НЕПОЗНАТ ГРАД ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД СЕ КРИЕ ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО ОРЕОВЕЦ, ПРИЛЕПСКО

Културните остатоци се среќаваат на повеќе локалитети од десната страна на Ореовечка Река кои, за жал, се во голема мерка прокопани со изградба на објекти или со разновидни активности со тешка машинерија. Денес на теренот се среќаваат голем број археолошки остатоци по теренот, како и околу јамите ископани со машините.

„Леково“ со врвот „Ќаве“
„Леково“ со врвот „Ќаве“

Ако Пештерица, која се наоѓа на околу 7 km северно од Прилеп, е локалитет со длабока праисторија, но и со остатоци од антиката, околината на селото Ореовец, кое од овој локалитет е оддалечено само околу 2 km е, исто така, големо наоѓалиште на археолошки предмети што покажува за неговото богато населување во древноста, посебно во античкиот период. На овој простор е нагласено присуството на епиграфски споменици (споменици со натпис), но и на разновидни други мермерни елементи од архитектура, на разни места во атарот на ова село. Маријана Рицл наведува дури 6 епиграфски споменици од антиката со натпис по потекло од Ореовец.1 Повеќето од ваквите споменици, кои се изработени од мермер, се наоѓаат по Музејот на Македонија во Скопје, а една мермерна стела со натпис до неодамна се наоѓаше непосредно над селото поставена во хоризонтална положба на неколку помали камени блокови. Се работи, главно, за надгробни споменици и неколку мермерни ари на кои се среќаваат натписи. На натписите се споменуваат повеќе имиња поврзани со донаторите на спомениците и лицата на кои тие им се посветени, главно, починати во некое време во антиката, односно II или III век на н.е. Единствениот споменик со натпис, кој се наоѓаше во селото, односно на неговата источна периферија, пред дваесетина години, односно, во деведесетите години на минатиот век, исчезна од местото на кое се наоѓаше. Непознати лица го товариле во автомобил со приколка и го однесле во непознат правец. Местото на кое стоеше беше познато какао „Далов Гроб“2 и со него е врзана долга традиција на жителите на селото на кои им служеше за да ги „одмораат“ мртовците на патот кон црквата и гробиштата. Споменикот кој претставува надгробна плоча долга 1,45 m и беше ставен над мало ѕитче веднаш крај самиот пат кој води кон црквата и гробиштата, освен натписот во долниот дел има и пет ликови изработени во релјеф во две посебно подготвени површини на плочата во рамка.3 Две лица се изработени во горната рамка на плочата, а три човечки фигури се изработени во долната рамка. Горниот дел на стелата завршува со триаголна форма на чија површина се наоѓа изработен во релјеф соларен знак. Натписот во голема мерка е уништен, но сепак, познат за археолозите. На него се споменуваат неколку имиња со древно потекло, како што се Еуфросина, Нике и Лисимах4 кои како имиња на лица од овој дел на Балканот се среќаваат уште во времето пред нашата ера. Уште повеќе Еуфросина и Нике се имиња кои се среќаваат и во самата античка митологија. Во натписот на стелата вообичаено стои дека таа е направена во спомен и со љубов кон починатиот.

Локалитетот „Трла“ со врвот „Ќаве“
Локалитетот „Трла“ со врвот „Ќаве“

ЛИЧНИ ИМИЊА СО БОЖЕСТВЕНО ПОТЕКЛО

Имајќи предвид дека повеќето епиграфски споменици се од антички гробови интересни се имињата кои се напишани на нив и нивната блискост со вообичаените имиња од тоа време во поширокиот простор на јужниот дел на Балканот. На една од стелите се споменува името на извесен Јулиан Диоскурид кој им подига споменик на своите родители. Името на неговиот татко е Диоскурид, а тоа има корени и во античката митологија. На нашиот простор на надгробните стели од антиката ова име многу често се споменува, што значи дека било многу популарно. Како Диоскури се познати, Кастор и Полидевк, двајцата синови на спартанскиот крал Тиндареј и Леда, всушност синови на на Ѕевс,5 врховниот бог во антиката, кој имал седиште на високата планина Олимп меѓу македонската област Пиерија од северната страна и грчката Тесалија од јужната страна. Диоскурите, меѓу другото, се многу присутни во делата на голем број антички писатели. Освен споменатите имиња на двата антички спомени­ци познати се и имињата Местриј Местријан, Марко Местриј Јулиан,6 кои се запишани на натписот кој стои на еден мермерен блок со четириаголна форма кој веројатно бил некаков постамент на кип или сл. На еден над­гробен споменик на кој во релјеф се изработени два лика над чии глави во триаголна површина е изработен динамичен соларен знак се споменува името на извесна Нике Евборо.7 На друг мермерен споменик кој прет­ста­вува надгробна стела со изработени три човечки ликови во релјеф, како и една фигура на животно на натписот во долниот дел се споменуваат имињата на Офелија Евплокос, Дометиј и Фронтин.8 Во триаголниот дел на горната страна повторно е изработен соларен знак. Меѓу спомениците се наоѓа и една мермерна ара, исто така, со натпис.9

