НЕСФАТЛИВО!!! ВО ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА, ВО СЕЛОТО МАНАСТИР, ПРИЛЕПСКО СО ГОДИНИ ТЕЧЕ АТМОСФЕРСКА ВОДА ПРЕКУ ПОКРИВОТ, А ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ МОЖАТ ДА НАЈДАТ РЕШЕНИЕ???

Како поинаку да се толкува ваквиот однос? Нешто не ни е јасно?!!! Веќе неколку години, во време на реконструкција, конзервација и подготовки за реставрација на живописот во црквата „Св. Никола“ во селото Манастир, Прилепско, од еден отвор на покривот се слива атмосферка вода по јужниот ѕид на централниот кораб, го полева и го „мие“, односно, го уништува стариот живопис, а решение упорно нема???

Делот од покривот со отвор 2
Делот од покривот со отвор 2

Нам, како на лаици, не ни е јасно, но мораме да истакнеме дека многу непријатно сме изненадени, како е можно тоа во време кога градбата е под постојан надзор?!! Од историчарите на уметност, од археолозите, архитектите, реставраторите и другите стручни лица, знаеме дека се работи за исклучителен споменик на култура, кој долго беше запоставуван во минатото. Денес, за среќа, ова непроценливо културно и уметничко богатство доби подобар третман, со преземање на крупни зафати, проекти за реконструкција, конзервација и реставрација, а повеќе од деценија во него престојува и монаштво, на чело со отец Никола. И покрај тоа, делови од црковната уметност во неа се изложени на натамошно уништување. Особено црковната уметност, односно живописот. Отворот на покривот е покрај самиот ѕид на централниот кораб и делот од покривот на јужниот кораб. Конструкторите на новиот покрив не успеале да најдат адекватно решение на местото на сврзувањето на ѕидот и покривната констуркција и во еден дел, на западната половина на покривот останал поголен издолжен отвор, од кои продира и сончева светлина во внатрешниот дел, а за време на врнежи, по живописот на ѕидот се слива и атмосферска вода.

Делот од покривот со отвор 1
Делот од покривот со отвор 1

 ГРАДБАТА БИЛА КОМПЛЕТНО ЖИВОПИСАНА – ПОВРШИНАТА НА ВНАТРЕШНИТЕ, НО И НА НАДВОРЕШНИТЕ ЅИДОВИ

 Љубоптиникот не може да не забележи дека денешната црква во селото Манастир, во областа Мариово, Прилепско, зачувала само делови од она што била во нејзиниот најсветол момент, комплетната архитектонска изведба и комолетното живописување однатре и однадвор. Во внатрешниот дел се зачувани делови од живописот, најмногу во наосот и јужниот брод, додека, северниот брод бил срушен за време на Првата светска војна и со тоа и живописот на тој дел се зачувал делумно, на западната страна на северниот ѕид. Живописот и архитектурата, како и големиот број архитектонски елементи од постара градба, како и разновидни културни остатоци од разни времиња, заслужуваат посебно внимание, сеопфатна анализа и идентификување на нивното потекло. Зашто се што е во црквата, околу неа, како и во нејзината околина, сигурно има голема врска со патешествието на овој исклучителен споменик на културата, кој содржи високи општоцивилизациски вредности. Фасцинира фактот што црквата била комплетно насликана и однадвор, односно биле насликани и надворешните ѕидови, па на тој начин добиваме вистинска слика за велелепноста на ова големо христијанско светилиште и редок споменик на културата. На оваа констатација недвосмислено упатуваат остатоците од живописот на јужниот ѕид, како и некои траги од живопис на западниот. Примери за целосно исликување на христијанските цркви и од надворешната страна се присутни и на други места.

ОД ЖИВПИСОТ НА НАДВОРЕШНАТА СТРАНА НА ЈУЖНИОТ ЅИД

УКРАСЕНА И СВЕТАТА МАСА

Во црквата „Св. Никола“ во манастир, била украсена и светата, односно олтарот за бескрвни жртви, кој го претставува господовиот гроб. За жал, денес и таа е во незавидна положба, делумно срушена, со голем дел избришан живопис. Сепак, на неа, се зачувале фрагменти од орнаментиката, посебно од северната страна, како и делумно од источната и западната страна. Еден фрагмент од орнаментика со бои се зачувал и на горната хоризонтална површина.

