ИНТЕРЕСЕН МЕНХИР СО КРУЖНА ФОРМА И РЕЦИПИЕНТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

На локалитетот „Падиште“, кој се наоѓа југоисточно од селото Крушевица, Прилепско, во долниот дел, јужно од ливадите, на сртот на ридот кој се протега во правец исток – запад, се наоѓа плочест камен со неправилна кружна форма, малку закосен кон западната страна и потпрен на помал камен со неправилна форма. На горниот дел има рамна површина, а при источниот раб на оваа површина има реципиент, очигледно, намерно изработен. На дваесет метри од менхирот се наоѓа тумул од праисториското време, а на уште 8 м североисточно од него се наоѓа уште еден тумул, кружно заграден со аморфни камења од белутрак, мошне понизок од претходниот.

Мегалитот од „Падиште“ - источен профил
Мегалитот од „Падиште“ – источен профил

Кружната форма, направена со камен белутрак, е присутна и на други места во овој дел од Мариово. На околу 5 км југоисточно од „Падиште“, на локалитетот „Утот“ се среќаваат два кругови од камења од белутрак, со помал пречник на круговите.1 Сосема е веројатно дека ваквите кружни форми се своевидна претстава на сончевиот диск и го изразуваат култот кон сонцето од предхристијанскиот период во овој простор. Во контекст на оваа претпоставка треба да се спомене и кружната спирално формирана форма на ѕид од тумулот на локалитетот „Три Дабици“,2 на 5 км северно од „Падиште“.

Мегалитот од североисток
Мегалитот од североисток

На стотина метри југоисточно, по сртот на ритчето се наоѓа уште еден, релативно поголем тумул. Речиси, нема сомневање дека менхирот со реципиент бил дел од вкупниот културен амбиент, веројатно, поврзан со култот кон мртвите во праисториското време. Ние го датираме заокружено во времето од 2000 до 700 година пр. н.е.3

Реципиент на мегалитот
Реципиент на мегалитот

Треба да се истакне феноменот, познат од времето кога просторот околу тумулите на „Падиште“ бил експлоатиран од поголем број сточари од Крушевица и кога на овој простор егзистирале неколку трла со постојано присуство на добиток и неговите сопственици. Се работи за честите приказни кај сопствениците на трлата, како и кај некои од чуварите на стада на овој простор, дека забележале одредени мистични појави, им се случувале необјасниви настани, како ноќно „потискање“ од сеништа и вампири, тропање по вратите, како и забележување на мистериозни ликови во долината, кои исчезнувале на необичен начин, како ветар да ги однел пред очите на набљудувачите. Според раскажувањата, некои од сточарите ги напуштиле своите трла поради мистичните доживувања, кои се повторувале повеќе пати.

Тумул во близина на мегалитот
Тумул во близина на мегалитот

Дали големиот број мистични приказни се должи на извесна наталожена меморија на жителите на оваа долина за некогашните мистични култни процесии поврзани со нивните далечни претци, кои денес почиваат во неколкуте тумули по ритчињата околу долината? Според Фројд ништо не е избришано од човековата меморија и дури и најстарите настани на човештвото се „складирани“ во потиснатиот дел на свеста во таканаречениот ид, кој под одредени услови и иритација оживуваат. Дали постојаното присуство во просторот во кој се случувале прастарите церемонијални култни изведби не е доволно силен фактор да го пробуди заспаното сеќавање во несвесниот дел на човековата меморија и да го направи свесен. Ова може да укажува на постоење врзувачки елемент меѓу прастарата културна егзистенција на овој простор со современото присуство на денешните жители. Зашто фактот на големиот број мистични случувања раскажани од очевидци и жртви на „сенишните“ напади поврзани токму со овој простор не треба да се занемари.

Круг од белутрак и тумул во близина на мегалитот
Круг од белутрак и тумул во близина на мегалитот

Мистичното верување поврзано со долината продолжува и денес. Жители на селото Крушевица и денес веруваат дека сите кои имале трла на просторот на „Падиште“, кој е вакафски, „лошо“ поминале со своите семејства зашто „не смееле” да градат трла во мистичната долина.

Тумулот, исто така, располага со кружен ѕид
Тумулот, исто така, располага со кружен ѕид

При анализата на овој феномен на просторот на „Падиште“, освен тумулите, мегалитот со реципиент, како и големиот број населби од праисторијата преку антиката до средниот век треба да се има предвид и античкиот храм расположен на ридот,4 кој ја дели долината на два дела, од кои едниот паѓа од исток кон запад во правец на селото Крушевица, а другиот од север кон југ на страната на селото Чаниште.

Речиси на највиоскиот дел на „Падиште“, на памалиот локалитет, „Црквиште“ се наоѓа еден тумул со нагласени димензии, на сосема доминантно место.5

 

Еден од тумулите на повисокиот дел на „Падиште“

Димензии

– менхир

висина:

– источна страна      1,53 м

– западна страна      1,40 м

ширина:

– источна страна      1,70 м

– западна страна      1,50 м

дебелина:                   0,40 м

– рамна површина со реципиент 0,70 х 0,53 м

– реципиент                  0,24 х 0,09 х 0,02–0,06 м

Столб од камен на „Црквиште“
Столб од камен на „Црквиште“

Датирање: Од 900 – 700 г. пр. н.е.

Белешка: На 20 м југоисточно од менхирот се наоѓа тумул со пречник од околу 12 м и висина од околу 1,2 м, а на 14 м североисточно од првиот тумул се наоѓа уште еден тумул, со пречник од 10 м и многу мала висина. Него го карактеризира кружна ограда од големи камења со неправилна форма од белутрак. Врската на мегалитот со тумулите и гробовите во нив е сосема веројатна. Всушност, претпоставката дека мегалитот служел како објект поврзан со култот кон мртвите, како и врската со култот кон небото и земјата, односно со небесниот круг, е во голема мерка издржана.