Стрелиштето на „Леково“
Стрелиштето на „Леково“

ТРАГИ ОД ВИСОКА КУЛТУРА И ГОЛЕМ АНТИЧКИ ГРАД

Вака истакнатиот број антички споменици со натпис пронајдени на просторот на Ореовец покажуваат дека на овој простор во антиката постоела некоја значајна населба. Ако се цени според мермерните споменици со релјефна орнаментика и натпис чиј број е доста голем спореден со поголем број други места во кои исто така се пронајдени антички споменици оваа населба била со значителни размери или барем имала истакнат број побогати личности. Ако кон ова се додаде и тврдењето на голем број жители на Ореовец, кои ги работат своите ниви и бавчи покрај реката дека во нив често среќавале остатоци од стари мермерни споменици се добива уште подобра слика. Некои од нив тврдат дека среќавале дури и камчиња кои обично се употребувале при правењето на познатите подни мозаици кои потекнуваат, исто така од античкиот период. Сите овие сознанија упатуваат на оостатоци од висока култура во овој простор, односно значајна населба, која била распространета на површина од десетици хектари, на локалитетите „Леково“, „Трла“, „Ќаве“ („Градиште“ 1), Манастириште“ („Градиште“ 2) и „Лекујна Вода“, кои се наоѓаат во рамките на поголемиот локалитет „Роман“. За жал, не е познато ниту едно археолошко истражување од поблиската околина на Ореовец кое би фрлило поголема светлина на древниот период на овој простор. Во недостаток на научни докази и анализи мораме да се послужиме со преданијата присутни меѓу жителите како и со оние кои ги запишал Марко Цепенков,10 кој потекнува токму од ова село. Имено, тој посебно го нагласува местото познато како Роман кое се простира од североза­пад­ната страна на селото се до работ на планината. Според Марко Цепенков на овој голем простор се среќавале голем број антички монети и други старини кои ги наоѓале жители на селото. Марко Цепенков тврди дека и самото име „Роман“ кое некои го нарекувале и „Римљан“ упатува на постоењето на некава населба во римско време. Всушност, се работело за голем град, за кого се раскажувало дека пропаднал од чумата.11 Цепенков упатува на многу приказни за разни пронаоѓања на „антики“ од бакар и сребро, но и од злато од голем број лица од Ореовец меѓу кои и едно токму во негово време. Освен монетите Цепенков споменува и други наоди, како, на пример, едно куче изработено од мермер.12 Меѓу пронаоѓачите тој споменува и конкретни лица како, на пример, извесен Глигор Тасев, кој бил еден од таквите среќници и копајќи еднаш еден корен од круша на патот, кој му ги сопињал магарињата товарени со дрва, излегло дека коренот бил сребро од неколку оки и оттогаш тој се збогатил.

Мермерен елемент од градба - локалитет „Трла“ 2
Мермерен елемент од градба – локалитет „Трла“ 2

Цепенков, како доказ за големиот „град“ од римско време во „Роман“ ги наведува и големиот број остатоци од градби (цркви) познати како „Манастириште“, „Црквиште“ и сл., кои ги набројува дури на 5 места.13 Денес некои од жителите раскажуваат дека мермерни споменици имало и на местото познато како „Леково“ кое се наоѓа западно од селото преку реката. Некои од нив пред извесно време биле подигнати од непознати лица и однесени во непознат правец.