Сето ова упатува на големото внимание, кое и било посветувано на оваа црковна градба во минатото, но и богатството од архитекстонски и христијански ликовни вредности со кои располагала таа. Дали денес, при напорите за изградба на комплетен манастирски комплекс, како и напорите за реставрација и заштита на христијанската архитекрура и уметност има размислување и идеи за комплетно враќање на првобитниот лик на овој споменик? Имаме ли можности за комплетно реставрирање на архитектонските и уметничките содржини на овој христијански храм и споменик од исклучително значење? Тешко е да се одговори на овие прашања, особено, имајчи ги предвид состојбата и третманот, кој го има ова христијанско светилиште и завиден културен споменик. Ние се надеваме дека институциите, сепак, ќе изнајдат начин и ќе направат напори за интервентни активности, барем, за најитните проблеми поврзани со заштитата на ова икслучително културно наследство. Веруваме дека со сесрдно залагање на Македонската православна црква и на Заводот и Музеј од Прилеп, лесно можат да се решат ваквите проблеми, кои бараат само техничко решение.

 ЗА ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“

 Црквата „Св. Никола“ во селото Манастир е еден од најзначајните споменици на културата, не само во областа Мариово, туку ви во Македонија. Оваа црква се наоѓа на околу 50 метри јужно од селото, во близина на големиот извор. Црквата претставува трикорабна градба со впечатливи димензии и претставува велелепно архитектонско здание со непроценливо културно и уметничко богатство.

Црквата „Св. Никола“ од југоисток
Црквата „Св. Никола“ од југоисток

Изградбата на црквата „Св. Никола“ во Манастир, е поврзана со ктиторството на еден висок царски достоинственик од византискиот двор. Тоа го покажува еден од натписите кои и денес можат да се видат во внатрешноста на црквата на еден од нејзините ѕидови. На натписот на јужниот ѕид од централниот кораб на трикорабната базилика, стои дека црквата од темели ја подигнал протостраторот Алексиј, вујко или стрико на императорот Алексиј Комнен, во 1095 година и ја посветил на св. Никола.1 Во натписот се споменува уште едно име. Тоа е Кир Јоаникиј, кој се закалуѓерил и го добил името Акакиј.2 Акакиј е претставен во монашка облека на јужниот ѕид од северниот кораб во ктиторската композиција, каде во натписот кој се наоѓа на истиот ѕид тој е претставен како ктитор. Имајќи предвид дека во натписот за ктиторство од 1095 година се напомнува дека црквата е подигната од темели, а во самата црква и околу неа се среќаваат елементи од уште постара градба, споменатото не треба да се разбере како подигнување сосема нова црква, бидејќи голема е веројатноста од постоење постара црква на истото место, а не е исклучена ниту можноста за постоење на постар храм (од античко време). За нас е извесно дека тука постоела и ранохристијанска црква подигната од 4 до 6 век, на што упатува и еден вграден елемент од камен на северната страна на црквата, од надворешната страна над апсидата кој е регистриран и опишан од археологот Александар Миткоски во списанието „Македонско наследство“ бр.5, во текстот под наслов „Депоа за реликвии издлабени во карпа“. Тој претставува блок од камен со квадратна форма во кого длабоко е врежан крст кој потсетува на сличните крстови поврзани со мартириумите, кои претставувале христијански објекти од почетокот на христијанството во кои се сместувале коски од некој маченик за христијанската вера. Интересно е дека сличен крст постои и недалеку од манастирот „Св. Никола“ во Манастир, на локалитетот Чебрен, кој се наоѓа јужно од Манастир повторно на брегот на Црна Река. Разликата е само во тоа што крстот во Чебрен, кој се наоѓа на највисокиот дел од една голема тумба со стара тврдина, во рамките на извесна градба која, веројатно претставувала ранохристијанска црква, е издлабен на правоаголно изработена форма во една карпа на подот од некогашна градба. Ваквите објекти се уште една потврда дека во раното христијанство Мариово било област со развиена христијанска култура, која е изразена преку голем број христијански градби меѓу кои и такви со завидни димензии. Камениот блок со длабоко врежан крст кој е вграден во ѕидот на црквата „Св. Никола“ во Манастир, укажува на можноста од постоење ранохристијанска црква на истото место, која била подигната со правење мартириум во кој биле сместени коски на некој локален маченик за христијанството. Пишаните извори потврдуваат дека култот на мартирите (мачениците) се раѓал на местото на нивното страдање и местото на смртта. Околу нивните гробови се собирале верниците за да им укажат чест со одбележување на годишнините од нивната смрт.3 Над коските на мартирите се граделе и првите христијански објекти во вид на капели или слично.4 Периодот на мартирите завршува со времето на царот Константин, кој со специјален едикт издаден во Милано во 313 година ја прогласува христијанската вера за рамноправна со другите вери во империјата, а посебно со едиктот издаден од царот Теодосие кој во 380 година ја прогласува за државна вера.5 Фактот што во Мариово има голем број ранохристијански цркви и остатоци од периодот пред нивното градење, покажува нагласена христијанска активност која, веројатно била придружена и со гонење на христијаните. Тоа значи дека и во овој крај имало лица кои по смртта биле третирани како маченици и над нивните гробови биле градени специјални објекти на чие место подоцна се граделе и поголеми христијански градби.

