ЛОКАЛИТЕТОТ „ЦРКВИШТЕ“КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО СО ОСТАТОЦИ ОД ЦРКВА ИЛИ ХРАМ, ТУМУЛ И ГРОБОВИ ВО КАРПА

На околу 3 км југоисточно од селото Крушевица, Прилепско се наоѓа локалитетот „Падиште“, кој е исклучително богат со материјална култура од различни периоди, почнувајќи од подлабоката праисторија. Тој претставува една широка долина богата со трева, која денес се користи за пасиште, но ако ги проследите теренот, како во самата долина, така и по околните ридови кои ја обиколуваат долината, ќе се соочите со неколку локалитети преку кои може да се следи континуитет на богата култура од различните временски периоди.1

 „Црквиште“
„Црквиште“

Од југоисточната страна се протега голем рид со благи падини и голема рамнина на највисокиот дел, на која се наоѓа помал локалитет познат како „Црквиште“.2 Ваквото име локалитетот го носи поради остатоците на една градба чии темели се правени со големи и мајсторски обработени камени блокови со впечатлива големина. За археолозите кои го евидентирале овој археолошки објект, тој претставува ранохристијанска црква.3 Внатрешниот дел на градбата е раскопан од непознати лица, при што на површината повторно излегле големи камени блокови, плочи и сл., како и градежна керамика. Во една импровизирана ниша направена од раскопаните камени плочи има и човечки коски, кои веројатно излегле при раскопувањето на внатрешноста на градбата. Градбата била поставена во правецот североисток–југозапад, а темелите укажуваат на речиси правоаголна форма на градба со извесни полукружни форми на југозападниот дел, од југоисточниот ѕид. Според раскопаните темели може да се констатира дека мала врата за влез во објектот се наоѓала на североисточниот ѕид, каде може да се претпостави дека имало и посебен трем на што укажува еден поголем столб од домороден камен во форма на ара (жртвеник), кој би можел да биде и извесна основа за еден од древните столбови на тремот. На површините на карпите во близина на остатоците од споменатата градба има траги од обработки, а една карпа од јужната страна, која се наоѓа на неколку метри од градбата, има кружна форма и рамна површина на горниот дел, што упатува на одредена нејзина намена.

Кружна конструкција од насобран камен околу градбата
Кружна конструкција од насобран камен околу градбата

На околу 50 метри североисточно од темелите на старата градба на „Црквиште“, се наоѓа голем тумул, раскопан во средишниот дел, а на само неколку метри од него има и еден откриен гроб циста. Претпоставуваме дека целата површина околу градбата располага со повеќе гробови, бидејќи на неколку метри западно од тумулот, во карпите стојат отворени и два гроба длабени во карпа. Имајќи предвид дека на истиот простор се среќаваат повеќе типови гробови, меѓу кои и тумули, изгледа дека ова место има долга традиција на погребување покојници од железното време, па се до доцната антика (5–6 век), а не е исклучено ниту погребување со потекло од средниот век. Во прилог на ова ќе го додадеме податокот дека на карпестата тумба која се наоѓа на 500 метри југозападно од локалитетот „Црквиште“, меѓу големите карпи и на рамнината од горната страна на тумбата, се наоѓа керамика од доцната антика и средниот век, што укажува на извесна населба од тие периоди. Освен керамичките наоди, на дел од карпите има и очигледни длабења со правоаголна и кружна форма, кои служеле како основа за столбови и греди или за друга намена. Овој локалитет има свое име „Поповнас“.

Дел од градбата - големи камени блокови
Дел од градбата – големи камени блокови

На 50 м источно од тумулот на „Црквиште“ се наоѓаат уште два помали тумули кои го зголемуваат обемот на присуство на железното време на овој локалитет. Треба да се истакне дека на неполн километар источно од „Црквиште“ се наоѓа веќе опишаниот локалитет со остатоци од праисториска населба во атарот на селото Манастир, познат како „Трештена Стена“. Каква е врската меѓу двата локалитети и дали воопшто постои, тешко е да се каже без соодветни истражувања. Додека локалитетот „Трештена Стена“ веќе е истражуван сондажно и откриени се значајни археолошки материјали од енеолитот и бронзеното време,4Црквиште“ е сосема археолошки неистражен. Можеби истражуваниот тумул „Страга“, на кој е констатирано погребување од железното време, како и од доцната антика и средниот век, од западната страна на „Падиште“, заедно со откриениот движен археолошки материјал,5 фрла извесна светлина на ваквата врска, но тој е на околу 1,5 км од „Трештена Стена“.