ЛОКАЛИТЕТИТЕ НА КОИ БИЛА РАСПОЛОЖЕНА НАСЕЛБАТА РАЗРОВАРЕНИ СО ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТИ И ИНТЕРВЕНЦИИ СО ТЕШКИ МАШИНИ

 

Фрагмент од парапетна плоча од л. „Трла“ по раскопување со машинерија
Фрагмент од парапетна плоча од л. „Трла“ по раскопување со машинерија
Од локалитетот „Трла“ - архитектонски елемент од мермер
Од локалитетот „Трла“ – архитектонски елемент од мермер

Пред шеесетина години, со изградбата на стрелиште на локалитетот „Леково“, речиси целиот терен билпреоран и преработен при подготовката на теренот за изградба на потребните објекти. Притоа, може да се каже, дека се уништени големи површини со културни слоеви, при што на површина излегувале разновидни археолошки остатоци, како керамички и метални наоди, камени објекти, накит, метални предмети и сл. На некои места, се забележуваат, дури и остатоци од градби, односно градежен материјал од кои биле изградени. Немаме податоци дека оваа култура на некое место била евидентирана, па нашите податоци се поврзани со личното забележување на споменатите културни траги на самиот локалитет денес.

Раскопана јама од локалитетот „Трла“ 1
Раскопана јама од локалитетот „Трла“ 1

Слична судбина имаше и соседниот локалитет „Трла“, кој пред околу две децении беше напданат со извесна тешка машинерија и на површина излегоа купишта археолошки материјал – фрагменти од керамички садови, тегули, цигли, многу керамички тегови со нагласена димензија, метални предмети, фрагменти од стаклени предмети и сл. Машините раскопале купишта градежен материјал, градежен камен со малтер, тегули и цигли, како и фрагменти од мермерни елементи, па јасно се забележува дека, всушност, се работи за остатоци од градбите во старата населба.

Раскопана јама од локалитетот „Трла“ 2
Раскопана јама од локалитетот „Трла“ 2

СТЕЛАТА ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „ДАЛОВ ГРОБ“ И ПРЕДАНИЕТО ЗА ТРАГЕДИЈА ВО МИНАТОТО

Дека во атарот на Ореовец постоеле населби во древните времиња траги се забележуваат и во неговата непосредна близина, речиси, во самото село. Ова посебно важи за просторот на селото од неговата североисточна страна каде што над селото околу патот кој води за селото Крстец се среќаваат голем број фрагменти од античка керамика. Тоа, всушност, е во близина на украдената мермерна стела од местото „Далов Гроб“, која потекнува од првите векови на новата ера. Дали токму во тој дел постоеле градби од античко време тешко е да се каже без соодветни археолошки истражувања. Засега факт се само керамичките остатоци од тоа време како и наодите на голем број монети за кои раскажуваат некои од жителите. Според нив, монетите потекнувале од римско време. Несоодветниот однос воопшто, како и не постооењето на соодветна заштита и истражување, кои сè уште не ги постигнале професионалните институции, доведува до многу несредена ситуација на планот на археолошкото богатство и спомениците на древните времиња на нашиот простор. Тоа на свој начин се покажа и со големата слобода на крадците кои ја однесле мермерната стела од местото „Далов Гроб“. Ваквата постапка силно ги погоди некои од жителите на ова село кои целиот свој живот го минувале во нејзино присуство на споменатото место и имаат голем пиетет кон овој споменик. Коста Миоски, жител на Ореовец, кој веќе не е меѓу живите, а чија куќа се наоѓаше во горниот дел на селото во близина на самиот „Далов Гроб“, разочарано раскажуваше дека секогаш кога ќе поминувал крај ова место и ќе го забележел празното место на мермерната плоча му доаѓаат солзи на очите. Тој постојано се прашувал кому му била таа потребна и како е можно никој да не влезе во трагата на натрапниците. Во врска со неа тој пренесуваше дека постои предание според кое во некое минато време на тоа место се случила вистинска трагедија, при која е убиено цело семејство од селото и тоа, маж, жена и дете и, веројатно, поради нив е направен и овој споменик со древната надгробна плоча која, исто така, во некое древно време стоела на некој гроб на лице со едно од имињата испишани на неа. Крадејќи го овој значаен споменик од местото на кое тој стоел со векови, крадците зад себе го бришат не само материјалното културно богатство, туку и духовното кое на еден или на друг начин се поврзува за сосема материјални творби на минатото време. Се чини дека во овој случај со преместувањето на мермерната стела од античкиот гроб, можеби со негово ограбување, споменикот добил сосема друга намена која се поврзува со некој подоцнежен настан (можеби од турско време) кога се случила и споменатата трагедија од преданието. Народното сеќавање нема ограничена длабочина во времете, па не е исклучена можноста таквата трагедија да има основа во некој вистински настан од уште подлабокото минато.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ТЕРЕНОТ

КЕРАМИКА ОД „ЛЕКОВО“ И „ТРЛА“