АНТИЧКА СКУЛПТУРА И КУЛТНА ГРАДИНА ВО НАСЕЛБА ОД РИМСКОТО ВРЕМЕ КАЈ СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Атарот на селото Витолиште е преполн со древни остатоци од населби, култни објекти и сл. Голем број од нив се регистрирани од археолозите, но археолошки истражувања, освен во „Задна Река – Грмајте“,1 кој се наоѓа северно од селото, не се правени на ниту еден друг локалитет во последниве неколку децении. Затоа сознанијата за локалитетите се базираат, главно, на рекогносцирања вршени од неколку археолози, како што се Никола Вулиќ, Иван Микулчиќ во пораниот период, а во поновиот период рекогносцирање имаат вршено и археолози од прилепскиот Завод и Музеј.2

Селото Витолиште
Селото Витолиште

 

Јужно од Витолиште на околу 1 км се наоѓа локалитетот „Моклиште“, кој нуди интересни културни наоди кои укажуваат на постоење остатоци од населба од римското време. Наодите се особено присутни во околината на чешмата позната како „Влајкова Чешма“,3 околу која и денес има поголема грамада од градежен камен, како и поголеми и помали обработени блокови од мермер или друг вид камен. Тука во широката долина на Моклишкиот Дол се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули, фрагменти од питоси, остатоци од стари градби градени со камен и варов малтер и сл. Долината е погодна за населба со места што одговараат за правење градини, заради плодната почва и изворите кои се среќаваат на овој простор. Тука и денес егзистира споменатата чешма крај која има голема грамада од камења од некаква градба, како и фрагменти од керамички садови и тегули кои се употребувале при градбата на објектите во античкото време.4 Некои од камењата во близина на чешмата се со извесни профилации, што укажува на нивната обработка и вклопување на одредени места во градбата која егзистирала во близина на чешмата.

Локалитетот „Моклиште“
Локалитетот „Моклиште“

АНТИЧКА СКУЛПТУРА ОД МЕРМЕР НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МОКЛИШТЕ“

Посебно интересно е дека од просторот околу чешмата, во нејзина непосредна близина пред неколку години е пронајдена скулптура од мермер, која претставува машка фигура во природна големина со откршена глава и поставена, односно, изработена со постамент. Фигурата е релативно добро изработена со нагласени набори на долгата наметка, со по еден детал од левата и десната страна, како и еден квадратен отвор во долниот дел меѓу стапалата. Од левата страна на фигурата, покрај ногата е изработена извесна форма, која според ставот потсетува на куче, додека од десната страна, јасно се распознава горниот дел од главата и вратот на коњ, со затегнати узди. Ваквата претстава побудува поголем интерес и поттикнува на попродлабочено размислување за ликот кој го претставува оваа античка скулптура, која веројатно потекнува од првите векови на првиот милениум. Споменици од тој период на просторот на Витолиште, веќе се констатирани во поголем број, како една стела во црквата „Св. Атанасие“, еден обработен камен блок со натпис поставен на селската чешма, како и еден сличен камен блок со натпис од локалитетот „Царацина Нива“. На ова треба да се надоврзе и сознанието за постоењето на некоја позначајна населба од римскиот период, чие име, меѓу другото, содржи и еден дел со израз „генеатас“. Токму поради тоа, наодот на скулптурата од „Моклиште“ е само уште една потврда за значењето и нивото на култура во римскиот период на овој простор.

Скулптурата пронајдена во близина на „Влајкова Чешма“
Скулптурата пронајдена во близина на „Влајкова Чешма“
Скулптурата пронајдена во близина на „Влајкова Чешма“ - десен профил
Скулптурата пронајдена во близина на „Влајкова Чешма“ – десен профил
Детал - претстава на коњ со затегнати узди
Детал – претстава на коњ со затегнати узди
Детал - претстава на куче 2
Детал – претстава на куче 2

Фактот што не се работи за обична скулптура на човечки лик, туку малку покомплексна претстава, на која среќаваме госодржајна симболика, со споменатите детали на кои се претставени коњ и куче, како и правоаголниот отвор меѓу стапалата на фигурата упатува на размисла дека се работи за фигура на некое божество, чии особини се поврзани со фигурите на деталите. Бидејќи немаме соодветни докази, кои би го потвредиле идентитет на оваа претстава, можеме само да претпоставуваме дека се работи за претстава на богот на водите Посејдон, чиј култ е поврзан и со коњот. Сепак, не треба да се исклучи ниту можноста дека се работи за претстава на извесно божество од локјално значење, како ни то дека фигурата, можеби, била посветена на извесна значајна личност од античката населба на овој простор, која имала посебен однос кон ловот, имајќи предвид дека, покрај коњот, на самата скулптура во детал е претставено и куче. Со која било од овие претпоставки да сме поблиску до идентитетот на фигурата, мора да се истакне дека посебниот отвор изработен меѓу двете стапала на скулптурата претставувал своевиден олтар за ритуално жртвување на култот.

КУЛТНА ГРАДИНА КРАЈ ЧЕШМАТА

Имајќи предвид дека споменатата фигура од камен е пронајдена во близина на извор на кој и денес има мала чешма, може да се претпостави дека во античко време во рамките на населбата која егзистирала во „Моклиште“ имало и нимфеум, односно чешма со придружни објекти и скулптури со култна намена поврзана со изворот и водата. Дека водата во тие времиња била посебно култно третирана има многу потврди и докази. Уште повеќе, имајќи предвид дека во околината на чешмата како и пошироката околина на „Моклиште“ има зелени, водни и плодни површини, не е исклучено на просторот околу чешмата да егзистирала и цела култна градина со цвеќиња, култни фигури и сл. Од Плутарх нѝ е познато дека кралот Филип II на учителот Аристотел и на својот син Александар им одредил место за престој и учење во извесен Нимфеј кај Миеза „каде и сега ги покажуваат камените клупи во сенките во кои се шетале учителот и ученикот“.5 Ова во секој случај буди асоцијација и нè потсетува на градините на Мида што се наоѓале во подножјето на планината Бермион, која се наоѓа на само неколку десетици километри одовде.