Црквата „Св. Никола“ од северозапад
Црквата „Св. Никола“ од северозапад

Токму од овие аспекти треба да се гледа и на изградбата на црквата во селото Манастир, која располага со голем број археолошки остатоци кои укажуваат на постарите периоди. Тоа значи дека споменатиот ктитор, царскиот достоинственик Алексиј кој бил протостратор во Византија, веројатно подигнал храм на местото на постар сличен објект. Додека протостраторот Алексиј се споменува како ктитор на црквата од 1095 година на натписот во централниот кораб (на јужниот ѕид), Јоанакиј кој се закалуѓерил и станал Акакиј се споменува на два натписа.6 На вториот тој е поврзан со ктиторството од 1271 година кога се смета дека црквата е живописана. Имајќи предвид дека црква постоела уште од 1095 година, не е јасно дали постоел и постар живопис или таа е живописана дури по 176 години. Следејќи ги наводите во ктиторските натписи во црквата, се добива впечаток дека живописот е реализиран по толку долго време, но исто така се смета дека сегашната трикорабна базилика е нова градба која била подигната во 1266 година. Значи доколку старата црква која била подигната од протостраторот Алексиј за време на владееењето на императорот Алексиј Комнен била живописана, таа во 1266 година е сменета со нова градба на која е насликан и нов живопис неколку години потоа, односно во 1271 година. Од друга страна, истражувачите при археолошките истражувања не констатирале ниту едно парче постар живопис кој би потекнувал од постарата црква. Дали таа е изградена без да биде подоцна насликана со живопис, тешко е да се каже. Некои историски случувања кои започнуваат токму во периодот кога е изградена црквата од 1095 година, можат да упатат на извесни објаснувања на овој дел од историјата на оваа црква. Имено, токму во тоа време започнуваат Крстоносните војни и Византиското царство се соочува со голем проблем предизвикан од крстоносците кои правеле силни походи во кои страдала и територијата на Македонија. Можеби зафатеноста со овие настани спречиле целосно завршување на христијанскиот храм. Зашто во следната година по изградбата на храмот, кон крајот на 1096 година еден од водачите на крстоносците, Боемунд Тарентски се наоѓа во градот Костур каде го дочекува и христијанскиот празник Божик, а оттаму тој се упатил кон Пелагонија која е блиска со Мариово.7 Можно е во тој период протостраторот Алексиј да бил испратен во овој дел од империјата, бидејќи царството немало доверба во чесните намери на крстоносците. Во својата монографија посветена на манастирот „Св. Никола“, авторите Димче Коцо и Петар Милковиќ–Пепек претпоставуваат дека токму при испраќањето на таква мисија, протостраторот Алексиј ја обновил црквата во овој манастир. Тие ја разгледуваат и претпоставката дека овој манастир му бил доделен на управување на овој голем царски службеник, бидејќи во тоа време таквата практика била обичај.8 Во секој случај, самиот факт дека ктитор на манастирската црква е протостраторот Алексиј упатува на фактот дека во тоа време Мариово како област имало свое значење во империјата при што било посетувано и од такви високи личности. Вака анализирајќи, се доближуваме до веќе објавеното предание во овој портал, за „Царевото“ и „Царичиното кладенче“ кај тврдината на локалитетот „Градиште“, кој се наоѓа 1,5 км североисточно од Манастир.