од храм посветен на две антички божества – Херакле и Атина. На неколку места се идентификувани остатоци од доцната антика, како и од раното христијанство. Дури на две места се констатирани ранохристијански цркви, а во атарот на селото имало и утврдувања од античкиот период.

Небрегово е едно од селата од кое потекнуваат голем број познати личности и од поновата историја на Македонија, кои исто така ќе бидат предмет на ова предавање.

Селската црква во Небрегово
Селската црква во Небрегово