ДОМИНАНТНИОТ ЛОКАЛИТЕТ „УБАВА ГЛАВА“ – НАСЕЛБА СО СИЛНО УТВРДУВАЊЕ

Локалитетот „Убава Глава“, кој се наоѓа на околу 1 км северно од селото Чаниште, на 35 км од Прилеп, на високиот брег на Црна Река, од нејзината лева страна. Со својата форма и местоположба, овој локалитет, го привлекува вниманието уште од далеку. Тој претставува голем рид со куполеста форма со поголема рамнина на највисокиот дел и со неколку тераси кои се спуштаат кон југозапад. Немаме посебна потврда, но не е исклучено дека неговото име е определено од антропоморфната стела опишана во еден претходен наслов во овој портал, која се наоѓа речиси во непосредна близина на овој рид, од неговата северозападна страна. Позицијата на „Убава Глава“, заедно со нејзината форма, би можела да биде основа за името на овој локалитет. Интересно е дека ваквите карактеристики не останале незабележани од древните жители на овој простор, па според остатоците на материјална култура кои можат да се видат на површината, може да се констатира дека во извесен период од антиката и средниот век на овој локалитет имало населба со посебно значење за населението од поблиските населени места. Според археолозите оваа тврдина треба да се датира слично како и тврдината „Маркови Кули-Градот“ – локалитет од атарот на селото Манастир, односно, во доцната антика и средниот век.1 Тврдината е распоредена на рамнината од највисокиот дел, како и на две тераси кои се спуштаат во правец на селото Чаниште, а најголемиот број остатоци од градби можат да се забележат на највисокиот дел. Во тој простор, кој бил заштитен со широк и цврст ѕид од камен и малтер, се среќаваат завидни остатоци од градбите, обработени делови од карпите, фрагменти од керамика и други видови археолошки материјал. Некои од карпите по работ на платото биле прилагодувани за кули на линијата на ѕидот на утврдувањето. На површината на ридот „Убава Глава“ се наоѓа, главно, доцноантичка и средновековна керамика, но ретки фрагменти на керамички садови упатуваат и на можност од користење на овој локалитет и во праисторијата. Имајќи предвид дека некои непотврдени информации говорат за наоди од раната антика во просторот расположен од југозападната и западната страна на локалитетот, не треба да се отфрла ниту можноста за присуство на населба и во овој период. На еден од ридовите кој се спушта кон селото, на околу 300 метри од „Убава Глава“, има нагласено количество керамика што ја зголемува комплексноста на поширокиот простор на опишуваниот локалитет. Наместа, се насетуваат и траги од гробови од типот циста, кои упатуваат на некропола поврзана со населбата со тврдина.

Видни остатоци од градбите во рамките на тврдината
Видни остатоци од градбите во рамките на тврдината

Локалитетот „Убава Глава“ „господари“ со својата позиција над сите досега опишани локалитети со археолошки остатоци во атарот на селото Чаниште, но и над најголемиот број локалитети и во атарите на околните села, како и над долината со стрмните брегови на Црна Река. Токму ваквата доминантна улога на овој локалитет, заедно со нагласените археолошки остатоци, упатуваат на посебното значење на оваа населба во определени временски периоди. Нејзината поблиска и подалечна околина изобилува со голем број разновидни остатоци од минатото, а меѓу нив посебно место заземаат големиот број тумули, родовски гробници од железното време, кои се расположени по ритчињата, на падините на „Убава Глава“ од јужната и југозападната страна. Овие погребни објекти ги среќаваме во голем број и на поширокиот простор, но се чини дека токму во близина на овој локалитет има посебна концентрација.2

Една од карпите прилагодена како кула на работ на тврдината
Една од карпите прилагодена како кула на работ на тврдината

Во правецот на Црна Река околу 500 метри и подолу од „Убава Глава“, се наоѓа помал локалитет со остатоци од мала античка населба, познат како „Маленица“,3 а на околу еден километар источно е расположен локалитетот „Богданова Нива“, кој изобилува со завидни остатоци на култура, како од праисторијата, така и од подоцнежните културни периоди, особено од архајскиот период и раната антика.4

Мермерната стела со натписот
Мермерната стела со натписот

 

Обид за транскрипција на натписот во делот во кој се споменува град
Обид за транскрипција на натписот во делот во кој се споменува град

Според кажувањето на жителите од селото, од локалитетот „Убава Глава“ потекнува и една надгробна стела, со специфично обработен горен дел и рамна предна површина исполнета со натпис. Овој епиграфски споменик до денес не е познат за научната јавност, а се наоѓа во долниот дел од селото во дворот на  куќата на Најдо Волчев, сега иселен од ова село. На стелата која претставува столб висок 1,5 м и широк 0,3 м, чија задна страна не е обработена, се наоѓа релативно долг натпис на кој се споменуваат неколку имиња и посвета на споменикот. Стелата е мермерна, а површината со натписот е во значителна мера оштетена, поради изложеноста на атмосферските влијанија, што го отежнува читањето на текстот.

Интересно е дека во натписот, покрај другото, се споменува и извесен град, но исклучително е тешко да се разбере дали се работи за населба од овој простор или се изразот „поли“ се однесува на некој град од подалечната околина. Како и да е, овој надгробен споменик е уште еден аргумент за потврда на постоењето и значењето на населбата на локалитетот „Убава Глава“.