БЛАГОРОДНА АКЦИЈА НА ГРУПА ЕНТУЗИЈАСТИ ОД ПРИЛЕП И БИТОЛА НЀ НАТЕРА ДА СЕ ПРИСЕТИМЕ НА ЕДЕН ДАЛЕЧЕН НАСТАН ПОВРЗАН СО ИМЕТО НА СЕЛОТО ПЛЕТВАР, ПРИЛЕПСКО

Превојот кај селото Плетвар, познат како Дервен, е место на безброј случувања во различни периоди. Голем број од нив се поврзани со судбината на Прилеп, но и областа Пелагонија, зашто преку него преминувале разновидни намерници и ненамерници, со добри, но и со лоши намери. Трагите од нив можат да се видат и на самиот терен, но и во запишаните документи и делата на постарите автори и историчарите. Во овој скромен прилог ќе го споменеме само еден важен историски настан кој, според историчарите, веројатно, се однесува на селото Плетвар и превојот во негова близина. Се работи за крајот на востанието на Петар Делјан, 1041 година, кога неговиот војсководец Манојло Ивец, за да го спречи напредувањето на војската Константинопол во освојувањето на Пелагонија изградил импровизирана дрвена препрека (дема).1 Таа сепак, не ги спречила војските на Источното Ромејско царство во напредувањето, туку само ги забавила. Токму со оваа плетена ограда некои го поврзуваат и името на селото Плетвар, а превојот денес е исклучително фреквентен и преку него минуваат безброј разновидни возила и патници преку целиот ден, како и преку ноќта. Се надеваме дека сите тие поминуваат преку него со добронамерни и благородни цели какви што имаше вчерашната акција од група ентузијасти, Прилепчани и Битолчани.

Дел од селото Плетвар
Дел од селото Плетвар
Пред почетокот на акцијата
Пред почетокот на акцијата

Во текот на вчерашниот ден, недела 25 ноември 2018 година, во атарот на селото Плетвар беше изведен планинарски марш Плетвар – врв Козјак во кој учествуваа планинарски друштва од Прилеп и Битола, а од група ентузијасти од истите друштва и други учесници од двата града, беа посадени неколку стотици садници – багрем, јасен и лешник. Дел од садниците беа посадени на самиот превој – Дервен, а дел во повисокиот дел од атарот на Плетвар, кај чешмата „Студенец“.

Кон врвот Козјак
Кон врвот Козјак

Акцијата беше иницирана од Месната заедница на селото Плетвар, под раководство на Зоран Димоски – Хемфри, а во неа се вклучија Планинарското друштво „Јане Сандански“ од Прилеп, Планинарската еко група „Турни ме да кинисам“ од Битола и други групи и ентузијасти од споменатите градови. На тој начин, преку рекреација и малку работа беше постигната благородната цел да се пошумат помали голи површини на планинските делови во атарот на селото Плетвар.

Во акцијата зедоа учестово Гордана Угриновска и нејзината другарка - двете од Битола
Во акцијата зедоа учестово Гордана Угриновска и нејзината другарка – двете од Битола