115 ГОДИНИ ОД ГОЛЕМАТА БИТКА НА ВРВОТ МАРГАРА, КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

ЧЕСТВУВАЊЕ СО КОМИТСКИ (ПЛАНИНАРСКИ) МАРШ И БОГАТА КУЛТУРНО-ЗАБАВНА ПРОГРАМА

Непосредно пред Илинденското востание, еден од најголемите македонски револуционери и идеолози на Македонската револуционерна организација, Ѓорче Петров, се наоѓал во Бугарија и таму, наголемо се подготвувал за да дојде со чета во Македонија и да земе учество во престојното востание за ослободување на Македонија од долговековното турско ропство. Собрал чета од 130 души, сите добро вооружени, и тргнал за Македонија.

Тргнувајќи од Бугарија, Ѓорче Петров верувал дека во неговата татковина Македонија, востанието е веќе силно разгорено и копнеел да стигне порано и да се вклучи во ослободителната борба. Меѓутоа, само што влегол во источниот дел на Македонија, забележувајќи дека нема никаква воена активност, многу се разочарал. Помислил дека востанието сигурно е разгорено во делот на Македонија западно од Вардар, но преминувајќи ја најголемата река во Македонија, повторно бил непријатно изненаден од мирната ситуација која ја затекнал, без распламтена борба за ослободување на македонскиот народ. Продолжил со четата кон Прилеп, цврсто решен во својата намера да се вклучи во востанието. Тука, во Прилепско, се сретнал со челниците на Организацијата во градот, но во обидите да се организира определена акција не успеал да добие подршка. Во селото Ореовец, Прилепско, токму во тоа време, пристигнале четите од Костурско, на чело со Лазар Поп Трајков и Иван Попов, кои биле гонети од голем турски аскер и до ова село стигнале, како што вели Ѓорче во своите спомени, „голи и боси“. Иако во таква состојба, тие го прифатиле предлогот од Ѓорче Петров за да изведат некоја акција. Било договорено да се упатат назад во Леринско и таму, кај селото Сорович да изведат саботажа на железничката пруга.

Тргнувајќи кон Мариово, на пат за Леринско, постојано следени од аскерот, поминале низ неколку мариовски села и на 2-ри октомври 1903 година, се нашле во близина на селото Чаниште, на левиот брег на Црна Река. Се лоцирале  на чукарките западно од селото за да одморат и да се нахранат, но така биле затекнати од турскиот аскер, кој бил информиран за движењето на четите и ги опколил. Добро подготвени, комитите успеале да се повлечат на највисокиот врв во таа околина, Маргара (1016 м.н.в.). Во големата битка на околу 150 комити со 5.500 турски војници, комитите успеале да се извлечат од обрачот и да извојуваат своевидна победа над многу побројниот непријател. Оваа битка е една од најголемите битки од времето на Илинденското востание, во која македонските борци, предвовени до војводите Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Иван Попов и Лука Иванов, добро вооружени и организирани, успеале да му нанесат тешки загуби на турскиот аскер (од 200 до 400 убиени војници) и да се спасат, повлекувајќи се преку Црна Река во областа Мариово со 4 убиени комити и 8 ранети, меѓу кои бил и Лазар Поп Трајков.

На врвот Маргара - 2017 година
На врвот Маргара – 2017 година

Оваа година навршуваат 115 години од битката и во организација на Културниот истражувачко-документациски центар за Мариово, „Калеш Анѓа“ и Планинарското Друштво „Јане Сандански“ од Прилеп на 7 октомври ќе биде организирано големо Чествување со богата програма посветено на борците учесници во оваа голема битка на врвот Маргара. Во таа чест ќе биде изведен голем комитски (планинарски) марш на релација, с. Крушевица – манастир „Св. Петка“, с. Крушевица – врв Маргара – манастир „Св. Петка“, село Чаниште. Другиот дел од програмата ќе се одржи во кругот на манастирот „Св. Петка“, село Чаниште, со учество КУД „Моминок“ од Прилеп и на народни уметници на гајда, кавал и други инструменти.

Слегување од славниот врв Маргара
Слегување од славниот врв Маргара